(АРХИВА) Ковачевски и Ахмети со Таравари го гаснат пожарот во ДУИ и го бркаат духот на Заев од власта?!

by Фокус

Текстот е објавен на 23 февруари 2023 година во неделникот Фокус со број 1.429.

Влезот на Алијанса за Албанците во владата не носи поголемо парламентарно мнозинство, бидејќи истовремено во опозиција заминаа Алтернатива и Демократски сојуз, а се дистанцираше и „огнената група“. Но, оваа политичка операција носи стабилност и кохезија. Освен што Ковачевски и Ахмети со помош на Таравари се ослободуваат од притисокот на „огнените“ во ДУИ, тие ја намалуваат можноста Заев да ја потресе власта преку структури со кои сѐ уште има коректни релации и комуникација

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Сѐ уште трае собраниската расправа за избор на нови членови на владата од редовите на Алијанса за Албанците, која, согласно договорот со СДСМ и ДУИ, треба да ги зазеде позициите на Алтернатива на Илинденска, но и во пониските ешалони на власта.

Всушност, од гласањето на пратениците за разрешување на актуелните и именување на новите министри и заменик-министри ќе стане јасно на какво и колкаво парламентарно мнозинство ќе се потпира новата владина коалиција.

Од една страна, 8 пратеници на Алијанса стануваат дел од мнозинството, кое се потпираше на 64 пратеници, откако СДСМ и ДУИ направија договор со Алтернатива, после неуспешниот обид на Беса да ја урне Владата со помош на опозицијата.

Арно ама, тоа не значи дека новото мнозинство ќе брои 72 пратеници. Напротив, ситуацијата е, оптимистички кажано, егал, бидејќи мнозинството го напуштаат речиси исто толку пратеници колку што го засилуваат.

Имено, тројцата пратеници на Алтернатива во иднина ќе делуваат како опозиција. За потсетување, оваа партија имаше 4 пратеници, меѓутоа Скендер Реџепи-Зејд веќе извесно време делува како независен пратеник, и, според сите најави и сигнали, тој ќе продолжи да го поддржува и новото мнозинство.

Потоа, Владата во иднина нема да може да смета целосно ниту на тројцата пратеници што ги контролира таканаречената „огнена група“ предводена од Изет Меџити, која подолго време бара промени во начинот на функционирање во ДУИ, и пред се, промена на вицепремиерот Артан Груби и другите министри од оваа партија.

Последно, мнозинството го напушти и еден од предизборните партнери на СДСМ – Демократски сојуз, чиј лидер Павле Трајанов изјави дека излегува од власта поради неисполнување на коалицискиот договор. И тој во иднина ќе делува како опозиција и нема да биде чудно ако наскоро се приклучи на сојузот на ВМРО-ДПМНЕ.

Кога сета тоа ќе се собере и одземе, произлегува дека во мнозинството влегуваат 8 пратеници од Алијанса, но излегуваат четворица на Алтернатива и Демократски сојуз, додека истовремено власта нема да може секогаш и за се на уште тројца „огнени“ од ДУИ.

Значи, власта останува најмалку без 7 пратеници и во иднина ќе се потпира на 65, или на само еден повеќе од сегашните 64. Оттука, се поставува прашањето која е целта оваа политичка акробација во власта? Каков е ќарот, а каков е зијанот?

ЕЛИМИНАЦИЈА ИЛИ БАЈПАСИРАЊЕ

Иако, математички земено, власта има безмалку идентична ситуација како претходно, сепак, новата конфигурација на парламентарното мнозинство ќе ѝ обезбеди поголема кохезија. Едноставно, 8-те пратеници на Алијанса се стабилни и дефинитивно ќе ја анулираат реалната закана дека некој ќе го напушти мнозинството и со тоа ќе ја загрози Владата.

На овој начин, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, барем привремено се ослободува од притисокот на „огнените“ за да го жртвува Груби. Токму затоа, Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и другите фронтмени на „огнената група“ велат дека влезот на Алијанса во владата е за да се спасат министрите на ДУИ.

Она што не е целосно јасно во моментов, е дали Ахмети и Димитар Ковачевски ги предвидоа последиците од воспоставувањето на соработката со Арбен Таравари, бидејќи тоа директно ја исфрли од Владата Алтернатива, а беше и тригер да си замине Трајанов, иако во овој случај има и други причини?

Врз основа на одредени неофицијални информации, во политичките кругови се прават анализи дека соработката меѓу Ковачевски, Ахмети и Таравари има и една скриена цел, а тоа е бркање на духот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во поткрепа на оваа теза, се наведуваат неколку аргументи.

Прво, факт е дека дел од луѓето и структурите кои се отклонуваат од Владата на Ковачевски своевремено соработуваа и склучуваа договори со Заев, а дел од нив со него до ден денес имаат коректни релации. Впрочем, Заев на заминување после поразот од локалните избори го направи договорот со Алтернатива за спас на владата.

Како што е познато, тој ги водеше преговорите со Африм Гаши и Беким Сали, а со себе го зеде и Ковачевски, што беше дел од промоцијата за негов наследник на лидерската и премиерската позиција. Сега, кога Алтернатива се жали дека СДСМ не го почитува политичкиот договор, од сегашната владејачка гарнитура, како што се дознава, му велат дека тој договор го направил во време на Заев, а не на Ковачевски.

Покрај тоа, Заев до ден денес одржува комуникација со пратеникот на ДУИ Меџити, но со Кастриот Реџепи, кој исто така е дел од „огнената група“. Според упатените, Заев и Меџити имаат комуникација од времето кога беа градоначалници на Струмица и на Чаир, а двајцата беа на иста линија кога ДУИ се кршеше дали да го растури долгогодишното партнерство со ВМРО и да се сврти кон СДСМ.

Тоа не значи дека Заев целосно стои зад активностите на „огнените“ и ги поддржува нивните напори за елиминација на Груби. Дури, одредени извори велат дека и Меџити и останатите „огнени“ немаат преголема доверба во Заев. Меѓутоа, високи партиски извори тврдат дека кај Ахмети постојат стравувања дека може да проработи и прогресира оваа огнено-струмичка врска.

Поточно, лидерот на ДУИ на блиски соработници им рекол дека нема да го чуди ако дознае дека „огнените“ имаат силна поддршка од Заев. Тоа Ахмети го кажувал во контекст на информациите дека Заев застапувал модел на заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО, што би значело можеби не елиминација, но во секој случај бајпасирање на ДУИ.

ТОЧКИ НА РАЗДОР

Неодамна, во јавноста излегоа информации дека Заев одржал средба со Ковачевски, Миле Зечевиќ, Венко Филипче, Радмила Шекеринска и одбрано друштво што гравитира околу СДСМ. Воедно, присуствувал и претставник на една маркетинг и пр-агенција, која неодамна извршила мерење на рејтинзите на партиите.

Практично, овие анкети ја потврдиле значајната предност во рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, која произлегува од сите јавно објавени анкети во последниот период. Врз основа на тоа, Заев предочил дека СДСМ ќе изгуби на следните избори, по што сдсмовците, како што посочил, ќе бидат влечени по улици.

За да се спречи таков исход, тој предложил своевиден план за спас, кој предвидувал одржување на предвремени парламентарни избори по кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во следните 8 години. Притоа, премиерот требало да го даде изборниот победник, а губитникот да биде застапен според постигнатиот резултат.

Овој план, според Заев, предвидувал дефакторизација на Левица, но од игра би требало да отпадне и ДУИ, со тоа што 25 отсто од владиниот колач би добиле останатите албански партии. Наводно, Заев ги уверувал присутните дека неговиот план е усогласен со барањата за предвремени парламентарни избори на Христијан Мицкоски.

Според Заев, на Мицкоски би можело да му се понуди и амнестија за осудените за крвавиот упад во Собранието на 27 април. Случајно или не, Мицкоски побара предвремени избори на пролет, истакнувајќи дека има пратеници од ДУИ, но и од СДСМ кои се расположени за таква варијанта.

На споменатиот состанок на Бихаќка, според истите информации, Ковачевски му соопштил на Заев дека САД во ова раководството на СДСМ и во оваа Влада ќе има партнер во спроведување на приоритетите за борбата против корупцијата. Наводно, ваквиот настап предизвикал вознемиреност кај Заев, кој тоа го сфатил како порака дека власта нема намера да го штити Заев, ниту неговите блиски луѓе.

Откако овие информации излегоа во јавност, безмалку сите прозвани се произнесоа со свои интерпретации, меѓутоа никој експлицитно и недвосмислено не ги демантираше средбите, водените разговори, идеите што се разменувале…

Според сознанија до кои дојдовме од повеќе извори, имало повеќе причини за разидување меѓу Заев и Ковачевски. Прво, Заев во повеќе наврати лобирал за одредени компании кои соработувале или требало да соработуваат со институции, но пред се со една државна фирма.

Потоа, тој често ургирал за одредени именувања на функционери, но и реагирал кога некој негов близок ќе биде разрешен, а, исто така, нервоза му создало именувањето на Зарко Милошевски за директор на АНБ. Ако тоа донекаде било толерирано, капката што ја прелила чашата бил изборот на Ислам Абази за нов обвинител на гонење на организирал криминал.

ШИРОК ФРОНТ

Инаку, Заев жестоко реагирал зошто СДСМ така лефтерно и беневолентно дозволил Ахмети да го истурка Абази за наследник на Вилма Русковска, наместо поцврсто да застане зад Ермон Незири, за кого очигледно жестоко се навивало во Струмица.

Сепак, во оваа трка најумешен се покажа Ахмети, чиј соселанец Абази сега ќе игра клучна улога кои сегашни и поранешни функционери ќе се гонат, а кои ќе се поштедат. На тој начин, лидерот на ДУИ доби алатка плус и за моделирање на односите на политичката сцена.

После овие информации, Груби информираше дека со Ахмети биле на средба со Заев во Струмица, каде биле уверени дека тој воопшто не работи на уривање на владата, ниту на дефакторизација на ДУИ. Напротив, сите заедно работеле на заедничката цел за уставни измени, за да продолжат преговорите со ЕУ.

Освен средбата со Заев, добро упатени извори велат дека Ахмети остварил и други тајни и полутајни политички средби, вклучително и со политичките конкуренти, пред кои, меѓу другото, изразил сомнеж дека активностите меѓу Заев и „огнените“ се донекаде координирани.

Токму на тоа се темелат тврдењата дека една од целите на внесувањето на Алијанса во владата е елиминирање на влијанието на Заев, кој, како што стравуваат одредени елементи во власта, сега многу потешко би реализирал или би учествувал во операција за уривање на актуелната влада.

Така, адутот со „огнените“ веќе му е одземен, доколку, се разбирал, воопшто располагал со него во целост, а нема да може да се обиде да повлече потег и преку субјекти со кои претходно преговарал и изградил доверба, како Алтернатива и други „помали“ партии.

Наместо тоа, Ковачевски и Ахмети во владата го внесоа Таравари, кој е докажан антизаевист. Сите се сеќаваат како Таравари го обвинуваше Заев дека е бетер од Никола Груевски, дека му правел проблеми и опструкции како градоначалник на Гостивар, му порачуваше Невзат Бејта да си го земе во Муртино и сл.

Не дека во политиката владеат принципи и дека политичарите имаат силна меморија. Бездруго, таков е случајот и со Таравари, кој сигурно веќе заборави што говорел за Ахмети. Ама, истовремено факт е дека имаше зла крв и лоша енергија меѓу него и Заев, како и меѓу Зијадин Села и Заев, како што, на пример, немаше и нема меѓу Заев, Гаши, Меџити…

Од таа гледна точка, Ковачевски и Ахмети му го зедоа најсилниот албански потенцијален партнер на Мицкоски, но истовремено го засилија и фронтот против Заев, сечејќи ги гранките на кои би можел да се потпре ако одлучи да влезе во посериозен пакт со Мицкоски за рушење на владата, со цел да добие одредени концесии во иднина.

МОЖНИ СЦЕНАРИЈА

Кога станува збор за можните политички комбинаторики во текот на оваа година, која е последна цела година пред следната 2024 да се одржат и претседателски и парламентарни избори, се разработуваат неколку можни сценарија. Еден од клучните процеси од кој ќе зависи кое сценарио ќе се оствари се уставните измени.

Доколку опозицијата околу ВМРО-ДПМНЕ успее да остане на купче и да го блокира процесот на уставни измени, тоа ќе биде одличен амбиент да се оствари сценариото што се заговара во рамки на најголем дел од власта, а тоа е формирање на еден голем проевропски блок со сите, освен со ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Само едно вакво сценарио, во кое СДСМ би била стожерна партија во блок со многу партии, меѓу кои би биле и сите албански партии со исклучок на Беса, ја носи со позиција да се надева на успех на следните избори. Додека водат кампања за двотретинско мнозинство, кое е потребно за уставни измени, нивната цел би биле 61 пратеник за да може да останат на власт.

Но, ова сценарио има многу аномалии за оние што би учествувале во него. Тоа секако би значело понатамошно топење на рејтингот на СДСМ, која значително каска зад ВМРО поради болните компромиси. Згора на тоа, ваква операција на сите против ВМРО би предизвикала разгорување на националистичкиот наратив и би го продлабочила јазот во рамки на македонското ткиво.

Од друга страна, прашање е колку и на ДУИ би му одговарала да биде дел од една голема предизборна коалиција предводена од македонска партија, макар и тоа било проевропска коалиција. Се уште има многу „за“ и „против“ колку би бил продуктивен еден ваков сојуз за ДУИ, особено кога партијата е во подем и се извлече од кризата после изборите во 2016 година.

Точно е дека Беса во една ваква предизборна коалиција со СДСМ успеа да спаси жива глава, откако Алијанса и Алтернатива тогаш формираа доминантен албански опозициски блок. Исто така, точно е дека и за СДСМ беше корисна оваа коалиција, бидејќи Биљал Касами им ја донесе клучната предност во шестата изборна единица.

Но, многу аналитичари сметаат дека ваква коалиција повторно ќе ја врати ДУИ во скутот СДСМ. Затоа, пореална е опцијата ДУИ да предводи една поголема албанска предизборна коалиција, која потоа би се надевала дека би можела да формира проевропска влада со СДСМ, ако, секако, ВМРО не однесе убедлива победа.

Во таа насока, и Таравари во еден јавен настап рече дека можеби се уште не е време за предизборна коалиција на албанските партии со СДСМ, но, според него, можеби треба да се направи една албанска коалиција. Тоа што не го кажува Таравари, а се подразбира, е дека оваа коалиција би си оставила простор и за соработка со ВМРО, доколку без Мицкоски нема да може да се формира влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе освојат резултат близу 61, но неговите противници се надеваат дека нема да можат сами да направат влада. Во таква ситуација, од особено значење ќе биде резултатот на Левица, која засега добро котира и може да смета дури на десетина пратеници, кои би биле клучот за политичките промени.

СПОЕНИ ИЛИ ОДВОЕНИ ИЗБОРИ

Освен уставните измени, идните политички разврски во голема мера ќе зависат од уште еден елемент. Со влезот на АА во власта, веќе извесно е дека годинава нема да има предвремени парламентарни избори. Но, се уште неизвесно е дали изборите во следната година ќе бидат споени или одвоени?

Временски гледано, претседателските избори доаѓаат неколку месеци пред редовниот термин за парламентарни избори. Доколку власта одлучи да ги раздвои изборите, тогаш со заеднички претседателски кандидат, независно дали ќе биде Стево Пендаровски или некој друг, би можела да ја тестира идејата за изолација на ВМРО и Левица преку голем проевропски фронт.

Сепак, во оваа трка би влегле без противник, од причина што Мицкоски уште отсега најавува дека нема да учествува на изборите ако тие не се спојат со парламентарните избори. Автоматски, тоа ќе значи дека изборите за шеф на државата најверојатно ќе пропаднат, бидејќи тешко може да се обезбеди цензус од 40 отсто ако опозицијата бојкотира.

Во тој поглед, нејасно е дали власта ќе влезе во изборна трка сама со себе, особено што минатото искуство не исклучува таква можност. За потсетување, власта спроведе консултативен референдум за Преспанскиот договор иако опозицијата бојкотираше, а истрча и на предвремени локални избори во Штип во ситуација кога ВМРО, исто така, бојкотираше.

Ако изберат таква опција, тогаш власта ќе го одбере патот на продлабочување на политичката криза. Во таков амбиент, не би имало речиси никаква можност да се дојде до решение за промена на Уставот, од што зависи динамиката на евроинтеграциите. Другата можност, пак, подразбира конструктивност од сите страни.

Поточно, тоа би значело уставните измени да се истуркаат со поддршка на сите. Но, како да се обезбеди поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, која остро се противи на внесувањето на Бугарите во Уставот под вакви околности, па дури и даде гаранции преку нотарски изјави? Сепак, тука е битно да се одговори какви се тие „вакви околности“?

Веќе Мицкоски најави дека овој проблем со Бугарија постои и немаат намера да бегаат од него. Во таа смисла, ВМРО пред следните избори ќе понуди и предлог за решение на проблемот со кој ќе ја бара довербата на гласачите. Неофицијално, тој предлог ќе подразбира гаранции дека ова е последното барање на Бугарија на нашиот пат кон ЕУ.

Оттука, уставните измени во земјава многу лесно би можеле да поминат доколку Бугарија се обврзе дека по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав нема да испорачуваат нови услови во преговарачкиот процес. Во такви услови, би се избегнала евентуална примена на непринципиелни методи при врбување на пратеници, бидејќи уставните би минале со огромна поддршка.

Се чини дека за една таква заедничка акција на СДСМ, ВМРО, ДУИ се залагал и Заев, кој се обидуваше да го протне германскиот модел на поделба на власта. Сепак, наиде на отпор и се повлече. Меѓутоа, очигледно во власта останале стравувањата дека во иднина повторно може да се реактивира ова сценарио, кое веќе е речиси невозможно со преминот на Таравари од опозиција во власт.


ВМРО ГУБИ ПОТЕНЦИЈАЛНИ СОЈУЗНИЦИ, СДСМ ГУБИ ОФИЦИЈАЛНИ ПАРТНЕРИ

Со влезот на Алијанса за Албанците во владата, веднаш излезе Алтернатива, целосно се дистанцираа огнените, а во опозиција замина и Демократски сојуз.

Сепак, прашање е дали ќе продолжи овој процес на рекомпонирање на политичките сили, бидејќи и други владини партнери најавуваат можно напуштање на власта.

Меѓу нив е ДОМ на Маја Морачанин, која најави дека ќе оди во опозиција ако до средина на годинава нема резултати при реализација на проектот за една изборна единица, на конфискација нелегално стекнат имот и сл.

Што се однесува до другите партнери на власта, тие се целосно на линија со СДСМ, што особено е случај со НСДП и ЛДП, каде неодамна на чело дојдоа нови политички лидери – Горан Мисовски и Моника Зајкова.


ВОЈНА СО ДУИ И АЛИЈАНСА ОД „КОРУПТИВЕН“ КАРАКТЕР

Во периодот кога стана јасно дека Алијанса за Албанците ќе биде член на владата, ВМРО-ДПМНЕ испорача жестоки обвинувања на сметка на партискиот лидер Арбен Таравари, кој неодамна го наследи Зијадин Села.

Како што е познато, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во собрание праша дали поради влезот на АА во Владата Таравари на поклон добил куќа во Тафталиџе?

Според Николоски, тој пријавил дека куќата ја купил за цена по 500 евра по квадрат, или за 3-4 пати помалку од пазарната вредност, а воедно изрази сомнеж дали и овие пари се уплатени.

Наспроти тоа, Таравари не негираше дека купил куќа по наведената цена, но реагираше дека ја купил во 2021 година на кредит и посочи дека треба уште да вложи за реновирање.

Паралелно со тоа, ВМРО преку Горан Лефков обелодени афера и за првиот вицепремиер од ДУИ Артан Груби, чиј брат, според Лефков, купил деловен простор на улицата Македонија за половина милион евра, додека неговата фирма работела со загуба.

Се работи за туристичката агенција „ЕТЦ Травел“, каде, како што рече Лефков, порано работело лице што основало компанија која добила акредитација за баждарење на бензински пумпи од Бирото за метеорологија, чиј директор е кадар на ДУИ.

Поврзани новости