(АРХИВА) Можеш да купиш сѐ, но најтешко можеш да купиш медицински кадар!

Доктор Илир Демири речиси еден месец раководи со Министерството за здравство. Откако настана политичко разидување во Алијанса за Албанците, тој седна на министерското столче, наследувајќи го разрешениот сопартиец Фатмир Меџити. Демири, за време на ковид-пандемијата беше координатор на ковид-центарот на скопската Инфективна клиника, а пред да стане министер, 8 месеци управуваше со тетовската клиничка болница. Во интервју за „Фокус“, Демири објаснува дека болниците се соочуваат со голем недостиг од лекарски и медицински кадар, дека на клиниките работат директори што воопшто не заслужуваат да бидат менаџери, дека како главен критериум за набавка на лековите треба да биде квалитетот, а не најниската цена...

by Fokus

Интервјуто е објавено во неделникот „Фокус“ во бројот 1484

Разговараше: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Пред неколку години бевте координатор на ковид-центарот на скопската Инфективна клиника за време на тригодишната пандемија. Поминаа две години. Како ви изгледаат работите од сегашна перспектива?

ДЕМИРИ: Реално, не би сакал да се навраќам на тоа. Единствено што можам да кажам сега од оваа позиција е што сѐ можело поинаку да се направи, како и тоа кои биле најголемите недостатоци.

Факт е дека ковидот нѐ фати многу неорганизирани. Инфективната клиника има капацитет од 100 болни, а потребите на државно ниво беа многу повисоки. Па, дури и стапката на смртност зависеше од многу фактори.

ФОКУС: Од кои?

ДЕМИРИ: Прво, од институцијата што го спроведуваше лекарскиот третман, потоа посветеноста на лекарите што беа ангажирани во лекувањето, од самите услови што ги имавме, како и од времето кога е дојден пациентот на лекување.

Затоа, ние како лекари секогаш сме инсистирале навреме да се направи таа тријажа. Мислам дека доста и направивме. Дали имало можност да се направи подобро, секако дека да. Што би било тоа?

Ние имаме повеќе центри низ државата, кои треба да нудат здравствена грижа за пациентите при вакви слични пандемии.

ФОКУС: Дали им се овозможени основните услови за работа?

ДЕМИРИ: Што е основно? Прво, секоја здравствена институција треба да има централен довод на кислород. Во тој период, тоа беше многу потребно. Секогаш треба да има обучен кадар. Тоа е, исто така, многу важно. Како и тоа, да не постои можност за време на такви кризни состојби, лекарите и медицинскиот персонал да бегаат од работните обврски.

ФОКУС: Во тој период, многумина го напуштија јавното здравство и заминаа во приватните болници. Која беше причината за ваквата одлука?

ДЕМИРИ: Најверојатно си заминале за повисока плата. Секогаш, интересот е во прашање. Миграцијата на лекарите е само од интерес.

ФОКУС: Пред да седнете на министерското столче, одреден период управувавте со тетовската клиничка болница, каде што пред неколку години во модуларната болница живи изгореа 14 луѓе. Со што се соочивте таму?

ДЕМИРИ: Ќе зборуваме за Тетово, ама генерално истото важи за сите градови. Селективно решение во една институција, не значи дека го имате решено проблемот во здравството.

За време на ковид-пандемијата, Инфективна клиника почна со 100 легла, а на државно ниво имаше илјадници луѓе што имаат потреба од здравствена услуга. Тоа мора да се среди. Секое населено место што има јавна здравствена институција треба да биде подготвено со сите услови за да ја пружи неопходната здравствена грижа на пациентите.

МЕДИЦИНСКИ КАДАР Е НАЈТЕШКО ДА КУПИШ

ФОКУС: Што се случуваше во Тетово?

ДЕМИРИ: Тоа е голем град со 60-70 илјади жители со болнички капацитети, кои не беа рационално и адекватно искористени. Прво недостасуваше кислород, банални работи беа во прашање, а го отежнуваа функционирањето на болницата.

Не работеше лифтот, не работеше компримираниот воздух, во едната зграда беше расипана стерилизацијата. Значи, во секоја болница треба да се решаваат приоритетните задачи.

ФОКУС: Може банални работи се во прашање, ама доста неопходни, како за лекарите, така и за пациентите.

ДЕМИРИ: Успеавме да ги поправиме нефункционалните лифтови, односно во секоја зграда да има барем по два што работат. Реално, потребите се многу поголеми. Има дури 12 лифта, но во исчекување сме да помине тендерот во Министерството за здравство за да можеме да ги средиме тие лифтови.

Во меѓувреме, го решивме проблемот со кислородот, па да се надеваме дека по истиот принцип ќе успееме да го решиме и во другите регионални центри, како Битола, Штип и Куманово.

Кога би можел, во сите овие болници би направил регионализација, за да можат пациентите таму да ги добиваат сите здравствени услуги, освен кардиохируршките и неврохируршките интервенции, кои би ги оставил во Скопје.

ФОКУС: Овие болници, иако се регионални и треба да опслужуваат по 200 до 300 илјади пациенти од регионот, сепак имаат многу лоши услови за работа и недостиг од кадар. Како го коментирате тоа?

ДЕМИРИ: Факт е дека има голем недостиг од кадар. Ние поминавме еден период во кој многу години немаше нови специјализации. Јас тоа често го кажувам, „Сѐ можеш да купиш, само медицински кадар е најтешко да купиш“.

Две работи се многу тешко остварливи. Едното е да го смениш менталитетот на општата популација, да знаат да ја ценат институцијата болница и вработените, а второто е да се создаде добар и стручен медицински кадар.

ФОКУС: Колку лекари се потребни за една болница да функционира нормално?

ДЕМИРИ: Само за во Клиничката болница во Тетово се потребни дури 54 специјализации за да се реши проблемот во следните десет години. Во моментов прибираме информации колку се потребни во клиничките болници во Штип, Битола и во Куманово.

Мора да се направи проекција – колку нам реално ни требаат специјализанти? Тоа е бројка во која сега моментално треба да инвестираме, а да очекуваме бенефит во следните шест години.

Според мене, фокусот треба да биде во анестезиологија, интензивно лекување, радиологија…

ФОКУС: Како може на Клиниката за инфективни болести повеќе од десет години да нема вработено анестезиолози, кои се клучни во лекувањето?

ДЕМИРИ: Тоа е одамна решен проблем, со тоа што ние специјализиравме интензивно лекување и сега тоа што го прават анестезиолозите го прават и интензивистите. Овие две гранки се многу тесно поврзани.

Сметам дека регионализацијата ќе бара повеќе анестезиолози и интензивисти, а хирурзите ќе можат да се движат почесто по регионалните болници за да се намали притисокот за лекување на сите што доаѓаат на скопските клиники.

НЕКОИ НЕ ЗАСЛУЖУВААТ ДА БИДАТ ДИРЕКТОРИ

ФОКУС: Повеќе од 15 години, во сите изборни програми, главна реформа за собирање гласови е изградбата на Клинички центар, а досега нема ниту шајка удрено. Каде е главната кочница?

ДЕМИРИ: Кочницата е во избирањето соодветен партнер. Имало неколку обиди, направени се неколку договори и не е финализирано. Многу важно е тоа што го имаме да е функционално и во континуитет да се одржува. Најпрво, мора да се направи проценка која е најсоодветната локација.

ФОКУС: Па, нели последна локација е во Ѓорче Петров. Ќе остане на истата локација или пак ќе се избира нова?

ДЕМИРИ: Сите светски клиники се во близина на автопатишта. Дали ќе биде во градот или надвор од градот, мора да е врзано со автопат. Многу подобро и подостапно за сите е да биде надвор од градот. Според предиспозициите, тоа треба да биде на локација поврзана со автопат.

ФОКУС: Да се почне со еден ваков проект, колку време е потребно да се финализира?

ДЕМИРИ: Јас сѐ уште се немам впуштено во таква инвестиција, иако очекувам едни инвеститори што работат за германска влада и прибираат финансиски поткрепени проекти од Европска Унија. Тие би биле многу корисни, ако оди по тој принцип. Проектот да биде повеќето финансиран од ЕУ, изведувач да биде германската влада, а ние да бидеме краен корисник. Ако е сериозна компанијата, за две до три години се завршуваат.

ФОКУС: Веќе еден месец како сте министер за здравство. Дали ги посетивте болниците, за да проверите како функционираат?

ДЕМИРИ: Досега ги имам посетено скопската Клиника за гинекологија, Торакална хирургија, Детска хирургија. Каде и да отидам, имам впечаток како сѐ да стои во место. Ништо не е сменето. Сѐ тапка.

ФОКУС: За разлика од вас, вашиот претходник Фатмир Меџити цело време се фалеше што сѐ направил, како направил, колку сѐ идеално функционира, односно дека тој направил бум во здравството…

ДЕМИРИ: Човек не треба да зборува, да се фали, зборовите се забораваат, делата остануваат. Ние треба да направиме нешто сериозно, да биде квалитетно и функционално, па другите да те фалат.

Многу сум внимателен со носењето одлуки, а сега уште повеќе е комплицирано бидејќи сме во техничка влада. Јас повеќе би се потрудил ова сега што го имаме, да го направиме подостапно и пофункционално за пациентите, отколку во моментот да се залетам за толку голем проект како Клинички центар.

ФОКУС: Во последните неколку години, некои директори беа сменети поради политички пазар, некои сѐ уште седат на директорските столчиња. Дали вие од тоа што успеавте да скенирате, планирате разрешувања на некои од нив?

ДЕМИРИ: Искрено, некои од нив не заслужуваат воопшто да бидат директори. Реално, не си ја вршат работата како што треба. Во предизборие немам намера да се занимавам со разрешување директори. Не сакам некој да мисли дека сум станал министер и сега од позиција на моќ да разрешам некој.

Но, дефинитивно стојам позади тоа, дека дел од нив не заслужуваат да менаџираат со болниците. Засега ќе се потрудам со сите да имаме добра комуникација и да ги дисциплинираме само со опомени, отколку да ги разрешам.

ФОКУС: Кои се тие?

ДЕМИРИ: Со двајца директори веќе разговарав и кажав дека не сум воопшто задоволен од нивната работа. Не би сакал да ги споделам јавно нивните имиња, за да не биде сфатено тенденциозно. Ќе се потрудам со секој од нив да воспоставам човечки однос, без разлика на тоа дали имаме иста политичка ориентација или не.

ПРОМАШЕНА ИНВЕСТИЦИЈА

ФОКУС: Што правиме со економските директори, кои реално повеќе му прават штета на јавното здравство, отколку што му помагаат?

ДЕМИРИ: Економските директори се една промашена инвестиција во здравството и навистина треба да се тргнат. Јас кога би имал можност, веднаш би ги разрешил. Тоа е само една голема кочница во здравствениот систем.

ФОКУС: Целта е да се сместат партиските војници или?

ДЕМИРИ: На овој начин само јавните здравствени установи имаат штета. Ништо корист. Мене успехот ме фасцинира, а не политичката припадност.

ФОКУС: Речиси 14 години поминаа од најголемата набавка на медицинска опрема, а околу 200 апарати сѐ уште не се инсталирани и скапуваат по магацините. Повеќето од министрите ветија дека ќе се направи ревизија, но сѐ остана само празно ветување. Зошто?

ДЕМИРИ: Пак ќе кажам, нема добра организација. Не можеме да се залетаме да купиме акцелератор (апарат за зрачна терапија) во сите регионални центри во државата, бидејќи ние сме помалку од два милиони, а не сме две милијарди луѓе. Тоа што е важно кога ќе треба да се набави некаква апаратура, прво да се види дали за тоа има соодветен кадар, кој ќе работи со тој апарат, потоа каде ќе се смести тој апарат. А, кај нас сѐ е наопаку.

ФОКУС: Досега во штипската Клиничка болница, десет пати најавија изградба на бункер, еден куп тендери се објавија, се потрошија милиони евра, а апаратот 14 години го нема.

ДЕМИРИ: Сѐ обратно е направено. Прво е набавен апарат, па дури тогаш е пуштен персонал на обука, па на крај почнува да се гради бункер, кој уште не е изграден. И, нормално апаратот го нема.

ФОКУС: Но, зошто го прават тоа?

ДЕМИРИ: Тоа е неодговорно однесување. Тие што го правеле тоа, треба да се повикаат и да се прашаат.

ФОКУС: Ги прашуваме, но не ни одговараат.

ДЕМИРИ: Да ви кажам еден пример. Сега јас се наоѓам во позиција, има порачано магнетна резонанца за Клиниката за неврологија, а нема обучен кадар што ќе ги чита резултатите. Тука веднаш доаѓаме до проблем и тоа голем проблем.

Од една страна, ако не се постави апаратот, им ја скратуваш можноста на пациентите да се лекуваат, а од друга страна пак нема кој да ги чита резултатите. Како и да постапиш, секако ќе згрешиш и ќе бидеш обвинет. Ако не дозволам да се постави, ќе кажат дека сум против унапредување и развој на здравството и набавка на нова апаратура. А, што правиме со тоа што имаме огромен недостиг од радиолози?

ФОКУС: Како ќе се реши тој недостиг од кадар по клиниките?

ДЕМИРИ: Тоа не е само проблем на Радиологија, туку и на Онкологија и на повеќето клиники. Ние дозволивме многу лесно некои луѓе да се стекнат со име, образование, со специјализација во државните клиники и на крај да се свртат да си заминат во приватните болници. Таа миграција на кадар не смее така лесно да се дозволи.

ФОКУС: Како ќе се спречи?

ДЕМИРИ: Има специјалности кои младите лекари ги сакаат повеќе, како неврохирургија, гинекологија, кардиологија… Но, има нешто што е базично и основно и без тие специјалности нема медицина, како клиничка биохемија, радиологија, патологија. Како без тие институти ќе се дојде до дијагноза? Што ќе работат тие лекари, ако воопшто нема кој да ги изработи тие резултати?

ФОКУС: И покрај скандалот „Онкологија“, кој го отвори „Фокус“, сепак на клиниката, колку и да се трудат, владее тотален хаос и не може да се воспостави никаков ред?

ДЕМИРИ: Таму треба многу работи да се променат.

ФОКУС: Што со клиниките каде што се прима скапата биолошка терапија?

ДЕМИРИ: Тука веќе станува збор за принцип на совесност, како и принцип на транспарентност и контрола. Сѐ зависи од совеста на тие што работат таму. Не зависи ни од менаџерите. Некој ако е склон да направи нешто, да украде терапија на пациент, сѐ е тоа на неговата совест. Крајно време е да има одговорност за тој што го прекршува законот.

СЕЛА Е ЛИДЕР, ПЕЧАТИТЕ СЕ КАЈ ТАРАВАРИ

ФОКУС: Со вашиот бивш сопартиец Меџити немавте примопредавање на функцијата.

ДЕМИРИ: Не, не, воопшто.

ФОКУС: Дали тоа е затоа што сте различни крила во Алијанса за Албанците?

ДЕМИРИ: Ние сме пријатели од една страна, а имаме длабоко политичко разидување.

ФОКУС: Која е причината што не најдовте заеднички јазик?

ДЕМИРИ: Во 2017 година влеговме во владата, бевме стабилизатори и движевме кон Европска Унија. Потоа, поради локални интереси се повлековме, па коалициравме со опозицијата. И цело време, де со едните, па со другите и ние не можеме крајот да го фатиме.

ФОКУС: Цело време како партија така функционирате. Еднаш коалицирате со власта, па повторно со опозицијата. Кој го прави тоа?

ДЕМИРИ: Пред 11 месеци влеговме во владата и бевме промотор на движење кон НАТО пакт и ЕУ. Сите имаме по некој што е иселен надвор и честопати викам, зошто еден по еден да се иселуваат во ЕУ, кога можеме како целина. Јас ѝ служам на оваа идеологија зашто перспективата на Македонија ја гледам во Европската Унија.

ФОКУС: Кој е лидер на партијата сега?

ДЕМИРИ: Лидер е Зијадин Села.

ФОКУС: А, кај се печатите?

ДЕМИРИ: Кај Таравари, тој избега со нив.

ФОКУС: Вие останувате на ставот да настапите сами на изборите?

ДЕМИРИ: Да. Тоа што го направи Таравари е невкусно и неполитички. Тој најверојатно калкулира нешто за локалните избори. Очигледно тоа му е важно. Инаку, му беше понудено да биде и кандидат за претседател, ама не прифати.

ФОКУС: Проблемите на партијата се од сега или ова политичко разидување постои одамна?

ДЕМИРИ: Ние немавме никакви проблеми. Ние само имавме лидер, кој истовремено комуницираше со сите политички партии. Требаше да ни даде отчет за тоа со кого, што и како договорил. Тој отчет не го даде никогаш. Излезе на Фејсбук и кажа дека одам таму и таму и тоа беше сѐ.

ФОКУС: Каков исход очекувате на изборите?

ДЕМИРИ: Не очекувам некои промени.

ФОКУС: Според вас, нема да победи ВМРО-ДПМНЕ?

ДЕМИРИ: Мислам дека не. И да добие, може да има повеќе пратеници, но за влада не верувам.

ФОКУС: Има уште два месеца до изборите. Што може да направите за овој краток период како министер за здравство?

ДЕМИРИ: Треба да се донесат некои крупни одлуки. Тоа што е набавено, треба рационално да се смести, што ќе биде многу важно за добро лекување.

ФОКУС: Како мислите да го решите проблемот со фармацевтските компании што се фаворизираат на клиниките. Постои ли воопшто таква можност?

ДЕМИРИ: Мора да има еден одговорен и нормално одговорност. А, тоа што е уште многу побитно, е тоа што во Македонија редно време е лекови да се набавуваат по квалитет, а не по најниска цена, поточно да му се даде приоритет на квалитетното, а не поевтиното.

Еве, на пример, набавуваме лифтови за медицинска институција и гледаме да е поевтино, набавуваме коли, кои се подвижни амбуланти и тоа гледаме да е поевтино. Не може тоа така, квалитетот мора да биде на прво место, ако сакаме да почнеме да функционираме нормално. Посебно, во делот со лековите.

РАМКА 1:

НЕ БЕВМЕ ДОБРО ОРГАНИЗИРАНИ

ФОКУС: Пред три години, во тетовската модуларна болница се случи една од најстрашните трагедии во Македонија, 14 пациенти живи изгореа. Дали знаете што точно се случи?

ДЕМИРИ: Јас можам да зборувам како лекар. Кога се случи страшната ковид-пандемија, имаше потреба од места и сигурно таа е причината зошто имало потреба од модуларни болници. Како се изградени, сериозно не знам, но, секако, пред да се донесе таква одлука, мора да има сериозно мислење од стручњаци, кои се експерти во таа област.

Дали ние имавме капацитет да се грижиме за нашите болни во реални болници, а не во монтажни, имавме, доколку имаше добра организација. Како пример имаше огромен објект во Гостивар, а немаш централен довод за кислород. Како е изградено и што е изградено, тоа треба да го кажат професионалци.

РАМКА 2

НЕ МОЖЕ СЕКОЈ МИНИСТЕР ДА СИ НОСИ ЦЕЛ КАБИНЕТ ОДНАДВОР

ФОКУС: Со што се соочивте кога седнавте на министерската фотелја?

ДЕМИРИ: Тоа што мене не ми се допаѓа, е тоа што секој што ќе дојде на функција, доаѓа со цел кабинет однадвор. И јас ќе се потрудам тоа да го променам. Кабинетот треба да биде со луѓе што се вработени во Министерството и што имаат долгогодишно искуство. Затоа што министерот е политичка фигура и ќе си оди, но проектите остануваат и треба да бидат во рацете на луѓе што се веќе запознаени.

Со последниот министер немавме примопредавање. Сигурно некој кога ќе дојде по мене од друга политичка партија, не значи дека јас не треба да го пречекам и да му ја предадам функцијата.

 

Поврзани новости