Судот забрани изнесување детали од судењето за убиството на момчето најдено во Пена

by Fokus

Денеска почна и заврши главната расправа во основниот суд во Тетово за убиството на 16-годишното момче кое во декември беше најдено во реката Пена. Обвинета за убиството е 17-годишна девојка, за која во вторник ќе биде изречена пресуда. Бидејќи се работи за малолетници, детали од главната расправа не беа споделени.

Адвокатот Ибраим Бајрами кој учествуваше денеска во процесот како бранител на осомничена по завршување на рочиштето пред новинарите истакна дека судот одлучил пред јавноста да не се изнесуваат детали од судењето.

„По наредба на судот за кривичните предмети кои што се водат против малолетници, каде што жртви се малолетници не се дозволени изнесување на било какви околности за настанот на кривичните постапки. Поради тоа сметам дека оваа одредба од членот 99 од Закон за права на деца треба и вие да го анализирате и согласно тоа да вршите известувања и да побарате посебна дозвола од судот, судијата за деца, кој што одлучува кој дел од постапките е возможно да бидат предмет на јавен интерес“, изјави адвокатот Ибраим Бајрами.

Безживотното тело на 16-годишното момче беше најдено во водите на Пена на 22 декември по 7-часовната потрага по него. Следниот ден од Јавното обвинителство соопштија дека имаат осомничен и дека се работи за 17-годишна девојка. Според информациите од обвинителство, на местото викано Бањиче по вербална расправија обвинетата со предмет го удирала неколку пати момчето по глава се додека не го усмртила, а потоа му го турнала неговото тело во реката.

Поврзани новости