Текстот е објавен на 27 октомври, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1151
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Ако граѓаните порано претпочитаа нивните градоначалници да ја шират општината со нови градби, бидејќи така добиваа чувство дека нивното место се развива, со текот на времето нивните очекувања од локалната власт се променија. Се повеќе јакнеше свеста дека претераното градење, особено ако е непланско и хаотично, претставува узурпација на јавниот простор кој всушност им припаѓа на сите, независно дали тој претставува зеленило, паркиралише и сл.
Во пресрет на овие локални избори, според речиси сите анкети, урбанизмот беше во врвот на приоритите на граѓаните. Ова прашање всушност е во корелација со темата за екологијата, која долги години беше запоставувана, но во последните години се повеќе се актуелизираше. Едноставно, се разви јавна свест за значењето на здравата и чистата животна средина и нејзиното влијание врз човекото здравје, што, пак, е непосредно поврзано со урбанистичкото планирање.
Затоа, на овие избори безмалку сите политички партии во фокусот го ставаа овој конгломерат на прашања, кои всушност се сведуваат на зачувување на јавниот простор и животната средина. Притоа, многумина од кандидатите за градоначалници заборавија дека во минатото тие се однесуваа сосема спротивно, дозволувајќи на јавни површини да никнат станбени објекти, со образложение дека така се полни општинската каса со средства кои потоа се користат за изградба на градинки, училишта, улици, тротоари…
Се разбира, тоа беше обид да се оправда градежната офанзива, која го проголта и оној малку простор што беше слободен. Затоа, граѓаните на овие избори казнија многу досегашни градоначалници, вклучително и веќе поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски. Тој убедливо загуби од Стефан Богоев од СДСМ поради неговите политички екскурзии, но и поради тоа што во неговиот последен мандат одредени делови на општината се претворија во вистинска градежна зона.
ПОВЕЌЕ БЕТОН, ПОМАЛКУ ЗЕЛЕНИЛО
За време на последниот градоначалнички мандат на Јакимовски, се донесоа неколку урбанистички планови, од кои голем револт кај граѓаните предизвика оној за населбата Тафталиџе 1. Овој урбанистички план, општинскиот совет го донесе во пакет со планот за Карпош 3 на самиот почеток на минатата 2016 година, кога мнозинството го контролираа ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ. Во врска со тоа, реагираше и тогашната локална опозиција предводена од СДСМ, според која на шверцерски и нетранспарентен начин се носеа урбанистички планови, со кои се вцртуваа градежни маркици на зелени површини.
Наспроти тоа, од тогашното локално раководство објаснуваа дека урбанистичките планови биле во постапка повеќе од една година, кога биле поминати сите институционални инстанци, така што биле ставени на седница на советот веднаш по добиената согласност од надлежното Министерство за транспорт и врски. Покрај тоа, од општината се правдаа дека при изготвувањето на плановите во предвид биле земени голем дел од барањата на жителите да имаат услови за секојдневен живот, но воедно била испочитувана и желбата на многумина што поседуваат земјиште по пат на откуп или денационализација да го решат своето станбено прашање.
Во секој случај, со носењето на овие планови општината игнорираше дузина граѓански иницијативи во текот на 2015 година за заштита на зеленилото во општината. Во таа насока, жители на Карпош поднесоа и петиции против донесувањето на неколку ДУП-ови, меѓу кои и оној за Тафталиџе 1, бидејќи, како што тие јавно се жалеа, се предвидоа градби на единствени детски игралишта, кои, патем, го продлабочуваат проблемот со паркирањето. Дури, во одредени случаи овие објекти го оневозможуваа и пристапот на возилата до одредени домови.
Еден од објектите што предизвика бурна реакција кај месното население беше изградбата на станбен објект во населбата Тафталиџе 1.
„Фокус“ располага со документација од надлежни органи, според која индикативно е тоа што Министерството за транспорт и врски првично не дозволила овде да се изгради објект, бидејќи станува збор за јавен простор, за на крајот сепак на општината да и дозволи да вцрта градежна маркица во ДУП-от. И вештачењето од Бирото за судски вештачења утврдило неправилности при изградбата на овој објект, кои, патем, општината и компанијата ги отфрлуваат.
ОБЈЕКТОТ ГО ОТЕЖНУВА ПРИСТАПОТ ДО ДОМОВИТЕ НА СОСЕДИТЕ
Станува збор за објект во Тафталиџе 1, помеѓу улиците „Мексичка“, односно „Петре Пирузе“ и „Хелсинки“. На овој простор се организирани градежни парцели на кои се изградени индивидуални семејни куќи, распоредени по обемот на двете улици. Од северната страна на улицата „Хелсинки“ се пристапува по сервисна улица во централниот дел меѓу двете улици, од каде води и пристапот до повеќе објекти, кои немаат влез преку двете улици. Во средишниот дел порано имало поголемо детско игралиште, од кое значителен дел било зафатено со градба на станбен објект.
Инвеститор на овој објект е гостиварската градежна компанија ДЕА-КОМ, врз основа на одобрение за градба издадено од општината Карпош во 2013 година. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2002 година со седиште во Гостивар. Сопственици на компанијата се Драгче и Даница Матевски, додека Драгче е и управител на друштвото, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради.
Вештачењето изготвено од Бирото за судски вештачења, кое функционира во рамките на Министерството за правда, утврдило дека Општина Карпош му издала одобрение за градба на ДЕА-КОМ, без притоа да обезбеди согласност од петте непосредни соседи, во вид на нотарски заведена изјава, како што налага Законот за градење. Освен тоа, во мислењето и наодот, изготвен врз основа на вештачењето и увидот на лице место, се наведува дека овој објект го попречува или го оневозможува правото на пристап на дел од соседите до нивните паркинг места и гаражи.
„Затворањето на единствената предвидена сервисна улица и непостоењето на пристап до домовите на дел од заегнатите соседи, во голема мера влијае и на општите граѓански права кога во прашање се доведуваат условите за пристап на возила од јавниот граѓански сервис, како возила на брза помош, противпожарна служба. Алнернативни патишта до засегнатите соседи, чиј пристап до домовите е попречен-затворен, со уписот на нова маркица практично да не постојат, бидејќи истите се со многу мала широчина и не овозможуваат нормално функционирање“, стои во вештачењето потпишано од архитектката Василка Каевска.
ДОДЕЛЕНА СОГЛАСНОСТ БЕЗ НАДМИНАТИ ЗАБЕЛЕШКИ
Дополнително, во наодот јасно стои дека во овој случај има проблеми со градежната документација, бидејќи инвеститорот ДЕА-КОМ имал одобрение за градба само за катастарската парцела 2903/2, додека градбата ја опфатила и катастарската парцела 2903/3. Од друга страна, пак, од Општина Карпош велат дека на двете споменати катастарски парцели е формирана една градежна парцела 2.22, за која се однесува дозволата за градење за намена А1 – индивидуално домување, за објект со приземје, еден кат и поткровје. Воедно, од таму тврдат дека нема никаков проблем со паркирањето, бидејќи секој си паркира во сопствена парцела.
„Во согласност со член 62 , став 1 од Законот за градење, за издадено одобрение за градба соседите само се известуваат во рок од три дена по издавањето на одобрението, и тоа важи за соседи кои се наоѓаат на меѓа на две или повеќе градежни парцели, но не се бара нивна согласност. Во конкретниот случај, околу градежната парцела не постои меѓа, што значи нема директно засегнат сосед, туку градежната парцела е опкружена со јавна подршина – јавни патеки, мексичкиот споменик и Д1- парковско зеленило“, се вели во одговорот од општината.
Податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека овој простор меѓу улиците „Мексичка“ и „Хелсинки“ е поделен на три парцели, од кои најголемата е во сопственост на Република Македонија, додека другите две се во сопственост на ДЕА-КОМ, која го поседува земјиштето и станбените единици во објектот што го изгради. Вреди да се истакне дека една од двете катастарски парцели опфаќа и дел од сервисниот пат што оди до околните куќи, кој впрочем претставува единствен пристап до дел од куќите. Тоа значи дека и дел од патот е во сопственост на компанијата, која на тој начин непосредно граничи со три соседни куќи.
Со сопственикот и управител на ДЕА-КОМ, Матевски, првично се договоривме да одржиме состанок на кој ќе ни ја приложи целокупната документација за овој предмет, но тоа не се случи со образложение дека морало да замине на службен пат. Во кусиот телефонски разговор, тој рече дека нема ништо спорно околу овој објект. Подоцна, добивме и писмен одговор од компанијата, со кој се наведува дека целата градба е изведена согласно правосилно одобрение за градба од општината Карпош.
ДЕЛ ОД ЕДИНСТВЕНИОТ ПРИСТАПЕН ПАТ Е ВО ПРИВАТНА СОПСТВЕНОСТ?!
Од Општината Карпош посочуваат оти за еден детален план да стигне до фаза на усвојување пред општинскиот совет, претходно мора да ги добие сите позитивни мислења и согласности од надлежните институции, вклучително и согласноста од Министерството за транспорт и врски. Но, според документите што ги поседуваме, токму ова министерство првично побарало од општината да ја изземе споменатата градежна парцела под број 2.22, бидејќи се зафаќа земјиште за општа употреба, планирано за јавен паркинг и парковско зеленило, што е спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Истовремено, министерството на чело со Миле Јанакиески на почетокот на 2012 година изнело уште точно 24 забелешки, кои општината требало да ги надмине за да добие одобрение за градба. Само неколку месеци подоцна, општината на чело со Јакимовски ја добива потребната согласност од министерството раководено од Јанакиески за ДУП-от „Тафталиџе 1 север-југ“, при што очигледно е дека општината не ја отстранила градежната парцела 2.22. Штом Министерството дало согласност за ДУП-от, треба да се претпоставува дека општината постапила по сите забелешки, но ова покажува дека или министерството се откажало од дел од нив, или, пак, општината го убедила да и дозволи да впише маркица за градба на зелена површина.
Инаку, ДУП-от во кој е предвидена и реализирана оваа градба е донесен во 2012 година и важи се до почетокот на 2016 година, кога општинскиот совет го носи новиот ДУП за оваа населба, врз основа на кој се изградија многу нови објекти во овој дел од градот. Во делот кај улиците „Варшавска“, „Мексичка“, „Хелсинки“ и околните улици секојдневно се градат нови објекти од инвеститори, но и од сопственици на бараки, кои на нивно место подигаат големи објекти со повеќе станбени единици за продажба.
Локалните жители со кои разговаравме велат дека голем број од нив водат институционална битка против новите градби, кои ги оспорувале во општините, на надлежната Воторостепена комисија во рамките на Министерството за транспорт и врски, но и на Управен суд, меѓутоа досега ниту една нивна преставка, тужба или жалба немала позитивен епилог. Но, по политичките промени, тие се надеваат дека започнатите предмети ќе добијат поинаква институционална разврска, а контроверзните ДУП-ови ќе претрпат ревизија.
РАМКА 1
Драгче Матевски, сопственик и управител на ДЕА-КОМ
ОБЈЕКТОТ Е ИЗГРАДЕН СПОРЕД ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА
Од ДЕА-КОМ добивме писмен одговор со потпис на сопственикот и управител на ДЕА-КОМ, Драгче Матевски, кој гласи:
„Друштвото ја купи недвижноста со веќе донесен ДУП и согласно истиот побара и доби одобрение за градба. Градбата е во се изведена согласно правосилно одобрение за градба. Би сакале да потенцираме дека никој во текот на градбата не побара на законит начин (по судски пат) градбата да биде одложена, сопрена или слично“.
РАМКА 2
Општина Карпош
КОНТРОЛАТА ПОКАЖА ДЕКА ОБЈЕКТОТ СЕ ГРАДИ СОГЛАСНО ИЗДАДЕНАТА ТЕХНИЧКА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Овластениот инспектор на Општина Карпош извршил контрола на местото каде ДЕА-КОМ го изгради објектот во фаза на изградба, при што констарирал дека инвеститорот во оваа фаза ја гради градбата согласно издадената техничка документација, велат од Општина Карпош.
„Поради тоа, инспекторот донесе и Заклучок ИП1 бр. 47-456 од 02.10.2013 год. со кој ја запира постапката, поради неутврдени недостатоци при надзорот, утврдени со записникот ИП бр.47-456 од 02.10.2013 год. Истиот ги има известено и пријавителите Александар Михајловски, Горан Лазаровски, Владимир Шулевски и адвокат Владимир Поцевски“, ни одговорија од општината.
Од таму додаваат дека одобрението за градба на овој објект е издадено согласно пропишаните параметри од Деталниот урбанистички план, кој, според нив, е донесен согласно сите позитивни законски прописи.