Текстот е објавен на 05 јули 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1239.
По постигнувањето на договор за формирање на нова влада предводена од СДСМ, ќе следува промена во државната компанија за пренос на електрична енергија МЕПСО, која досега беше предводена од кадар на ДУИ, а во иднина ќе ја раководи кадар на Алтернатива. Откако изби сериозна енергетска криза, МЕПСО стана актуелен поради влечењето на струја од европската мрежа. Своевремено, Фокус пишуваше за тогашната структура што управуваше со државната компанија, која ја одбележаа неколку контроверзни јавни набавки, додека истовремено продолжи слабата динамика на искористување на обезбедените кредитни средства за капитални инвестиции.
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Со години наназад акционерските друштва во државна сопственост служат како база за засолнување на регрутираните партиски кадри, со оглед дека бројот на вработени во овие таканаречени државни компании постојано се зголемува независно од нивните реални потреби и можности.
Исто така, преку овие субјекти се задовoлуваат и одредени лични и бизнис-интереси, имајќи предвид дека тие, вршејќи ги нивните надлежности во сегментот каде што делуваат, трошат големи суми преку тендерски постапки или, пак, преку договори за адвокатски и друг тип интелектуални услуги.
За волја на вистината, по промената на власта вработените во овие државни компании почнаа да се евидентираат во регистрите на вработени во јавниот сектор, додека истовремено тие почнаа далеку поекономично и поефикасно да ги трошат јавните пари.
Арно, ама, факт е дека не престана практиката да се вработуваат нови луѓе, ниту, пак, да се спроведуваат сомнителни тендерски постапки во милионски износи, кои честопати ги добиваат компании што токму владејачките партии ги квалификуваа како контроверзни додека беа во опозиција.
Во тој контекст, неодамна пишувавме за државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ, која беше во центарот на вниманието откако во неа се вработија неколку блиски роднини на високи државни функционери.
Покрај тоа, крајно симптоматично е тоа што друштвото за производство на струја сè уште не ги спроведе ветените набавки за сопствена механизација за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола, а паралелно со тоа продолжува да троши милионски средства за ангажман на надворешна механизација од приватни компании.
Но, овој пат ќе се сосредоточиме кон уште една државна компанија од енергетскиот сектор – АД МЕПСО, чијашто основна дејност е непречен пренос на електричната енергија, управување со електроенергетскиот систем и редовен и навремен тек на електрична енергија до дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија и до директните потрошувачи.
По политичките промени, на чело на ова друштво застана правник, поранешен адвокат и член на Советот на јавни обвинители, што претставуваше своевиден куриозитет.
За време на неговото директорување, се спроведоа неколку скандалозни јавни набавки, како на пример набавка на фотели од телешка кожа.
Во меѓувреме, факт е дека се поместија работите при реализација на капиталните проекти, за што многу одамна беа обезбедени кредитни средства.
Меѓутоа, исто така факт е дека голем дел од овие средства се уште лежат неискористени на банкарска сметка, за што државната компанијата плаќа провизии.
УЛОГАТА НА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ ВРЗ СУДБИНАТА НА „ПУЧ“
Набрзо по изборот на новата влада на чело со премиерот Зоран Заев кон средината на 2017 година, генерален директор на АД МЕПСО стана Сашо Василевски, кој воедно е и претседател на Управниот одбор.
Според неговата официјална биографија, тој работел во сопствена адвокатска канцеларија во родниот Ресен од 1997 сè до 2006 година, кога станува заменик министер за правда во тукушто формираната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.
Поточно, тој не е избран за заменик на тогашниот министер за правда Михајло Маневски како кадар на ДПМНЕ, туку од редовите на тогашниот помал коалициски партнер во владата, Тито Петковски, кој се отцепи од СДСМ и ја формираше НСДП непосредно пред изборите во 2006 година.
По предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога ДПМНЕ ја зацврсти власта, Василевски се дистанцира од новите социјалдемократи, кои се преселија во опозиција и влегоа во процес на фрагментација на партиското ткиво.
Во тоа време тој влегува во Комисијата за правосуден испит, каде што останува до 2010 година, кога повторно почнува да работи како адвокат во Ресен.
Веќе во 2011 година, кога Груевски победи на уште едни предвремени парламентарни избори, Василевски станува член на Советот на јавни обвинители и ја врши оваа функција сè до неговиот избор за директор на МЕПСО во 2017 година.
Додека Василевски е член на Советот на јавни обвинители, ова тело за именување и разрешување на јавните обвинители одигра клучна улога околу предметот „Пуч“, отворен од страна на Јавното обвинителство во 2015 година против Заев и уште неколку лица за шпионажа, неовластено снимање и насилство врз институциите.
По неколкумесечно натегање, Советот одлучи дека надлежно за случајот не е регуларното, туку Специјалното обвинителство, кое на почетокот на 2017 година го повлече обвинението.
Образложение гласеше дека доказите и сознанијата што ги обезбедиле во рамки на истрагите за „Таргет ‒ Тврдина“ говореле дека незаконското прислушување се вршело по пат на злоупотреба на системите во МВР со знаење и директиви на тогашниот полициски и политички врв.
ПРАВНИЦИ НА ЧЕЛО НА ЕНЕРГЕТСКА КОМПАНИЈА
Само половина година подоцна Заев успеа да формира нова влада заедно со ДУИ и другите коалициски партнери, која веднаш назначи нови членови на Надзорниот одбор на МЕПСО, каде што, покрај другите, може да се сретнат двајца поранешни пратеници – Николче Ацески од НСДП и Назиф Буши од ДУИ.
Потоа, НО избра нови членови на Управниот одбор, чијшто претседател и воедно генерален директор стана Василевски.
Иако тогашната систематизација на работни места за оваа позиција предвидуваше машински или електротехнички факултет, сепак, од МЕПСО велат дека именувањето на Василевски е во согласност со Законот за трговски друштва, каде што за оваа позиција се предвидува единствено високо образование.
Како и да е, подоцна негов заменик стана Биљен Салији, кој беше избран за министер за правда во првиот владин кабинет на Заев, но поднесе оставка поради случајот со малиот Алмир во Куманово и доби нова функција во МЕПСО.
Исто како и неговиот надреден, и Салији е дипломиран правник, чие работно искуство нема допирни точки со енергетиката, со оглед дека работел како советник за односи со јавност во Општина Врапчиште, како директор на јавното комунално претпријатие во оваа општината и како прв човек на Инспекторатот за шумарство и ловство.
Што се однесува до другите членови на ова тело, некои од нив доаѓаат од МЕПСО, каде што во изминативе години вршеле разни раководни позиции, како што е случајот со Борко Алексовски и Сашо Стефановски, додека еден од нив членувал во ова тело и пред промената на политичките и енергетските власти.
Станува збор за директорот на правниот сектор Ненад Крстевски, кој е член на УО на МЕПСО уште од 2014 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, тој бил помошник раководител на Секторот за јавни набавки во Општина Центар од 2010 до 2014 година, токму во периодот кога се спроведуваше проектот „Скопје 2014“, кој во значителна мера се реализираше преку оваа општина.
Меѓу другите членови на ова тело може да се сретнат некои лица што дојдоа на овие позиции однадвор, како што е случајот со директорката за финансикиот сектор Магдалена Чижбаноска – Вангелов, која претходно работела во Управата за јавни приходи.
За разлика од неа, директорот на ИТ Секторот Томи Божиновски доаѓа од приватниот сектор, односно пред да влезе во УО на МЕПСО бил директор на компанијата „Мастерлајн“, која во меѓувреме е преименувана во „Сигмател“.
ДИСКВАЛИФИКУВАН КОНКУРЕНТ, ДОГОВОР СО ЕДЕН ПОНУДУВАЧ
Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Сигмател“ на крајот на минатата 2018 година склучил договор со Македонската академска истражувачка мрежа „Марнет“ за информатичка и комуникациска опрема.
Вредноста на овој тендер изнесувала вкупно 2.400.000 денари, при што „Марнет“ со „Сигмател“ склучил договор за еден од четирите лота во вредност од 470.000 денари.
Притоа, најголемиот дел, во вредност од 1.772.500 денари, го добила компанијата „Кернел Гроуп“, додека преостанатите два помали дела ги добиле компаниите „Марк ИТ“ и „АМЦ“.
Токму „Кернел гроуп“ влегла во трка за еден од највредните тендери што ги спроведе МЕПСО во последниот период. Се работи за набавка, во мај годинава, на таканаречен AMR/MDM-систем, во чиишто рамки МЕПСО склучил договор со „Виста Груп“ во износ од 25 милиони денари.
Како што велат од МЕПСО, заради комплексноста и спецификата на системот многу е ограничен бројот на компании кои развиле и нудат вакви комплексни хардверско-софтверски решенија што ги користат електропреносните систем-оператори.
Во оваа тендерска постапка првично се пријавила и „Кернел Гроуп“, но, според информации од МЕПСО, оваа компанија била дисквалификувана во фазата на евалуација поради недостатоци во банкарската гаранција.
Така, „Виста Груп“, без да учествува на електронска аукција, на крајот поднела конечна цена како единствен понудувач која, патем, била еднаква на проценетата вредност на договорот, плус ДДВ.
Речиси истовремено со оваа постапка, во која „Кернел Гроуп“ направила пропуст на тој начин што доставената банкарска гаранција немала важност од најмалку 14 дена по истекот на понудата, како што пропишувала тендерската документација, истата компанија добила друг тендер од МЕПСО.
Поточно, друштвото за пренос на струја во март годинава склучило договор за мрежна опрема во износ од околу 3 и пол милиони денари со „Кернел Гроуп“ како единствен понудувач.
За разлика од претходната постапка, во овој случај компанијата во сопственост на Романецот Драгош Александру Калин ги испочитувала сите правила, вклучително и за банкарската гаранција.
Сепак, нејзината елиминација од тендерската постапка за AMR/MDM-системот ѝ ја овозможи најголемата јавна зделка во последните години на „Виста Груп“, чиј сопственик и управител е Ана Анчевска. Но, медиумите своевремено ја доведуваа оваа компанија во корелација со „Виста Процесинг“.
Имено, „Виста Процесинг“ доби 3 милиони евра од Министерството за финансии, додека министер беше Груевски, за проектот Национална платежна картичка, каде што, пак, директор беше Дарко Дулиќ, некогашен соработник на Влатко Мијалков во македонската царина.
Само една година откако го доби плодниот бизнис, „Виста Процесинг“ падна во стечај, а неколку месеци потоа се формираше „Виста Груп“, и тоа на истата адреса.
НАБАВКА НА ФОТЕЛЈИ И СТОЛОВИ ОД ТЕЛЕШКА КОЖА
Во контекст на начинот при располагање и трошење на средствата, во јавноста силно одекна тендерот за набавка на мебел од страна на МЕПСО, во чии рамки се предвидуваше и набавка на специфичен мебел изработен од природна телешка кожа.
Всушност, набавката на вакви парчиња беше дел од поголема набавка на мебел, за што МЕПСО на почетокот на годинава склучи договор со „Леснина инженеринг“ во вредност од 13 милиони денари за набавка на кујни, канцелариски мебел и гарнитури за седење, како и со „Офис и Ко“ во износ од 3.200.000 денари за гардеробери, сталажи и ормани.
Во рамки на првиот лот се јавиле 4 компании, а во вториот лот се јавиле 2 компании, поради што вкупната набавка на крајот испаднала безмалку двојно помалку од проценетата вредност, што укажува дека конкуренцијата и негативното наддавање обезбедуваат значителни заштеди во јавната каса.
Во тендерската документација и техничката спецификација за оваа набавка се наведува дека, покрај другото, потребни се клуб-фотелји и ергономски столови со седиште и наслон од природна телешка кожа, кои ќе се користат во канцелариите на генералниот директор, кај неговата секретарка и кај директорите на секторите и подружниците.
Воедно, се испланирала набавка и на конференциски столови од телешка кожа со подножје со алуминиумска ѕвезда за сала за состаноци и со други специфични карактеристики.
Како што стои во договорот што МЕПСО го потпишал со „Леснина инженеринг“, за канцеларијата на генералниот директор биле набавени 28 клуб-фотелји од телешка кожа во вкупна вредност од 596.500 денари, како и уште 5 парчиња фотелји од друг модел за вкупно 148.500 денари.
За канцеларијата на неговата секретарка, пак, биле набавени 6 клуб-фотелји од телешка кожа за вкупно 113.000 денари, што значи дека биле набавени вкупно 39 фотелји од природна телешка кожа во вкупна вредност од 858.000 денари со ДДВ.
Воедно, биле набавени уште десетина фотелји од кожа (без да се прецизира каква) и од микрофибер-штоф, така што МЕПСО во делот на гарнитури за седење потрошил вкупно околу 1 и пол милиони денари, додека останатите десетина милиони денари биле потрошени за кујни, канцелариски мебел, гарнитури за седење…
Од МЕПСО објаснуваат дека мебелот од телешка кожа им е потребен за состаноци и за прием на гости, но останува дилемата дали овој трошок е неопходен или претставува луксуз?
Во меѓувреме, друштвото сè уште не успева во целост да ги деблокира капиталните проекти отпочнати уште за време на претходниот менаџмент.
Во таа смисла, постои поместување на процесите, но останува впечатокот дека тоа се одвива со слаба динамика, од едноставна причина што две години по промената на менаџментот се уште стојат неискористени средсва во банка.
ПРОВИЗИЈА ЗА НЕИСКОРУВАЊЕ НА ОДОБРЕН КРЕДИТ
Во извештајот на Државниот завод за ревизија, изработен во 2017 година за работата на МЕПСО во 2016 година, се наведуваат проблеми при реализацијата на капитални инвестиции врз основа на два заема.
Едниот од нив е одобрен во 2013 година во износ од 25 милиони евра за рехабилитација и далечинска контрола на трафостаниците и преносната мрежа, кои МЕПСО требало да ги повлече во 12 транши во рок од 48 месеци, или до 2017 година.
Меѓутоа, заклучно со ревизијата биле повлечени само 3 транши од 3.500.000 евра, што значи дека останале неискористени 9 транши од 21.500.000 евра.
Арно, ама, ревизорите посочуваат дека за овие средства била платени 250.000 евра за одобрување на заемот, бил склучен договор со консултант од над 800.000 евра, додека по основа на провизија за неповлечени средства биле платени речиси половина милион евра.
„Од септември 2017 година до сега се склучени договори за модернизација на 10 трансформаторски станици и за изградба на 5 нови далноводи. Вкупната инвестициска вредност на овие тековни проекти е 26 милиони евра. Ова е најголем инвестициски инфраструктурен фронт од основањето на МЕПСО во 2005 година“, велат од МЕПСО.
Воедно, од таму информираат дека активностите за модернизација привршуваат во трафостаниците „Дуброво“, започнале во трафостаницата „Валандово“, а наскоро ќе започнат и во трафостаниците: „Битола 2“, „Скопје 4“, „Осломеј“, „Прилеп“…
Ако средствата од овој заем веќе почнаа во одредена мера да се резервираат и трошат, во поглед на заемот од 50 милиони евра што државната компанија го доби од ЕБРД во 2015 година за поврзување со Албанија преку 400 киловолтен далновод од Битола до Елбасан и за изградба на трафостаница во Охрид, сè уште не е избран изведувач.
Ревизорите утврдиле дека воопшто не биле повлечени средства од оваа кредитна линија, па за провизија за неповлечени средства платила 272.000 евра.
Според ДЗР, тоа доведува до ниска ефикасност на ангажираните средства и ресурси, нанесување на финансиска загуба и нарушување на рејтингот на компанијата и до предизвикување ризик врз безбедноста на електроенергетскиот систем.
„Од август 2017 г. актуелниот менаџмент започна интензивни активности за откочување на овие процеси, избран е консултант ( странска консултантска компанија), отстранети се пропустите во тендерската документација и очекуваме скоро распишување на меѓународните тендери“, објаснуваат од МЕПСО, најавувајќи дека се очекува тендерите да бидат објавени во текот на месецов.
Додека МЕПСО вработува стипендисти
КОМПАНИЈАТА ТРОШИ ПАРИ ЗА АДВОКАТСКИ УСЛУГИ ИАКО РАСПОЛАГА СО СВОИ ПРАВНИЦИ
Од МЕПСО велат дека немало ништо спорно во случаите што излегоа во јавноста поврзани со вработување на неколку роднини на јавни и партиски функционери, како сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, ќерката на поранешниот градонаначалник ан Гостивар Невзат Бејта итн.
„Со последниот оглас за вработување на 23 лица, примивме 18 инженери, меѓу кои шестмина електро-инженери кои се стипендисти на МЕПСО, ЕСМ и ЕВН. МЕПСО за прв пат вработува стипендисти и со овој потег даде придонес во активностите за задржување на млади стручни кадри во својата татковина“, велат од МЕПСО.
Инаку, во МЕПСО вработени се над 600 луѓе, од кои има десетмина правници, меѓутоа, како што објавија медиумите, компанијата потропиле големи суми за адвокатски услуги, при што меѓу ангажираните адвокати биле довчерашниот организациски секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и поранешната министерка за правда Мери Младеновска.