(АРХИВА) Над 3 милиони евра од ЕСМ завршија во фирма блиска до пријател на Заеви, која била во сопственост на Камчеви!

by Фокус

Текстот е објавен на 12 април 2023 година во неделникот Фокус со број 1.436.

По политичките промени, исти компании продолжија да ги добиваат милионските тендери од ЕСМ за работа во рудниците на РЕК Битола. Еден од новите „играчи“ на оваа сцена беше „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски, кој јавно изјави дека е пријател со Вице Заев. За период од само 3 години, неговата фирма доби тендери вредни 6 милиони евра, но во 2021 година изненадувачки падна во стечај, кој сега беше заклучен и оваа фирма престана да постои. Сепак, како што неодамна пишуваше неделникот „Фокус“, истовремено никна „Новоматрикс“, која е во формална сопственост на управителот на „СВ-Инвест“ – Александар Наумов. Потоа, „Новоматрикс“ склучи два договори за технолошко чистење во РЕК Битола вредни над 3 милиони евра, при што вториот договор лани го доби во постапка со директни преговори, откако две отворени постапки на чуден начин пропаднаа. Своевремено, „Новоматрикс“ била во сопственост и на „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“, во чија сопственичка структура се промениле многу субјекти, така што денес е во целосна сопственост на „Орка“ на Орце Камчев.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Од успешно менаџирање во време на енергетска криза, до коруптивно работење преку испумпување пари по пат на сомнителни тендерски постапки – вака, од една крајност до друга, се движеа оценките за управувањето на државната компанија за производство на струја АД ЕСМ од страна на Васко Ковачевски, кој пред неколку дена се повлече поради, како што рече, лични причини.

Во текот на февруари 2023 се произведоа 22.933 мегават часови електрична енергија во еден ден, што претставува највисоко дневно производство во последните 10 години и нов рекорд во работењето во последната деценија, благодарение на максималната ангажираност и професионалната работа на сите вработени – рече Ковачевски кога се простуваше од функцијата.

Непосредно пред да се повлече, односно пред владата на чело со Димитар Ковачевски да ја прифати неговата оставка, веќе поранешниот директор на ЕСМ или поранешен ЕЛЕМ, последното интервју го даде токму за „Фокус“, каде што, меѓу другото, се пофали и дека го зголемиле возниот парк со сопствена механизација преку неколку набавки на машини за ископ во рудниците на РЕК Битола.

– Во 2021 и во 2022 година ја добивме првата сопствена механизација по цели 15 години. Веќе се испорачани 36 парчиња градежна и оперативна механизација за рудниците, во приближна вредност од 17,5 милиони евра. Во тек е и нова постапка за набавки од околу 15 милиони евра и дополнително во 2023 ќе објавиме уште една набавка од 22 милиони евра – рече тој, додавајќи дека тоа треба да задоволува околу 50 отсто од потребите на РЕК Битола.

Меѓутоа, како што истакна Ковачевски, државата не може да набави стопроцентна механизација, бидејќи, според него, тоа што не се набавило во 30 години, не може да се набави за 3 години. Арно ама, неговиот СДСМ во опозиција говореше поинаку, па дури и во партиска програма вети дека ќе набави целосно сопствена механизација, за да прекинат милионските договори што државната компанија ги склучуваше со приватни оператори. Сепак, тоа не се случи!

НОВА ВЛАСТ, СТАРИ БИЗНИС-ИГРАЧИ

Во овој период од средината на 2017 година досега, кога владата ја предводи СДСМ со ДУИ и другите партнери, Ковачевски прво беше директор на РЕК Битола (2018-2019), а потоа застана и на чело на АД ЕСМ (2019-2023). За овие безмалку 6 години, државната компанија склучи дузина милионски договори со компании главно за ископ и транспорт на јаглен од РЕК Битола. Горе-долу, се сретнуваа истите компании од времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во тој поглед, предничи битолската „Марковски Компани“, која земала најмногу, а воедно и највредни тендери од ЕСМ за работа во РЕК Битола. Токму довчерашниот директор Ковачевски, во својство на сдсмовски опозиционер, ја обвинуваше оваа фирма дека е блиска до Сашо Мијалков, прв братучед на експремиерот Никола Груевски. Згора на тоа, сопственикот на компанијата, Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во земјава.

Сепак, и по политичките промени во 2016/2017 година, компанијата ја продолжи соработката со ЕСМ. Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Марковски Компани“ ги склучила и највисоките договори со ЕСМ во последниот период. Тие се однесуваат за проширување и изработка на усек (22,5 милиони евра), за ископ на јаглен и јаловина (19,5 милиони евра), за ископ на инвестициска откривка (13,8 милиони евра)…

Понатаму, на почетокот на оваа година склучила договор за ангажирање помошна механизација во вредност од 6,5 милиони евра. Во меѓувреме, добила уште еден вреден договор од 5,5 милиони евра за ископ на кровинска јаловина во 2020 година, додека една година подоцна склучила договор во „4 очи“ за помошна механизација од 4,8 милиони евра.

Исто така, крупни зделки добила и битолската „Руд-Коп“, која во 2021 година склучила договор за ископ на инвестициска откривна од 13,8 милиони евра, а лани добила договор за истата работа вреден 11,5 милиони евра. Освен тоа, милионски договори потпишале и „Гранит“ (13 милиони евра) и „Пелистер“ (12,7 милиони евра), а „помал“ дел од бизнисот добиле „Теиком Тим“, „Синпекс“, „Дигер“, „Мис-Комерц“, „Зимак“„Топлина“

ПРИЈАТЕЛ СО ЗАЕВ, ПОЗНАНИК СО КОВАЧЕВСКИ

Оттука, јасно е дека е дека бизнис-сцената што гравитира околу АД ЕСМ и РЕК Битола е силно етаблирана, па нејзината структура не успеаја значително да ја поткопаат ниту крупните политички промени. Иако се сменија политичките играчи, сепак, бизнис-актерите останаа главно исти. Арно ама, имаше одредени промени, од причина што на овој „пазар“ влезе една нова компанија, што се поврзуваше со новата политичка гарнитура.

Станува збор за „СВ-Инвест“ на битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, кој почна да соработува со ЕСМ откако СДСМ дојде на власт. Како што е познато, оваа компанија и нејзиниот сопственик постојано беа обвинувани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се блиски до СДСМ, односно до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев, додека Чифлигароски во една пригода, за „Призма“ јавно призна има пријатели во семејството на Заеви.

Во 2019 година, тој рече дека своевремено студирал во Белград со братучетка на Заеви и дека денес може да го нарече пријател братот на Заев – Вице Заев. Но, негираше дека е нивни параван, бидејќи, додаде тој, ако било така, ќе ги добивал најдобрите, а не најлошите тендери во РЕК Битола. Околу тоа како воопшто почнал да добива тендери, објасни дека сам отишол кај Ковачевски и побарал да им даде шанса и на младите фирми.

Очигледно, Чифлигароски успеал да го „убеди“ Ковачевски да ја отвори вратата за нови фирми, поточно за неговата „СВ-Инвест“. Тоа веднаш предизвика реакција од опозицијата, чиј лидер Христијан Мицкоски обвини дека преку оваа компанија камиони на Заеви работеле во РЕК Битола. Се разбира, тоа го демантираше Заев, но и Чифлигароски, кој рече дека возилата ги купил од струмички бизнисмен, кој некогаш ги презел од фирма каде што Вице Заев имал удели.

Во меѓувреме, Чифлигароски и Заев, условно кажано, ги „спои“ кривична пријава на „Рубитон“, која, како што своевремено обелодени „Фокус“, пријавиле дека Ковачевски им вршел притисок во корист на „СВ Инвест“. Неколку години по овој напис, Мицкоски обвини дека во заднина стоел Заев. И ова беше демантирано, а постапката во обвинителството сѐ уште трае!

СОРАБОТКА СО РЕК БИТОЛА ТЕШКА 6 МИЛИОНИ ЕВРА

Факт е дека „СВ-Инвест“ не добиваше тендери како „Марковски Компани“, „Руд-Коп“, „Пелистер“ и други гиганти, но, исто така, факт е дека оваа компанија тоа почна да го прави преку ноќ. А, приходите што ги добиваше по тој основ му овозможија експоненцијален раст на друштвото. Меѓутоа, ако фирмата брзо се крена во облаците, уште побрзо пропадна во калта, имајќи предвид дека за неа веќе привршува стечајна постапка.

Како што веќе пишуваше неделникот „Фокус“, во тригодишниот период од 2018 година, кога почна да работи во РЕК Битола, па сѐ до 2021 година, кога беше отворена стечајна постапка, компанијата склучила договори за јавна набавка во вредност од 6 милиони евра. Според официјалните податоци, компанијата е основана во 2011 година, а првиот тендер го добива на почетокот на 2018 година, или половина година по изборот на новата влада.

Се работи за договор за ангажирање помошна работна рака за технолошко чистење во РЕК Битола, во износ од 344 илјади евра. Притоа, овој договор не е склучен во отворена постапка, туку во пат на преговори без претходно објавување оглас. Во вакви ситуации, договорниот орган има безмалку дискреционо право кого да повика на преговори и со кого да склучи договор.

До крајот на таа 2018 година, двете страни склучиле уште 3 договори во иста постапка по пат на преговори, популарно позната во „4 очи“, чија вкупна вредност изнесуваше 1,5 милион евра. Во следниот период продолжи соработката меѓу ЕСМ и „СВ-Инвест“, меѓутоа овојпат договорите ги склучуваат во таканаречена отворена постапка. Сепак, во овој период се склучуваат и повисоки договори, со тоа што најголемиот е оној од крајот на 2020 година, за технолошко чистење во вредност од 59 милиони денари.

Автоматски растат приливите, добивката и бројот на вработени на друштвото. Доколку компанијата во 2017 година имала приходи од 387 милиони денари, профит од 44 милиони денари и само двајца вработени, во 2019 година приходите достигнале 635 милиони денари, профитот 155 милиони денари, а бројот на вработени – 280. Но, пораснале и обврските од 328 милиони денари во 2017 на 700 милиони денари во 2019 година…

ТЕНДЕРЏИЈАТА ПРЕКУ НОЌ ПАДНА ВО СТЕЧАЈ

Инаку, „СВ-Инвест“, во март 2021 година заработи негативна референца или забрана за учество на тендерски постапки, бидејќи не потпишала договор за јавна набавка, иако претходно била избрана за најповолен понудувач. Забраната ја изрекол токму ЕСМ, бидејќи фирмата не била во можност да обезбеди банкарска гаранција за потпишување договор за антикорозивна заштита на челични конструкции. Истовремено, отворена е и стечајната постапка.

Тогаш, битолскиот основен суд закажа рочиште, на кое се назначи Коле Волчевски за привремен стечаен управник, со задолжение да го заштити имотот на должникот и да дава согласност на органите на управување при работењето. Па, на новото рочиште судот го усвои предлогот за отворање стечајна постапка, кој, според нашите информации, бил поднесен од „Градба Инвест“ за побарување од 16,5 милиони денари.

На следното испитно и извештајно рочиште во јуни, пак, судот се произнесуваше за барањата на доверителите. Како што објави „360 Степени“, стечајниот управник Волчевски пред присутните доверители објаснил дека „СВ-Инвест“ има долгови кон повеќе од 50 субјекти, меѓу кои се вработените, државата, банки и други фирми, така што вкупниот признаен долг надминува 25 милиони евра.

Така, најмногу пари СВ-Инвест должел на Стопанска банка од Скопје (4,7 милиони евра), на Финансиското друштво „Пелистер“ на Силјан Мицевски (3,5 милиони евра), додека трет на листата е компанијата „Новоматрикс“, кон која СВ-Инвест должела околу 3,5 милиони евра. Потоа, четврт најголем доверител била „Настел“ на Зоран Азманов (3,4 милиони евра), а петти „Битексимо“ (2,6 милиони).

Она што е интересно, на листата на доверители на „СВ-Инвест“ има и капитално или персонално поврзани компании. Таква е, на пример, последно споменатата „Битексимо“, која, исто така, паѓа во стечај во 2021 година. Тогаш оваа компанија веќе е во сопственост на Николче Поповски, баџанак на Чифлигароски, кој, пак, е сопственик и на ова друштво сѐ до 2020 година.

КАДЕ ЗАСТАНА ГАЗДАТА, ПРОДОЛЖИ УПРАВИТЕЛОТ

Кога двете компании поврзани со Чифлигароски одат во стечај, Чифлигароски за „Фокус“ изјавуваше дека „СВ-Инвест“ има обврски, но располага и со значителен имот, откривајќи дека поседува земјиште во вредност од 195,7 милиони денари, градежни објекти од 9,8 милиони денари, погонски и канцелариски средства од 94 милиони денари, како побарувања од купувачи во износ од 661 милиони денари.

Како и да е, тоа не ја спаси компанијата, која е пред прагот од ликвидација, со оглед дека стечајната постапка е во завршна фаза. Како што нѐ информираа од битолскиот суд, во постапката донесени се вкупно 47 решенија за подмирување на доверители, а предлог-планот за конечна распределба – завршна сметка и завршен извештај биле објавени на огласна табла. Во меѓувреме, пак, Волчевски ни откри дека в среда, кога овој број на весникот веќе ќе биде во печат, ќе се одржи и завршно собрание.

Додека „СВ-Инвест“ оди кон пропаст, од пепелта на оваа се роди друга тесно поврзана компанија. Тоа е третата фирма од листата на доверители – „Новоматрикс“, во формална сопственост на Александар Наумов, кој, пак, беше управител на „СВ-Инвест“. Значи, Наумов и Чифлигароски биле блиски соработници, а упатените велат дека се и добри пријатели.

Случајно или не, истите тендери што ги добиваше „СВ-Инвест“ продолжи да ги добива „Новоматрикс“, која, пред да премине во сопственост на Наумов, била во сопственост на роднина на добро познатиот Зоран Милески – Кичеец. Претходно, пак, според податоците што ги обезбедивме, оваа компанија ја поседувала друга фирма, која денес е во сопственост на „Орка“ на Орце Камчев.

Поточно, „Новоматрикс“ склучил договор со ЕСМ за технолошко чистење во РЕК Битола во 2021 година во вредност од над еден милион евра. Непосредно откако „СВ-Инвест“ паѓа во стечај во март, во јуни истата година „Новоматрикс“ ја добива работата во РЕК Битола што ја вршеше токму фирмата на Чифлигароски. Симптоматично е тоа што новиот договор бил поскап од претходниот, како резултат на неколку анекси.

ХРОНОЛОГИЈА НА ПРОПАДНАТИТЕ ПОСТАПКИ

Како течеле работите? На 18.9.2020 година, „СВ-Инвест“ склучува договор со ЕСМ за технолошко чистење во РЕК Битола во вредност од речиси 960 илјади евра. Веќе следната година, оваа компанија оди во стечај, па ЕСМ за истата работа на 8.6.2021 година склучува договор со „Новоматрикс“. Првично бил склучен договор на 960 илјади евра, исто како и претходната година со „СВ-Инвест“, но на крајот тој надминал 1,1 милиони евра поради два анекси.

Иако „Новоматрикс“ бил единствен понудувач во тендерската постапка во 2021 година, се спровела отворена постапка, на која можеле да се јават и други компании. Но, ланската 2022 година ЕСМ повторно склучил договор со „Новоматрикс“ за технолошко чистење, ама овојпат во постапка со преговори. За разлика од претходно, овој договор не се однесувал за период од една, туку за една и пол година, и воедно изнесувал над 2,2 милиони евра.

Патем, индикативно е како дошло до ваков развој на настаните. Прво, ЕСМ објавил оглас за технолошко чистење во РЕК Битола на 27.4.2022 година, но постапката била поништена, бидејќи тендерската документација содржела „битни пропусти или недостатоци од техничка природа, кои би влијаеле врз исходот на постапката во делот на доставувањето на техничката документација од страна на економските оператори и значително би го намалиле квалитетот во извршувањето на предметната набавка“.

Набргу потоа, т.е. на 20.5.2022 година, ЕСМ објавил оглас за нова тендерска постапка, но и таа пропаднала со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“. Впрочем, ваков епилог следува откако една од компаниите што учествувале во постапката поднела жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, која била делумно усвоена.

Од решението што го донела второстепената Комисија произлегува дека се работи за битолската компанија „Ремонт Механика“, која ја обжалила одлуката на ЕСМ да го избере токму „Новоматрикс“ како најповолен понудувач, откако понудата на групацијата предводена од „Ремонт Механика“ (плус „БВ Инженеринг“) ја отфрлила уште во фазата на евалуација. Како „паднала“ нивната понуда?

ДИЗАЈНИРАНА ТЕНДЕРСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА?!

Како што се наведува во решението до кое дојдовме, Комисијата за јавни набавки во рамки на ЕСМ утврдила дека „Ремонт Механика“ не ги исполнува условите што налагаат да има извршено минимум една услуга од ист вид како предметот на набавката во последните 3 години во вкупен износ од минимум 780 илјади евра, иако жалителот тврдел дека имал реализирано вакви договори во износ од над милион евра.

Незадоволната компанија забележала уште еден интересен факт. Имено, ЕСМ ја намалил висината на банкарската гаранција од 15 на 5 проценти на барање на „Новоматрикс“, кој по елиминацијата на „Ремонт-Механика“ останал единствен понудувач. Меѓутоа, договорниот орган не ја објавил измена на огласот поради ваквата промена.

Новоматрикс“, кој бил избран за најповолен понудувач, имал вршено една единствена услуга на чистење во изминатите 3 години кај РЕК Битола во износ од 70 милиони денари, што е особено индикативно во поглед на поставувањето на условот, кој упатува на експлицитен заклучок дека тендерската документација е изготвена и дизајнирана за да биде компатибилна со економскиот профил на овој економски оператор, на кој начин отворено се фаворизира“, навел жалителот.

Наспроти тоа, договорниот орган возвратил дека жалбата е неоснована и навел сопствени аргументи во поткрепа на тоа, додека Комисијата ја оправдала одлуката на ЕСМ да не ја земе во предвид понудата на „Ремонт Механика“, појаснувајќи дека договорниот орган барал еден реализиран договор од 48 милиони договори, а не збирно. Дополнително, Комисијата го отфрлила и наводот дека огласот не бил соодветно апдејтуван.

Меѓутоа, второстепениот орган истовремено оценил дека „критериумите за способност не се утврдени во согласност со Законот за јавни набавки, дека тендерската документација не е во согласност со овој закон и довела или можела да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција“.

КОНКУРЕНЦИЈАТА ОБВИНУВА ЗА ФАВОРИЗИРАЊЕ

На тој начин, Комисијата за жалби ја поништи постапката и наложила дека при евентуално повторно објавување на тендерот, договорниот орган треба „да изготви тендерска документација со која ќе овозможи конкуренцијата и недискриминација на економските оператори на пазарот на трудот“. Но, по двата неуспешни обиди, ЕСМ не се обиде да спроведе отворена постапка по третпат според насоките на Комисијата, туку одлучи да испреговара договор.

Односно, државната компанија на 31.8.2022 година, во постапка со преговори без објавување на оглас, повторно склучува договор со „Новоматрикс“, со која всушност склучила договор и во рамки на втората неуспешна постапка, поништена по жалба на друга компанија и одлука на второстепената комисија. Овој договор за период од 18 месеци изнесувал 2,2 милиони евра, што е значително повеќе од претходниот договор со „Новоматрикс“ склучен во 2021 година. Значи, цената на услугата пораснала, така што „Новоматрикс“ од двата тендери инкасирал 3,3 милиони евра.

Секогаш, спроведување ваква постапка се оправдува со итност, поради која роковите за другите постапки не може да се применат. Официјално, ЕСМ образложува дека потребата од услугата за технолошко чистење за термоелектраните и на главниот погонски објект е основна цел. Од таму посочуваат дека станува збор за тековно одржување на чистотата долж транспортерите за одведување на пепелта до одлагалиште со вкупна должина од околу 8 километри.

Ангажирањето на помошната работна рака за технолошко чистење е од голема важност за исправноста, безбедноста и сигурноста на постројките, а со тоа обезбедување на непречено производство на јаглен. Потребата за технолошко чистење е голема, бидејќи настануваат непредвидени, несакани натрупувања по багерските единици и транспортните системи со јаглен или јаловина што доколку не се санира навремено предизвикуваат големи штети“, велат од ЕСМ.

Сепак, се поставуваат неколку прашања, кои ги упативме и до ЕСМ, но не добивме одговори. Во постапката со преговори во 2022 година, кои компании биле повикани на преговори покрај „Новоматрикс“? Какви понуди доставиле тие? Дали одбраната понуда била пониска или повисока од понудата што истата компанија ја доставила во редовната постапка што претходно истата 2022 година била поништена? Итн., итн.

БОГАТАТА“ ИСТОРИЈА НА „НОВОМАТРИКС“

Податоците што ги обезбеди „Фокус“ откриваат дека „Новоматрикс“ има исклучително „богата“ и „шарена“ историја. Од една страна, оваа компанија денес се поврзува со декларираниот пријател на Заеви – Чифлигароски. Но, пред да ја преземе неговиот близок соработник Наумов, кој му беше управител во „СВ-Инвест“, таа имала друг сопственик, во чија сопственичка структура поминале главните бизнис-фактори од времето на „преродбата“.

Историјатот на „Новоматрикс“ покажува дека фирмата е основана во 2013 година од страна на Оливер Димитровски со седиште во Тетово како друштво за трговија со облека под назив „Фешн Индустри“. Веќе во следната 2014 година, го менува називот во „Новоматрикс“ и го сели седиштето во Скопје. Во 2016 година, пак, нов сопственик станува „Архи“ или денешна „Панорама Резиденс“, низ која минале многу (ко)сопственици, така што денес е во целосна сопственик на „Орка“.

Паралелно со преземањето на „Новоматрикс“ од страна на „Архи“, нов управител станува Лилјана Гајдоска, која била дел од повеќе субјекти во групацијата на Камчеви. И Камчев и Гајдоска беа опфатени со обвинението во случајот „Империја“, кое се однесуваше на перење пари. На крајот, и двајцата склучија спогодби со обвинителството за признание на вина, врз основа на која Камчев „одлежа“ една година во затвор и плати над 5 милиони во државната каса заради пресметан неплатен данок.

Да се вратиме на „Новоматрикс“, која е во сопственост на „Архи/Панорама Резиденс“ до крајот на 2017 година, кога нејзин нов газда станува извесен Гоце Милески од Охрид, кој, според нашите сознанија, е роднина на Зоран Милески – Кичеец, осуден во случајот „Рекет“, во чии рамки, по пријава на Камчев, беа осудени и Катица Јанева и Бојан Јовановски. Освен тоа, Кичеец долги години е актуелен како сопственик на разни фирми, се јави како посредник во случајот црногорскиот бизнисмен Миодраг Дадиводиќ – Дака, а предизвика и сообраќајка додека одлежуваше затворска казна.

Што се однесува до помалку познатиот Милески, тој ја презел компанијата со паричен влог од половина милион евра, кој практично е набилдан од  претходниот содружник „Архи“. Кон средината на 2018 година, компанијата го сели седиштето во Битола, но го менува сопственикот, па единствен содружник станува Наумов. Денес, ова друштво за подготвителни работи на градилиште е лоцирано во Струмица.

ВЛЕЗ-ИЗЛЕЗ ВО „ПАНОРАМА РЕЗИДЕНС“

Историјатот на „Архи“ или „Панорама Резиденс“, пак, покажува дека таа е основана во 2005 година и првично била во сопственост на турска компанија, а подоцна „на хартија“ се појавува и бизнисменот Ајдован Адемовски. Така е до 2010 година, кога компанијата ја презема веќе непостоечката „Архи Инвестмент“, која, според проверките што ги извршивме, била во сопственост на „Орка“ на Камчеви и на офшор-компанијата „Ексико“, која, како последица на соработката на Камчев со органите на правдата, се испостави дека е на сопругата на Мијалков – Александра Мијалкова.

Во меѓувреме, на управителската позиција се менуваат споменатата Гајдоска и уште еден бизнис-играч на Камчев – Горан Манов, кој бил управител на „Телеграф“, „Ибис“, а во еден период бил газда и на „Архи“. Во однос на сопственоста, нема промени сѐ до 2014 година, кога „Архи Инвестмент“ излегува од сопственичката структура, што не менува ништо суштински бидејќи нејзините основачи „Орка“ и „Ексико“ потоа стануваат директни сопственици.

Во следните години се регистрираат голем број промени во сопственоста. Во тој контекст, во еден период влегла компанијата „Си Фи Кар“, која веќе е правно неактивна, а како нејзин последен сопственик фигурира Кристина Камчева, сестра на Камчев. Исто така, содружник станала и „ССИ Инвестмент“, која се „прослави“ за време на судскиот процес „Плацови на Водно“, кога Камчев и неговиот зет Мето Стојчевски обелоденија дека оваа компанија била покритие за 3 стана на Груевски во комплексот „Панорама“ на Водно.

Откако во „Архи“ се присоединува „Сити Груп“, во сопственичката структура во 2019 година се враќа „Орка“ на местото на Манов. Тој останува управител, но за кратко време е заменет од Роберт Џоноски, кој, пак, подоцна е заменет со сегашниот управител Оливер Алексовски. Една година подоцна, „Орка“ останува единствен содружник во „Архи“, веќе преименувана во „Панорама Резиденс“, откако излегува фамозната „ССИ Инвестмент“.

Врз основа на тоа, јасно произлегува дека Камчев и негови блиски компании и соработници прават постојано влез-излез од сопственоста на „Архи“ или „Панорама Резиденс“, така што по многу трансфери неговата „Орка“ денеска е единствен сопственик на фирмата, која во еден период од 21.7.2016 до 18.12.2017 година ја поседувала и „Новоматрикс“, друштво што подоцна преминува во сопственост на близок човек на Чифлигароски. Тој јавно изјавува пријателство во Заеви, но исто така, бил познаник и соработник и со Камчев.

ШТО ПОКАЖАА АУДИОБОМБИТЕ?

За потсетување, своевремено излегоа аудиобомби на кои можеше да се слушне како Камчев, во опуштена атмосфера во ресторан во Бугарија, говори за тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Заев. Во овие разговори можеше да се слушне дека му предлагал на Заев да не се разоткрива случајот „Рекет“ во јавноста, но, според зборовите на Камчев, Заев му одговорил да пријави со зборовите: „Друже мој, Македонија мора да стане европска држава, правна држава“.

Богат човек, премиер си, си направил услуги на светот, на запад. Седни изиграј малце, седни со Христијан договори се… Сѐ е договор, што има тепање, крвови да има. Он во оваа битка губи, он нема нуклеарка. Он има хеликоптери од Љубе Бошковски на времето оние и тие не стануваат… Ова вака од Софија ќе иде, таууу-браууу кај Геро. Геро ќе ги пука сите сега, Геро ќе биде – се слуша во една од снимките објавени во 2019 година.

Потоа, Камчев во изјава за „Фокус“ потврди дека негов е гласот што се слуша на аудиоснимките. Како што рече тој, станува збор за делови од поголем и подолг разговор, при што, според него, тенденциозно се сечени делови кои истиот целосно го вадат од контекст, а тоа придонесувало да се создаде погрешна перцепција.

Тоа е разговор кој се одвиваше оваа година кон крајот на август на вечера во Бугарија, а за време на тој разговор бевме присутни четворица од кои јас и уште двајца можеме да потврдиме дека тоа не е целосниот разговор воден тогаш и дека сечените делови оставија многу простор за погрешно толкување на она кое се зборува. Во истата насока, целосно изваден од контекст е и делот со „наводните закани“ – рече Камчев.

Еден од оние што седеле на масата бил и Чифлигароски, кој јавно го потврди тоа, објаснувајќи дека и тој бил сниман. Во секој случај, нив двајца ги врзува и една атрактивна парцела во Карпош каде што наскоро, по низа перипетии, треба да никне висококатница. Ова земјиште порано го стекнал Камчев заедно со Дејан Панделески од „Пелистерка“, додека како управител на фирмата се јавувал Чифлигароски.

 

МОЛК ОД „НОВОМАТРИКС“ И ЧИФЛИГАРОСКИ

За потребите на оваа сторија, се обративме до компанијата „Новоматрикс“, како и до бизнисменот Стојан Чифлигароски, но до затворањето на весникот не добивме одговори.

Меѓу другото, нѐ интересираше каква е поточно поврзаноста меѓу „Новоматрикс“ и „СВ-Инвест“, која ги добиваше овие тендери за технолошко чистење пред да падне во стечај, а воедно сопственикот на „Новоматрикс“ порано беше управител во „СВ-Инвест“?

Потоа, во рамки на стечајната постапка на „СВ-Инвест“, колку од побарувањата „Новоматрикс“ успеал да наплати, како и по кој основ биле пријавени овие побарувања, односно на кој начин дотогаш соработувале двете компании?

Воедно, прашавме кога точно и под кои услови „Новоматрикс“ преминал во сопственост на актуелниот сопственик и дали компанијата и Наумов денес имаат одредена поврзаност и соработка со компании од групациите на Заеви и Камчеви?

На крајот, побаравме информација на кои проекти работи „Новоматрикс“, со каква механизација и со каков недвижен имот располага друштвото?

Поврзани новости