(АРХИВА) Наместо со биолошка терапија, болни од рак „лечеле“ со физиолошки раствор?!

by Фокус

Текстот е објавен на 31 август 2023 година во неделникот Фокус со број 1.456.

По неколку написи во „Фокус“, Обвинителството отвори предистражна постапка, во чии рамки вчера полициски инспектори извршија претрес на Онкологија, како и во домови на вработени. Последниот од серијалот текстови поврзани со злоупотреби на скопската клиника, преку препродавање на скапата биолошка терапија на црниот пазар, е објавен во најновиот број на неделникот, каде откриваме дека работите одат дотаму што дел од лекарите тврдат дека на болните им се ставало и минимално количество од лекот, а другото било обичен физиолошки раствор. Притоа, никој не може да контролира што всушност примаат болните, особено откако бил забранет КАТО-системот, преку кој се вршела евиденција за внес на сите терапии. Воедно, откриваме со кои лекови се правеле манипулации со цел незаконска заработка на грбот на тешко болните од рак! Текстот го објавуваме во целост.

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Ѕидовите на Клиниката за онкологија сѐ што слушнале и виделе, да можат да прозборат, половина од вработените таму би завршиле зад решетки“. Ова беше само еден од коментарите на нашиот соговорник, онколог на клиниката, кој ги знае сите, како што вели, страшни случувања во болницата, каде што се лекуваат најтешкоболните пациенти.

„Фокус“, во последниот број ја разоткри целата криминална шема на лекари и вработени во онколошката клиника, кои препродавале скапи лекови на црниот пазар и на коцка го ставиле здравјето на болните од рак, кои таму ја гледаат последната сламка спас за својот живот.

Сепак, тоа што е многу важно да се нагласи е дека сите лекари, медицински персонал и вработени не се влезени во таа шема. Нормално дека постојат исклучоци што професионално си ја вршат лекарската работа.

По објавата на „Фокус“ за препродавањето скапи лекови за болните од рак во Косово, експресно со реакција се јавија од Министерството за здравство, од каде што истакнаа дека ќе направат вонреден инспекциски надзор на скопската Клиника за онкологија.

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити ќе побара од ДСЗИ да испрати вонреден инспекциски надзор во Клиниката за онкологија, со што би се утврдила фактичката состојба по објавената статија во неделникот „Фокус“. Во текот на следната недела, министерот Меџити ќе оствари и работен состанок со директорката на Клиниката.
МЗ апелира доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат каков било сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ“, се наведува во реакцијата од ресорното Министерство.

Од Основното јавно обвинителство, пак, ни потврдија дека против повеќе вработени на Онкологија се покренати истражни постапки за кражба и поткуп за примање терапија.

Во Основното јавно обвинителство Скопје има предмети што се однесуваат на конкретни лица осомничени за кражба и поткуп за примање терапија на Клиниката за онкологија. Еден од тие предмети е во судска постапка по поднесено обвинение, а по останатите се постапува.

Јавното обвинителство ги анализира извештаите на Државниот завод за ревизија, но и написите на медиумите на оваа тема. Доколку притоа се констатираат елементи на кривично дело што се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи и ќе ги испита наводите“, се наведува во одговорот од ОЈО.

Во целиот овој случај, надлежните институции се на потег зашто тешко им се пишува на болните од рак, кои и така се жртви на тешката болест, од која повеќето умираат во тешки маки.

ОНКОЛОГИЈА – ПЕРАЛНИЦА НА ПАРИ

Откако ги објавивме деталите за криминалната шема на Онкологија, во нашата редакција се јавија пациенти, лекари, медицински сестри и болничари, кои излегоа со нови фрапантни сведочења.

Во медицинските истории на секој пациент заведен на клиниката со која располага и „Фокус“ се наведени неговите лични податоци, а потоа следува и извештајот во кој е наведена дијагнозата, поточно болеста од која боледува. Потоа тука е анамнезата и наодот, односно во каква состојба се наоѓа самиот пациент.

Исто така, во извештајот има и упатство за понатамошно лекување, како и препорачана доза на лекови и терапија што треба да се прима. И на крајот, на самиот извештај има потпис од лекарот-специјалист, чиј пациент е болниот, во зависност од тоа кој вид карцином го има.

Според процедурата, откако ќе се направат потребните испитувања, пациентите почнуваат со хемотерапија, зрачење, па потоа следува скапата биолошка терапија, која се прима од 15 до 18 терапии, во зависност од видот на карциномот.

„Фокус“ располага со сознанија за целата шема како повеќето директори низ годините ја злоупотребиле својата положба, за што заработиле и кривични пријави, но истрагите против нив завршуваат во нечија фиока, во зависност од тоа во чии раце е власта.

Сепак, најстрашните случувања се во периодот од 2019 година наваму, кога поранешниот министер Венко Филипче ја воведува скапата имунолошка терапија, каде што само една ампула може да чини од 3.000 до 4.000 евра.

Како што тврдат нашите извори, неколку вработени на клиниката, кои веќе се во пензија, располагаат со обемна документација за случувањата на клиниката.

Една од медицинските сестри во тетратка водела евиденција за сѐ што се случува таму, како се изнесуваат цитостатици, каде се продаваат и кој ги продава.

Таа, овие документи била подготвена да ги покаже и на министерот што во тоа време управувал со здравствениот сектор. Станува збор за Никола Тодоров, кој речиси шест години управуваше со ресорот здравство.

Со оглед на тоа што не сакаме да споделиме каква тажна судбина надвор од работата ја снашла сестрата на Онкологија, сите овие трагични случувања од клиниката останале под клуч кај неа.

Таа е само една од многуте вработени кои во детали ги знаат сите морбидни случувања на Онкологија. Тие во себе чуваат архиви од документи, кои ја кријат страшната вистина за болницата. Но, никој досега не се осмелил да отиде овие информации да ги сподели со надлежните институции.

Таму мора да влезе полиција и да открие што се случува. Освен што е страшно, опасно е по животот на пациентите. Таму како да се помирени дека од тие болни повеќето умираат, па ајде бизнисот ќе го развиваме на најјако.

На Онкологија постои посебен „тим“ во чии раце завршуваат големи пари, посебно сега од биолошката терапија. Сѐ уште држат раководни функции тие што се во таа шема. Оваа болница стана страшна база, во која ризично е да се најдеш и како работник, и како пациент – тврди медицинска сестра што работи на клиниката.

ЛЕКОВИ ОД 2.000 ДО 4.000 ЕВРА

Скопската Клиника за онкологија е поделена на повеќе од 10 оддели, поточно на 14 оддели за различни видови карциноми, а на секој од нив има поставено по еден лекар-специјалист за одредена област, кој раководи со самиот оддел.

Во болницата има повеќе од 30 лекари-специјалисти, како и главна сестра, одделение за финансии, сметководство и шалтерско работење, одделение за информатичка технологија, потоа одделение за административно-технички работи, одделение за јавни набавки, клиничка аптека…

Со клиниката раководи медицински и економски директор преку врзан потпис.

Лека-полека почнува да се одмотува клопчето, па нашите извори тврдат дека, освен медицинскиот персонал, во оваа пајакова мрежа вплетени се и од техничкиот персонал.

„Фокус“ располага со податоци за имињата и презимињата на сите вклучени во криминалната шема, но поради пресумпција на невиност одлучивме да не го откриваме нивниот идентитет.

Имено, според нашите информации, веќе подолг период на клиниката се користеле цитостатици со поминат рок, се правеле фиктивни истории на роднини и пријатели, кои подоцна се криеле или уништувале, а преку нив се раздолжувале лековите.

По истиот принцип се правело и со починатите пациенти или пациенти во терминална фаза, поточно пред умирање им се пропишувале и по неколку дози претходно, а тие подоцна ги барале како донации или реверс од веледрогериите и не ги плаќале.

Сите лекови од починати се враќаат во аптека, ги подигнуваат и често припремаат одделенските сестри, а не кој било. Постојат и многу починати, на кои пред да умрат им се запишани огромни имуно дози, чисто да ги има на нивно име – вели нашиот доброупатен соговорник.

Исто така, и во дигиталните медицински истории уште фигурирале починати пациенти и по неколку години. Но, тоа не е сѐ.

Постепено, едно по едно почнале да исчезнуваат цитостатици од клиничката аптека, која, исто така, влегува во таа шема на крадење и манипулирање со болните пациенти.

Но, тука доаѓа и најстрашниот дел, а тоа е начинот како се прима терапијата, од која една во вид на ампули, а други пациенти користат и таблети.

Воведувањето на скапата биолошка терапија уште толку го отвора апетитот кај дел од вработените на клиниката, кои скапите лекови ги користат и да се збогатат.

Еден од нив е „пембролизумаб“, имуно терапија, која работи на подигнување на имунолошкиот систем, која чини 3.600 евра, а се користи за лекување на 16 видови рак, меѓу кои и тие што сѐ уште се во рана фаза.

На листата скапи лекови се наоѓа и „палбоцицлиб“, поточно тоа се таблети што се користат за лекување понапредни фази на рак на дојка, а чинат 4.000 евра по кутија.

Тука е лекот „вемурафениб“, кој претставува инхибитор, кој се користи за лекување на напредната фаза на малигнен меланом. Овој лек чини 3.600 евра.

На оваа листа може да се најде и „цобиметиниб“, лек кој ги таргетира протеините во клетките на ракот и го спречува растот на клетките. Цената на овој имунолошки лек е над 3.000 евра.

На истата листа може да се најдат и ампулите „атезолизумаб“, од кои само една чини 3.200 евра.

Сепак, еден од најкористените лекови е „херцептин“, тоа е лек за болните од карцином на дојка, кој чини 2.000 евра. Овој лек се дава во форма на инјекција на 21 ден.

Повеќето од пациентите примаат од 15 до 18 терапии, што значи дека се прима во период од повеќе од една година по завршувањето на хемотерапијата и зрачењето.

ШТО ПРИМАЛЕ ДЕЛ ОД ПАЦИЕНТИТЕ?

Факт е дека сите овие лекови не ги плаќаат пациентите, туку се на државна сметка, па затоа сѐ повеќе се отворени вратите за нивна продажба надвор од земјата. Тука доаѓаме и до најстрашниот дел во целата приказна – што примале дел од пациентите како имуно терапија?

Според процедурата, лекарот-специјалист за кој било вид карцином е должен да го види болниот пациент и врз основа на направените испитувања да посочи каква терапија треба да прима.

Најпрво се прима хемотерапија и зрачење, а веќе потоа онколошки конзилиум треба да одлучи дали пациентот лекувањето ќе го продолжи со скапата биолошка терапија, која до пред некој месец се даваше и на пациентите што имаат и што немаат потреба од неа.

Откако ќе се одреди биолошката терапија, таа, на пример, како херцептинот, кој е за карцином на дојка, преку инјекција му се дава на болниот.

Па, тука се јавува и најголемиот сомнеж – што примале пациентите, а колку од тие терапии завршиле на црниот пазар?

Дел од лекарите тврдат дека може на болните да им се стави минимално количество од лекот, а другото да биде обичен физиолошки раствор и никој не може да го контролира тоа.

Тоа што е чудно во целата приказна е дека пред 2017 година, на клиниката постоел КАТО-систем, кој имал контрола за внес на сите терапии, кои влегувале од аптека, магацин и се носеле на одделение и во дневните болници.

Целиот систем функционирал преку бар-кодови, каде што ги имало сите податоци за лекот, од датумот на создавање, па сѐ до датумот до кога може да се употребува.

Но, веднаш по доаѓањето на новиот менаџмент на клиниката, овој систем веднаш бил забранет, па тука веќе и се губи контролата на тоа како и каде завршуваат имуно терапиите.

Уште во самиот ревизорски извештај беше потврдено дека на клиниката во последните години немало никаква контрола што ја прима новата скапа терапија, дали има потреба од неа или не.

Па така, како што веќе објавивме, последните три години клиниката стигна до вртоглави долгови од околу 20 милиони евра.

Пред речиси една година, по инсистирање на екс поранешниот министер за здравство, Беким Сали, оставка од функцијата си поднесе директорот Нино Васев, кој тврдеше дека си заминува од лични причини.

Но, да не заборавиме да споменеме дека, покрај медицинскиот персонал, шемата добро е развиена и преку сметководство и Одделението за информатичка технологија, од каде што одат и се чуваат сите дигитални медицински истории за пациентите. Од тука може и треба да почнат надлежните институции.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ МОЖЕ ДА ЈА НАЈДЕ МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА НА ОНКОЛОГИЈА!

На почетокот на март, „Фокус“ откри дека медицинска сестра вработена десетина години на скопската Клиника за онкологија крадела цитостатици од дневната амбуланта.

Таа беше фатена на дело од страна на полицијата како изнесува 20 вида цитостатици. Но, тоа не било првпат медицинската сестра да краде. Таа во 2020 година била кривично гонета за истото дело.

Според нашите информации, во Основното јавно обвинителство веќе бил покренат уште еден случај, но од таму по вторпат не можат да ја лоцираат медицинската сестра, за да ѝ ја дадат поканата. Нашите извори тврдат дека заминала во Германија.

(АРХИВА) Доктори и сестри крадат лекови за болните од рак, скапата терапија завршува на црниот пазар!

Поврзани новости