Текстот е објавен на 27 јануари, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1321
Судската битка меѓу „Бетон“ и грчката компанија доби своја завршница во штипска Апелација, во корист на штипското градежно претпријатие, кое бара 2 милиони евра од „Интраком“. Судиите од Апелациониот суд ја потврдија одлуката на првостепениот суд и ги отфрлија жалбите на странската компанија, тврдејќи дека сѐ е „согласно Законот и Уставот“. Но, претседателката на судскиот совет на Апелација што одлучува е мајка на адвокатот вработен во адвокатското друштво што го застапува „Бетон“, па оттука има и судир на интереси. Грчката компанија побара нејзино изземање, но и тоа е отфрлено.
Пишува Ирена МУЛАЧКА
Проектот за изградба на штипската Клиничка болница, за која досега се удрени најмногу камен-темелници во историјата на македонското јавно здравство продолжува и понатаму да ги тресе штипските судови, кои повеќе од една година го „решаваат“ проблемот меѓу грчката компанија „Интраком“ и штипски „Бетон“, поточно фирмата која е во стечај, кои соработуваа околу изградбата на болницата.
Штип никако да дојде до болница, а околу 200 илјади граѓани од регионот чекаат повеќе од 10 години.
На крај, како и секогаш досега се доаѓа до заклучокот дека на никој не му е важно каде и во какви услови се лекуваат пациентите, туку најбитно е секој да го наполни џебот. Барем, досегашните искуства го покажуваат тоа.
Како што веќе објави „Фокус“, соработката меѓу грчката компанија и „Бетон Штип“ одговорни за изградбата на болницата траеше сѐ до 2018 година, кога „Интраком“ еднострано го раскина договорот откако со месеци стагнираше изградбата, се пробија сите рокови и презеде обврски пред Министерството за здравство самостојно да го доврши објектот. Оттука и веќе почнуваат проблемите меѓу двете компании, грчката и македонската, како и долгата битка по судските лавиринти.
Според документите со кои располагаме, тужителот, во случајот „Бетон Штип“, на 26 декември 2018 година побарал од фирмата „Интраком“ паричен износ од околу 2 милиони евра. По приговорот од грчката компанија, Основниот граѓански суд ја отфрла тужбата на штипската фирма и дава образложение дека е предвидена одредба со која странките се согласни сите спорови да ги решаваат спогодбено според правилата на Арбитража на Меѓународната стопанска комора во Париз од страна на тројца арбитри.
Сепак, „Бетон“ не застанува тука, па продолжува со спорот пред штипските судови. Нормално, пресудата е во нивна корист, без за тоа да биде известена грчката компанија, сѐ додека сметките не им се блокираат за 500 илјади евра. Во истиот момент, странската фирма поднесува предлог за повторување на постапката, со оглед на тоа дека тие не биле известени дека пред судот во Штип против нив се води нов судски процес.Тие тврдат дека немале можност да ја обжалат ваквата пресуда, а тоа го докажуваат и со вештачење на потписите на доставницата, се кои се утврдува дека се спорни и неидентични.
Оваа судска калакурница не застанува тука, па дејствието понатаму продолжува во штипска Апелација, каде што веќе доби и судска разрешница, но во корист на штипски „Бетон“, фирма која во ноември повторно е рестартирана и функционира како нова во Централен регистар, а како нејзини сопственици фигурираат фирмите на Орце Камчев, Сергеј Самсоненко и Дејан Панделески.
СПОРЕД ШТИПСКА АПЕЛАЦИЈА МОЖЕ ДОКУМЕНТ БЕЗ ПЕЧАТ
Откако штипскиот Основен суд пресудува во корист на „Бетон“, за исплата на долг од 2 милиони евра, странската фирма не се откажува па продолжува правната битка да ја води во штипска Апелација. Но, според документите со кои располагаме, ништо поинакво не ги очекува ниту таму, туку само отфрлање на нивната жалба и потврда на одлуката на првостепениот суд.
Судскиот совет на Апелациониот суд во Штип составен од Сузана Здравева, како претседател и Софија Манева и Мирјанка Гоцевска како членови пред само една недела, поточно на 18 јануари 2021 година ја отфрлаат жалбата на грчката фирма.
„Неосновани се жалбените наводи за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба бидејќи од изведените и правилно ценети докази, првостепениот суд ја има целосно и правилно утврдено фактичката состојба.
Правилно утврдил првостепениот суд дека тужениот на 5 август 2020 година, од страна на Стопанска банка бил информиран дека неговата жиро-сметка е блокирана, иницирана од извршител Николчо Саздов од Свети Николе. Првостепениот суд правилно утврдил дека предлагачот го пропуштил рокот за поднесување предлог бидејќи тој го поднел по законски утврдениот рок од 30 дена“, се наведува во решението од штипска Апелација.
Од таму даваат објаснување и околу спорните потписи, со што повторно ја одобруваат првичната одлука на штипскиот основен суд и го отфрлаат вештачкиот наод, тврдејќи дека и тука нивната жалба е неоснована.
„Согласно одредбите од член 127 од ЗПП, доставувањето се врши со предавање на писменото на лицето овластено за примање писмена или работникот кој ќе се затече во канцеларијата или деловните простории. Според ова, доставувањето се смета дека му е уредно врачено на правното лице, кога ја прими кој и да е од неговите вработени лица што ќе се затекне во канцеларијата.
Па, така овој суд смета дека доставата од 28 февруари, 2020 година е уредно доставена. Графолошкото вештачење е извршено само на потписи на овластените лица, па правилно постапил првостепениот суд кога не го зел предвид – пишува понатаму во решението од Апелација.
За судиите од штипскиот Апелационен суд не преставува никаков проблем ни тоа што документот немал никаков печат од правното лице, иако според досегашната пракса не се случило каков било официјален документ да нема печат.
„Ирелевантно е дали документот има печат. Ова од причини што поаѓајќи од одредбите од член 92 ст.5 од Законот за трговските друштва во постапката за упис во трговскиот регистар, како и во правниот промет не е задолжителна употреба на официјален печат. Потврдувањето на кој било документ со официјален печат на друштвото не смее да се потпише со закон или друг нормативен акт или тоа да се бара од државен орган, па и во тој случај доставата е уредна – прецизира судскиот совет во Апелација.
Со оглед на тоа што претходно, скопскиот Основен граѓански суд се прогласи за ненадлежен за решавање на спорот, судијките од Апелациониот суд во Штип оценуваат дека тогаш „Бетон“ имал различен статус, односно тоа било пред отворање на стечајната постапка.
„Во конкретниот случај, кај тужителот настанала промена во правниот статус, отворена е стечајна постапка, па согласно одредбите од Законот за стечај и член 56 од ЗПП исклучиво надлежен за сите постапки на стечајниот должник е судот каде што е отворена стечајната постапка, а тоа е Основен суд Штип – се потпишува на крај на решението судијката Здравева.
Оттука, останува нејасно прашањето – дали градежната компанија Бетон со намера оди во стечај само случајот да продолжи да се решава по штипските судски лавиринти и на тој начин да добие 2 милиони евра?
КОЈА Е СУДИЈКАТА ШТО ОДЛУЧУВА ВО СУДСКИОТ СПОР?
Едно по едно приказната почнува да се расплетува, па да видиме која е Сузана Здравева, претседателката на советот на судии во Апелациониот суд во Штип. Самите факти потврдуваат дека станува збор за мајка на адвокат вработен во адвокатското друштво „Наков и Бошков“ од Штип, кои го застапуваат градежното претпријатие „Бетон“. Нејзиниот син, како што тврдат, можеби не е лично вклучен во случајот, но, сепак, е во истиот тим на адвокати и претставува конфликт на интереси. Па, оттука се создава и простор за сомнеж?
„Фокус“ располага и со документите во кои странската компанија „Интраком“ на 7 декември, лани, бара од в.д. претседателот на Апелациониот суд во Штип, Зоранчо Мицевски изземање на судијката Здравева од случајот бидејќи нејзиниот син Илија Здравев работи во адвокатското друштво што го застапува тужителот и ја доведува под сомнение нејзината непристрасност до колку постапува по предметот. Сепак, само една недела подоцна, на 14 декември истата година нивното решение се одбива како неосновано.
„По повод поднесеното барање за изземање, судијката Сузана Здравева достави известување до в.д. претседателот дека е точна околноста дека нејзиниот син работи кај полномошникот на тужителот адвокатско друштво Наков Бошков од Штип. Нивните деца немаат преземено ниту едно дејствие во постапката поради што само по себе е недоволна и несигурна основа и не може да се цени како околност што може да предизвика сомневање во нивната непристрасност – се наведува во решението.
Со тоа, в.д. претседателот на штипска Апелација носи одлука дека не се исполнети законските услови за нејзино изземање од причина што синот на судијката не е полномошник во конкретниот предмет, туку е само вработен кај полномошникот на тужителот.
„Факт е дека нејзиниот син, како вработен кај полномошникот на тужителот помага во работата на полномошникот и тоа е можна причина за изземање, но тие причини се со релативно дејство. Тие причини мора да се сторат веројатни, да се проследат со факти и докази, кои укажуваат на поврзаност на интересите на судијката со некои од учесниците во постапката.
Во конкретниот случај, барањето за изземање дека нејзиниот син работи кај полномошникот на тужителот само по себе е недоволна и несигурна основа и не може да се цени како околност, што може да предизвика сомневање во непристрасноста во постапувањето – објаснува во решението в.д. претседателот.
Но, поранешниот антикорупционер Драган Малиновски има спротивен став. Тој вели дека во такви случаи мора да се постави прашањето за изземање на судијата од случајот.
„Тука јас би рекол дека во ваков случај треба да се работи на изземање на судијата од случајот. Постојат неколку ситуации што се наведени кога треба да се изземе еден судија. Ова треба да се гледа во тој правец бидејќи ако нејзиниот син е вработен во адвокатското друштво што го застапува тужителот, иако не директно во случајот, сепак тој ги споделува истите интереси. Мој впечаток, иако не ги знам деталите е дека постои алинеја каде што вели дека во такви околности треба да се изземе судијата – тврди Малиновски.
Како и да е, факт е дека судиите во секој судски спор треба непристрасно да го применуваат правото независно од положбата и својството на странките, да обезбедат еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основ и да обезбедат правна сигурност врз основа на владеењето на правото. Но, според досегашната пракса по судските лавиринти во Македонија, тоа одамна е заборавено.
Рамка 1:
Ристе ЉУБОТЕНСКИ:
СИТЕ „ЧЕСНИ“ СУДИИ ВО ШТИП ЌЕ ПОМОГНАТ ДА СЕ УКРАДАТ 2 МИЛИОНИ ЕВРА
Бизнисменот Ристе Љуботенски од Штип во изјава за „Фокус“ тврди дека и низ случајот на „спорот“ помеѓу АД „Бетон“ Штип и „Интраком“ се препознава образецот, матрицата, на коруптивно-криминалното однесување на одделни судии од Основниот и Апелациониот суд во Штип.
„Со оглед дека во Договорот за ангажирање на „Бетон Штип“ стои јасно договорената судска надлежност, станува јасно дека „работата“ треба да се истурка на сила и да се дојде до правосилна пресуда со која на незаконит начин ќе се украдат два милиона евра. За жал, ова не им е ниту прв, а најверојатно, ни последен пат да се стекнат со огромни суми на пари врз основа на свесно кршење и злоупотреба на судската функција – тврди Љуботенски.
Според него, нема сомнение дека сѐ е однапред добро испланирано и договорено.
„Во функција се ставени сите „чесни“ судии на сите рамништа на судско организирање – од основниот до Врховниот суд. Тоа е праксата што ја воспостави поранешниот претседател на апелациониот суд во Штип, Стојанче Рибарев, кој сега во улога на судија на врховниот суд може стопроцентно да гарантира за успешноста на грабежот.
Станува збор за строго контролирана и организирана „правда“, која на крај ќе заврши така што „Бетон Штип“ незаконски ќе „заработи“ два милиони евра, кои ќе мора да му бидат исплатени на „Интраком“ како отштета од Буџетот на Р.С. Македонија. Сѐ по „закон“ и „ред“! – вели Љуботенски.
Рамка2:
Ален ЃОРЃИЕВ, директор на штипската болница:
НЕМАМЕ ПОИМ ШТО СЕ СЛУЧУВА СО НОВАТА БОЛНИЦА, САМО ЈА ГЛЕДАМЕ ВО ДВОР
Актуелниот директор на штипската Клиничка болница, Ален Ѓорѓиев, во изјава за „Фокус“ тврди дека тие воопшто немаат поим што се случува со изградбата на болницата.
„Јас најискрено да ви кажам, поим немам што се случува со изградбата на новата болница. Тоа е дел од проект на Министерството за здравство и Проектната единица и нас никој ништо не нѐ информира. Освен што ја гледаме во двор, ништо не знаеме. И затоа ништо конкретно не можам да ви кажам – вели доктор Ѓорѓиев.