(АРХИВА) Лекари, професори и функционери доминираат на пратеничките листи!

„Фокус“ анализира кои луѓе се застапени на пратеничките листи, односно за каков тип и профил на лица станува збор.

by Фокус

Текстот е објавен на 27 април 2024 година во неделникот Фокус со број 1.490.

Наскоро и официјално ќе се знае кој ќе седне во фотелјата во вилата на Водно, како и кој ќе ја предводи идната влада. „Фокус“ анализира кои луѓе се застапени на пратеничките листи, односно за каков тип и профил на лица станува збор, со оглед на тоа што се претставници на народот и треба да работат за него. Утврдивме дека меѓу кандидатите за пратеници можат да се најдат имиња на лекари, но и на професори и директори. Притоа, многу од нив се веќе познати ликови, а некои се најдоа и во „бомбите“ на Заев.

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Заврши првиот круг од претседателските избори, во кои кандидатката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова победи со огромна разлика над кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.

Повеќе од 160 илјади гласови е разликата, но, сепак, пресуден ќе биде 8 мај, кога во истиот ден ќе се одржат вториот круг претседателски и парламентарните избори.

Само два дена по објавувањето на првичните резултати, повторно продолжува трката на партиите за тоа кој ќе седне во вилата на Водно и на Илинденска.

За разлика од претходните години, на овие претседателски избори истрчаа најмногу кандидати, кои настапија самостојно, од кои Максим Димитриевски со освоените гласови беше најголемо изненадување за сите.

Партиите, пред десетина дена официјално ги најавија кандидатите за пратеници, меѓу кои може да се најдат лекари, професори, актуелни директори…

За две недели ќе се знае крајниот исход од тоа кој ќе ја предводи идната влада, како и кој ќе седне во фотелјата во вилата на Водно. Сега, пак, ќе почне натегањето колку повеќе гласови во кој штаб ќе завршат.

А, многу битно во целата приказна е кои се тие што ќе седнат во пратеничките клупи, со оглед на тоа што се претставници на народот и треба да работат за него. Барем така треба да биде по некоја логика на нештата…

ЛЕКАРИ ВО ИЗБОРНИОТ ТАБОР НА СДСМ

Сите партии што учествуваат во изборниот процес излегоа со свои кандидати во сите шест изборни единици, единствено партијата Нова алтернатива под водство на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска предложи свои кандидати само во четири изборни единици.

Според веќе објавените листи, кај дел од партиите се провејуваат веќе познати имиња, додека, пак, некаде има и одредени освежувања, односно целосно нови имиња.

На листите кај владејачката партија можат да се најдат доста нови ликови, но, сепак, забележливо е и тоа дека сите министри се таму.

Првата изборна единица на СДСМ ја предводи лидерот Димитар Ковачевски, додека веднаш по него е Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и дел од коалицијата.

Третото изборно место го зазема професорката по филозофија Даниела Николова, додека, пак, четвртото место е наменето за Бојан Маричиќ, актуелен вицепремиер.

Петката оди кај инфектологот Милена Стевановиќ, поранешна директорка на скопската Клиника за инфективни болести, која управуваше со болницата за време на пандемијата со корона.

Таа беше сменета од раководното место на клиниката по иницијатива на поранешниот министер за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Фатмир Меџити, тврдејќи дека причината е тоа што ѝ истекол сертификатот по англиски јазик, што е еден од условите за да може да конкурира за директорска позиција. Нејзиното место го наследи Фадил Цана од партијата на Арбен Таравари.

Стевановиќ и на претходните парламентарни избори беше кандидат за пратеник и успеа да влезе во парламентот, но, сепак, поднесе оставка од пратеничкото место за да се врати на примарната професија.

Во втората изборна единица, пак, првите места им припаѓаат на актуелни функционери на СДСМ и коалицијата, додека, пак, третата изборна единица ја предводи актуелната директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, а веднаш по неа се неколку актуелни министри и лидери на коалициските партии.

Како ново име овде може да се сретне Душанка Георгиева-Трпевски, која се наоѓа на петото изборно место во ИЕ3, а е специјалист по детска и превентивна стоматологија. Таа, од пред десетина месеци е и в.д. директор во Општата болница во Кочани, од каде и што доаѓа.

Георгиева е и член на актуелниот состав на Советот на Општина Кочани и претседателка на општинскиот Форум на жени на СДСМ – Кочани.

Веднаш по неа е и ортопедот Зоран Арсовски, кој од јануари годинава е назначен за в.д. директор на велешката Општа болница.

На листата се наоѓа и директорката на Домот на култура „Златен рудар“ во Пробиштип и актуелен претседател на ОО СДСМ, Пробиштип, Сандра Мијалковска.

ИСТИТЕ ВМРОВСКИ ПРАТЕНИЦИ

Четвртата изборна единица на СДСМ ја предводи неврохирургот Венко Филипче, кој од урбан скопски лик заврши на листата од каде што доаѓа неговиот најблизок сопартиец Зоран Заев, во чие време Филипче изгради богата политичка кариера.

Додека со владата на „сдсмовците“ управуваше Заев, тој беше министер за здравство, кој неколку години се задржа на оваа позиција, а ја „водеше“ и битката со ковид-пандемијата.

За време на неговото министерување „пукнаа“ неколку тендерски скандали, но сѐ заврши како и по традиција под тепих. Тој беше принуден да поднесе оставка, но затоа, пак, продолжи и понатаму да се надградува во политичките води. Во меѓувреме, неразделни пријатели се со семејството Заеви.

Како нов лик за избор во идниот парламентарен состав е доктор Илија Нешковски, член на Извршниот одбор на ЛДП. Тој е специјалист по интерна медицина во приватната болница „Жан Митрев“.

И во петтата и во шестата изборна единица на првите добитни места се актуелни министри, додека уште едно ново име кое се најде на трето место во ИЕ6 е Ема Нешковска, сопруга на починатиот доктор Трајче Нешковски.

И кај вмровците, на првите добитни места на кандидатските листи се едни од најблиските луѓе на лидерот Христијан Мицкоски, но за разлика од владејачката гарнитура, тука нема некоја голема промена во изборот на кандидати за пратеници. Поточно, старите познати имиња повторно се најдоа на кандидатските листи.

Уште претходно, Мицкоски најави дека поради верноста на неговите пратеници, кои не му свртеа грб за уставните измени, како што направија неговите осум сопартијци за Преспанскиот договор, тие ќе останат на листите за пратеници.

Во првата изборна единица, на второто место, по Мицкоски е Гордана Димитриеска-Кочоска, која е негова десна рака, а која во пржинската влада беше дополнителен заменик-министер за финансии. На истата листа е и докторот Синиша Стојановски, а веднаш по него е Бети Стаменковска, која беше пратеник и во претходниот парламентарен состав.

Таа на јавноста ѝ стана позната откако го урна собранискиот рекорд на говорница, откако на Комисијата за избори и именување зборуваше повеќе од десет часа за да го закочи изборот на Љубомир Јовески за уставен судија.

Исто така, и името на Тони Јаревски се најде повторно на листата на ДПМНЕ. Тој е претседател на ОК на скопски Карпош.

Втората изборна единица ја предводи Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт и врски, но и тука нема некоја голема промена во имињата на кандидатите за пратеници.

Сепак, третата изборна единица оди во рацете на Драган Ковачки, поранешен армиски офицер, кој е рамо до рамо со актуелниот лидер на вмровците. Иако, порано не ѝ беше многу познат на јавноста, сепак последните години тој ги соопштува главните вести од Белата палата.

Кандидатот за пратеник и носител на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во „тројка“ и член на извршниот комитет на партијата е најбогат меѓу четворицата носители на кандидатски листи.

Според анализата на пријавениот анкетен лист, Ковачки „тежи“ 115.407 илјади евра. Тој на свое име пријавил стан од 66 квадратни метри, подрум и гаража во Скопје, градежно земјиште од 392 квадратни метри во Македонски Брод  и шума од 28.782 квадратни метри во делчевско Тработивиште, сите стекнати со договор за подарок.

Од движен имот пријавил моторно возило „фиат браво“ стекнато со договор за купопродажба. Има и долг врз основ на кредит. На име на брачен другар, исто така, пријавил долг врз основа на кредит. На име на деца, Ковачки пријавил девизни депозити.

Во истата изборна единица е и гинекологот Миле Лефков, Благица Ласовска, Даниела Христова, народни избраници од претходниот пратенички состав.

Ништо поразлични не се и четвртата и петата изборна единица предводени од Александар Николоски и Ѓорѓија Сајкоски, кој е генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Шестата изборна единица, пак, ја предводи стоматологот Дафина Стојановска и една од најгласните пратенички, која редовно е во некоја кавга со некој од партијата на власт.

КАНДИДАТСКИ ПАРТИСКИ ОСВЕЖУВАЊА

Третото високо место на претседателските избори од македонскиот табор е партијата на Максим Димитриевски, кој освои 71.301 глас, што е големо изненадување. Со ова тој им удри шамар на своите претходни сопартијци, на кои им зеде доста гласови за изборите.

Партијата ЗНАМ – За наша Македонија ќе настапи самостојно и на парламентарните избори, а како носител во првата изборна единица е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на движењето ЗНАМ, во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град, во ИЕ 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки.

Во ИЕ4, листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанската комора на Југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица.

Листата во Петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ, по професија психолог. Таа не е лице непознато на јавноста.

Бендевска беше една од најактивните пратенички во времето кога со државата владееше ВМРО-ДПМНЕ, а беше и во Собранието на 24 декември 2012 година, црниот понеделник кога беа избркани и тепани новинарите и пратениците од тогашната опозиција.

За носител, пак, на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски.

И партијата Левица ќе настапи самостојно на парламентарните избори. Како носител во првата изборна единица е претседателот на партијата и актуелен пратеник Димитар Апасиев, во втората е портпаролот на партијата Амар Мециновиќ, во третата изборна единица актуелниот пратеник Борислав Крмов, во четвртата изборна единица, Сашко Јанчев, советник во Гевгелија, во петата изборна единица Јована Мојсоска, генерален секретар на партијата, додека во шестата изборна единица прв на листата за парламентарните избори е Игор Димески, советник во Општина Центар.

За разлика од другите партии, Нова алтернатива, сега предводена од актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, на парламентарните избори, кои ќе се одржат на 8 мај ќе истрча со свои кандидати во само четири изборни единици.

Тоа што е специфично е што повеќето од кандидатите на листите, со која ќе настапува на изборите се последните актуелни директори на скопските јавни претпријатија.

Покрај тоа што таа ќе ја предводи првата изборна единица, веднаш по неа на второто место е Александар Кузинаков, актуелен директор на ЈП „Дрисла“, додека, пак, третото место му припаѓа на актуелниот директор на „Водовод и канализација“, Виктор Панчевски.

Откако Арсовска стана градоначалничка смени по неколку директори на претпријатијата, а Панчевски е трет директор по ред на ова јавно претпријатие.

Од тоа што може да се забележи во изборните листи на Арсовска е дека сопруги и сопрузи, и внуки се ставени на првите неколку места. Па, така на четвртото место во првата изборна единица може да се најде и името на Даниела Колеќеска, која, според нашите извори, е внука од сестра на десната рака на Арсовска, Драги Митковски.

Тој, пак, е носител на втората изборна единица и еден од главните луѓе од доверба на актуелната градоначалничка на Скопје.

„Фокус“ во неколку наврати пишуваше за него, како и за тоа дека, иако тој нема официјална функција во Град Скопје, сепак е задолжен за повеќето од случувањата и работните обврски на Арсовска.

Исто така, во изборната единица 2 може да се најдат имињата и на двајцата сопружници Гоце Трајковски, кој е на второто место веднаш по книговодителот Митковски, а на шестото место е неговата сопруга Марија Трајковска.

„Фокус“ лани објави цел серијал текстови за таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски од тоа колкав имот и фирми поседува, за што направивме и фотографии од целиот тој луксуз.

 

СТАРИ ИМИЊА КАЈ АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА

Како носители на листи, коалицијата „Вреди“ ги одреди Изет Меџити во „единицата“, Африм Гаши во ИЕ2, Биљал Касами во ИЕ6 и Салим Сулејмани во „петката“.

Коалицијата ја направија Движење Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и Демократско движење на Африм Гаши.

 

ДУИ СО СТАРИ ИМИЊА, ЗА КОИ СЕ СЛУШНА ВО „БОМБИТЕ“ НА ЗАЕВ

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ги презентираше носителите и коносителите на кандидатските листи за претстојните парламентарни избори кои вчера ги доставија до Државната изборна комисија.

„Европскиот фронт“ ќе ги бара гласовите на граѓаните во сите шест изборни единици, што е новитет кога станува збор за ДУИ. Најавија сигурна победа на изборите и освоени над 20 пратенички мандати.

Носител во првата изборна единица е Блерим Беџети, а коносител Илир Асани.

Во втората изборна единица, носител е Садула Дураку, а коносител коалицискиот партнер Скендер Реџепи-Зејд.

Во третата изборна единица, носител е Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, а во четвртата Енвер Усеин.

Во петата изборна единица, носител е коалицискиот партнер Зијадин Села, а коносител е Муса Џафери. На четвртото место е актуелниот пратеник Исмаил Јахоски.

Во шестата изборна единица, носител е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а коносител е техничкиот премиер Талат Џафери, додека Мендух Тачи е на четвртото место.

Поврзани новости