Текстот е објавен на 8 март, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1013
Разговараше Зоран ДИМИТРОВСКИ
ФОКУС: Кога за првпат дозна дека МВР подготвува нешто против тебе?
КЕЖАРОВСКИ: Во октомври-ноември 2012 година добив покана да се јавам во полициската станица Пролет. Се јавив на разговор. Беа присутни двајца полициски инспектори, ги прашав за што се работи, со намера да повикам адвокат ако има потреба, рекоа дека не е ништо страшно.
ФОКУС: Те прашуваа за предметот „Ореше“?
КЕЖАРОВСКИ: Не, туку ме прашаа дали сум контактирал со истражниот судија од Велес Валентин Зафиров. Инаку, во периодот додека пишував за предметот „Ореше“, јас ниту еднаш не сум се сретнал со него. Првпат се видовме пет-шест месеци пред разговорот во полицијата. Ме најде преку колеги. Бараше да му кажам дали од него лично сум го добил записникот од судењето, со кој наводно се открива идентитетот на заштитениот сведок. Му реков, се разбира дека не. Следниот ден му однесов писмена изјава, заверена на нотар дека лицето Валентин Зафиров сум го видел само еднаш во една судска постапка од која јас сум известувал како новинар и со него не сум имал никаков друг контакт.
ЦРНА БОЈА НА БРАНИКОТ НА „МЕРЦЕДЕСОТ“
ФОКУС: Дали полицајците те информираа дека и за тебе лично се води некаква истрага?
КЕЖАРОВСКИ: Не, не. Од тој разговор тешко можев да извлечам констатација дека ќе се случи тоа што подоцна се случи.
ФОКУС: Но, во февруари 2013 година се случи пресврт во случајот, кога сведокот Златко Арсовски пред судот се разоткри дека бил лажен, од полицијата наместен заштитен сведок и Основниот суд ги ослободи обвинетите за убиството во с. Ореше. Ти потоа направи ексклузивно интервју со Арсовски за „Нова Македонија“…
КЕЖАРОВСКИ: Да, се сретнавме со т.н. заштитен сведок, и тоа е првпат кога јас го видов него како изгледа во судницата во Основниот суд во Велес. На излегување го замолив за интервју, прифати. Неколку дена потоа бев во неговиот дом во Драчево. Доколку беше точно дека јас сум го загрозил неговиот живот и безбедноста на неговото семејство, како што подоцна стоеше во обвинението против мене, не верувам дека ќе наидев на такво гостопримство од неговото семејство. Тоа беше ексклузивно интервју во кое тој објасни како и зошто се разоткрил.
ФОКУС: Веднаш потоа следува настанот со сообраќајката на Никола Младенов. Ти како новинар во рубриката црна хроника ја следеше трагедијата. Од првиот ден почна да добиваш информации…
КЕЖАРОВСКИ: Настанот го проследив темелно, професионално како и секој друг, уште повеќе што стануваше збор за наш колега.
ФОКУС: Беше ли на терен веднаш по несреќата?
КЕЖАРОВСКИ: Да, веднаш кога ја добив информацијата, бев таму со екипа на „Нова Македонија“. Од тука почнува сѐ. Тоа беше среда, и таму бевме цел ден, а подоцна, во четвртокот и петокот јас собрав повеќе детали за кои сметав дека треба понатаму да се истражат.
ФОКУС: Што беше причината во саботата да заминеш повторно на местото на сообраќајката и да истражуваш?
КЕЖАРОВСКИ: Со директорот и помошникот главен уредник се сретнавме да ги сумираме сознанијата. Во многу нешта ни се совпаѓаа моите сознанија и оние на директорот Ратко Лазаревски.
ФОКУС: Директорот е поранешен припадник на УБК и има свои извори. Една од причините што заминавте на терен беше тоа што истрагата не го пронајде мобилниот телефон на Младенов.
КЕЖАРОВСКИ: Па, имавме индиции дека можеби станува збор за нешто друго, а не за обична сообраќајка. Во тој правец нѐ носеа две-три работи. И директорот ги имаше сознаено и јас. Од три места ни се поклопуваа информациите. Според сознанијата што ги имавме и јас и Ратко, таа вечер не работеле безбедносните камери на патарината на Петровец, а, пак, на велешките патарини безбедносни камери воопшто и немало. Второ, беше фактот што истражниот судија предвреме го напуштил местото на настанот и увидот. Таа информација ја споделивме во „Нова Македонија“. Јас имав информација која подоцна никој не ја ни спомена, ниту стасав да ја проверам – за присуство на црна боја на браникот од задниот дел на автомобилот на Младенов. Ние не знаевме дали причината за тоа е удар или последица од удар кој се случил вечерта или претходно, но и јас и директорот имавме информација дека на задниот дел од браникот постои трага од црна боја.
ФОКУС: Но, вие не го видовте „мерцедесот“?
КЕЖАРОВСКИ: Не, не бевме во можност тоа да го испитаме, не го видовме автомобилот.
КАМЕРИТЕ НЕ РАБОТЕЛЕ ПО 19 ЧАСОТ!
ФОКУС: Од каде е информацијата дека имало црна боја на браникот? Нели тоа упатува на евентуален удар од друг автомобил, а ова подоцна никој не го спомена во истрагата!
КЕЖАРОВСКИ: Информацијата е од полицаец што вршел увид. Истиот полицаец ми рече дека и камерите не работеле, заедно студиравме. Ми рече оти не завршил Факултет за безбедност за да води таква истрага, но што можевме да направиме, истражниот судија им рекол што сакате правете, терајте си ја вашата работа и завршете. Нашата работа беше да ја измериме едната, другата улица, да направиме скица и слично. Направивме скица на теренот, фотографии од автомобилот, дојде шлеп-службата и го качивме автомобилот. Мене ме интересираше, ме јадеше јанѕа се вратив назад и им реков на патарините, дајте луѓе да видиме камерите, ми рекоа – не работеа, на пример, сообраќајката е во вторник вечерта околу 22-23 часот, а камерите не работеле од 19 часот вечерта!
ФОКУС: Во официјална изјава за „Фокус“ тогаш надлежните рекоа дека камерите не работеле.
КЕЖАРОВСКИ: Наводно немало вклучени камери на велешките патарини, а на најблиската до Скопје, на Петровец, камерите не работеле само таа вечер. Поради технички недостаток, ми рече полицаецот, системот на камерите откажал околу 19 часот.
ФОКУС: Што забележавте на местото на настанот?
КЕЖАРОВСКИ: Отидовме тројцата на терен и најдовме остатоци од возилото кои сметавме дека можеби можат да придонесат во натамошниот тек на истрагата.
ФОКУС: Имаше шпекулации во јавноста дека сте го пронашле и телефонот на Младенов?
КЕЖАРОВСКИ: Се обидовме, но апарат не најдовме. Најдовме делови од моторот, од електрониката, една или две кутии цигари, расфрлени пари, делови од рачки од вратите, од шал-таблата итн. Мошне внимателно пристапивме кон секој дел, а тие што сметавме дека се поклучни, ги стававме во кеси и потоа ги собравме.
ФОКУС: Ги пронајдовте и фамозните белешки од патарините според кои Младенов вртел два круга на автопатот Скопје – Велес. Кој прв ги виде белешките и како стигнавте до нив?
КЕЖАРОВСКИ: Белешките ги видов јас. Ми помогна тоа што имав јасна слика каде паднал автомобилот. Не губевме многу време на местото каде што бил првиот удар од слетувањето. Имавме информации дека по првиот удар, колата потоа се превртела неколкупати и паднала меѓу дрвјата, врз грмушките. Дури, висината каде што прелетал автомобилот и на која се поткршени гранките од дрвјата е 4,70 метри.
ФОКУС: Тоа место, каде што конечно запрел – паднал „мерцедесот“ не беше најпристапно?
КЕЖАРОВСКИ: Не беше пристапно. Покрупен човек таму не можеше да влезе, да се протне.
ФОКУС: Но, екипа на „Фокус“ претходно била на терен и темелно го истражила местото, со помош на човек што се занимава со форензика, направила и неколку стотици фотографии, исто така пронашла кутии цигари и делови од автомобилот, ливчиња итн. и затоа е малку збунувачки дека вие потоа сте пронашле белешки од патарини…
КЕЖАРОВСКИ: Јас разговарав и со форензичарот, беше кај нас дома, таа ми рече дека утврдила движење на „мерцедесот“ со брзина од 136,7 км на час, а јас и реков дека брзината била 140,7. Таа вели, како можело? Така, затоа што јас ја видов полициската скица.
ФОКУС: Но, нели првата информација беше дека брзината била 160 на час, а по некое време ја намалија на 140.
КЕЖАРОВСКИ: Јас го видов записникот од увидот, скицата и во „Нова Македонија“ ја објавивме информацијата – 140,7 уште веднаш. Како стасавте до оваа брзина, го прашав полицаецот? Многу лесно, рече, јас не измислив топла вода, ниту, пак, сум посебно школуван за тоа. Сѐ внатре во „мерцедесот“, сите инструменти стоеја замрзнати по ударот, километражата, обртометарот, брзините и го запишав тоа што пишуваше на инструментите.
ФОКУС: Каде ги забележа белешките од патарините?
КЕЖАРОВСКИ: На местото каде што лежела колата. Две белешки имаше таму. Буквално биле притиснати од колата и беа внатре длабоко во високата трева. Дури беше многу тешко да се забележат, тревата ги имаше заштитено од истрагата. Во петокот врнеше дожд, белешките беа влажни. Другите две беа на страна, на сосема друго место. Местото каде што ги пронајдов беше непристапно, човек со поедра физичка конструкција таму не може да се протне. Двајцата ми помогнаа да легнам и лазејќи да пристапам до местото каде што паднал автомобилот, а таму е веќе поинаку, се отвора една ширинка.
ФОКУС: Постојат ли фотографии од вашата истрага?
КЕЖАРОВСКИ: Постојат.
ФОКУС: Кога се врати, ти напиша текст.
КЕЖАРОВСКИ: Идејата беше доколку МВР или која било друга институција пројави интерес за она што го имаме како материјал да им го доставиме за понатамошната истрага.
ФОКУС: Полицајците потоа дојдоа во „Нова Македонија“.
КЕЖАРОВСКИ: Во понеделникот излезе првиот текст за белешките од патарините. Во редакцијата дојде началникот на увидната група и уште еден полицаец, им ги дадовме белешките од патарините и делови од автомобилот за кои тие пројавија интерес и сметаа дека можеби ќе ги доведат до некаква трага.
ПОЛИЦАЈЦИТЕ ГИ ЗЕДОА БЕЛЕШКИТЕ ОД ПАТАРИНИТЕ
ФОКУС: Полицајците беа среќни дека обезбедиле дополнителни докази.
КЕЖАРОВСКИ: Како не беа среќни, велеа дека многу ќе сме им помогнеле во разоткривањето на причините за несреќата.
ФОКУС: Но, неколку месеци подоцна, на официјална прес-конференција на МВР, обвинителството и судот, надлежните негираа дека воопшто им биле дадени какви било белешки од патарините!?
КЕЖАРОВСКИ: Не знам што се случи подоцна, јас веќе бев во притвор, но ме зачуди изјавата што ја прочитав во еден од дневните весници. Од примопредавањето на белешките и на другите делови од автомобилот на Младенов, постојат фотографии – и видеоматеријал, од кој јасно се гледа дека полицајците доаѓаат во просториите на „Нова Македонија“ и ги преземаат.
ФОКУС: МВР, обвинителството и судот не сакаа да направат истрага за движењето на автомобилот на Младенов, сѐ се сведе само на сообраќајниот увид.
КЕЖАРОВСКИ: Во целата приказна и истрага нам ни беше сомнително зошто Младенов вртел втор круг.
ФОКУС: По твојот втор текст, за тоа дека истражниот судија предвреме го напуштил местото на настанот – во вторникот, следниот ден замина повторно на терен, за да се обидеш да истражиш каде бил и каде се задржал Младенов. Што откри?
КЕЖАРОВСКИ: Се обидов да откријам од каде 30-40 минути разлика во вртењето на вториот круг, од патарината Петровец преку велешките патарини и назад кон Скопје, она време кое врз основа на реконструкцијата на белешките од патарините Младенов некаде можел да се задржи.
ФОКУС: Беше и во Велес?
КЕЖАРОВСКИ: Го поминав градот, бев во кафеани, ресторани, сендвичарници, бензински пумпи, одев со уште едно лице.
ФОКУС: Поранешен полицаец…
КЕЖАРОВСКИ: Правевме наша реконструкција за тоа каде би можел да излезе од автопатот и да помине време во одреден локал, па да се врати. Ги поминавме сите места, никој го немаше видено. Не дојдовме до резултат.
ФОКУС: Проверивте ли во „Романтик“?
КЕЖАРОВСКИ: Ја исклучивме таа варијанта, затоа што направивме реконструкција на потребното време за излегување од автопатот и враќање назад. Да слезете до „Романтик“, да останете таму извесно време, а потоа да излезете, па да отидете до Велес и да се вклучите на автопатот, ќе му биле потребни повеќе од 35 минути. Условите на патот таму не ви дозволуваат брзо да возите, посебно во вечерно време и во зимски услови.
ФОКУС: По враќањето не дојде во редакција да пишуваш текст. Што се случи?
КЕЖАРОВСКИ: Тој ден бев предупреден од пријател во МВР да се откажам од понатамошниот тек на новинарската истрага зашто работата била мошне сериозна.
ФОКУС: Што беше причината, дека имало сомненија дека настанот е наместен, дека не е обична сообраќајка?
КЕЖАРОВСКИ: Човекот што ме предупреди пријателски, одамна го познавам, се обидов тоа да го сфатам прво како шега, но ме замоли овојпат да бидам сериозен. Досега илјадници пати ми се заканувале, но никојпат заканите не сум ги сфаќал сериозно.
ФОКУС: Заканата беше дека би можело нешто лошо да ти се случи ако продолжиш да пишуваш за истрагата на Младенов? Соговорникот ти рече дека сообраќајката е сомнителна?
КЕЖАРОВСКИ: Ликот му оддаваше премногу сериозност во тој момент на разговор. Не ми кажа детали, само ми рече да се тргнам од случајот. Не ми даде којзнае какво објаснување, не ни дозволуваше времето, немаше ни 10 минути. Видов дека не беше работата за шега…
ФОКУС: Ти рече да олабавиш?
КЕЖАРОВСКИ: Не да олабавам, ако ми речеше така ќе продолжев да пишувам, туку едноставно, ми рече да се повлечам една недела, да не бидам присутен никаде во јавноста, да не одам на работа.
ОБВИНИТЕЛКАТА МИ СЕ ЗАКАНИ ДЕКА ЌЕ МИ ГО УНИШТИ СЕМЕЈСТВОТО
ФОКУС: Неколку дена беше дома. Што се случи потоа?
КЕЖАРОВСКИ: Во тој период ми беше исклучен службениот телефон. Од вторникот до понеделникот имав околу 30 пропуштени повици од еден број. Кога се вратив на работа, се јавив на бројот и ја добив обвинителката (Лиле Стефанова, н.з.) која подоцна беше во предметот против мене. Побара да се видиме на кратко. Појдов таму истиот ден, а според најавите средбата требаше да биде пријателска, кафе-пиење. Но, од еден обичен разговор, средбата се претвори во закани…
ФОКУС: Какви закани ти упати?
КЕЖАРОВСКИ: Дека ќе сум скапел во затвор, ќе ми го растури семејството. Дека нема да ги видам повеќе.
ФОКУС: Од кои причини?
КЕЖАРОВСКИ: Не знам зошто. Ми рече – ќе пееш, ми кажаа дека си тврд орев, ама ќе те скршам.
ФОКУС: Што бараше да ѝ кажеш?
КЕЖАРОВСКИ: Изворот на информациите, како стасувам до приказните и кој ми ги дава информациите.
ФОКУС: Од каде, од полиција, од судство?
КЕЖАРОВСКИ: Јас требаше да кажам имиња.
ФОКУС: Те прашуваше ли конкретно за истрагата на Младенов?
КЕЖАРОВСКИ: Многу чудно ѝ било на госпоѓата тоа што имам навремени и точни информации.
ФОКУС: Алудираше на твоите текстови за случајот „Ореше“ и за последните текстови за истрагата за Младенов?
КЕЖАРОВСКИ: Работата беше да дознае кој е мојот извор за сите текстови. Некој добро ја подготвил дека добивам навремени и точни информации. Сѐ друго не ѝ беше ниту делумно точно. Ме навредуваше дека сум бил алкохоличар, коцкар, сум одел по обложувалници. Но, ми требаше време – не знам дали сфати, дека обложувалниците јас ги посетувам, иако не знам воопшто како се игра и како се пополнува ливче, ниту ме интересира – само како идеални места за да добијам информации или документи од моите извори.
ФОКУС: Не те прашуваше за „Ореше“?
КЕЖАРОВСКИ: Имаше две прашања за „Ореше“, за изворот на информациите и 10-15 прашања за нешто што нема допирни точки со овој случај. На крајот, разговорот резултираше со закана до следниот ден мора да ѝ отпеам се што знам.
ФОКУС: Што конкретно?
КЕЖАРОВСКИ: Сѐ што знам да ставам на хартија и да ѝ однесам, имав рок до следниот ден до 12 часот. Од музичкото образование точно е дека знам да свирам на хармоника, меѓутоа пеењето никогаш не ми било јака страна, и тоа и го кажав на средбата.
ФОКУС: Дали тоа беше сигнал дека токму за случајот „Ореше“ ќе ти подготват апсење?
КЕЖАРОВСКИ: Чувствував. Премногу сум во новинарството и чувствував, но никому не му кажав за заканите.
ФОКУС: Потоа дојде денот на апсењето. Како го доживеа?
КЕЖАРОВСКИ: Таков упад имам видено само во американските филмови, како специјалци влегуваат и апсат нарко-босови. Петнаесетина луѓе ни влегоа среде соба и можеби уште толку беа распоредени по дворот. Тие слики сѐ уште ќе ѝ се вртат на мојата ќерка која тогаш имаше 13 години – да ѝ влезат во соба тројца со пушки, зашто тие не знаат кој има зад вратата, нели? Јас им реков ќерка ми спие, но тие, сепак, влегоа.
ФОКУС: Беа вооружени?
КЕЖАРОВСКИ: Не само што беа вооружени, туку имаа и бомби на појасите. Беа под полна воена опрема – со маски, шлемови, автоматско оружје. Сопругата ги праша за што станува збор, а јас сметав дека ја погрешиле куќата. Рекоа само дека ќе треба да бидам изведен пред истражен судија и толку. Ме зачудува фактот зошто беше потребно сето тоа, кога претходно уредно се одзивав на поканите во полицијата и во обвинителството. Со полициско обезбедување, со ротациски светла, во стил на голем криминалец ме одведоа во Основниот суд 1. Чекав распит и вечерта бев изведен пред судијата. Распитот траеше одвај неколку минути.
НЕЧОВЕЧКИ УСЛОВИ ВО Ц-ХОДНИКОТ
ФОКУС: Што те праша истражната судијка?
КЕЖАРОВСКИ: Како сум стасал до записникот од загрозениот сведок. Јас реков дека записникот ми беше предаден анонимно. Друго прашање беше со кои луѓе контактирам во МВР. Посочив дека контактирам со две-три лица. Ќе кажеш ли кои се, ме праша. Реков – не!
ФОКУС: Зошто ти беше доделен адвокат по службена должност?
КЕЖАРОВСКИ: Адвокатот што го побарав беше одбиен затоа што требаше да биде сведок во предметот – Звонко, а другиот беше одбиен со образложение дека е во истата канцеларија со него.
ФОКУС: Но, адвокатот по службена должност не поднесе приговор на мерката притвор што ти беше определена!
КЕЖАРОВСКИ: Многу ме зачудува тој факт. Тој е адвокат, без оглед што е млад човек, на почеток на кариерата, но да не поднесе приговор за притворот е шокантно. Јас никогаш потоа не се видов со тој човек, и би сакал да се видам да ми објасни зошто во предвидениот рок од 24 часа не вложил приговор. Не верувам дека во иднина може да гради успешна адвокатска кариера ако основните работи од нему познати причини не ги исполнува.
ФОКУС: Те однесоа во притвор во затворот во Шуто Оризари и таму беше речиси седум месеци. Какви беа условите?
КЕЖАРОВСКИ: Да, бев сместен во Ц-14. Тоа е ходникот Ц, каде што условите се ужасни. Кога ќе кажете некому дека сте престојувале безмалку 7 месеци во Ц ходникот, секој што знае, ќе ви каже дека тоа е најужасниот дел од затворот, каде што условите се под секое човечко достоинство.
ФОКУС: Какви се условите?
КЕЖАРОВСКИ: Јас во една пригода, на шега реков дека проектот „Скопје 2014“ требаше да почне од Ц ходникот, зашто таму не знаеме кој ќе биде притворен. Денес е Кежаровски, но утре може да биде и некој друг. Во просторија од осум квадрати бевме сместени четворица, во тој простор е и тоалетот, а прозорчето е високо на 4-5 метри и не е докрај отворено, туку малку, колку да влегува воздухче. Хигиенските услови се срамни. Во исклучителни случаи, може и пет или шест луѓе да бидете сместени во тој простор. Еден спие на маса – или ќе ја поместите, ако воопшто може да се помести, зашто е зашрафена. Едниот го става душекот на масата. Ако нема каде да легне, ќе лежи долу, на патосот. Според моите сознанија, Ц-ходникот во затворот е направен во 1937 година, според некои други, десетина години подоцна, а некои велат во 1961-62 година. Без оглед на сѐ, тој дел е стар барем 50 години. Тешка е и работата на вработените во затворот и тие се изложени на ужасно тешки услови. Дневно излегувавме по 10 минути на воздух, а законски треба два часа. Во тие десет минути не можете белите дробови да ги наполните со воздух, а не, пак, да се почувствувате како човек. Храната е приказна за себе. Појадокот е никаков, вечерата уште погрозна. Еден леб добивате во текот на денот, евентуално две виршли, наутро можете да добиете две јајца и коцка маргарин за четирите лица во ќелијата. За ручекот, на моменти добивате нешто што не може да се утврди што е. Грозно! А, пак, вечерата стандардно беше супа, и ако ви падне фиде, ќе бидете многу среќни.
ФОКУС: Но, вам ви доставуваа храна од дома.
КЕЖАРОВСКИ: Знаете како е, тој што има можности, ќе му достават, но се изнагледав човечки судбини. Постои солидарност, па се поддржуваат луѓето, важно е да ви се погодат тие што се со вас внатре во ќелијата. Кај мене имавме заемна почит, немаше никакви проблеми, ниту еднаш не се случи никаков инцидент. За помош, не станува збор – сите си помагавме, и во така тешки услови моравме да бидеме добро организирани за да ја одржуваме хигиената, како-така, да опстоиме.
ШТРАЈКУВАВ СО ГЛАД ОД СОЛИДАРНОСТ
ФОКУС: Ти штрајкуваше со глад извесно време. Зошто?
КЕЖАРОВСКИ: Ако некогаш излезе писмото што тогаш го напишав до управата на затворот, ќе се види зошто. Во јули 2013 година ги информирав дека ќе почнам штрајк со глад зашто видов луѓе кои беа во притвор по неколку месеци, а ниту еднаш не беа изведени пред истражен судија. Или, пак, обвинението им доцни. Има многу такви случаи што ги поминува сите човечки граници. Има луѓе една година и неколку месеци во притвор, а не им е почната постапката. Целта ми беше да ги поттикнам судот и обвинителството посериозно да си ја сфатат работата и да им дадам до знаење дека таму, сепак, има луѓе. Истиот ден, од управата на затворот ме замолија да напишам кому му се обраќам. Јас немав ништо со управата на затворот, туку штрајкот со глад беше насочен кон обвинителството и кон судот зошто ги оставаат така луѓето да скапуваат во неиздржливи услови. Ако речам – кучешки услови, ќе ги навредам кучињата. Во одделни моменти знаев да се пошегувам дека кучињата што го обезбедуваат затворот се сместени во подобри хигиенски услови.
ФОКУС: Имаше ли во затворот глувци, инсекти, лебарки?
КЕЖАРОВСКИ: Глувци не видов, но само за еден ден таму можете да направите добар инсектариум. Сѐ можете да видите – пајаци, бели, жолти, кафени, црни, лебарки… Морате да ги игнорирате, како да не постојат, како да се предмет, нешто што е со вас. Ако им обрнете внимание, ќе се разболите, ставате само пешкир или крпа преку лицето да не ви лазат по лицето, а сѐ друго, по телото, посебно во јули, не можете да се покриете… Моравме да палиме и колонска вода и да попрскаме, да го најдеме местото каде што лежат и да ги проретчиме.
ФОКУС: Цело време останавте во Ц–ходникот?
КЕЖАРОВСКИ: Сменив три ќелии, сите беа во Ц-ходникот. Само на десетина дена, кога го прогласив штрајкот со глад, бев однесен во една од хашките ќелии, каде што тоалетот е преграден и има барем малку приватност, но по 15 дена повторно ме вратија назад. Во притворот ме одржа дружбата со луѓето, морам да речам дека сум им многу благодарен. Тоа и вербата дека имам силна поддршка од колегите, од семејството, роднините, пријателите, па дури и од непознати, не смеам да ги заборавам. Стасуваше поддршка од родителите на притвореници, од луѓе кои беа притворени, па викаа од горе.
ФОКУС: Не се гледавте со притворениците, но се довикувавте!?
КЕЖАРОВСКИ: Во затворот главно сѐ е тонски, комуникацијата е таква. Ќе чуете – те поздрави овој, оној и ти порачува да издржиш.
ФОКУС: Имаше ли притисоци од управата?
КЕЖАРОВСКИ: Имав притисоци од дел од вработените. Но, сѐ падна во вода.
ФОКУС: Што бараа од тебе, да кодошиш?
КЕЖАРОВСКИ: При претресите што ги правеа, цел им беше мојот кревет, не знам што бараа таму.
ФОКУС: Чуваше ли нешто тајно, телефон, документи? Што бараа?
КЕЖАРОВСКИ: Не… но бев главна цел на една група луѓе. Бев исклучен од комуникации со вработените, се чувствував како лепрозен, бегаа од мене иако дел од тие луѓе ги познавав лично и сме контактирале претходно поради професијата. Но, сѐ се смени кога почна судењето и кога децидно кажав дека немам намера да ги откријам моите извори.
НЕПРИСТОЕН ПРЕДЛОГ ОД ЗАТВОРСКАТА УПРАВА
ФОКУС: Те притискаа ли во затворот да ги откриеш?
КЕЖАРОВСКИ: Сметаа дека можеби ќе попуштам, ќе проговорам. Од управата имав непристоен предлог, да седнам и да напишам сѐ што знам што се случувало во периодот месец, месец и пол пред моето апсење. Така ми беше речено. Еве ти листови хартија колку што ти треба, а ти седни, немој да спиеш две-три вечери и напиши што знаеш.
ФОКУС: За возврат ти понудија посебен третман?
КЕЖАРОВСКИ: Не третман, туку информациите беа дека ќе ми биде прогледано низ прсти и ќе се најдам некако на слобода. Им кажав дека јас веќе стапнав тука и дека немам намера да се пазарам. Не знаев што се случува надвор. Весниците што ми ги праќаа, не ги добивав навреме, туку со задоцнување и не можев да бидам во контакт со случувањата надвор.
ФОКУС: Почна судењето, но судијката сѐ уште ги немаше твоите текстови од Репортер 92.
КЕЖАРОВСКИ: Многу е чудно, ми поднесоа кривична пријава, изготвија обвинение и на крајот почна судската постапка врз основа на два фотокопирани текстови. Ги немаа оригиналните списанија!
ФОКУС: Како гледаш на поддршката што ја доби од јавноста? По притисокот од домашната и од меѓународната јавност, те пуштија во домашен притвор.
КЕЖАРОВСКИ: Тоа за мене беше борба за професијата, за дигнитетот на новинарството.
ФОКУС: Кога дојде дома, имаше многу посети и од новинари од странство, од претставници на новинарски здруженија и организации за човекови права. Какви беа пораките?
КЕЖАРОВСКИ: Од сите релевантни и највисоки меѓународни здруженија и новинарски организации, дипломатски претставници, добивав поддршка. Сите ме прашуваа како е можно да се случи ова. Ова нема шанси да се случи каде било во Европа. И начинот на приведување, и престојот во притворот и условите во затворот. Не можете да им го објасните тоа. Добивавме впечаток дека си одеа, а сѐ уште не им е јасно дека тоа се случува во Македонија.
ФОКУС: Сега кога сте надвор, нели сакате да придонесете тие услови да се променат?
КЕЖАРОВСКИ: Ми остана морална обврска да се обидам барем малку да придонесам да се сменат условите. Да покренам иницијатива да се бојадисаат ќелиите однатре, да се сменат душеците, креветите, да има минимум човечко достоинство. Да има телефонски говорници… Сега има ново раководство таму, помлади се, поамбициозни, се надевам ќе проработи совеста, да се обидат да ги подобрат условите. Но, ќе се обидам по организации, по фирми, да побарам некој да донира, да се поправи барем тој дел во Ц-ходникот.
ФОКУС: И твоето семејство тешко преживуваше. Твојата сопруга не можеше да најде работа.
КЕЖАРОВСКИ: Сопругата во два-три наврати се обиде да најде работа. Не бевме во ситуација да избираме, бараше и по маркети. Точно е дека ни помагаа нејзините родители, дека најмногу добивавме помош од колегите, но, сепак, сметавме дека треба да работи. Се покажа како да сум државен непријател број 1! Сѐ беше добро додека не го кажеше презимето. Презимето ни е специфично и сите тука креваа раменици!? Тоа сѐ уште е проблем, ќе видиме како ќе биде понатаму.
ЦЕЛО ВРЕМЕ ПОКАЖУВАА СИЛА
ФОКУС: По одлуката на Апелација, која казната ти ја намали на 2 години, од домашен притвор експресно те испратија на одлежување на казната затвор. Го очекуваше ли тоа?
КЕЖАРОВСКИ: Во моментот кога малку заборавивме на апсењето, следуваше вториот шок. Кога стасаа да ја објават пресудата, јас ја немав ниту видено, веднаш дојдоа да ме соберат. Мислев дека е обична полициска контрола, зашто контролите беа редовни додека бев во домашен притвор. Морам да речам оти имаше луѓе кои многу професионално си ја вршеа полициската работа, ѕвонеа на врата… Но, имаше и такви што сакаа да направат инцидент. Ја паркираа колата, не се симнуваа од возилото и ги пуштаа сирените. Навечер, изутрина, сеедно. Создаваа тензии во соседството, се обидуваа да провоцираат. Но, јас го почитував куќниот притвор, во дворот не излегував, а не, пак, на улица.
ФОКУС: Каде те сместија по враќањето во затворот?
КЕЖАРОВСКИ: Тие пет дена бев на издржување на казната затвор во приемното одделение во Шуто Оризари. Таму веќе има поинакви услови.
ФОКУС: Требаше да лежиш уште два-три месеци…
КЕЖАРОВСКИ: Да, остатокот од казната. Условите не се многу подобри, но имате право еднаш во неделата да одите до телефонска говорница, да се јавите дома. Приемното одделение се три-четири простории споени со еден ходник… Сѐ друго во глобала е лошо.
ФОКУС: Но, веднаш по неколку дена, повторно те пуштија…
КЕЖАРОВСКИ: На 20 февруари, дента кога се одржуваше протестот на новинарите, утрото по прозивката ме повика управителот на затворот и ми рече дека ќе ме пушти на привремен отпуст – прекин на казната, поради здравствени причини, иако не се жалев на ништо. Но, кога претходно бев во куќен притвор, се жалев, ама не ми беше дозволено да одам на стоматолог. А стоматолог тешко ќе најдете да ви дојде дома. За среќа, новинарскиот синдикат и колегите ми најдоа стоматолог, кој дојде кај мене дома, па седнат на кујнски стол, среде кујна, ми извади заб за да ми се намали воспалението на вилицата. Еднаш ме пуштија само два часа на преглед на матичен лекар, и толку. Но, потоа не ме пуштаа на други прегледи.
ФОКУС: Директорот на затворот истовремено пуштил барање за скратување на твојата казна… за условен отпуст!
КЕЖАРОВСКИ: Не знаев и за тоа додека не излегов од таму. Но, за неколку дена чув од колегите. Целиот случај беше покажување надмоќ, сила. Еве, двапати можеме да те уапсиме на таков начин. Навистина и вториот пат немаше потреба да бидам така уапсен. Влегоа тројца униформирани и тогаш мораше театрално да ме изнесуваат низ вратата, врзан со лисици. Не знам колку е вистина, но тие што ме апсеа биле наводно дадени на дисциплинска зашто при приведувањето не ми ги врзале рацете одзади. А така се врзуваат лицата што се агресивни, кои покажуваат отпор, што значи дека и јас така требало да бидам претставен како озлогласен криминалец. Демек, многу добро се однесувале со мене.
ФОКУС: Што со професијата? Ќе работиш ли како новинар?
КЕЖАРОВСКИ: Не сакам да се оддалечам од оваа професија. Напишав една дефиниција – новинарот го дефинирав како човек кој не треба да ги напрега очите гледајќи во магловита далечина, туку треба да го спознае она што му се случува пред очи и да се фати во костец со тоа. Така сум скроен и од дома и така ме научија во новинарството, а учев од еминентни имиња, секогаш вистината да ми биде водилка во текстовите.
ФОКУС: Си пишувал за десетици, стотици случаи. Толку ли беше овој случај посебен, за вака сето тоа да заврши.
КЕЖАРОВСКИ: Јас уште во вториот текст во „Репортер 92“, во воведниот дел на текстот за случајот „Ореше“ напишав дека овој случај ќе има драматична разрешница, и навистина излезе така. Многу е чудно што никој не се обиде да ги демантира наводите во текстот, дека навистина имаше полициски наместен заштитен сведок, туку се фатија за моментот дека наводно сум го оддал идентитетот на сведокот. Жал ми е што ниту една од институциите не обрна внимание на моите текстови, а да обрнеше уште тогаш, можеби поинаку ќе се одвиваа работите.
Рамка
Минералната вода во затворската кантина е двојно поскапа!
ФОКУС: Може ли нешто да се купи во затворот, во кантината?
КЕЖАРОВСКИ: Може, но ако минералната вода во самопослуга чини 19 денари, таму е 35 денари! Некој останал без приходи во семејството, ако бил глава, ако носел една плата и паднал во притвор, на целиот издаток треба да плаќа и поскапо за вода. А принудени сте да купите од кантината газирани пијалаци. Инаку, газиран сок од страна не може да ви донесат. Шише „кока-кола“, иако на него пишува дека чини 69 денари, во затворот е 95-100 денари. Ги имам дома белешките. На одделни производи цените се кренати 50, дури и 100 отсто!
„Репортер 92“ згасна бргу по текстовите за Ореше!
ФОКУС: Зошто згасна „Репортер 92“, неделникот каде што ги објави приказните за случајот Ореше?
КЕЖАРОВСКИ: Замислете, во обвинението ми беше посочено дека Кежаровски имал намера да создаде списание што ќе биде многу читано!? Не верувам дека во светот постои новинар кој сака да напише текст или да направи списание кое никој нема да го прочита или ќе биде малку читано, или средно читано. Секој се стреми да има тираж и читаност или гледаност. Списанието тргна извонредно добро, но во еден интересен период, по вториот текст за случајот Ореше, неколкуте фирми што се рекламираа, во ист ден откажаа. Не можам да речам што е заднината и причината за тоа, но сето тоа беше сомнително. Списанието имаше добар тираж, немаше говор на омраза, не повикувавме на нетрпеливост, се стремевме да застанеме на страната на обичниот човек и на вистината и да откриваме беззаконие, злоупотреба на функциите и слично. Можеби тоа ми