Текстот е објавен на 09.06.2021 година во неделникот „Фокус“ со број 1340.
Србија го регулираше тргувањето со криптовалути, а Македонија сѐ уште се мисли. Во меѓувреме, немањето правила на игра го користат тие што прават измами, а страдаат граѓаните. Со регулирањето на овој пазар ќе добијат сите, вклучително и државата
Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Македонските граѓани не заостануваат од светот кога се работи за криптовалутите. Иако ова поле не е регулирано со закон, граѓаните тргуваат, па и „копаат“ криптовалути. И додека се дебатира за тоа дали криптовалутите имаат иднина и дали ќе бидат прифатени како платежно средство, во моментов светот ги користи како инструмент за инвестирање преку кој може да се оствари добивка.
Немањето правила на игра ги доведува во опасност и граѓаните и државата. Граѓаните се често подложни на измами, а државата не добива ништо од оваа активност. Според информациите на „Фокус“, Секторот за компјутерски криминал прв МВР, во моментов води шест истраги поврзани со кражби, односно измами со криптовалути.
Што се однесува до измамите, тие се прават на тој начин што се изработуваат фиктивни веб-страници преку кои се бараат инвеститори во одреден проект поврзан со криптовалути. Веб-страниците се професионално изработени и изгледаат легитимно и уверливо.
Се нудат огромни камати доколку инвестирате во нив, односно купите криптовалути преку нив, а најчесто парите за наводното купување криптовалути се даваат на рака. Потоа, на веб-страницата ви се креира профил и ваш електронски паричник за криптовалути, но тој е фиктивен.
МАКЕДОНИЈА БРГУ ТРЕБА ДА РЕАГИРА
Кога ќе се вклучите на вашиот профил, таму стои дека поседувате одредено количество криптовалути и со текот на времето тоа количество расте според понудената камата. Но, измамата е во тоа што тој електронски паричник е фиктивен и постои само во дата базата на таа веб-страница.
Во суштина, лицето што дало пари на рака, не поседува криптовалути. Кога ќе дојде време дел од инвеститорите да побараат исплата на своите средства во фиат валути, тогаш најчесто од платформата им се кажува дека има одредени технички проблеми и треба да почекаат, и тоа оди во недоглед.
Професорот Бранимир Јовановиќ вели дека Македонија апсолутно треба да донесе закон за регулација на криптовалутите, а колку побргу го направи тоа, толку подобро.
„Вистинското прашање тука е – дали Македонија може да ги регулира криптовалутите во овој момент? Тие не се регулирани речиси никаде во светот. Дури и во Америка сега допрва почнува сериозно да се разговара на оваа тема. Така што, би кажал дека Македонија треба, пред сè, внимателно да следи што се случува во светот по ова прашање и да реагира брзо, штом големите држави преземат нешто, со цел да биде една од земјите лидери по прашањето на криптовалутите, а не да каска“, вели Јовановиќ.
Тој смета дека тоа што постојните криптовалути имаат многу проблеми, не значи дека самата идеја за криптовалути нема потенцијал или иднина.
Јовановиќ вели дека денешните криптовалути се многу лимитирани од аспект на тоа дека со нив речиси ништо не може да се плати, па така луѓето ги користат како средство за инвестирање, како акциите и златото. Напоменува дека и цената премногу им осцилира.
„Ако се надминат овие проблеми, криптовалутите би имале солидна перспектива. Слично и блокчејн технологијата на која тие базираат. Така што, користа од криптовалутите за македонската економија ја гледам во овие идни потенцијали. Ако Македонија се отвори навреме, и постави правилно во однос на овие случувања, може да биде еден од лидерите на ова поле, ако не во светот, барем во регионот“, вели Јовановиќ.
ВЕЌЕ ДОЦНИМЕ ЗАД СРБИЈА
Иако во подготовка е предлог-закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, во кој за првпат ќе се дефинираат криптовалутите во Македонија, соседна Србија лани веќе усвои закон со кој се регулираат многу повеќе аспекти на криптовалутите. Законот е усвоен во ноември минатата година, а ќе почне да се применува од 30 јуни.
Законот предвидува плаќање данок на наследство и подарок, како и данок на капитална добивка од криптовалути. Самото поседување криптовалути нема да се даночи.
Данокот на наследство и подарок е 1,5, односно 2,5 проценти. Данокот на капитална добивка, пак, е 15 проценти. Значи: ако купите криптовалути за 100 евра и ги продадете за 200, разликата меѓу продажната и куповната цена е 100 евра. Данокот се плаќа на заработката, значи на 100 евра и данокот ќе изнесува 15 евра.
Она што Македонија почнува да го прави сега во 2021 година со законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, односно воведување регистрација на сите даватели на услуги поврзани со виртуелни средства, како и идентификација на сите што купуваат криптовалути над 500 евра, Србија го има направено уште во 2018 година. Проценките се дека во Србија во моментов со криптовалути тргуваат околу 10.000 граѓани.
МОЖЕ ЛИ МАКЕДОНИЈА ДА ИЗДАДЕ КРИПТОДЕНАР?
Во последните неколку години, некои централни банки веќе имаат активни проекти за утврдување на потребата за издавање суверени валути во дигитален облик, кои се познати под називот дигитални валути на централните банки (англ. central bank digital currency – CBDC).
На пример, Европската централна банка тековно спроведува анкета и анализа за утврдување на потенцијалните предности, но и ризици од издавањето дигитално евро, врз основа на кои ќе донесе и одлука за негово (не)издавање. Исто така, Америка летово ќе објави анализа, која треба да покаже дали и на кој начин може да се издаде криптодолар.
Од македонската Народна банка велат дека тие континуирано ги следат овие трендови и вршат соодветни анализи. Трендот на испитување на можноста за воведување сопствена дигитална валута од страна на централните банки, од една страна, се поврзува со забрзаниот раст на дигитализацијата, а во одредени случаи претставува потреба што произлегува од намаленото користење на готовината како средство за плаќање (случајот со Шведска).
„Во таа насока е и заклучокот од анализата на Банката за меѓународни порамнувања, подготвена во соработка со централните банки од групата на седум најразвиени земји, според кој издавањето дигитална валута од страна на централните банки е оправдано, доколку истото е во прилог, т.е. помага за остварувањето на законски дефинираните цели на централните банки “, велат од НБРМ.
Тие напоменуваат дека Народна банка во континуитет успешно ги остварува законски дефинираните цели и преку одржување на ценовната и финансиската стабилност придонесува за создавање поволен амбиент за одржлив економски раст.
Согласно со тековната регулатива, единствено законско платежно средство на територијата на Македонија е македонскиот денар, а анализите на Народна банка покажале дека засега нема итна потреба од издавање сопствена дигитална валута.
МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ СЀ УШТЕ ПРЕФЕРИРААТ КЕШ
Според одредени пресметки на Народна банка, најголем дел од вкупниот износ на трансакции што се вршат на места за плаќање, или околу две третини, се спроведуваат со готовина. Учеството на готовите пари во оптек, во БДП на домашната економија е релативно стабилно низ историјата и во просек изнесува 4-5 отсто од БДП.
Кога станува збор за податоците од платежната статистика, тие укажуваат на одреден растечки тренд кај бројот на трансакции со платежни картички и зголемено користење на електронското банкарство, кои се со поизразена динамика од периодот на отпочнувањето на здравствената криза.
„Народна банка, следејќи ги трендовите, соодветно врши анализи и имајќи ги предвид состојбите на кои посочуваме, нашите оцени засега не упатуваат на согледувања за итна потреба за издавање дигитална валута од страна на Народна банка.
Секако, следењето на трендовите и иновациите во областа на дигитализацијата преставува стратешки приоритет за Народна банка, како и за други институции во земјата, заради што и постојано сме посветени на согледување на најновите остварувања во оваа сфера и на анализирање на нивната примена кај нас “, уверуваат од Народна банка.
И професорот Јовановиќ смета дека воведувањето на државна криптовалута во моментов е преамбициозно.
„Не сум сигурен дека Македонија може да направи такво нешто, ниту дека би имало интерес за една таква криптовалута. Доволно е само да следиме што прават големи играчи по прашањето за регулирањето на криптовалутите, и да бидеме меѓу првите што ќе ги применат тие нови пракси“, вели Јовановиќ.
Тој верува дека криптовалутите имаат потенцијал да станат признат финансиски инструмент, доколку се регулираат и се надминат нивните постојни проблеми, а особено ако некоја голема држава, на пример Америка, воведе државна криптовалута.
ВЛОЖУВАЊАТА ВО КРИПТОВАЛУТИ НОСАТ ВИСОК РИЗИК
Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во изјава за „Фокус“ вели дека во меѓународни рамки се оценува дека сѐ додека крипто-средствата немаат понагласена улога како средство за извршување на плаќања на меѓународен план или не се перцепирани од економските субјекти како општоприфатено мерило на вредноста, поради големата променливост на нивната вредност и нивната изложеност на закани од дигиталниот простор, тие нема да имаат импликации врз поставеноста и водењето на монетарната политика на централните банки.
Таа додава дека тековните анализи упатуваат дека крипто-средствата не креираат ризици по монетарната и финансиската стабилност, но лицата што би вложувале во нив треба да ги имаат предвид ризиците на кои се изложуваат.
„Вложувањата во крипто-средства, по правило, носат висок ризик за лицата што вложуваат во нив, што во голема мера произлегува од високата волатилност на нивната вредност, а која е значително повисока споредено со волатилноста на други, финансиски и нефинансиски средства. За краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока.
Оттука, вредноста на крипто-средствата може да биде и нула и лицата што вложуваат во нив треба да имаат предвид дека крипто-средството не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од некоја централна банка“, вели Гувернерката.
МАШИНА ОД 4.000 ЕВРА „КОПА“ 350 ДОЛАРИ МЕСЕЧНО
И додека државата заостанува во однос на регулација на криптовалутите, македонските граѓани држат чекор со светот. Така, во Македонија веќе неколку години се копаат најпознатите две криптовалути: биткоинот и етериумот.
Копањето криптовалути е израз што се однесува на процесот на собирање криптовалути како награда за работата што ја завршувате, односно ја завршува вашиот компјутер специјализиран за копање (популарно наречен „риг“).
Односно, копањето значи стекнување криптовалути со решавање криптографски задачи преку употреба на компјутери. Овој процес вклучува валидирање блокови на податоци и додавање записи за трансакции во јавен запис познат како блокчејн.
Во суштина, копањето е процес во кој доколку имате соодветен риг, го „рентате“ за тој да учествува во валидирање на трансакциите на криптовалути. Како награда добивате одредена криптовалута.
Ригот е составен од неколку моќни графички картички (најчесто шест). За да може да се вклучи во процесот на копање, потребен му е интернет и струја и потоа работи сам, односно неговиот сопственик нема никаква обврска. Цената на еден риг со солидна моќност на македонскиот пазар се движи околу 4.000 евра.
Со моменталната вредност на етериумот од 2.400 долари, овој риг месечно ќе заработува дел од етериум во вредност од околу 350 долари. Мора да се има предвид дека заработувачката зависи од цената на етериумот. Доколку неговата цена се крене, расте и месечната заработувачка и обратно.
Значајно да се напомене е дека овие машини за копања трошат големо количество струја. Оваа машина од 4.000 евра месечно троши струја во вредност од околу 4.000 денари.
ФАРМИ ЗА КОПАЊЕ СМЕСТЕНИ ВО НАПУШТЕНИ СЕЛСКИ КУЌИ
И додека државата прави анализи дали и како да го регулира пазарот, одредени поединци го злоупотребуваат вакуум просторот од немање правила. Па така, се прават и цели таканаречени фарми за копање, кои се составени од десетици вакви машини (ригови) за копање со голема моќност. Но, ова предизвикува проблеми на мрежата за електродистрибуција, поради огромните количества струја што се трошат.
Според информациите на „Фокус“, фарми за копање има во Скопје, Тетово, Велес, но и во други градови. Најновите забележани случаи се во реонот на с. Љуботен, Општина Арачиново, населба Сингелиќ, улицата Дижонска во Чаир и улицата Јајце во Гази Баба.
ЕВН ги открива овие фарми поради појава на чести дефекти на местата каде што се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде што енормно се зголемува потрошувачката, а не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и дивото приклучување од страна на копачите.
„Вакви дојави и расправии кај самите потрошувачи е забележана и на социјалните мрежи каде што се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и отстранат компјутерите што копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа. Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде што сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството“, велат од ЕВН.
Тие објаснуваат дека не би имало проблем доколку таквата потрошувачка е соодветна на мерното место каде што мрежата е дизајнирана за потребите на тоа корисничко место и може да го поднесе зголемениот товар и доколку корисникот уредно ја плаќа потрошената електрична енергија.
Но, најчесто, мрежата не е дизајнира за новосоздадената потрошувачка на струја при копање криптовалути, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот нов бизнис.
„Последиците од нелегално користење струја за копање биткоини се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците, на кои им се нарушува нормалното снабдување, а и во екстремни случаи може да настанат и пожари поради претовар“, велат од ЕВН.
Тие сметаат дека овој бизнис, сепак, треба да се регулира од страна на финансиските институции во државата.
„Кога тоа би било регулирано, тогаш и тарифата би се регулира од страна на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не станува збор за домаќинство. Немаме сознанија како е тоа решено во други држави. Но, искрено не веруваме дека копањето биткоини е со нелегално користење струја “, напоменуваат од ЕВН.
Токму поради сите овие проблеми и простор за измами, државата мора што побргу да ги регулира криптовалутите и сите нивни аспекти, за да ги заштити граѓаните, а и за да се заштити себеси. Но, мора да се оди внимателно, особено со висината на евентуалниот данок кој би се вовел. За овој инструмент за инвестирање да не се претвори во загуба за македонските граѓани.
ЕУ ВОВЕДУВА ДИГИТАЛЕН ПАРИЧНИК
Европската комисија, минатата недела го презентираше планот за воведување таканаречен „дигитален идентитетски паричник“ за своите граѓани.
На овој начин европските граѓани ќе можат во електронска форма (преку апликација на својот мобилен телефон) да ги складираат сите важни официјални документи за докажување на идентитетот, како пасоши, лични карти, здравствени легитимации, возачки дозволи, училишни дипломи и банкарски сметки, без притоа да мораат да споделуваат чувствителни податоци со трети страни.
Овој дигитален паричник ќе биде базиран токму на блокчејн технологијата која ја користат криптовалутите. Оваа технологија овозможува безбедност на информациите без притоа тие да треба да бидат споделени со трети страни.