(АРХИВА) Недоградени факултети: Камчев и Панделески „бетонираа“ 3 милиони евра и ги оставија на половина, а државата седи со скрстени раце и нема абер да ги заврши!

Коренот на проблемот може да се лоцира во тендерската постапка пред нецела деценија, кога, во конкуренција на десетина фирми, изборот падна врз изведувач кој немал најниска понуда, поради што беа испорачани и низа обвинувања. Станува збор за „АД Бетон Штип“, кој во 2019 година падна во стечај, па ги остави објектите во фаза на карабина. Меѓутоа, според податоците што ги обезбеди „Фокус“, дотогаш успеал да инкасира околу 3 милиони евра, а преку судски процеси против МОН наплатил дополнителни средства.

by Фокус

Текстот е објавен на 01 февруари 2024 година во неделникот Фокус со број 1.478.

„Бетон Штип“ во 2015 година склучи договори со Министерството за образование и наука за изградба нови објекти во кампусот на УКИМ, каде требаше да бидат сместени факултетите за комјутерски науки и физичко образование, во вредност од нецели 20 милиони евра, што е за 3,7 милиони евра повеќе од проценетата вредност на набавката. Притоа, „Бетон Штип“ ја доби оваа зделка, победувајќи конкуренција од десетина компании, меѓу кои и „Едилха“ во косопственост на експремиерот Љубчо Георгиевски, чија ВМРО-НП реагираше дека тендерот е незаконски. Сепак, оваа компанијата на Камчеви, Панделески, Митроски и партнерите, кои беа обвинети во предметот „Империја“ и признаа вина, ја доби зделката и ги изгради објектите до фаза на карабина, за што во периодот од 2016 до 2019 година инкасирала околу 3 милиони евра. Всушност, градењето престанува кога друштвото паѓа во стечај, кој завршува со план за реорганизација и формирање на нов истоимен субјект. Во меѓувреме, компанијата покренува и добива судски постапки против МОН за задржан, а невратен депозит. Истовремено, пак, МОН не успева да ги догради започнатите објекти, иако сите министри го ветуваа спротивното.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Знаењето е моќ“, рекол познатиот англиски филозоф Френсис Бејкон уште во 17-тиот век. Според него, целта на науката и филозофијата е да му обезбедат на човекот нови пронајдоци и добра, а тој истовремено да успее да ја зголеми моќта над природата и да ја совлада, бидејќи, сметал тој, човековото знаење е моќ.

Низ вековите, оваа мисла, во оригинал или во разни мофицирани варијанти, стана кредо на многумина даскали кои ги описменуваа луѓето и се обидуваат да им пренесат знаења. До ден денес, во училиштата може да се слушне како учениците се мотивираат со оваа максима, иако, за воја на вистината, таа има и пежоративни верзии.

Во малку проширена форма, врз основа на неа беше покрената и една медиумска кампања од страна на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски. Станува збор за кампања под лозунгот „знаењето е сила, знаењето е моќ“, промовирана во 2007-2008 година, што претставуваше емитување на бројни платени реклами преку медиумите.

Но, една работа беа рекламите на екранот, а сосема друга реалноста. Освен што тераше медиумски кампања за учење, владата тогаш обезбеди бесплатни учебници, финансираше превод на книги, отвори дисперзирани студии и нови студски програми. Иако има различна перцепција кон овие проекти, сепак, многумина гледаа позитивно кон нив.

Арно ама, истата таа влада беше доживеана како агресор кој изврши упад врз образовните институции и процеси. Имено, реформите што сакаа да ги спроведат, особено во високото образование, наидоа на отпор од универзитетите кои уживаат степен на автономија. На крајот, протестите на студентите симболично го најавија и падот на тој естаблишмент.

Во меѓувреме, дојдоа промени, па нова образовна власт делегираше политичката влада на СДСМ и ДУИ. Меѓутоа, тоа ништо не промени во виталниот образовен сектор. Напротив, учебниците служеа се повеќе за потсмев, бидејќи изобилуваа со многу грешки. Згора на тоа, печатењето на учебници постојано доцни и неколку години по ред нема учебници за сите ученици.

Иако секоја влада, вклучително и оваа, потенцира дека реновира училишта и студентски домови, сепак, многумина учат во руинирани школи, а студентите престојуваат во колективни домови каде повремено нема парно, а речиси никогаш нема топла вода. Во таква ситуација, амбицонизните предизборни ветувања за нова гимназија во Скопје, па дури и за студентски град по примерот на соседните држави, делуваат, благо речено, потценувачки за цела јавност.

Во рамки на оваа сторија, ќе се фокусираме на еден конкретен случај, кој претставува најдобра потврда за погрешниот пристап во образовнието, што произведува лоши резултати и последици. Се работи за двата објекти каде треба(ше) да бидат сместени факултетите за компјутерски науки и за физичко образование, кои почнаа да се градат во 2015-2016 година, но до ден денес не се готови.

Доколку го апстрахираме моментот за барокниот изглед на објектите и, еве да речеме, тоа е прашање на вкус, тогаш коренот на проблемот дефинитивно може да се лоцира во тендерската постапка пред нецела деценија. Во конкуренција на десетина фирми, изборот падна врз изведувач кој немал најниска понуда, поради што беа испорачани и низа обвинувања.

Станува збор за „АД Бетон Штип“, кој во 2019 година падна во стечај, па ги остави објектите во фаза на карабина. Меѓутоа, според податоците што ги обезбеди „Фокус“, дотогаш успеал да инкасира околу 3 милиони евра, а преку судски процеси против МОН наплатил дополнителни средства. Паралелно со тоа, министри се менуваа, но никој не го исполни ветувањето за завршување на новите факултети.

ГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА

Како хронолошки течеше целата постапка? Пред 9 години, поточно на 22.05.2015 година, Министерството за образование објавува оглас за спроведување на тендерска постапка, поделена на два дела или т.н. лота. Едниот се однесува за изградба на Факултет за физичко образование и спорт, а вториот за изградба на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, со подземни гаражи и партерно уредување.

Во тендерската документација, меѓу другото, се наведува дека критериум за доделување на договорот е најниска цена. За да се квалификува како способен за извршување на договорот за јавна набавка од аспект на економска и финансиска состојба, се барало економскиот оператор да има и вкупен обрт во 2012, 2013 и 2014 година од 570.000.000 денари.

За да се квалификуваат од аспект на техничка и професионална способност, пак, се барало заинтересираните компании да исполнуваат дополнителни минимални услови, како на пример најмалку 2 реализирани договори за изградба, доградба, реконструкција на објекти од високоградба, од кои 1 со минимална вредност од 210.000.000 денари, а неопходно било да располагаат со најмалку 45 вработени.

При вакви услови, имало голем интерес за овој двата објекти, кои почнале да се градат според проект на компанијата „Архитектоника“ на Живко Чаушевски, чие име стои како автор и одговорен проектант за барокните зданија. За потсетување, оваа фирма на Чаушевски, кого го нарекуваа креатор на новиот лик на метрополата преку „Скопје 2014“, за време на „преродбата“ инкасирала над 1 милион евра за изработка на идејни решенија.

Што се однесува до изградбата на нови факултети во кампусот на УКИМ според проектот на „Архитектоника“, на тендерот учествувале вкупно 12 компании од земјава и од странство, така што речиси истите субјекти учествувале и на двата лота, со таа разлика што 2 фирми одлучиле да се борат за само еден дел. На тој начин, на двата лота имало по 10 понудувачи.

Меѓу компаниите што се натпреварувале за двата договори се австриските „Штрабаг“ и „ЛСГ Билдинг Солушнс“, како и домашните гиганти „Гранит“, Бетон“, „Жикол“… Исто така, тука се и неколку компании што во последната деценија се етаблираа на пазарот, како „Бауер БГ, „Алдинг Инжинеринг“, „Декон Ком“. Заедничко за сите нив е што работеа на „Скопје 2014“, што им овожможи подобро да се позиционираат на пазарот.

Но, по политичките промени во 2016/2017 година, една од овие компании пропадна. Тоа е случајот со скопски „Бетон“ на најбогатиот Македонец и поранешен вицепремиер во влада на СДСМ Минчо Јорданов. Како што пишувавме во неколку наврати, друштвото падна во стечај поради потешкотии во работењето, а недвижниот имот на компанијата се распродаваше.

Наспроти тоа, дел од споменатите фирми преживеаа, но се соочија со правни проблеми. Во таа насока, управителот на „Бауер БГ“ беше под истрага поради криење на податоци за подизведувачи и вградување на несоодветни елементи на фасадата на владината зграда, додека „Алдинг Инжинеринг“ беше спомнената во кривична пријава за даночно затајување преку лажни фактури.

Единствено, 2 компании може да се сметаат за исклучок, во смисла на тоа дека настапиле на тендерот за двата нови барокни факултети, но не можат да се пофалат со значителна работа на „Скопје 2014“. Тоа се скопската „Синтек“ и струмичката „Едилха“, од кои втората е далеку поинтересна од причина што во нејзината сопственичка структура е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.

Па, во ова бројно и шарено бизнис-друштво, како победник излегол „Бетон-Штип“, кој во тоа време е во доминантна сопственост на Камчев, Панделевски и други бизнисмени, кои подоцна беа опфатени во мега-предметот „Империја“. Но сепак, оваа компанија никогаш не ги изгради целосно објектите, туку падна во стечај и згасна, а со сличен назив воскресна нов правен субјект.

ОБВИНУВАЊА ЗА НЕЗАКОНИТОСТ

Според Бирото за јавни набавки, Министерството за образование и наука, предводено од тогашниот министер, покојниот Абдулаќим Адеми, на 26.11.2015 година склучило 2 договори со „Бетон-Штип“, претставуван од управителот Ванче Мијалчев, во вкупна вредност од 1.217.581.265 денари или 19.7 милиони евра со вклучен ДДВ. Тоа е за 228.599.595 денари или 3,7 милиони евра повеќе од проценетата вредност на набавката.

Притоа, помалиот договор за објектот за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, или популарно наречен ДИФ, изнесува 432.939.675 денари или над 7 милиони евра со ДДВ. Поголем е договорот за изградба на објект, подземни гаражи и партерно уредување за Факултетот за информатички технологии и компјутерско инжинерство, кој, пак, е познат како ФИНКИ, чија вредност изнесува 784.641.590 денари или 12.7 милиони евра со ДДВ.

Од јавно објавените податоци може да се утврди дека во делот од тендерот за ДИФ највисоката понуда без ДДВ изнесувала 734.988.610, а најниската 349.808.382 денари. За делот иза ФИНКИ, пак, највисоката понуда била 1.173.252.238, а најниската 499.931.262 денари. Тоа значи дека имало и пониски понуди од онаа на победничката компанија, но тие понудуачи биле дисквалификувани во фазата не евалуација и не стигнале до наддавање.

Конкретно, понудата на „Бетон-Штип“ за делот за ДИФ изнесувала 366.898.030 денари без ДДВ, што е 17.089.648 денари повеќе од најниската понуда. Разликата е уште поголема на делот за ФИНКИ, каде понудата на избраниот понудувач без ДДВ изнесувала 664.950.500 денари, што е за 165.019.238 денари повисока од најниската понуда регистрирана во постапката.

Во однос на начинот на спроведување на тендерската постапка, своевремено реагираше ВМРО-Народна партија, што има специфична тежина, бидејќи партискиот лидер Георгиевски е косопственик на една од компаниите учеснички во постапката – „Едилха“. Според оваа тогаш опозициска, а денес владејачка партија, тендерската постапка била спроведена нетранспарентно и незаконски.

Фирмата што понуди најдобри услови и најниска цена, незаконски беше предвреме елиминирана со образложение целосно спротивно со одредбите од Законот за јавни набавки. Сето ова е направено со цел да се спречи учеството на лицитацијата и заради најповолно понудени услови да не го попречи изборот на однапред утврдениот победник на тендерот“, реагираа од НП.

Патем, оваа партија, која поради директното учество на тендерот на компанија на партискиот лидер очигледно имала инсајдерски информации, обвини дека се пробиени сите законски рокови за обврската на спроведувачот на тендерот да ги извести понудувачите и јавноста, која фирма е избрана за изведувач, под кои услови, и што е најважно – по која цена ќе се градат објектите?

Зачудени сме што ваквата нетранспарентна практика при спроведувањето на тендерските постапки продолжува, кога во изминатиов период реакциите од јавноста и од меѓународната заедница беа жестоко критички, насочени токму за нетранспарентно спроведување на тендерите. Исто така, беше посочено дека пристрасното одлучување е жариште што отвора простор за понатамошни коруптивни дејства“, истакна ВМРО-НП.

Токму затоа, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, уште пред неколку месеци од МОН го побаравме извештајот од спроведената тендерска постапка, бидејќи во овој документ се содржат информации за висината на првичните понуди, за причините за елиминација на компаниите, како и за текот на аукцијата. До затворањето на весникот не го добивме овој извештај, но добивме ветување дека ќе ни биде дополнително доставен (извештајот не ни е доставен до ден денес).

Но, од МОН ни ги доставија договорите склучени со „Бетон-Штип“, кои сега се достапни на БЈН, но пред нецела деценија не беа јавно објавувани. Воедно, од таму ни ги споделија и двата анекси склучени кон овие договори, како и податоци за исплати кон изведувачот, кој покренал и добил судски процеси против МОН како нарачател и инвеститор на проектот. Што откриваат овие податоци?

ПРОБИЕНИ РОКОВИ

Во двата договори меѓу МОН и „Бетон Штип“ склучени на крајот на 2015 година, кога Општина Центар издала и одоборение за градење на двата нови факултети, се пропишуваат обврските на двете страни. Договорите се со времетраење од 3 години, чие сметање не започнува од денот на нивното потпишување, туку од моментот на воведување во работа на изведувачот од страна на инвеститорот.

Меѓутоа, изведувачот „Бетон Штип“ не бил во можност да го запази 3-годишниот временски рок, па на 09.07.2018 година до надзорниот орган поднел барање за продолжување на времетраењето на договорот. Откако надзорот, односно италијанската „ЕОС Консалтинг“ одговорила позитивно, „Бетон Штип“ и МОН скличиле анекси на двата основни договори, со кои рокот за изведба се поставува на 11.12.2019 година, што е една година плус од првичните 3 години.

Практично, анексите се склучуваат со цел да се овозможи „непречено исполнување на правата и обврските од основниот договор“, врз основа на членовите 6 и 7 од самиот договор, кои овозможуваат изведувачот да бара продолжување на рокот во случај на променети околности или спреченост, временски непогоди, затекнување на состојба на терен надвор од проектната документација, непредвидени работи и неисплатени временски ситуации.

Така, со анексите се менува членот 3 од основните договори, така што во членот 2 од анекс-договорите се наведува дека изведувачот во рок од 5 дена задолжително треба да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во висина од 7 отсто од вредноста на склучениот договор со ДДВ. Сепак, ниту овој временски рок не беше доволен да бидат завршени објектите, па договорите беа раскинати.

Дури, двете страни преминаа во фаза на конфротација, бидејќи изведувачот „Бетон Штип“ покрена судски постапки против МОН како инвеститор токму поради банкарска гаранција. „Фокус“ располага со двете судски пресуди, кои откриваат дека „Бетон Штип“ судски го добило Министерството и наплатило дополнителни средства, откако претходно ниту во првиот ниту во вториот продолжен рок не успева да ги догради објектите.

Поточно, основниот штипски суд на 16.09.2021 и на 22.10.2021 година носи 2 пресуди, според кои тужителот „Бетон Штип“ го добива спорот против МОН за задржан, а невратен депозит од 2 отсто по ситуации. Туженото Министерство поднело приговор, но тој бил отфрлен, така што компанијата судски потврдила долгови и наплатила 1.236.972 и 1.869.117 денари или вкупно 3.106.089 денари (50 илјади евра) врз основа на двата договори, плус камати.

Како што се наведува во пресудите, „Бетон-Штип“ до нотарот Анета Петровска-Алексова поднел предлог против туженото Министерство за издавање на решение на нотарски платен налог врз основа на исправа за наплата на долговите во погоре наведените износи. Нотарот го усвоил предложениот нотарски платен налог и го задолжил МОН да плати долг со камата.

Тоа што тужителот целосно не постапил по договорот, не значи дека во делот за кој ги извршил работите нема право да бара наплата на долг. Во однос на банкарската гаранција, тужениот не претрпел штета со тоа што не ја активирал, бидејќи во тој случај би истакнал побарување во стечајна постапка“, аргументирале застапниците на тужителот „Бетон Штип“.

Преку Државното правобранителство, МОН поднел приговор со кој го оспорил нотарското решение, посочувајќи дека тужителот не доставил доказ од каде може да се утврди должничко-доверителскиот однос, ниту пак извод од деловна книга доставена до должникот. Потоа доверителот не ги доставил фактурите и доказ кога истите ги доставил до должникот, ниту испратници за извршена услуга. Сепак, судот го одби приговорот.

Предвидено е обезбедување на банкарска гаранција заради отстранување на евентуално настанати недостатоци, а во конкретниот случај тужениот не приложи докази дека постојат такви недостатоци. Приложените докази – барања поднесени од страна на тужениот за активирање на банкарска гаранција, (кои не се процесирани, бидејќи е продолжен крајниот рок за завршување на градежните работи), биле исклучиво заради временско одоговлекување на градежните процеси“, констатира судот.

СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА

Понатаму, во судските пресуди стои дека „Бетон Штип“ извршил градежни услуги согласно договорот, кој во член 46 пропишува: „Потребните средства за отстранување на недостатоците во гарантнен рок ќе бидат обезбедени со задршка од 2 отсто од вкупно извршени работи од секоја ситуација, а задржаните средства на изведувачот ќе му бидат вратени откако ќе обезбеди и достави банкарска гаранција за отстранување на недостатоците“.

Надоместот на потребните средства за отстранување на недостатоците во гарантен рок, во случај ако изведувачот не ги изврши или одбие да ги изврши на своја сметка, ќе бидат надоместени со активирање на банкарската гаранција за отстранување на недостатоци. Задржаниот дел од цената нарачувачот може да го употреби за отстранување на недостатоците на изведените работи ако изведувачот не ги отстрани тие недостатоци“, стои во договорот на кој реферира судот.

Во тој контекст, вештакот Глигор Ивановски констатирал дека тужениот не му ги вратил на тужениот задржаните средства, што било основ судот да пресуди во прилог на „Бетон Штип“, иако МОН тврдел дека и „побарувањето на законска казнена камата е неосновано, од причина што не може да се утврди моментот кога должникот паднал во задоцнување, имајќи го предвид фактот дека доверителот нема приложено доказ за тоа дека изводот од заверена деловна книга-аналитичка картица уредно ја доставил“.

Како дел од документацијата што ја обезбедивме се и изводи од аналитичката картичка, кои покажуваат дека МОН на сметка на „Бетон Штип“ префрлал средства од почетокот на 2016 година се до 2019 година. Во текот на овие 4 години, Министерството на компанијата-изведувач, врз основа на договорите за изградба на нови објекти за ФИНКИ и ДИФ, му исплатило вкупно 182.727.737 денари, односно 2.971.182 евра, или скоро 3 милиони евра.

Кога ќе се направи анализа на динамиката на исплатите, може да се воочи дека најголеми исплати имало во 2016 и 2017 година во висина од 78.968.549 и 76.795.004 денари, што значи дека тогаш имало најсилни градежни активности. Но, се забележува пад веќе во 2018 година, кога префрлени се трипати помалку средства, односно 26.318.644 денари, додека во 2019 година овој износ е само 645.540 денари.

Всушност, во оваа 2019 година, односно кон средината на годината, „Бетон Штип“ паѓа во стечај и прекинува со изградбата на двата факултети. Стечајот на некогашниот градежен гигант заврши со усвојување на план за реорганизација, која предвидуваше згаснување на ова друштво и основање на нов правен субјект со сличен назив, кој треба да ги сервисира долговите.

Во периодот 2015-2016 година, кога „Бетон-Штип“ почна да го реализира договорот за новите објекти во УКИМ, најголем акционер во друштвото беше штипски „Езимит“ на Зоранчо Митровски, која поседувала 22,7 отсто од акциите. Останатите акционери, кои поседувале по идентични 19,5 отсто од акциите, биле „Орка“ на семејството на Орце Камчев, „Тим“ на семејството на Цветан Панделески, „Ексико“ на семејството на Сашо Мијалков.

Но, последната евиденција на Централниот депозитар на хартии од вредност во јули 2019 година, кога компанијата е исклучена од котација, говори дека во тие 3 години се склучиле промени во сопственичката структура. Односно, „Орка“ на Камчеви и „Тим“ на Панделески останале со 19,5 отсто, а нови на листата се „Цоби Инвестмент“ (COBI Investments ApS) со 10 отсто и Златко Пирузе со 5,5 отсто.

На прво место со 23 отсто од акциите, пак, изби „Бим Инвест Инженеринг“ на Сашко Бошков, кој, како што пишуваа медиумите, бил правник во „Езимит“. Од таа гледна точка, излегува дека тој ги презел акциите од компанијата каде работел, а оваа фирма изрази намера во 2018 година да ги купи сите акции од другите акционери. Сепак, тоа не се случи, па друштвото отиде во стечај и згасна.

Инаку, овие обиди се случуваат во време кога се покрена истрагата „Империја“, каде прво осомничени, а потоа обвинети за даночно затајување и перење пари беа многу веќе споменати лица“. Како што е познато, овој случај заврши со спогодби за признавање на вина од страна на Камчев, Мијалков, кои вратија пари и прифатија затворски казни, а подоцна вина призна и Митровски во замена за условна казна. Само Панделевски се уште се суди.

ПЛАН ЗА РЕОРГАНИЗАЦИЈА

Според податоците од Централниот регистар, престечајната и стечајна постапка на „Бетон Штип“ почнува во јули 2019 година, кога се утврдува стечајна маса во вредност од милијарда денари, пришто предничат побарувања во вредност од 390 милиони денари, потоа следува уделот во фирмата-ќерка „Омега Билдинг“ од 277 милиони денари, а остатокот се машини, опрема, залихи…

Достапните информации говорат дека не се добројуваат физичките и правни лица што пријавиле побарувања, меѓу кои може да се сретнат главните акционери „Езимит“ на Митровски, „Тим“ и „Пелистерка“ на Панделески, „Орка“ и „Кара“ на Камчеви, како и две фирми поврзани со Мијалкови – нафтената „Ом Петрол“ и компанијата за обезбедување „Секјурити Груп Сервисис – СГС“.

Веќе во јули 2020 година, штипскиот основен суд одобрува план за реогранизација. Освен што се заклучува стечајот, со тоа должникот се брише од трговскиот регистар и се формира нов правен субјект – ГД „Бетон Штип ДОО“, кој стекнува право непречено да располага и да управува со имотот на стечајниот должник, но и обврска да ги исплати побарувањата на доверителите.

Официјалните податоци покажуваат дека оваа компанија е формирана во 2020 година, а денес нејзин единствен сопственик е „Орка“ на Камчеви, додека како управител се јавува Мијалчев. Првично, содружници во воскреснатата „Бетон Штип“ беа и „Тим“ на Панделески, како и „Балкан Груп Констракш“ на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, но тие неодамна излегле од сопственичката структура на компанијата.

Впрочем, „Орка“ и „Тим“ се сретнуваат на листата на разлачни доверители во стечајната постапка на АД „Бетон Штип“ со највисоки побарувања од по идентични 229.696.646 денари. На оваа листа со приоритетни доверители, со право на наплата на побарувања по издвоен пат, ја нема „Балкан Груп Констракшн“, но таа фигурира на листата со обични доверители со побарување од 214.528.410 денари. Но, како утврден и исплатен износ останале 198.098.633 денари.

Сепак, новоформираното друштво со ограничена одговорност „Бетон Штип“ прикажува променливо работење. Според финансиските извештаи, ако 2021 година ја завршува со приходи од 70.568.601 и добивка од 2.131.793 денари, во 2022 година остварува зголемени приходи од 87.173.936, но оди во длабока загуба од 69.631.867 денари. Каков е трендот лани, се уште не се знае, со оглед дека тие бројки не се излезени.

Ако се земе во предвид дека планот за реорганизација е на период од 5 години, кога треба да се вратат над половина од признаените долгови, може да се препостави дека друштвото и понатаму ќе се соочува со проблеми, особено при намалена активност. Она што плус му ја отежнува работата е што овој субјект нема пристап до јавни зделки кои би го бустирале на пазарот, за разлика од неговиот претходник.

Треба да се потсети дека некогашниот „Бетон Штип“ работеше како изведувач на 7 објекти од проектот „Скопје 2014“, врз основа на договори во вкупна вредност од околу 55 милиони евра. Покрај договорите за ФИНКИ и ДИФ, тука влегуваат зделките за МЕПСО од 10.579.065 евра, за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј од 9.064.807 евра

Се чини дека „Бетон Штип“ најмногу влезе во фокусот откога некогашното СЈО покрена истрага со кодно име „Тендери“, која ја опфаќаше ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Таа со товареше дека и наложила на „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата. На крајот, Канческа Милевска доби ослободителна пресуда.

Како и да е, мора да се  наведе дека таа беше една од осуммината опозициски пратеници кои го поддржа Преспанскиот договор. Дел од оние што гласаа за уставни промени добија амнестија, а истото требаше да се случи со Канческа. Поради притисок од јавноста, на почеток не беше сменет членот за злоупотреба на службена положба, ама на крај ете и таа спаси жива глава.

РЕВИДИРАЊЕ НА ПРОЕКТОТ

Конечно, приказната да ја заокружиме со недоградените факултети, што оневозможува стотици студенти да добијат попристојни услови за студирање. Додека  „Бетон Штип“ се трансформираше, оставајќи ги градбите во фаза на карабина, се сменија неколку министри за образование. Сите постојано ветуваа дека ќе ги довршат новите факултети, но тоа просто не се случи.

За време на 2019 година, кога МОН го раскина договорот со изведувачот, министер за образование беше Арбер Адеми, кој тогаш изјави дека на 27 јуни 2019 година, или пред да стапи стечајот на „Бетон Штип“, активирале банкарска гаранција за неисполнување на договорните обврски и веднаш биле стопирани сите работи. Парите од буџетот, како што истакнуваше, биле исплаќани по завршување на секоја ситуација.

На 28-ми октомври (2019) доставиме информација до Владата да добиеме согласност за објавување на долгогодишна јавна набавка и тоа останува една од нашите објективни цели во рамките на реализирање на капиталните инвестиции, да ги изградиме објектите на овие два факултети. И за оваа и за следната година ќе се најдат доволно средства – уверуваше Адеми.

Сепак, тоа не се случи. Наместо тоа, Адеми се пресели во пратеничките клупи, а прв човек во ресорот образование стана неговиот сопартиец од ДУИ Јетон Шаќири, кој е и актуелен министер. И тој во изминатиот период јавно ветуваше дека објектите ќе бидат завршени, пришто како временски рок ја посочуваше изминатава 2023 година.

Планираме изградба на 3-4 училишта, да почне реконструкција на 118 училишни објекти, да се изградат 10-тина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФКрече на почетокот на ланската година, одговарајќи на прашањето на какви проекти им дава приоритет годината?

Затоа, официјално се обративме до МОН, на чија адреса упативме неколку прашања: „зошто не се остварија најавите дека изградбата на објектите ќе продолжи во текот на 2023 година: дали се прават анализи кога треба да продолжи изградбата на овие објекти и дали се обезбедени буџетски средства; се врши ли репроектирање, и ако е така – во кои делови се менува проектната документација“?

МОН се заложува за унапредување на образовната инфраструктура и за капитални инвестиции годинава е обезбеден рекорден буџет од 1,3 милијарди денари. Фокусот е ставен на основното и средното образование, каде има поголема потреба од вложувања, а планирано е и продолжување на изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура при УКИМ. Постапката за ревидирање на постојните проекти е во тек, по што ќе се објави јавна набавка за избор на изведувач“, гласи одговорот што го добивме.

Имајќи во предвид дека државата влегува во предизборен период, неминовно се наметнува заклучокот дека овие објекти ќе чекаат некои подобри времиња, дотолку повеќе што низ цел период се воочува влијанието на политичките разврски и процеси. Фактички, „Бетон Штип“ го добива тендерот за време на залезот на ВМРО-ДПМНЕ, а по доаѓањето на СДСМ се соочува со потешкотии.

Според Државниот завод за статистика, на ФИНКИ има 4.468 студенти, од кои над 1.000 се запишани во прва година, па просториите им се претесни. Бројот на ДИФ е далеку помал, ако се знае дека таму има околу 400 активни студенти. За да биде сликата и впечатокот целосен, мора да се нагласи и дека во дворот на УКИМ се изгради и спортска сала, но таа одамна е руинирана.

Врз основа на сето тоа, не треба да чуди што се повеќе млади се отселуваат, и тоа не само за да работат, туку и да студираат во странство. Едно истражување покажа дека за најатрактивни дестинации важат Бугарија и Словенија, така што од академската 2017/2018 до 2021/2022 година само на државните универзитети во Словенија има вкупно 5.224 студенти од Македонија!

Поврзани новости