Текстот е објавен на 14 септември, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројо 1406
Тоа што е уште поалармантно, а што е непознато за јавноста е што заклучно со декември, 2021 година, македонските болници, здравствени домови и клиники заедно должат речиси 97 милиони евра. Тоа значи дека вкупниот долг е цели 68 милиони евра, додека дополнителни 29,5 милиони евра се недоспеан и неплатен долг. Според нашите информации, на повеќето од болниците им се блокирани сметките за струја и вода од извршители.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.
Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.
Според сликата што можеше да се види на терен и според коментарите на лекарите, во директорските фотелји беа сместени партиски војници, кои наместо да имаат контрола над финансиското работење, тие во последните години имаа долгови од вртоглави 50 милиони евра.
Но, тоа што е уште поалармантно, а што е непознато за јавноста е што оваа сума е речиси удвоена, па така, заклучно со декември 2021 година, македонските болници, здравствени домови и клиники заедно должат речиси 97 милиони евра. Тоа значи дека вкупниот долг е цели 68 милиони евра, додека дополнителни 29,5 милиони евра се недоспеан и неплатен долг. Според нашите информации, на повеќето од болниците им се блокирани сметките за струја и вода од извршители.
По цела деценија владеење на ВМРО-ДПМНЕ, на новите парламентарни избори во 2016 година, „сдсмовците“ во целата кампања ветуваа мед и млеко. Во изборната програма „План за живот во Македонија“, со која излегоа на вонредните избори, имаа цел ферман, дека ако граѓаните им ја доверат власта, експресно ќе ги разрешат економските директори.
Според рокот наведен во програмата, работното место на менаџерите требаше да биде укинато најдоцна до 1 декември 2017 година. Оттогаш поминаа цели шест години, а тоа не се случи.
Која е заднината на ваквата одлука што одлева непотребни милиони евра од буџетската каса во период кога јавното здравство колабира?
КАКО ДУИ ГИ СМЕСТИ СВОИТЕ КАДРИ?
Нестручни, амбициозни, но алчни за моќ. Ваков е профилот на повеќето менаџери во јавното здравство, кои, иако се анонимни за јавноста, сепак имаа голем придонес за случувањата на клиниките и за лошото финансиско работење. Според нашите информации, платите на менаџерите на клиниките се движат од 1.000 до 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.
По ветувањето за нивна смена, прв министер што пресече и смени голем број организациски менаџери беше поранешниот прв човек во здравството од редовите на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Во првата чистка летнаа околу 30-тина директори, но тука заврши сѐ.
„Ние разрешивме околу 30-40 економски директори во првите 100 дена, потоа не бев министер и немам коментар. Се вратија на претходната шема, што повеќе функционери (директори) да имаат ДУИ и СДСМ“, истакна Таравари во изјава за „Фокус“.
Неговата министерска кариера заврши брзо, поточно по само три месеци, откако од партијата носат одлука да ја предводи локалната власт во Гостивар.
Истото ветување по него го даде и неговиот наследник Венко Филипче, но, наместо да ги разрешат остатокот менаџери на клиниките, тие почнаа да носат нови.
„Ние рековме дека ќе ги укинеме економските директори, но во некои установи се наметна потребата од втор директор поради специфичноста на работата и бројот на вработени. Разговараме со коалициониот партнер“, тврдеше во септември 2018 година, Филипче.
Со оглед на тоа што тогашната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ секогаш работеше пресметано, тие преку договори за работа, и тоа до 2020 година, ги закотви работните места на дел од вторите директори на клиниките, поточно не можеше да им биде прекинат работниот однос. За тоа да се случи, мораше да се промени Законот за здравствена заштита и оваа категорија целосно да биде укината.
СДСМ донесе таква одлука, но тука во сила стапија коалициските партнери од ДУИ, на кои никако не им одеше во прилог укинувањето на организациските директори, бидејќи на тој начин без работа ќе останат нивните кадри.
Во тој период, неофицијално се зборуваше дека законот „под мраз“ го држи Бујар Османи, кој од јули 2008 до јули 2011 година беше министер за здравство во владата на Никола Груевски, а тогашниот премиер Зоран Заев зафатен со Преспанскиот договор ова прашања го стави во втор план, со цел да не се нарушуваат односите со „интегративците“.
Факт е дека во време на ВМРО-ДПМНЕ, на овие столчиња седеа луѓе блиски до нивната партија, па така една од директорките беше Анита Поповска, која повеќе од осум години беше менаџер на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза. Таа е сестра на сопругата на екс на министерот за здравство Никола Тодоров, Александра, која, пак, работи на Институтот за патологија, каде што повеќе од една деценија директорка е вујната на поранешниот прв човек, Гордана Петрушевска.
Таа на директорското столче седна уште во времето на сегашните опозиционери, но не беше сменета кога на власт дојдоа и „сдсмовците“.
На листата економски менаџери, долги години можеше да се најде и името на Никола Ташев, кој долг период беше втор директор на скопската Инфективна клиника, а потоа една година управуваше со финансиите на Клиниката за токсикологија.
Според нашите информации, неговиот мандат беше истечен одамна, но тој сѐ уште не ја напушташе директорската фотелја, иако функционираше како незаконски овластен потписник на сите документи.
Неговото име протече во јавноста откако неколку лекари од клиниката се пожалија дека се под постојани притисоци и закани од него, а кога дошол на клиниката, им ја зел канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе. Дури, еден од лекарите, Нестор Поповски за „Фокус“ јавно обвини дека Ташев го избркал како партал од стручниот колегиум без никаква причина.
СКАНДАЛ ДО СКАНДАЛ
Со скандали почнуваше и со скандали завршуваше кариерата на економските директори на скопските клиники. Коалициските партнери си го истераа своето, па и во владата предводена од Заев експресно беа назначени нови втори директори, и тоа сите од редовите на ДУИ. Повеќето од нив „палеа и гасеа“ на клиниките, посебно во делот со „наместените“ тендери.
Прв на листата, кој во 2019 година седна на менаџерското столче на скопската Клиника за гинекологија беше Ваљон Беља, кој доаѓаше од редовите на „интегративците“, а клиниката доби економски директор за првпат по шест години.
За време на владеењето на поранешната директорка Марија Хаџи-Лега, клиниката воопшто немаше економски директор, па таа сама носеше одлуки и во однос на работата и во однос на финансиите, односно таа менаџираше со парите на клиниката.
Но, на изненадување на сите, Беља во тој период стана организациски директор на клиниката. Која е причината што во екот на разрешувањето на овие менаџери, некои клиники добиваа нови? Дали во заднина стои коалициското партнерство со СДСМ, па сега сите мора да добијат некаква функција? Тоа се прашања, кои никогаш не добија одговори.
Откако уште тогаш „Фокус“ ја објави информацијата дека Беља е нов менаџер на скопска Гинекологија, почна да се расплетува клопчето – кој е всушност човекот што ќе менаџира со парите на клиниката? Станува збор за човек кој пред осум години, поточно во 2010 година бил лидер на партијата Албански сојуз, која подоцна се споила со ДПА, партијата на Мендух Тачи, каде што Беља бил потпретседател. Откако се повлече од ДПА, тој беше претепан во Кондово од непознати напаѓачи и заврши на скопскиот Ургентен центар.
Подоцна тој премина во ДУИ, партијата со која управува Али Ахмети и беше вработен во Општина Чаир. Но, во 2016 година настануваат проблеми со тогашниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, па тој заедно со група од 20-тина лица остава куршум во салфета на масата на екс градоначалникот.
Како што веќе објави „Фокус“, Беља во тој период не дошол сам на клиниката, туку со себе донел уште четворица други, кои треба да му помогнат полесно да ја менаџира клиниката.
Нашите извори тврдеа дека единствениот што добил решение за редовно вработување е Беља, додека екипата што дошла со него сѐ уште не добиле решенија, иако цело време се негова придружба.
Веднаш по објавувањето на информациите, сега веќе екс директорот испрати демант до редакцијата и се закани со тужба. Нормално, никогаш не тужеше. По кратко време „пукна“ нов скандал поврзан со него.
Имено, во тој период, економскиот директор учествуваше во престрелка во скопската Општина Чаир, каде што беше пукано во него. И по неколку години, сѐ уште не се знаат точните причини. Откако се случи тоа, тој ја „нападна“ директорката на клиниката Викторија Јовановска за наместени тендери при што експресно беше и разрешен.
Тој е само еден од директорите чии мандати ги следеа низа скандали. Веднаш по него и по лошото искуство, СДСМ повторно да им удоволи на коалициските партнери и не се откажа од економските директори.
Сега како втор директор на клиниката е поставен извесен Ајрула Мустафа, исто од ДУИ, додека, пак, на Клиника за уво, грло и нос е Илир Саити. Од друга страна, економски директор на скопската Клиника за гастроенхепатологија е Мугамет Алиу од БЕСА.
Тоа што најмногу изненадува во целата приказна е тоа што актуелната власт додека беше во опозиција беше прва, која постојано трубеше дека економските директори на клиниките се најголемата штета што ѝ била нанесена на јавното здравство.
Тоа не изненадува, со оглед на тоа што долговите скокнаа од 50 на рекордни речиси 100 милиони евра, а тие се баш за тоа поставени – да го контролираат трошењето на парите. Сепак, за мир во куќа, долговите и не се битни!
Рамка1:
ИМА 26 ЕКОНОМСКИ И 5 ВД ДИРЕКТОРИ
До овој момент нема промени во однос на укинување на директорите, а работата на сите ЈЗУ одблизу се следи вклучувајќи ја и работата на економските директори, истакнаа за „Фокус“ од Министерството за здравство.
Инаку, вкупно има назначени 26 економски директори и 5 ВД директори. Ја следиме работата на сите јавно-здравствени установи и соодветните служби ги следат сите аспекти како од функционирањето на установите од стручен аспект, така и од финансиски аспект.
Секоја установа има определен буџет, кој претходно е усогласен меѓу менаџментот на здравствената установа и во соработка со ФЗОМ.
За потсетување, за овој двегодишен период произлегоа трошоци кои не можеле претходно да се предвидат, имајќи ја предвид состојбата со пандемијата и сите аспекти поврзани со неа“, се наведува во одговорот од ресорното Министерство.
Рамка2:
И ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СО ДВАЈЦА ДИРЕКТОРИ
И здравствената институција што располага со парите на граѓаните, Фондот за здравство има двајца директори, кои преку врзани потписи ги носат сите одлуки. Како прв директор е Магдалена Филиповска Грашковска, која фигурира како ВД генерален директор, додека, пак, вториот директор е Фатон Ахмети, кој доаѓа од редовите на ДУИ.