Текстот е објавен на 14 август, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1036
Разговараше: Љубиша АРСИЌ
ФОКУС: Документацијата што ја има Општина Центар, односно градежниот инспекторат покажува дека новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ од првичните 1.600 квадрати се проширило на осум илјади преку неколку интервенции во Деталниот урбанистички план во Советот на општината. Како е правено тоа и дали тоа значи дека вредноста на објектот е неколкукратно зголемена?
СТОЈЧЕСКИ: Во периодот од 2007 до 2012 година со вкупно пет интервенции во Деталниот урбанистички план за Малиот ринг каде што се наоѓа партиското седиште, градежната парцела е проширена со земјиште во сопственост на РМ, со што и предвидената градба од првичните околу 2.000 квадратни метри со искористеност на градежната парцела од 70 отсто, достигнала неверојатни над 8.000 квадрати со 100 отсто искористеност на градежната парцела.
Ова е класичен пример за злоупотреба на државните институции за зголемување на вредноста на партискиот имот, и тоа низ бројки од прилика изгледа вака: ако во 2007 година, на градежната парцела на партиското седиште била предвидена градба од 2.000 квадрати и би ја отстапиле на инвеститор кој на партијата би ѝ дал 35 отсто од идната градба, ВМРО-ДПМНЕ би се стекнала со имот од 700 квадратни метри, кој според пазарната вредност во тој дел од Центар од 2.500 евра по квадратен метар би чинел 1 милион и 750 илјади евра. Со сегашната состојба со последните измени на ДУП-от од 2012 година, според која на истата парцела е предвиден објект од 8.000 квадратни метри според истите пресметки, партијата ќе се стекне со имот од 2.800 квадратни метри, а тоа во пари би изнесувало 7 милиони евра. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ само со злоупотреба на мнозинството во Советот на Општина Центар се стекнало со дополнителен партиски имот во вредност од 5 милиони и 250 илјади евра!
ЦЕНТРАЛНИТЕ ОРГАНИ СЕ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ДИВОГРАДБАТА
ФОКУС: Што утврдија инспекторите кога извршија контрола на зградата? Какви неправилности се откриени?
СТОЈЧЕСКИ: На територијата на Општината, инспекцијата моментално контролира повеќе од 70 активни градби кои се од втора категорија и на секоја од нив градежните инспектори на Општината го контролираат нивното градење минимум трипати во текот на градбата, со цел да утврдат дали инвеститорите градбата ја изведуваат согласно одобрените проекти од страна на Општина Центар. Меѓу овие објекти се наоѓа и градбата на која како инвеститор се појавува „Бетон“, а се наоѓа на имот во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ. Објектот е со мешовита намена Б5 и Б4 (хотелски комплекс и трговски објект), од кои дел според меѓусебен договор треба да му припадне на сопственикот на парцелата, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Секторот за инспекциски работи во Општина Центар, при извршувањето на своите редовни работни задачи, изврши контрола на градбата. Притоа, од увидот на самото место, првично констатираше дека дел од објектот е ставен во употреба иако за тоа не се исполнети законските предуслови кои предвидуваат дека градбата на објектот треба да е завршена. Ова треба да биде констатирано од страна на надзорен инженер кој ја следи изведбата на објектот и заедно со геодетски елаборат и записник од страна на надзорот дека градбата е изведена во согласност со одобрениот проект, да се достават до Општина Центар со барање општината по извршената контрола да ги испрати до Агенцијата на катастар и недвижности на РМ, по што објектот ќе биде запишан во регистерот и за него ќе биде изваден имотен лист и тој ќе биде пуштен во употреба.
ФОКУС: Но, беше спомената и узурпација на државно земјиште?
СТОЈЧЕСКИ: Инспекторите, исто така, увидоа дека градбата на објектот од западната страна излегува надвор од сопствената градежна парцела и дел од градбата узурпира имот во сопственост на РМ (тоа е делот на самиот влез во деловните простории каде што е изграден балкон кој во целост се протега на земјиште на РМ). На нашите забелешки околу тој дел на градбата и самиот инженер на „Бетон“ со смеење ни покажа одобрение издадено од страна на Град Скопје во кое стои дека согласно член 73 од Законот за градење се издава одобрение за поставување настрешница во рамките на објектот. Согласно тој член, кој предвидува за кои градби не е потребно издавање одобрение за градење, каде што спаѓа урбана опрема и поситни градби децидно е наведено дека одобрението, односно решението за овој тип градби, од втора категорија, го издаваат градоначалниците на општините, како и градоначалниците на општините во рамките на Град Скопје, но никаде не е наведено дека одобрение може да издаде Град Скопје.
ФОКУС: Тогаш зошто општината не издаде решение за уривање на дивоградбата? Се тактизира ли од политички причини и до кога ќе се толерира незаконие?
СТОЈЧЕСКИ: Општинското раководство одлучи да ги покани луѓето од Град Скопје, како орган кој го издал спорното одобрение и државниот градежен инспекторат, да извршиме заедничка контрола и на издаденото одобрение, како и на спорната градба, по што заеднички би констатирале дали издаденото одобрение е во согласност со Законот за градење, односно дали е издадено согласно ингеренциите на градоначалникот на Град Скопје, како и тоа дали изведената градба на самото место може да се вклопи во настрешница во состав на објектот. Ова барање Општина Центар го испрати со цел да избегне какво било политичко влијание и етикетирање на инспектирањето на општината врз градбата чиј инвеститор е „Бетон. На нашето писмено барање за заедничка контрола одговори само Државниот градежен инспекторат кој во краткото известување, повикувајќи се на некои законски одредби, укажува дека нашето барање нема правен основ и од тие причини е одбиено. По одбивањето на Државниот градежен инспекторат и молкот на Град Скопје, Општина Центар во текот на овој месец ќе изврши повторен инспекциски надзор на наведената градба, по што ќе бидат донесени конкретни управни акти во согласност со Законот за градење.
ФОКУС: Тоа значи дека ќе го урнете партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ? Што ако, сепак, не се издаде решението? Има ли градежниот инспекторат поинакви опции, освен да премолчи?
СТОЈЧЕСКИ: Напоменувам повторно дека во текот на август, Секторот за инспекциски работи ќе изврши повторна контрола на градбата на „Бетон“ Скопје и дека по извршениот надзор ќе следат конкретни управни акти кои ќе се однесуваат на усогласување на градбата согласно одобрениот проект. Инвеститорот и да сака да ја комплетира документацијата за спорниот дел од градбата, не може од причина што таа е спротивна на позитивните законски одредби кои ја покриваат оваа област.
ФОКУС: Дали вие извршивте увид во просториите на партијата? Колкав дел ѝ припаѓа на зградата, односно кој е одговорен за прекршувањата на законот, ВМРО-ДПМНЕ или „Бетон“ како инвеститор?
СТОЈЧЕСКИ: Ако забележувате, цело време во интервјуто напоменувам дека Општина Центар врши инспекциски надзор над градба чиј инвеститор е „Бетон“ Скопје. За нас како Општина Центар небитно е дали инвеститорот градбата ја изведува на земјиште во сопственост на физички лица, во сопственост на правно лице или како во конкретниот случај, во сопственост на политичка партија. При извршениот прв инспекциски надзор на инспекторите на Општина Центар им беше дозволен увид само во делот од градбата кое е со намена Б5 односно хотелски комплекс, но не и на делот од градбата кој веќе е пуштен во употреба, а е со намена Б4 – трговски објект. Причината зошто не ни беше овозможен увид во тие простории од страна на инвеститорот остана непозната. Но, станува јасно ако се суди според тоа што веднаш по извршениот инспекциски надзор, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побрза преку соопштение, уште еднаш да ја изманипулира македонската јавност и да каже дека седиштето на политичката партија сѐ уште се наоѓа во старите простории (сѐ до денес не знаеме каде се наоѓаат тие, со оглед дека за да се изгради објектот беше срушено нивното старо седиште), иако пред очите на целата македонска јавност видовме како со голем партиски митинг беа пуштени во употреба новите простории на партијата на Груевски. На прашањето колкав дел од идната градба ќе ѝ припадне на политичката партија, јас не можам да ви одговорам.
ФОКУС: Додека Општина Центар е во дилема како ќе постапи за да покаже пред граѓаните дека го спроведува законот, односно дека законот е еднаков за сите, има ли простор ВМРО-ДПМНЕ или „Бетон“ да ја комплетираат документацијата и да спречат евентуална интервенција на градежниот инспекторат, ако се има предвид и најавата на „Бетон“ дека ќе ја исправи грешката за една година?
СТОЈЧЕСКИ: Изминативе две години многубројни се примерите каде што централната власт повикувајќи се на спроведување на законите и владеење на правото ја опструира работата на општината преку најразлични форми на притисок кој во одредени случаи вклучуваше и лишување од слобода. Опстојувајќи во намерите законите да важат за сите подеднакво, а најмногу за тие што се повикуваат цело време на нив, Општина Центар до крај законски ќе ја спроведе постапката на инспекциски надзор на градбата на „Бетон“ Скопје и притоа ќе донесе соодветни управни акти во согласност со законот. Најавата на инвеститорот дека во рок од 12 месеци ќе ја исправи грешката, односно дека во рок од 12 месеци ќе ја заврши градбата на објектот, не значи дека инвеститорот не го прекршил законот и со тоа нема да биде санкциониран, туку напротив, тоа е само признание дека „Бетон“ спротивно на законот пуштил дел од објектот во употреба.
НЕМА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН ВО КОЈ ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС
ФОКУС: Со оглед дека на градежната инвазија ѝ нема крај, за која многу истражувања и анализи откриваат дека е пералница за пари, дали постојат и други објекти за кои власта пројавува интерес, а притоа инсистира на мегаломански градби, односно дали Советот на општината е под притисок за измени во урбанистичките планови со кои би им се удоволило на бизнисмените блиски до владејачката партија?
СТОЈЧЕСКИ: Според сите досегашни анализи, а и според телефонските разговори што ги слушнавме во политичките бомби кои се однесуваат на Општина Центар, можеме само да заклучиме дека точно оваа општина била и сѐ уште е најинтересна за инвестициите на луѓе блиски до владејачката гарнитура. Самиот податок дека луѓе блиски на власта во Општина Центар преку градежно изградено и неизградено земјиште поседуваат имот вреден околу половина милијарда евра, е доволен да претпоставите под каков притисок работи општинското раководство заедно со мнозинството во Советот. Секако, мегаломанските проекти и желбата за нивно надградување не запираат, а со самото тоа и притисокот е сѐ поголем.
ФОКУС: Дали тоа значи дека нервозата кај луѓето од ВМРО-ДПМНЕ не е поттикната само поради партиското седиште кое е под опсервација на инспекторите, туку нивните интереси се загрозени со повеќе објекти, односно со неможноста да ги вметнат во урбанистичките планови?
СТОЈЧЕСКИ: Законската обврска што произлезе од новиот ГУП на град Скопје, каде што во старите урбанистички планови се преминува на планирање на градски четврти, а со тоа и обврската сите општини во градот Скопје да изработат нови детални урбанистички планови усогласени со новиот генерален урбанистички план на град Скопје ја отвори пандорината кутија и ги зголеми апетитите на луѓето блиски до власта да тргнат во остварување на своите лични интереси. Точно дека нервозата на ВМРО-ДПМНЕ, како што поминува времето и се наближуваат предвремените парламентарни избори ќе биде поизразена од причина што овие луѓе никако не можат да се помират со фактот дека ја изгубија довербата на граѓаните на Општина Центар и дека општинското раководство нема да ги аминува и да потклекне на нивните притисоци за остварување на нивните лични интереси.
ФОКУС: За колку објекти имате податоци дека власта пројавува интерес? Каде треба да се градат тие објекти и кои се инвеститорите?
СТОЈЧЕСКИ: Кога ќе кажете дека нивниот имот е вреден 500 милиони евра дали мислите дека тоа се неколку објекти? Буквално секаде, во сите урбанистички планови има по неколку објекти. Нормално, некаде интересот е голем, некаде помал, но, секако, секаде има интерес на одредена групација на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Тука се парцелите Панорама на Водно, плацевите кај куќата на Ристо Гуштеров на Водно, хотелскиот комплекс зад „Рамстор“, хотелите на плоштадот, плацот на „Туш“ кај МРТВ, градбата на спортски терени кај стадионот, парцелата зад новата зграда на МНР, каде што е предвиден комерцијален објект, а претходно бил предвиден верски објект и уште многу други помали локации.
ФОКУС: Кој стои зад градењето? И на каков начин ВМРО-ДПМНЕ се обидува да влијае, односно да исползува максимални висини и габарити на зградите?
СТОЈЧЕСКИ: Во заднина на тие градби стојат луѓе веќе добропознати на јавноста преку објавените телефонски разговори. Прашањето би требало да биде – кој стои позади тие луѓе? Верувам дека одговорот го знаете сите. Да не се залажуваме дека само со губењето на општината и менувањето на дел од раководниот кадар нивните врски се прекинати, како со општината, така и со планерските куќи што ги изработуваат ДУП-овите. Само како податок – планерските куќи се оние истите што ги изработувале ДУП-овите и во време кога со општината раководеше и ВМРО-ДПМНЕ, кои секогаш знаат и да ги спуштат цените за изработка на плановите и под реалните, само да ја добијат работата, да го изработуваат планот.
ФОКУС: И сега, кои објекти се на дневен ред во Општина Центар? Како оди процедурата? Ќе има ли седница на Советот за урбанистичките планови?
СТОЈЧЕСКИ: По две години од мандатот на новото општинско раководство, први нацрт-планови што ги изгласа Советот на општината беа плановите за Дебар Маало и Мирче Мацан. И во двата ДУП-ови беше интервенирано од страна на општинското раководство за намалување на висината и намалување на габаритот на дел од предвидените градби со цел да не се дозволи неконтролирана урбанизација на тие делови од централното градско подрачје. Токму за тие објекти што ги намаливме интерес покажува власта. Овие намалени објекти се на истите лица што се појавуваат насекаде. Нема да ги именувам затоа што како сопственици на имотите се јавуваат физички лица на кои им е ветено дека ќе добијат зголемени габарити и висини ако склучат договори дека тие би биле инвеститори на парцелите, но ова е неофицијално оти се разбира дека тие не можат да ги остварат своите ветувања.
ОПШТИНАТА ИНТЕРВЕНИРА, НО ВМРО-ДПМНЕ Е УПОРНА
ФОКУС: Дали досега општината интервенирала некако за овие објекти?
СТОЈЧЕСКИ: Би ги споменал планираните градби на улицата 29 Ноември и на Круг во Дебар Маало кај кафе-барот „Круг“, кои беа намалени. Лично сметам дека мојата улога во сето ова е дел од причината за отпочнување на валканата кампања за моја дискредитација.
ФОКУС: Дали овие објекти повлекуваат значителни измени во урбанистичките планови и како општината ќе ги третира?
СТОЈЧЕСКИ: Сите планирани измени во ДУП-овите мора да се во согласност со реалната можност за нивна имплементација на самото место, секогаш не е битно дали планираните измени драстично го менуваат изгледот и планираната квадратура. Многу побитно е дали тоа може реално да се изведе. Зашто во постапката на спроведување на ДУП-овите и реализацијата на планираните градби Секторот за инспекциски работи секогаш е најдиректно изложен на притисоци за спроведување на невозможното, односно реалната потреба на граѓаните за спроведување на нереално планираните ДУП-ови.
ФОКУС: Ги споменавте проектантските куќи што им удоволуваат на претставници на власта да градат огромни згради во несоодветни подрачја…
СТОЈЧЕСКИ: Е, тука веќе навлегуваме во прашањето што е прво, кокошката или јајцето и знаете, имам навистина голема дилема дали градежниците се тие што се поврзуваат со планерите или обратно? Мое лично мислење е дека поттикнати од планерите (со ретки исклучоци), градежните фирми за максимализирање на својот профит доведоа до ова, вака да изгледаат денес, особено одредени делови на Општина Центар.
ФОКУС: Дали сето ова и како можеме да го поврземе со парцелите на Водно, кои, како што слушнавме од аудиоснимките на опозицијата, интерес пројавува и самиот премиер?
СТОЈЧЕСКИ: Според моите сознанија, а притоа стигаат информации и од ВМРО-ДПМНЕ, кои ми укажуваат на тоа дека партиското седиште ќе биде само изговор за валканата кампања против мене, а вистинските причини се сосема други, каде што се кријат бизнис-интереси на луѓе блиски до власта, секако дека и парцелите на Водно можеме да ги ставиме во тој дел, дури и како број 1, зашто, како што слушнавме, за нив интерес има лично премиерот. Власта ја користи истата шема на манипулација. На верниците им измисли проблем со црквата само за да ги добие хотелите на плоштад. Сега демек заради партиското седиште ќе ги натера да протестираат практично заради заштита на бизнис-објектите низ целата општина и на крајот, очекувано е дека јас ќе настрадам само затоа што се обидувам законски да ги попречам во нивното незаконие со десетиците објекти низ Општина Центар.
ФОКУС: Објаснете што се случува во моментов со парцелите на Водно. Дали таму нешто се прави, дали општината има отворено некаков предмет?
СТОЈЧЕСКИ: Во моментов среќни сме што ништо не се случува. За парцелите на Водно знаете дека Општината е во перманентен двегодишен притисок за пристап кон спроведување на ДУП-от, односно пробивање пешачка патека за приод кон наведените парцели, со што ќе се отвори можноста за отпочнување со градежни активности.
ФОКУС: Проверивте ли зошто и како се уриваат гаражи на Водно и чиј интерес е тоа?
СТОЈЧЕСКИ: Тоа се гаражите кои се на приодот на пешачката патека која ги поврзува парцелите. За нив градежниот инспектор Милан Пижула има донесено решенија за отстранување во текот на 2013 година. Под притисок на Државниот управен инспекторат, Општина Центар пристапи кон спроведување на решенијата по реакциите на граѓаните на населбата Водно и доставената иницијатива за огласување на решенијата за ништовни. Општината ја одложи акцијата сѐ до одлуката по поднесената иницијатива чие разгледување е во тек.
МИ ТОКМАТ АПСЕЊЕ
ФОКУС: Со оглед дека вие сте главен инспектор по урбанизам и дека власта смета оти вие сте еден од оние кои им застанува на патот при нивното урбанистичко „остварување“, а веќе имаше медиумска кампања против вас кога ја черечеа и вашата биографија, очекувате ли лична одмазда?
СТОЈЧЕСКИ: За мојата биографија можам само да им кажам дека, високо образование имам завршено, а и претходно сум работел на раководно место во Министерство за правда, и тоа во перидот од 2010 до 2012 година. Ги исполнувам сите услови за раководител на Секторот за инспекциски работи, а и самото мое назначување двапати беше исконтролирано од државниот управен инспекторат, кој не најде никакви забелешки. За друго, оставам да истражуваат. Секако, периодов тоа и го прават. Личната одмазда и нападите кон мене и моето семејство само кулминираа со медиумската кампања, која навистина беше завидна. Цела недела или точно седум дена сите провладини медиуми ми посветија барем по пет минути во ударните термини. Ако земете дека во просек една секунда во ударен термин на телевизиите е некаде околу 250 евра, изненаден сум што толку потрошија на мене и им благодарам.
ФОКУС: Дали сте исплашени дека власта може да оди и чекор понатаму, па да ви подготви посериозно црно сценарио?
СТОЈЧЕСКИ: Знаете, Општина Центар со случајот на Мирослав Шиповиќ влезе во извештајот на Стејт департментот за почитување на човековите права. Нема да ме зачуди, во сѐ поочигледната нервоза што владее во ВМРО-ДПМНЕ, сѐ да се случи. Моите информации што ги добивам од луѓе блиски до партијата ми говорат дека власта нема да избира средства и начини во последните моменти од владеењето да посегне по секакви методи само да ме отстрани од патот кој им носи личен профит. Според медиумската кампања што беше насочена за моја лична дискредитација и според информациите кои стигаат до мене, не е исклучено да се обидат да инсценираат поткуп, да извадат заштитен сведок или да измислат разни невистини кои би им помогнале да монтираат судски случај против мене. Сакам на крајот со една реченица да им порачам – Секторот за инспекциски работи – општински инспекторат при Општина Центар не е сектор кој ви ги прифаќа мислењата од Министерството за транспорт и врски и не ги спроведува Вашите желби! Силно ќе се спротивставиме на сите притисоци и во никој случај нема да потклекнеме на сите уцени и закани, кои само ни покажуваат дека сме на вистинскиот пат да продолжиме совесно да работиме почитувајќи ги законите и во интерес на граѓаните на Општина Центар.
РАМКА1
МИ ИЗГЛЕДА ДЕКА ЌЕ СЕ ПОВТОРИ НАПАДОТ НА ОПШТИНАТА
ФОКУС: Со интересот во повеќе објекти во Центар се потврдува дека играта е многу поголема од самото партиско седиште!
СТОЈЧЕСКИ: Мене ми изгледа дека ќе се повтори нападот на Општина Центар, како тогаш, кога верниците ја нападнаа општината бранејќи ја црквата, а незнаејќи дека ги бранат хотелите на плоштадот, тема за која вие во „Фокус“ први пишувавте. Мислам дека повторно раководството на ДПМНЕ ќе си поигра со чувствата на вистинските поддржувачи на партијата и како што веќе гледаме, ќе ги злоупотреби за пресметка со Општина Центар со изговор за одбрана на партијата (а сами рекоа дека седиштето не им е таму) се со цел остварување на своите лични бизнис-интереси. А таквите и понатаму имаат силна логистичка поддршка во секторот за урбанизам, посебно во делот на планирањето.
Рамка2
И КАЈ МРТВ – ТРГОВСКИ ОБЈЕКТ НА СОМНИТЕЛНО СТЕКНАТО ЗЕМЈИШТЕ
ФОКУС: Уште еден предмет кој е во архивата на Општината е плацот кај МРТВ, поточно во околината на бензинската пумпа на „Макпетрол“ кој државата го купи од словенечки „Туш“, а потоа заврши кај фирма блиска на владејачката партија. Што е вистината за овој случај?
СТОЈЧЕСКИ: Таа парцела Владата уште во 2006-та и ја додели на „Туш“ како директна странска инвестиција, за што мислам дека „Туш“ има добиено и повластена цена од страна на државата, која, ако не се лажам, мислам дека тогаш изнесуваше пет евра по квадратен метар. Сега во моментот како сопственик на таа парцела се појавува ОМЕГА БИЛДИНГ, која е во сопственост на БЕТОН ШТИП. Како се префрлила сопственоста од „Туш“ на друго правно лице и дали „Туш“ имал право земјиштето да го продава како градежно неизградено земјиште, треба да го прашате јавниот правобранител и Министерството за транспорт и врски.
ФОКУС: Што сака власта таму да изгради? Колкава површина има објектот и дали ќе им се издаде неопходната документација за градба?
СТОЈЧЕСКИ: На таа парцела предвидена е градба со намена Б4 – трговски објекти со вкупна изградена површина од околу 42.000 квадратни метри. До денес, до општината мислам дека не е поднесено барање за издавање одобрение за градење на таа парцела, а ако се поднесе, јасно е дека согласно законот во соодветна постапка општината мора да издаде такво одобрение.