(АРХИВА) Мијалков најмногу ќе ќари ако Стразбур ја оживее аболицијата на Иванов!

Сите очи се вперени во Судот за човекови права во Стразбур, од каде што се очекува одговор дали спорната аболиција на Ѓорге Иванов, сепак, ќе оживее. „Фокус“ анализираше кои предмети со ваквата одлука би претрпеле најголема штета, а кои од обвинетите поранешни функционери би се спасиле од решетки. Па така, аболицијата, во голем дел од случаите од кривичен прогон ги спасува Мијалков, Груевски, Јанкулоска и Јанакиески!

by fokus

Текстот е објавен на 14 октомври 2020 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.306.

Пишувала: Валентина ВУРМО

На 12 април 2016 година, тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, потпишал над 100 решенија, со кои од затвор сакал да ги спаси сопартијците, функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се најдоа под кривичен прогон на СЈО.

„Фокус“ од вилата Водно ги доби 111-те решенија од фамозното досие „аболицијата“ на Иванов.

Дел од нив биле аболирани и по десетина пати, но има и такви што биле заборавени. Дека им горело под нозете и многу им се брзало, пак, сведочат печатните грешки во решенијата, но треба да се има разбирање дека не му било лесно ниту на тогашниот шеф на државата, кој на сите морал да стави личен потпис.

Иванов уверуваше дека на овој начин ќе се дојде до помирување, па затоа аболирал и кадар од СДСМ, како и обвинители од СЈО, но откако се крена премногу прашина дека аболицијата е незаконска, тој под притисок ја повлече, но најверојатно со однапред испланирано сценарио, за да направи уште поголема правна ујдурма.

Сета оваа збрка, наместо да се расчисти, се турна под тепих, па одвреме-навреме засмрдуваше кога адвокатите ќе ја извадеа во обид да ги спасат своите клиенти. Реата стана неподнослива неодамна кога се дозна дека дел од пусулчињата на Иванов се нашле и пред Судот за човекови права во Стразбур, кој наскоро треба да одлучи дали аболицијата ќе важи или не.

Доколку и дадат зелено светло, анализиравме колку од предметите на СЈО ќе паднат во вода, кој обвинети ќе си ја спасат кожата, а кои предмети ќе продолжат да се судат.

МИЈАЛКОВ  ЌЕ СЕ СПАСИ ОД „ТРЕЗОР“ И „ТОРТУРА“

Кога поранешниот претседател ја кроел аболицијата, очигледно е дека водилка му биле кривичните пријави, кои до редовното обвинителство ги поднесе СДСМ, а се однесуваат на триесетина предмети што испливаа од тогаш објавените „бомби“. Кривичните дела што биле наведени во пријавите, претседателот ги пресликал во решенијата за аболиција. Односно, во нив се наведува идентитетот на помилуваниот, бројот на кривичниот предмет, како и кривичните дела.

Овие предмети се заведени како РО, односно предмети што почнале во редовните обвинителства, а потоа преминале во СЈО.

Вториот тип предмети се со ознака НСК-КО, кои биле директно отворени од СЈО.

Рекорден број решенија гласат на името на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, односно Иванов потпишал дури 16. По него следува екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, со 13 решенија, екс премиерот Никола Груевски со 7, а низата ја продолжува поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Доколку судот во Стразбур одлучи да ја оживее аболицијата на Иванов, според нашата пресметка, најголем ќар од неа би имал Мијалков. Поточно би запреле речиси сите активни судења против него. Поранешниот претседател Иванов потпишал шест поединечни решенија, со кои поранешниот прв разузнавач се обидел да го спаси  за неколку кривични дела.

Главниот предмет, поради кој се основаше СЈО, а во кој централната улога ја има Мијалков е случајот „Таргет и Тврдина“, за нелегалното прислушување во УБК. Во овој случај тој се гони за три кривични дела, и тоа „злосторничко здружување“, за што е предвидена казна од една до пет години, за „злоупотреба на службената положба и овластување“, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години и „примање награда за противзаконито влијание“, кое се казнува со една до три години.

Од овие три кривични дела Мијалков е амнестиран само за едно, „злоупотреба на службената положба“, но не и за останатите две. Проценката на правниот тим на Иванов најверојатно била дека Мијалков ќе се гони за „неовластено  прислушување“, па затоа и го амнестирале за ова, но и дузина други кривични дела, но проценката им била погрешна.

Тоа значи дека би продолжило да му се суди само за „злосторничко здружување“, а од третото дело се спасува во февруари 2021 година, со застарување.

Со оглед на тоа дека обвинетите Горан Грујевски, поранешен началник во УБК, и Никола Бошкоски, пак, се аболирани за двете кривични дела за кои се гонат за нелегалното прислушување, тогаш случајот би бил речиси срушен. Според обвинението, Грујевски е главниот обвинет, а Бошкоски е извршителот на неговите наредби.

На минатото рочиште за овој случај, адвокатите побараа одложување на судењето до 18 декември, односно како што рекоа се додека не се одлучи по поднесените апликации во Стразбур. Судот, пак, им врати дека по барањето ќе одлучува во текот на постапката.

НА ГРУЕВСКИ МУ ОСТАНУВА „ТЕНК“, НО ЌЕ КУРТУЛИ ЗА ДРУГО

Случајот „Титаник 2“ би продолжил да тече, бидејќи Мијалков не е помилуван за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ за кое што се гони. Тој веќе беше осуден на три години затвор, но првостепената пресуда падна на Апелација, по што судењето почна од почеток и на повтореното судење доби две годишна казна. Но, сепак за овој предмет Мијалков наскоро ќе се спаси со застарување.

Случајот „Тортура“, за нечовечкото апсење на Љубе Бошкоски, пак, би паднал во вода, бидејќи аболицијата се поклопува со кривичното дело за кое се гони, „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ за што е запретена затворска казна од три до осум години.

Иста би била и судбината на случајот „Трезор“, бидејќи Иванов го помилувал за кривичното дело кое е напишано во обвинителниот акт.

Поранешниот премиер и бегалец Никола Груевски добил седум решенија потпишани од Иванов, кои половично ќе му завршат работа, доколку Стразбур одлучи во негова полза.

Но ова не значи дека Груевски во таков случај веднаш би се вратил во земјава, бидејќи ќе треба да влезе зад решетки и да одлежи ефективна казна од две години за набавката на луксузниот мерцедес од 590.000 евра, односно за случајот „Тенк“.

Овој случај не е опфатен со аболицијата. Помилувањето не важи ниту за случајот „Траекторија“, но таму се минимални шансите да биде осуден. Поточно, кривичното дело за кое се гонеше застари. Сепак, тој и понатаму е на листата на обвинети, бидејќи во меѓувреме обвинителката може да направи преквалификација на кривичното дело за кое го гони, но за тоа се потребни нови докази или сведоштво на некој од обвинетите, кои прстот на вина ќе го вперат во екс премиерот.

За предметот „Титаник“, или за изборните нерегуларности на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски се гони за три кривични дела, но и да помине аболицијата со сигурност би продолжило да му се суди, барем за едно, кое не е опфатено со решенијата. Исто така, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не би се спасил ниту од судењето за „Талир“ и „Талир 2“, за кои немаше аболиција.

Сепак, Груевски би куртулил од случајот „Насилството во Центар“, за кое неодамна беше осуден на една и пол година затвор.

Сума сумарум, очигледно е дека Груевски нема потреба да ги пакува куферите и да брза да се врати дома.

И ЈАНКУЛОСКА СЕ КРСТИ ВО СТРАЗБУР

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е во затворот „Идризово“, каде што издржува 4-годишна затворска казна како правосилно осудена во случајот „Тенк“. И таа како и нејзиниот партиски лидер не може да се спаси од оваа казна, бидејќи кога Иванов ја давал аболицијата, овој предмет сѐ уште не постоел. Сепак, тој ѝ издал 13 решенија, со кои ѝ нуди спас за десетина кривични дела.

Па, по направениот увид во истите, на поранешната прва полицајка ѝ одговара аболицијата да добие зелено светло од Стразбур, бидејќи ќе престане прогонот за случајот „Титаник“.

Исто така, на Јанкулоска ќе престане да ѝ се суди и за предметот „Таргет и Тврдина“, во кој се гони во делот за уништувањето на опремата за прислушување. Овој предмет е заведен под бројот НСК-КО бр.17/15, а за кој е аболирана за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку 5 години.

Токму сопругот на поранешната министерка, Влатко Илиевски е адвокатот што ги застапува обвинетите поранешни функционери, па со оглед дека неговата сопруга е меѓу нив, неговиот мотив за оживување на аболицијата е голем.

Ние тврдиме дека не може да се отповика помилување и дека сѐ што е направено е спротивно на принципот на владеење на правото, дециден е Илиевски.

Тој очекува судот до Нова година или најдоцна до годишните одмори да донесе одлука.

Рекордерот по дадени аболиции е Миле Јанакиески, односно Иванов му потпишал дури 16 решенија, но против него се водат  и најмногу предмети во Кривичниот суд.

На екс министерот добро би му дошла позитивна одлука од Стразбур, но тука нема да завршат неговите правосудни маки. И понатаму би продолжило да му се суди за „Траекторија“, а половично би се спасил од предметите „Титаник“ и „ТНТ“.

Јанакиески неколкупати на судењата го покажа својот револт кон поранешниот лидер Груевски, велејќи дека кога не е тука „магарето, сите удираат по самарот“. Сепак, тој во својата одбрана никогаш прстот на вина директно не го посочи кон Груевски.

ГОЛЕМИ СЕ ШАНСИТЕ АБОЛИЦИЈАТА ДА ДОБИЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО

Како што стојат работите, правните експерти, но и обвинители со кои разговараше „Фокус“, коментираат дека шансите за оживување на аболицијата се проценуваат на 50-50.

Доколку помине аболицијата, тоа би предизвикало голема штета за предметите, едногласни се обвинителите од СЈО што ги контактиравме.

Од Владата, пак, не ја откриваат стратегијата за пред меѓународниот суд.

Не би ги изнесувал детално аргументите, ниту стратегијата на нашата позиција пред судот. Ние сме во една почетна деликатна фаза и секое изјаснување јавно на влади, на кој било владин претставник, може да има последици во понатамошната постапка. Затоа без да ги загрозам интересите на нашата држава во постапката би кажал дека ние работиме на случајот, ги разгледуваме и ги подготвуваме нашите аргументи и нашата стратегија за доследна борба за владеење на правото и правната држава, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Аболицијата од самиот старт беше незаконска, бидејќи Иванов ја донесе повикувајќи се на член што не постои во Законот за помилување, односно на член 11, кој уште во 2009 година беше избришан.

Но, правните експерти велат дека ова не е многу силна позиција за одбрана на државата, бидејќи Судот можеби и нема да навлегува во овие законски ујдурми, бидејќи тие тргнуваат од ставот дека претседателот, без да навлегуваат во ликот и делото на Иванов, има право на помилување, а еднаш даденото помилување не се поништува.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, државата ќе се обиде да го убеди судот дека аболицијата од старт е јалова, односно ќе се повика на одлуката на Собранието, донесена кон крајот на минатата година, кога по неколкугодишно натегање беше поднесена иницијатива за автентично толкување на членот 11.

По ова прашање заседаваше и Законодавно-правната комисија, која заклучи дека нема потреба од давање автентично толкување за член што не постои во правниот поредок. Со тоа, законодавниот дом, всушност, констатираше дека аболицијата е ништовна.

Аболицијата на Иванов веќе еднаш доби зелено светло од суд, надвор од Македонија. Односно, Врховниот суд во Грција, во 2018 година, повикувајќи се на истата, донесе одлука да не ни ги испорача бегалците Христо и Неџби, односно екс началникот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошкоски.

Тогаш грчките судии пред себе имаа само еден дел од приказната за „славната“ аболиција на претседателот, бидејќи македонските власти воопшто не се обидоа да ја докажат ништовноста.

Сега, топката е во рацете на Министерството за правда. Од нив зависи како ќе аргументираат дека претседателот Иванов тогаш ја злоупотребил службената положба и овластување, а од друга страна, и да образложи зошто надлежните органи никогаш не го гонеле, туку и тие го амнестирале.

На крајот, излегува дека на долг рок, аболицијата им одговара на сите во политиката за едно заедничко групно помирување. Не залудно се шпекулира дека Мијалков ќе одлежи нешто ситно, само за незаконското прислушување, и сите ќе бидат среќни и задоволни.

Но, она што  сите забораваат е дека и понатаму ќе ечи паролата „Нема правда, нема мир“!

ИВАНОВ ЗАБОРАВИЛ ДА ГО ПОМИЛУВА ИЛИЈА ДИМОВСКИ

Името на поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, не се споменува во ниту едно од 111 решенија за аболиција. Тој бил заборавен од Иванов, односно очигледно во тој момент не бил на листата на осомничени. Затоа и во случај да дојде позитивна одлука од Стразбур, тоа нема да важи за Димовски, и нему ќе продолжи да му се суди за случајот „Титаник“.

Со решенијата не е опфатен ниту Ѓоко Поповски, поранешниот помошник-министер во МВР, кој издржува долгогодишна затворска казна за случајот „Тенк“ и за „Триста“.

Истата судбина ја има и бизнисменот Сеад Кочан, кој бил заборавен од Иванов, а во моментот издржува затворска казна од 4 години и 8 месеци за случајот „Трансмет“.

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости