(АРХИВА) Кредит од 20 милиони евра за „невидливи“ реформи во образованието!

Реално немаме пари за учебници по сите предмети во средното образование, призна министерот за образование, Јетон Шаќири. Главна причина за доцнењето на учебниците биле воведените реформи и дека само одделенија кои учат по нова програма имаат проблеми со учебниците, додека кај другите ученици иако со задоцнување, тие сепак се доделени. Шаќири вели дека ќе вложи максимални напори да не се повтори повторно учениците да останат без учебници. -Според податокот кој сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува, изјави министерот синоќа во емисијата „Детектор“. Неделникот „Фокус“ пишуваше за кредитот што го зеде државата од над 20 милиони евра од Светска банка за реформи во основното образование, а сепак учениците останаа без учебници, без наставници, со запуштени тоалети, а некои и без спортски сали

by fokus

Текстот е објавен на 12 ноември 2022 година во неделникот Фокус со број 1.414.

Реално немаме пари за учебници по сите предмети во средното образование, призна министерот за образование, Јетон Шаќири. Главна причина за доцнењето на учебниците биле воведените реформи и според него, само одделенија кои учат по нова програма имаат проблеми со учебниците, додека кај другите ученици иако со задоцнување, тие сепак се доделени. Шаќири вели дека ќе вложи максимални напори да не се повтори повторно учениците да останат без учебници. -Според податокот кој сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува, изјави министерот синоќа во емисијата „Детектор“. Неделникот „Фокус“ пишуваше за кредитот што го зеде државата од над 20 милиони евра од Светска банка за реформи во основното образование, а сепак учениците останаа без учебници, без наставници, со запуштени тоалети, а некои и без спортски сали.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Наместо на 1 септември, за првачињата од основно училиште во скопски Аеродром првата учебна година почна на 21 септември. Ако до пред извесно време невработени одделенски наставници чекаа со години за работно место, сега, освен за стручни предмети, снема и одделенски наставници.

Учениците, пак, од прво, второ, четврто и од петто одделение, два месеца од почетокот на учебната година, сѐ уште ги чекаат учебниците и учат од привремени, додека, пак, третачињата уште немаат учебник по македонски јазик.

Сево ова се случува во основното образование, иако државата во 2021 година зеде заем од 21,5 милиони евра од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање проект за унапредување токму на основното образование.

Овој закон за задолжување беше изгласан во април 2021 година, кога со Министерството за образование раководеше Мила Царовска.

Законот има шест члена и во него не е наведено за што точно е наменет заемот, но пишува точно колку пари ќе земеме и колку ќе треба да вратиме. Рокот за отплата на заемот е 11 години, со вклучен грејс-период од три години.

„По потпишувањето на Договорот за заем од членот 2 став 1 од овој закон, Република Северна Македонија ќе ѝ плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија во износ од 0,25 проценти од износот на заемот.

Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка провизија во висина од 0,25 проценти од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.

Заемот од членот 1 на овој закон ќе се отплаќа на 16 полугодишни рати, секоја во износ од 6,25 проценти од износот на заемот. Заемот ќе се отплаќа на 15 март и на 15 септември секоја година“, стои во Законот.

Деновиве, за заемот за образованието потсети Левица, која побара отчет од министерот за образование, Јетон Шаќири, притоа критикувајќи дека парите немилосрдно се раскрчмуваат, а нема никаков отчет каде, како и на што се трошат.

– Иако споменатиот кредит првично беше одобрен на име долгорочен развој на образованието, две години подоцна – ги нема парите, но нема ни развој, туку напротив, образованието никогаш не било во полоша ситуација. Наместо да инвестира во долгорочен развој, министерот Шаќири троши половина милион евра за скрипти или „привремени учебници“, како што тој ги нарекува“, критикуваа од Левица.

ЧЕТИРИ КОМПОНЕНТИ

Инаку проектот за заемот го претстави Царовска, која најави дека со него ќе се подобрува училишната инфраструктура, ќе се развива програма за државно тестирање и ќе се зајакнуваат компетенциите на наставниот кадар.

-Приоритетни се вложувањата во опремувањето кабинети по природни науки, набавка на ИТ опрема, надгледни и наставни помагала, исто така набавка на училишна опрема – клупи, столчиња, табли, како и збогатување на библиотечните ресурси – најавуваше Царовска.

Според Левица, овој проект дополнително ќе ја турне земјава во калта на должничкото ропство, а со овие пари ќе се исплатат само „обучувачите“ што одработиле за партијата.

„Во образложението на предлогот се исчитува дека половина од овие пари ќе ги голтне темната јама на наводните и контроверзни реформи, и тоа како поинаку, ако не низ обуки и евалуации на обуките!?

Низ призмата на ова задолжување станува сосема јасно од каде толкавото брзање да се изнесе каква било концепција за реформи – очигледно дека се собрале мошне „обучувачи“ што одработиле и треба да бидат исплатени“, тврдеа од Левица.

Од Министерството за образование за „Фокус“ објаснуваат дека проектот за унапредување на основното образование е дел од четиригодишната Стратегија на Светска банка за партнерство со земјата за периодот 2019-2023 година.

Како што велат од таму, проектот ќе се реализира во следните пет години, односно до 2026 година, во соработка со Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, општините и основните училишта.

Реализацијата на проектот почнала на 3 мај 2021 година, односно пред една и пол година, има четири компоненти, што, според нив, е подолгорочен план за реформирање на основното образование.

ПРОЦЕНКИ НАМЕСТО РЕНОВИРАЊЕ

Првата компонента, како што објаснуваат од МОН во опширниот одговор, е подобрување на учењето во училиштата преку вложување во постојните објекти, опремување кабинети, набавка на ИТ опрема, дидактички материјали, нагледни и наставни помагала, училишна опрема, збогатување на библиотечните ресурси.

Како што може да се сфати од одговорот, засега, реновирање на училишта нема, ниту, пак, е почнато да се работи на мрежната инфраструктура.

Извршена е само проценка на мрежна инфраструктура и потреби од хардвер за 118 основни училишта и изработена е проектна документација за интервенции во овие училишта за да се обезбеди стабилна електрична и мрежна инфраструктура и соодветна покриеност на училиштата со интернет и со хардверска опрема.

Направена е и проценка на потребите за реновирање на 118 основни училишта и сега се изработува проектна документација за почнување на активностите за реновирање.

Во 264 основни училишта испорачан е училиштен мебел за целосно опремување на кабинет/училница со цел подобри услови за изведба на наставата по предметите од областа на природните науки (хемија, биологија, физика).

Мебелот за секој кабинет вклучува: лабораториска маса за наставник, елементи со мијалници, плакари за чување хемикалии и друга опрема, маси/клупи за ученици и лабораториски столчиња.

Во 358 основни училишта испорачани се нагледни и наставни средства и помагала за реализација на наставата по математика, биологија, хемија и физика.

Со овој заем испорачани се 10.000 таблет-компјутери за учениците што потекнуваат од семејства во социјален ризик, 39 смарт-табли и развиени се дигитални содржини за учениците од четврто одделение.

Од овие пари, Министерството одвоило 640 илјади евра за речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение додека стигнат новите учебници.

Па така, додека да минат процедурите и тендерите за печатење, МОН испечати материјали за учење, односно една книга во која се споени делови од различни предмети, за четири генерации, односно за сите основци што учат по новата концепција.

ОБУКА И ПЕЧАТЕЊЕ

Понатаму, втората компонента на проектот е развој и спроведување систем на државно тестирање преку кое ќе се следи напредокот на основците и ќе се изврши проценка на национално ниво.

-Концептот на државно тестирање е креиран и тој почна да се применува на почетокот на јуни, со тестирање ученици од трето одделение во областите математичка и јазична писменост.

Реализиран е првиот циклус на обуки за анализа на податоците од државното тестирање во трето одделение. Реализиран е првиот циклус на обуки за пишување тест прашања за државното тестирање во петто одделение, велат од МОН за „Фокус“.

Третата компонента на проектот, пак, е подобрувањето на компетенциите на училишниот кадар, преку имплементација на професионални стандарди и модернизација на програмите за професионален развој.

Овде спаѓаат обуките на кои одат наставниците и стручните соработници. Досега, 16.008 наставници и 1.058 стручни соработници одбрале по две обуки што ќе ги следат согласно потребите за обука во нивниот личен план за професионален развој.

Инаку, обуките почнале да се спроведуваат во октомври и се планира да се реализираат до крајот на оваа година и следната година.

Четврта компонента е измена на моделот за распределба на средствата за финансирање на работата на училиштата.

Како што објаснуваат од МОН, изготвена е нова формула по која ќе се распределуваат средства од државниот буџет на општините на праведен начин и ќе се стимулира развојот на образованието на локално ниво.

„Изработени се предлози за оптимизација на училишната мрежа. Почнати се обуки на набљудувачи за потребите на мерење на квалитетот на наставата во училница според алатката TEACH развиена од страна на Светска банка, како и подготвителните активности за првиот циклус на теренско набљудување и мерење во училиштата, кој ќе почне кон крајот на ноември 2022 година, објаснуваат од МОН.

ТОАЛЕТИ И САЛИ

Сепак, на терен, за разлика од високата оценка на Светска банка, голем напредок во образованието нема.

Освен што секојдневно се слуша и пишува дека наставници нема, учебници нема, ќар од овој кредит засега не гледаат ниту членовите на Независниот синдикат за образование и наука, ниту, пак, претседателотТомислав Гиевски.

-Во јавноста беа изнесени најави за функционално користење грант од Светска банка за подобрување на воспитно-образовниот процес во делот на инфраструктурата.

Како претставник на синдикатот, често патувам и имам посетено многу училишта и со сигурност можам да кажам дека состојбата во училиштата не е сјајна, а процесот на реновирање, обновување или изградба на нови училишни капацитети се одвива со исто -бавно темпо како од претходните децении – вели Гиевски за „Фокус“.

Според него, финансиски приоритети во образованието се прво да се обезбеди достоинствена плата за сите вработени, односно почетна плата што не е пониска од републичкиот просек.

-Секундарно е да се одвојат повеќе средства во реновирање или изградба на нови тоалети во училиштата, како и обнова, односно набавка на повеќе нагледни средства за сите наставни предмети. Не можеме, а да не напоменеме дека многу од училиштата немаат спортска сала – вели Гиевски.

Иако кадар има сѐ помалку, од Министерството за образование во одговорот за „Фокус“ порачуваат дека преку овој проект на Светска банка не се вработуваат наставници, туку преку него се дава поддршка на постојните наставници, односно за нивниот професионален развој.

Независниот синдикат пред извесно време апелираше дека недостасуваат наставници по физика, математика, хемија, информатика и по странските јазици што се проучуваат во училиштата.

Министерство за образование и наука

„ВИСОКО ЗАДОВОЛИТЕЛНА“ ОЦЕНКА ОД СВЕТСКА БАНКА

Од вкупниот кредит од 21,5 милиони евра, досега се потрошени 6,2 милиони евра, информираат од Министерството за образование и наука.

„Динамиката на спроведување на активностите и исполнетоста на индикаторите за напредок и успех на проектот е оценета како високо задоволителна при последната мисија на Светска банка во октомври 2022 година“, велат од МОН.

Според Левица

ПРОВИЗИИ ОД 200 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 11 ГОДИНИ

Пресметките на Левица покажуваат дека за овој кредит, граѓаните за 11 години ќе треба да платат околу 200 илјади евра провизии.

„Државата ќе се задолжи со 21,5 милиони евра и ќе плати првична провизија од 21.500 евра и 11 годишни провизии од 0,25 проценти провизија од неповлечениот износ на кредитот.

Ако претпоставиме дека годишно не може да се трошат повеќе од 3 милиони евра (поради апсорпциониот капацитет на имплементаторот), вкупниот износ на провизии за сите 11 години би бил околу 200.000 евра“, покажуваат пресметките на Левица.

Томислав Гиевски, НСОН

НАСТАВНИЦИ И СО СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ

Претседателот на Независниот синдикат за образование и наука Томислав Гиевски објаснува дека процесот за наоѓање наставници по одредени предмети оди многу тешко, па затоа се ангажира и кадар со несоодветно образование.

-Немаме точна бројка за вкупниот број наставен кадар што недостасува во училиштата бидејќи нашиот синдикат не е застапен во сите општини, односно сите училишта.

Најкритично училиште во Скопје е „Наим Фрашери“ во Студеничани, каде што една третина од вработените се несоодветни, а има и многумина со средно образование – вели Гиевски.

Тој, решението го гледа во департизацијата во образованието, односно намалувањето на влијанието на центрите на политичка моќ, кои доаѓаат директно од раководните органи што се избираат од партиските штабови.

Поврзани новости