(АРХИВА) Мицкоски е фаворит за изборна победа, но Ковачевски се надева дека ќе формира влада, а Пендаровски дека ќе ја порази Силјановска „еден на еден“!

by Фокус

Текстот е објавен на 7 март 2024 година во неделникот Фокус со број 1.483.

Поддршката од граѓаните или гласачите, коалицискиот потенцијал или капацитет и меѓународната поддршка важат за клучни фактори кои влијаат врз изборниот процес и ги определуваат политичките разврски. Во пресрет на двојните избори, „Фокус“ анализира кој од овие параметри повеќе и одат во прилог на власта, а кои на опозицијата. Она што е факт, ниту еден кандидат, партија или коалиција не може да смета дека ќе постигне легитимен политички успех и дека ќе владее стабилно само врз основа еден или два фактори, притоа занемарувајќи го третиот.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Веќе се разбиструва сликата околу тоа како ќе изгледа политичкиот натпревар во мај, кога треба да се одржат двојни избори. Впрочем, прво треба да се одржи првиот круг од претседателски избори, додека првопласираните двајца кандидати ќе се судрат 2 недели подоцна, кога во пакет ќе се одржат и парламентарни избори. Поради спојувањето на изборите, на минимум се сведува опасноста од пропаст на изборот на нов претседател поради непостигнување на цензусот од 40 проценти.

Во изминатиот период, десетина кандидати изразија претензии да се вклучат во трката за избор на шеф на државата. Без исклучок, сите одбраа да се борат за номинација преку собирање на 10.000 граѓански потписи, иако постои правна можност за кандидатура и преку 30 пратеници, што им стоеше на располагање барем на големите коалиции на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, и тие решија да собираат потписи, со цел да демонстрираат поширок фронт на поддршка.

На крајот, најголемите коалициски блока одлучија да истрчаат со актуелниот претседател Стево Пендаровски и универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, што претставува реприза на дуелот од претходниот изборен циклус пред 5 години. Покрај нив, во трката се вклучија Билјана Ванковска со поддршка од Левица, лидерите на ЗНАМ и ГРОМ, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски, додека во албанскиот блок ќе се судрат Бујар Османи од ДУИ и Арбен Таравари, зад кого стои албанската опозиција.

Според досегашните јавни настапи, секој од нив очекува пласман во вториот круг, па дури и победа. Како и да, резултатите во првиот круг од претседателските избори ќе имаат силен психолошки ефект за парламентарните избори, од причина што многумина се определуваат за победникот. Секој кандидат и секоја партија влегува со свои очекувања и калкулации на двојните избори, кои варираат согласно различни параметри на кои се потпираат и повикуваат.

КЛУЧНИ ФАКТОРИ

Подолг период наназад, Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ самоуверено истакнуваат дека се сигурни победници на претстојните избори, на кои очекуваат да освојат десетина пратеници повеќе од СДСМ, а Силјановска да освои 100 илјади гласа повеќе од Пендаровски. Рака на срце, ваквите најави ги темелат на анкетите, кои без исклучок им даваат предност, со тоа што висината на предноста е различна во различни сондажи.

Додека тие градат наратив дека се сигурни победници, од владејачкиот табор на СДСМ возвраќаат дека крајно нереални се нивните очекувања дека ќе освојат 61 пратеник. Патем, од таму ретко може да се слушне дека ќе победат на изборите, но често може да се слушне дека ќе бидат столб на следната влада, од причина што нивните политики имале поголем коалициски потенцијал. Воедно, тие очекуваат Пендаровски да победи во вториот изборен круг.

Со други зборови, СДСМ не сметаат дека можат да го победат ВМРО-ДПМНЕ „еден на еден“, меѓутоа се надеваат на поволни политички констелации, кои ќе им овозможат први да дојдат до парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да состават влада. Исто така, ниту тие ниту самиот Пендаровски не говори дека ќе тој ќе заврши како прв во првиот изборен круг, но говорат за победа во вториот круг, кога ќе останат во трка само со Силјановска.

Оттука, ќе ги анализираме клучните фактори од кои ќе зависи идната изборна разврска и кои треба да определат кој е поблиску до математичка, а кој до политичка победа. Главно, станува збор за 3 фактори – поддршка од граѓаните, т.е. гласачите, коалициски капацитет или потенцијал и поддршка или релации со меѓународната заедница. Од сите нив, првиот е најважен, додека другите два меѓусебно коегзистираат.

ГРАЃАНСКА ПОДДРШКА

После 7-8 годишно владеење на СДСМ, ДУИ и другите партнери, сосема очекувано е да опаѓа поддршката за владејачката гарнитура. Тоа особено важи за СДСМ, која направи многу непопуларни потези, како што е случај со Преспанскиот договор и т.н. „француски предлог“, а истовремено се создаде перцепција дека е сервилна во однос на ДУИ. Згора на тоа, не испорача резултати во полето на борба против криминалот и корупцијата, со што би ја компезирала штетата поради претходно споменатите отстапки.

Од друга страна, може да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ некако го премолча Преспанскиот договор. За потсетување, вмровските првенци до последен ден на референдумот не се изјаснуваа против договорот, а токму вмровски пратеници ги овозможија уставните промени во Собранието. Наспроти тоа, опозициската партија многу цврсто и ригидно се постави против „францускиот предлог“, па дури остана до крај доследна против обврската за нови уставни измени, со цел внесување на Бугарите во Преамбулата.

На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ ја зацврсти својата позиција во десниот спектар и го спречи одливот на, условно кажано, трвдокорни десничари, кои дотогаш, поради односот топло-ладно на Мицкоски, во значаен дел преминуваа во Левица, каде ги привлекуваше допадливата популистичка реторика на Димитар Апасиев. Фактички, радикализацијата на ВМРО-ДПМНЕ го консолидираше ВМРО-ДПМНЕ и паралелно го сопре подемот на Левица, од каде во една прилика признаа дека веќе немаат што повеќе да бараат на десно, па отсега ќе ловат поддршка исклучиво на лево.

Сублимирано, многуте концесии на владата предводена од СДСМ, односно прво од Зоран Заев а потоа од Димитар Ковачевски, од една страна, и заострената реторика на ВМРО и Мицкоски од друга страна, го турна СДСМ во слободен пад и го издвои ВМРО на површина како партија со највисок рејтинг. Имајќи во предвид дека после долгогодишно владеење постои и заситеност од актуелната власт и желба за промени, тогаш се очекува оваа разлика во рејтинзите дополнително да расте како наближуваат изборите.

КОАЛИЦИСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ

Арно ама, тука доаѓаме до вториот фактор, односно до коалицискиот потенцијал, кој е неопходен за да се формира влада и да се практикува власт. Има многу примери во светот каде одредени партии постојано победувале или победуваат на избори, но никако не можат да формираат влада, бидејќи се изолирани на политичката сцена. Во такви ситуации, секогаш се поставува прашањето дали е политички легитимно победничката структура да се истурка во опозиција по пат на политички договор?

Кај нас, долго време функционираше принципот „победник со победник“, кој предвидуваше владејачката коалиција да ја формираат победничките партии во македонскиот и албанскиот блок. Тоа важеше се до пресвртните избори во 2016 година, кога всушност поразената партија/коалиција на СДСМ успеа да формира влада со ДУИ, со што ВМРО-ДПМНЕ остана во опозиција без оглед што освои 2 пратеници повеќе. После овој преседен, можни се буквално секакви постизборни комбинаторики.

Сега, многумина аналитичари застапуваат теза дека СДСМ се уште има поголем коалициски потенцијал, од причина што, според нив, ВМРО-ДПМНЕ го оспорува Преспанскиот договор и се противи на „францускиот предлог“, т.е. на преговарачката рамка, од што зависи напредокот во интеграцискиот процес. Со други зборови, албанскиот фактор би требало да биде понаклонет кон СДСМ, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ има дилеми околу цената која ја плаќаме и треба да ја платиме за да напредуваме кон ЕУ.

Во тој контекст, СДСМ работеше на формирање на еден предизборен македонско-албански блок со ДУИ и АА, со што би се анулирала предноста што самостојно ја има ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, се заговараше и друга опција – СДСМ постизборно да формира влада со безмалку сите албански партии и така да се изолира ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена, независно колку пратеници би освоила на изборите. Сепак, на крај се изјаловија ваквите планови. Зошто?

АЛБАНСКИ ФАКТОР

Просто, одлуката на албанската опозиција да исфрли претседателски кандидат предизвика верижна реакција која ги растури плановите на СДСМ и на ДУИ за формирање на најавениот широк европски блок. Не само што албанската опозиција го урна, туку и го ослабе овој блок, со тоа што на своја страна го привлече Таравари и предизвика раскол во АА. Штом албанската опозиција има претседателски кандидат, јасно беше дека истото ќе го стори и ДУИ, а тоа значеше и отфрлување на опцијата за заеднички пратенички листи меѓу ДУИ и СДСМ.

Откако дефинитивно пропадна обидот на власта преку групирање на силите да се бајпасира ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија веќе не е воопшто во незавидна положба од аспект на коалицискиот капацитет, дотолку повеќе што албанската опозиција отворено најавува можна постизборна соработка со Мицкоски, па дури може да се слушне од албанските опозициски лидери како треба да се направи обид за одредени измени во насока на подобрување на преговарачката рамка.

Така, преку ноќ се смени атмосферата дека ВМРО-ДПМНЕ нема албански партнер. Веќе на јавна сцена се забележува како македонската и албанската опозиција прават терен за соработка, што би било уште пореално да се очекува ако албанската опозиција освои пратеник повеќе од ДУИ. Паралелно со тоа, може да се види како полека но сигурно ДУИ се отклонува од СДСМ, со цел да ги остави отворени сите опции после изборите, вклучително и соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај тоа што може да сметаат на албански партнер, ВМРО-ДПМНЕ постизборно работи и на евентуална коалиција со ЗНАМ на Димитриевски, кој треба на свое конто да ги собере разорачаните гласачи на СДСМ. Во меѓувреме, Мицкоски ги напаѓа Јакимовски и Апасиев дека одработуваат за власта и дека се „опозиција на опозицијата“, но нема ниту една критика за Димитриевски, кој патем соработува со ВМРО на локално ниво во Куманово.

МЕЃУНАРОДНА ЗАЕДНИЦА

На тој начин, СДСМ можеби се уште има поголем коалициски потенцијал, но и ВМРО-ДПМНЕ има се повеќе мостови за градење на сојузништва, а една од причините зошто многумина подаваат рака кон Мицкоски е фактот што партијата влегува како фаворит во изборната трка. Она што останува најголем минус за опозициската партија е односот со меѓународната заедница, од каде стигнуваат многу остри критики кон ВМРО, поради противењето кон уставните измени.

Нема дилеми дека СДСМ ужива голема поддршка од меѓународната заедница. Во таа насока, одамна не сме биле сведоци на вака отворена поддршка од ЕУ и САД кон владата на Ковачевски, но и на вака директни напади кон Мицкоски, при што за издвојување е онаа изјава на Џејмс О Брајан, кој рече дека не би купил ниту кола од оној кој нешто критикува, а не нуди решение како да го реши проблемот. Иако има разни интерпретации, тој мислеше на Мицкоски, кој исто така не пропушта да испорача зајадлив коментар, па дури и да се пожали дека бил мета на закани.

Бездруго, Македонија е мала држава со специфична внатрешна конфигурација и комплексно опкружување, што и оневозможува да делува и да се однесува изолирано и надвор од зоната на интереси на поголемите сили. Од тој аспект, исклучително битно е дали овој силен надворешен фактор ќе поддржува една или друга страна. Арно ама, се наметнува дилемата дали ваков тип на поддршка е доволен за политички успех, посебно ако таа поддршка можеби влијае на поголем коалициски потенцијал, но воедно се движи обратнопропорционално со главниот фактор – поддршка од граѓаните/гласачите?

Своевремено, и Владо Бучковски како лидер на СДСМ и премиер имаше голема поддршка од Западот, поради тоа што таа влада истурка многу болни обврски од тазе донесениот Рамковен договор. Дури, Бучковски беше гостин и во Белата Куќа, а добивме и признавање од САД под уставното име. Сепак, на изборите Бучковски претрпе тежок пораз, па на власт за првпат дојде Никола Груевски, кому одеднаш му беше заборавено тоа што како опозициски лидер беше дел од референдумската кампања против територијалната реорганизација.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ

Кога сето тоа ќе се земе во предвид, за политички успех не е доволен само еден од трите клучни фактори. Односно, само со изборен резулат, а без сојузништва, тешко може да се формира влада. Но, една влада скрпена од повеќе партнери уште потешко може да владее стабилно и предвидливо на среден рок, доколку изборниот легитимитет е на друга страна, независно каква поддршка притоа добиваат однадвор.

Треба да се има на ум дека тоа повеќе важи за парламентарни избори, бидејќи сосема поинаку е за претседателски избори. Едноставно, при изборот на претседател не се расчленува дали победникот освоил повеќе или помалку гласови од одредена политичка партија или етничка заедница, туку сите гласови се акумулираат на едно купче. Единствено може да се проблематизира доколку се случи голем пресврт во вториот круг како резултат на политичко договорање, меѓутоа во минатото сме било сведоци и на такви искуства.

По завршување на вториот мандат на првиот претседател Киро Глигоров, нов претседател стана Борис Трајковски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Како што е познато, тој го победи Тито Петковски од СДСМ во вториот круг, иако во првиот круг имаше огромно заостанување. Сепак, оваа предност на Петковски беше надоместена од страна на албанските гласачи, со поддршка на меѓународната заедница. Долгорочно, тоа беше почетокот на крајот на тоа ВМРО на Љубчо Георгиевски, но овој пример јасно укажува како преку вкрстување на 2 фактори може да се пренебрегне третиот во даден момент.

Никогаш не може да се прават груби споредби, но Пендаровски се надева дека ќе победи во вториот изборен круг, што подразбира да добие поддршка од албанските и другите „помали“ етнички заедници. Несомнено, тој е поприфатлив кандидат за Албанците од Силјановска, но треба да се потсетиме дека во слична позиција беше и Петре Шилегов во трката за градоначалник на Скопје. И покрај тоа што имаше огромна предност во албанските средини како Чаир и Сарај поради коалицијата со ДУИ, сепак, на крај катастрофално загуби поради лошиот резултат во другите средини.

Поврзани новости