АРХИВА: По Субрата Рој, на Македонија ѝ избега уште еден индиски инвеститор

by Фокус

Текстот е објавен на 24.07.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1033

Во 2012 година, индискиот инвеститор Субрата Рој во земјава беше дочекан со најголеми почести, а владиниот врв го најави како спасител на економијата, не можејќи да ги доброи најавените вложувања. По три години, ситуацијата се измени од корен. Наместо вложувања од стотици милиони евра, Индиецот купи само еден хотел од 5 милиони евра и отиде в затвор во сопствената држава. Во истиот период во државата се појави уште една индиска инвестиција, која требаше да направи бум во образовниот сектор. Отворија градинка, а требаше да градат и универзитетски комплекс. Но, како што дознава „Фокус“, и овие Индијци почнале да ги пакуваат куферите

Пишувала
Валентина Стојанчевска

Ако се прави анализа на говорите на премиерот Никола Груевски, очекувано е резултатите да покажат дека фразата – странски инвестиции му е една од најупотребуваните, која ја има буквално во секое негово обраќање, па дури и кога им честита некој празник на граѓаните. Тие се неговиот најголем маркетиншки адут, кој иако досега многупати издишал како пробен балон, сепак не се откажува од него при себерекламирањето. Можеби и затоа секоја наводна странска инвестиција се најавува помпезно, за да звучи поуверливо, но факт е дека атмосферата се стишува кога треба да се сумираат резултатите и придобивките од неа.

Во предизборната програма за периодот од 2011 до 2015 година, насловена „Манифест за реформи и развој“, владејачката партија најавува меѓу 300 и 555 милиони евра странски инвестиции годишно. Но, есапот покажува дека оваа сума е недостижна, бидејќи минатата година вкупната вредност на овие инвестиции изнесуваше 262 милиони евра, или само 10 милиони евра повеќе од претходната 2013 година.

Како еден од спасителите кој требаше да ја оживее домашната економија се најавуваше индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој за првпат во Македонија пристигна во јуни 2012 година.

Овој инвеститор најавуваше дека ќе изгради туристички комплекс на охридското крајбрежје, фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда. Преку овие инвестиции, пак, требаше да се вработат над 3.000 невработени.

По три години, ниту еден од овие проекти не се реализираше. Кравите не пасат во Џумајлија, а на нивите воопшто не влегоа тракторите. Охрид, наместо новиот Лас Вегас, со казина и хотели, си остана со неизменет личен опис, а Македонија не стана место за снимање боливудски филмови.

Скопјани, пак, не го добија ветениот подарок, односно споменик на Мајка Тереза, бидејќи по само еден месец, откако индискиот бизнисмен дојде во Македонија, Врховниот суд на Индија донесе одлука да врати околу 5 милијарди американски долари на еден милион инвеститори кои биле измамени во градежниот бизнис. Минатата година Субрата заврши зад решетки, а неговите фирми во Македонија, освен една, и понатаму функционираат, но без да се зафатат со некои големи активности.

ВЕТУВАА ЛУКСУЗНИ ХОТЕЛИ ВО ОХРИД, А НА КРАЈОТ ЌЕ РЕНОВИРААТ САМО ЕДЕН!

Откако стана очигледно дека најавуваните проекти нема да се реализираат, сѐ погласно се шпекулира дека наскоро и тимот Индијци што останаа во Македонија ќе си заминат, а фирмите ќе се затворат. Се зборува дека единствената пречка им била купениот хотел „Славија“, кој им ги забавува плановите за „незабележително бегство“.

Од „Сахара групацијата“, пак, и покрај многубројните пропаднати ветувања, велат дека не се откажуваат од Македонија. Во контакт со нив стапивме преку агенцијата „Елемент ПР“, која е задолжена за нивниот маркетинг.

– „Сахара групацијата“ е посветена на нејзините инвестиции во Република Македонија, иако не беше во можност да ги исполни своите обврски во земјоделскиот сектор. Сепак, фокусирани сме кон секторот туризам и угостителство. Во моментот, Сахара е поддржана од нејзините канцеларии и операции од Скопје и Охрид, како и од десетчлениот тим и наскоро ќе почне со регрутација на повеќе луѓе за извршување на работните задачи, велат од групацијата за „Фокус“.

Од индиската компанија истакнуваат дека наскоро ќе почнат со реновирање и изградба на хотелот „Славија“ во Охрид, кој го купија во 2013 година, за 5 милиони евра. Според фотографиите што ни ги испратија, планираат овој хотел да го уредат во луксузно место наречено „Сахара“, а истакнуваат и дека очекуваат хотелот да биде подготвен за употреба до крајот на оваа година.

– Проширувањето и реновирањето веќе е скицирано од група македонски архитекти и дизајнери на ентериер, поддржани од тимот за ентериер на „Сахара“, кој се наоѓа во Мумбаи, Индија. Хотелот е дизајниран да биде светска дестинација за туризам, додека истовремено ќе биде и дестинација за светски конференции, корпоративни настани, велат од индиската компанија.

Од таму додаваат и дека се очекува наскоро фамилијата промотери да ја посетат Македонија, со цел, како што велат, да го придвижат проектот на своите први, но цврсти чекори во Македонија.

– Поради ова, може да се заклучи дека Сахара, под лидерството на Субрата Рој, е посветена на обврските да ја придвижи инвестицијата напред, велат од компанијата.

Сепак, колку и да е голема волјата на оваа странска компанија да остане во Македонија, очигледно е дека најавуваните инвестиции од стотина милиони евра паднаа во вода, а на крајот сѐ ќе заврши со реновирање на еден хотел во Охрид.

А сѐ уште се свежи сеќавањата од 2013 година, кога Рој со тогашниот министер за земјоделство Љупчо Димовски и министерот за финансии Зоран Ставрески, качени на трактори и со сите обичаи, го означија проектот за земјоделство, кој требаше да тежи 211 милиони евра. Според договорот, компанијата на бизнисменот Рој беше должна да набави 20.000 грла крави, а очекувањата беа дека дневно ќе се произведува по 80.000 литри млеко. Вкупната инвестиција, само во овој бизнис, требаше да достигне 1,6 милијарди евра. Милионски инвестиции се најавуваа и за Љубаништа, но на крајот Индијците не вложија ниту евро.

СУБРАТА СÈ УШТЕ Е ЗАД РЕШЕТКИ, А НЕГОВИТЕ ФИРМИ РАБОТАТ СО ЗАГУБА

Според информациите објавени во некои светски медиуми, дознавме дека Рој сѐ уште е во притвор и дека неговиот спор сѐ уште не е завршен. Овој скандал беше обелоденет уште пред доаѓањето на Рој во Македонија, односно во 2010 година, кога еден од сметководителите на „Сахара“ испратил писмо до Комисијата за хартии од вредност на Индија за да се истражува издавањето хартии од вредност во градежништвото од страна на компаниите на Рој. По четиригодишна истрага, тој во февруари 2014 година беше уапсен, со цел да го продаде својот имот и да ги собере парите потребни за обесштетување на инвеститорите.

Сега од компанијата само кусо коментираат дека се работи на негово пуштање на слобода бидејќи биле обезбедени средства од продажба на имот на компанијата.

Според податоците од Централен регистар, Субрата Рој во Македонија имаше регистрирано вкупно четири компании. Прво, во август 2012 година ја регистрираше „Сахара Глобал Цом ДОО Скопје“ наменета за изградба на станбени и нестанбени згради, со основна главнина од само 5.000 евра. Оваа фирма, сепак, немаше долг век на траење, бидејќи е во ликвидација. Од групацијата тогаш појаснија дека затворањето било од техничка природа, односно оваа фирма реално не функционирала, а сите трансакции и проекти се спроведувале преку друга компанија.

Втората компанија на Рој беше регистрирана неколку дена подоцна, исто така со почетен влог од 5.000 евра, под називот „Сахара Пуре Еатаблес“, за преработка на земјоделски производи. Според податоци од Централниот регистар, оваа фирма веќе две години работи со загуба. Односно, во 2013 година имале приход од 2,3 милиони денари, но расход од 8,8 милиони денари. Минатата година, пак, имале зголемен приход од 3,8 милиони денари, но и расход од над 199 милиони денари, што покажува дека работеле со огромна загуба.

Третата компанија е регистрирана во декември 2012 година, со назив „Сахара Глобал Доел“, како друштво за градежништво, услуги и развој. Од финансиската состојба на оваа фирма може да се заклучи дека и таа во изминативе две години работела со загуби. Во 2013 година имале половина милион денари приход, а расход од 90 милиони денари. Лани, направиле приход од 1,3 милиони денари, а расход од 38 милиони денари. Сепак може да се заклучи дека оваа фирма стои добро финансиски подобро од останатите, бидејќи нејзиниот финансиски капацитет е од 518 милиони денари. Последната четвртата компанија на Рој е „Марине Хоспиталити“, регистрирана како друштво за трговија. Оваа фирма во изминативе две години работи со загуба, односно воопшто нема приход, а забележала загуба од 262 илјади денари.

ПРОПАДНА УШТЕ ЕДНА ИНДИСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Судбината на „Групацијата Сахара“ се чини ја снајде и уште една индиска компанија, која покрај најавените големи инвестиции во образовниот сектор, почна да се повлекува по поминати две години во земјава.

Станува збор за компанијата „Цел Глобал“, која требаше да направи инвестициски бум во образовниот сектор.

Пред две години ја отворија елитната градинка „Сент Пол“, во скопската населба Карпош, а според информации од родители кои се распрашувале за условите и за цената, месечниот престој чинел солени 280 евра. Но, како што дознаваме неодамна менаџментот решил да ја затвори градинката. Се обидовме да ја дознаеме причината, но телефонските броеви за контакт во градинката се исклучени. Наидовме и на затворена врата, иако на неа сѐ уште стоеше повикот за упис на деца. На истата адреса каде што се наоѓа, регистрирана е и фирмата, но и од таму не добивме одговор што се случува.

И оваа компанија, кога во Македонија дојде во 2012 година, даваше големи ветувања, кои засега се далеку од реализација. А, еве што кажа генералниот менаџер Амриш Чандра на свеченото отворање на градинката:

Ова е прв бебешки чекор на „Цел Глобал“ во Македонија, но секако не последен. Како компанија имаме инвестициско портфолио кое планираме да го реализираме во Македонија и на Балканот. Одлучивме Македонија да биде образовен центар од каде што ќе се шириме, изјави пред две години, Чандра.

Компанијата најавуваше и отворање интернационално средно училиште, кое требаше да работи според стандардите на средните училишта во Велика Британија и во Канада, како и изградба на универзитетски комплекс. Нивната замисла беше кампусот да се распостели на 200 хектари со образовни институции од сите нивоа, објекти за домување на жителите на кампусот, како и помошни објекти од културно-забавен карактер, кои требаше да бидат лоцирани на дел од езерото „Младост“ во близина на Велес. Според изјава на Чандра, кој јавниот сервис МРТВ го посочува како директор на индиската корпорација, делови од објектот требаше да проработат во септември минатата година.

Според податоците во Централниот регистар, фирмата сѐ уште е активна. Во 2013 година пријавиле приходи од 720.797 денари, а имале расходи од речиси 5,2 милиони денари, што значи дека работеле со загуба, од над 4,4 милиони денари. Минатата година, пак, компанијата имала зголемен приход и тоа од 1,1 милион денари, а пријавила расходи од 3,1 милион денари.

Сепак, активноста на фирмата не значи дека ќе продолжи со најавените инвестиции, а особено сомнеж фрла фактот што од „Цел Глобал“ одлучија да се повлечат на првиот чекор, односно да ја затворат градинката.

Иако на отворањето присуствуваше и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој дури ја сечеше и црвената лента, а и тврдеше дека компанијата има сериозни намери да инвестира во иднина, сега не сака да одговори зошто индискиот инвеститор се повлекува од Македонија. Не добивме одговор на поставените прашања испратени преку електронска пошта, а на телефонските повици не одговараше ниту портпаролот на министерот, Маријан Гиовски.

ВРСКАТА НА РОЈ СО УШТЕ ЕДЕН НЕУСПЕШЕН ИНДИСКИ ИНВЕСТИТОР

Оваа индиска компанија официјално не е поврзана со Рој, а и од „Сахара“ демантираат дека стојат зад неа, но постои врска која може и да е сосема случајна, но, сепак, постои.

Тоа е името на генералниот менаџер на компанијата, Амриш Чандра. Тој во Македонија, во ист временски период се јавува и како генерален менаџер на „Цел Глобал“, но и како генерален менаџер на „Сахара“, компанијата на Рој. Тој за македонските медиуми даваше изјави од името на двете компании.

– Во моментот се врши сеење на 230 хектари земјиште со зелен грашок што се употребува како сточна храна. Сеењето го вршат четири македонски компании од Источна Македонија кои имаа искуство со Сахара и во првата фаза кога се обработуваше земјата, изјави Чандра, претставен како генерален менаџер на „Сахара“ во Македонија.

Истиот човек, Чандра, беше и генерален координатор на Сахара Балканскиот мировен фестивал што во Скопје го организираше „Сахара Групацијата“. Тој за македонската јавност ја објаснуваше содржината на фестивалот, а на истиот се појави во придружба на Субрата Рој и на неговото семејство. Со Рој, на секоја негова посета во земјава се дружеа и целиот владин и државен врв, а кога немаше каде да бега, премиерот се правдаше пред јавноста дека владата никогаш не тврдела дека Рој ќе инвестира во Македонија. Но, покрај краткотрајното памтење на Груевски, медиумите потсетија на една од многуте изјави на министерот Ставрески, кој го тврдеше спротивното.

– Проектот на „Сахара груп“ за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млеко производството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години, изјави Ставрески на 27 август 2013 година.

Фактите покажуваат дека на крајот најголемата странска инвестиција стана најголемата владина лага, која имаше за цел да го билда популизмот на партијата. А народот имаше шанса во живо да одгледа уште една боливудска серија, за која никако да се сети дека на крајот секако ќе заврши трагично. По сѐ изгледа дека се погодија актерите, па неизвесноста ги држеше сѐ до финишот.

 

Наместо подарок, споменикот на Мајка Тереза ќе нѐ чини 5 милиони евра

На почетокот на годината, Министерството за култура објави тендер за избор на компанија што ќе гради „објект со скулптурална композиција“, која се однесува на новиот споменик на Mајка Tереза со дозволена висина од дури 32 метри.

Првичните проценки се дека од државниот буџет за овој споменик од проектот „Скопје 2014“ ќе се издвојат околу 5 милиони евра, иако Рој најавуваше дека тоа ќе биде неговиот подарок за Македонија.

Поврзани новости