АРХИВА Која е Шкодране Дардишта од ДУИ, која се закани со војна?

by Fokus

Текстот е објавен на 24 јуни, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1342

 Јавната установа Заеднички служби на скопските клиники постои речиси 13 години, а со неа цели 12 години управуваше Шкодране Дардишта од редовите на ДУИ. Таа својата кариера ја „изгради“ таму, па сега продолжи во одборот директори во Телеком. Оваа јавна установа со години е во долгови, а, според податоците на БЈБ, од 2008 година досега склучила 1.962 тендери. Речиси 17 години, скопските клиники со храна ги снабдува компанијата „Хацат“, додека, пак, за одржувањето на хигиената се грижи фирмата на почесниот конзул од Унгарија

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Во август, далечната 2007 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ под раководната палка на тогашниот премиер Никола Груевски се трансформира скопскиот Клинички центар во 32 клиники. Дотогаш, тој уште од своето создавање функционираше како една целина, но тогашната владејачка гарнитура по само една година од доаѓањето на власт, донесе одлука во која секоја клиника ќе фигурира посебно со двајца директори, медицински и економски, кои преку врзан потпис ќе ги носат клучните одлуки.

Проектот двајца директори, според досегашната пракса, не им донесе ништо добро на клиниките, освен што трупаа огромни долгови, кои стигнаа и до околу 60 милиони евра.

Но, да почнеме по ред. За многумина во јавноста не е познато дека плаќањето на сметките за ЕВН, Водовод и канализација, греењето, храната, сервисирањето, одржувањето, дел од набавката на лековите, како и перењето на чаршафите и на пижамите, на дел од клиниките оди преку јавната установа Заеднички служби на скопските клиники.

Тие цело време се во заднина, односно претставуваат главен линк помеѓу скопските клиники и јавните претпријатија, како и набавувачите со лекови. Поточно, сѐ што треба да се плати оди преку оваа Служба, која за целото време додека постои е под раководство на кадри на ДУИ, кои досега повеќе од 15 години се забетонирани во власта, само со различни партии.

Иако не е позната многу во јавноста и не се знае која е точно нејзината улога, сепак, пред одреден период оваа установа беше во центарот на вниманието со натрупани долгови и блокирана сметка, со што пред свршен чин беше ставена и работата на скопските клиники. Тие можеа да бидат оставени без вода и струја, со оглед на тоа што јавната установа Заеднички работи не ги имаше подмирено долговите кон јавните претпријатија.

Досега, никој од надлежните институции не излезе во јавност да каже колкави се долговите и дали некој ќе понесе одговорност, но затоа, пак, многу од лекарите тврдат дека под итно треба да ѝ се стави клуч на врата, бидејќи преку неа наводно години наназад се прават разни злоупотреби на штета и на клиниките и на болните.

 ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ДИРЕКТОРУВАЊЕ

Јавната установа Заеднички служби на скопските клиники постои речиси 13 години, а со неа повеќе од една деценија управуваше Шкодране Дардишта од редовите на „интегративците“, која влезе и во пратеничкиот состав 2014-2016 година, но поднесе оставка од функцијата само неколку седници по освојувањето на пратеничкото место. Таа ќе биде запаметена како една од блиските луѓе на ДУИ, која најдолг период седеше на директорското столче, но и како една во кое време се натрупаа најголемите долгови на скопските клиники.

Уште додека директоруваше, Службата за заеднички работи ја следеа низа скандали, а по нејзиното заминување од директорската фотелја, нејзината кариера се вивна, па на 5 ноември 2020 година, таа стана неизвршен и независен член на одборот директори на македонски Телеком, на чиј документ стои потпис од тогашниот генерален секретар Драги Рашковски.

На официјалната страница на Телеком е објавена и нејзината биографија, каде што може да се забележи дека Дарлишта со текот на годините постојано напредува, и покрај товарот што го носи позади себе од работата на скопските клиники. Таа е доктор на науки, кои ги завршува во Белград, а според биографијата, ги водела и протестите за легализација на Државниот универзитет во Тетово.

Дардишта, исто така, е поранешен каратист, носител на црн појас и претседател на карате клубот „Форца“ во Чаир. Таа две години била советник во Министерството за култура, од 2004 до 2006 година, додека пак, од 2008 година, па сѐ до 2020 година, управува со Јавната установа од областа на здравството.

Покрај неколкуте скандали што „пукнаа“ во јавноста околу нејзиното менаџирање со скопските клиники, таа не криеше дека тие тонат во огромни долгови од кои зависи нивната работа, само не сакаше да ја каже точната сума.

Да не се враќаме кон минатото и да бараме виновник за долговите на клиниките, туку да се најде начин тие да се исплатат. Во јавната установа од областа на здравството има долгови, но тоа се долгови на клиниките, бидејќи ние не даваме здравствени услуги, туку сме само линк меѓу клиниките и набавувачите. Овие долгови се од минатата гарнитура. Се трудиме да најдеме решение заедно со министерот и со новопоставените директори. Ние не се враќаме во минатото да видиме, кој, каде и како, туку се обидуваме да најдеме соодветно решение и да се исплатат сите долгови“, рече Дарлишта пред четири години, кога се промовираа тријазичните табли и патокази.

Сепак, долговите не се главниот проблем на скопските клиники, туку начинот на работа и функционирање на Службата за заеднички работи. Веќе еднаш нагласивме дека тие се главен линк меѓу клиниките и набавувачите, поточно ако една клиника, на пример, сака да го поправи расипаниот лифт, тогаш ги контактира одговорните во јавната установа кои ѝ даваат понуди, тоа оди на тендер и ако директорот на болницата се согласил со таа цена, тогаш договорот се потпишува. Но, како и на кој начин, оваа Служба ги пронаоѓа фирмите и се договара со нив, никој не знае. Така постои голема можност за злоупотреби, за што се сомневаат и дел од лекарите.

Поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, кој беше само три месеци на оваа функција, веднаш се најде во безизлезна ситуација, кога јавното претпријатие „Водовод“ се закануваше дека ќе ја исклучи водата на клиниките поради неплатени долгови.

Јас бев неполни три месеци министер и за тој период немавме ниту една набавка. Нашата идеја беше да се спојат сите клиники во еден заеднички Клинички центар и таа Служба воопшто да не постои. Кога би се споил Клиничкиот центар, сите набавки ќе се вршат преку сектор за набавки во склоп на центарот. Сметам дека сега како што е, постојат огромни шанси за злоупотреби – истакна Таравари во изјава за „Фокус“.

ОКОЛУ 2.000 ТЕНДЕРИ ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА

 „Фокус“ поразговара и со неколку директори на клиники, кои објаснија дека сѐ што е потребно за набавка на храна, поправки, варосување, одржување лифтови и подрумски простории, сервисирање, набавка на дел од лековите и потрошен материјал… оди преку јавната установа Заеднички работи, кои преговараат со фирмите за пари и потоа им даваат понуди на првите луѓе на клиниките. Но, според нивните објаснувања, многу од понудите се со доста „жешки“ цени.

Ние имаме обврска да склучиме договор со нив. Тие се обврзани за поправки, сервисирање… Постои лифт, кој 10 или 15 години не работи и замислете од таму ни понудија да се направи нов за 90.000 евра. Па, тоа е страшна сума. За тие пари ќе се купи стан од 100 квадрати. Додека, пак, за поправка на парно заедно со нови радијатори околу 15.000 евра – тврди директор, кој сакаше да остане анонимен.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, оваа Јавна установа од 2008 година досега склучила 1.962 тендери. Речиси 17 години една иста фирма ги снабдува скопските клиники со храна. Станува збор за компанијата „Хацат“, лоцирана на улицата Водњанска во близина на Клиничкиот центар.

Документите од Централниот регистар покажуваат дека како сопственици се водат Делче Ицков и Ивица Гегоски, додека, пак, како управител фигурира Лазар Војноски. Ицков може да се најде и како управител на уште три други компании. Фирмата „Хацат“ не може  не може да се најде на страната на Бирото за јавни набавки, со оглед на тоа што се објавуваат само тендери над 5.000 евра.

Исто така, податоците на БЈБ покажуваат дека Службата за заеднички работи на скопските клиники на 30 март 2020 година, склучила договор со познатата битолска компанија „Еко Клуб Плус“ за одзатнување канализациски одводи во вредност од речиси 22.000 евра. На тендерот се пријавила само победничката компанија.

Сепак, тоа што е карактеристично за оваа фирма е што во заднина стои бизнисменот Сашо Јанакиевски, кој подолг период е почесен конзул во Унгарија. На крајот на декември, 2019 година, Град Скопје до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против оваа фирма, каде што на снимки и фотографии се гледа непрописно постапување со медицински отпад, каде кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

Имено, според објаснувањата на градоначалникот Петре Шилегов, фирмата, наместо отпадот да го исчисти и стерилизира од бактерии, а потоа специјално запакуван да го носи во „Дрисла“, таа само го дробела во машина и во камион потоа го носела како обичен отпад.

„Фокус“ досега неколкупати има пишувано за оваа компанија, каде што првично како сопственик и управител фигурираше самиот Јанакиевски. Но, сега по многубројни пребарувања на компанијата во Централен регистар и бизнис-мрежата, може да се забележи дека таа повеќе не фигурира под името „Еко клуб“, но затоа може да се најде под друго име како „Ремондис Медисон ДОО“, која е на истата улица Петар Петровиќ Његош 131 Битола, основана на 26 септември, 1990 година.

Слободно можеме да заклучиме дека компанијата по бројните пишувања во медиумите добила ново име, но сите други податоци остануваат исти. Единствено како „Еко клуб“ таа може да се најде на нивната официјална веб-страница и на Бирото за јавни набавки.

Според податоците од Централниот регистар, како сопственици се водат Ремондис Медисон ГМБХ и Јанакиевски под чие име е нагласено дека има 0 посто удел во проценти на обични акции и 0 посто удел во проценти на приоритетни акции. Како управител, пак фигурира извесен Том Верикен.

Со оглед на тоа што претходната година, јавната установа Заеднички служби склучила договор со „Еко Клуб Плус“, сега по само една година, на 15 март 2021, тие склучуваат уште еден договор со истата фирма, но сега со новото име „Ремондис Медисон ДОО“ за одржување хигиена во вредност од 101.171 евро. На тендерот се пријавиле две компании, со што победничката фирма понудила најниска цена. Јанакиевски  како сопственик се јавува на уште две компании „Конкордија Нова ДООЕЛ“ и „Здружение на бизнис сектор МОНАСТИРИ-ББЗ“ од Битола.

Факт е дека не можеме да ги наброиме по имиња сите компании со кои соработува оваа јавна установа со оглед на тоа што нивниот број е многу голем, но затоа, пак, тие се обврзани до јавноста да поднесат извештај и на транспарентен начин да објаснат како се добиваат тендерите.

Ние не сме тие кои ќе процениме дали Заеднички служби треба да постои или не, но факт е дека работите не функционираат како што треба. Низ годините се покажа дека се направија поголеми штети на клиниките, отколку што им се помогна како што беше првичната замисла. А, факт е и тоа дека многу подобро функционираше скопскиот Клинички центар, отколку посебни 32 клиники, па наместо за подобро на пациентите, испадна полошо.

Рамка1:

ПРОСЛАВА ЗА 100-ГОДИШНИНАТА ОД АЛБАНСКАТА ДРЖАВНОСТ

Шкодране Дардишта, тогашната директорка на јавната установа Заеднички работи на скопските клиники пред девет години, поточно во 2012 година за време на штрајкот на лекарите организираше коктел за прославата на 100-годишнината од албанската државност, а клиниките беа блокирани од сите страни.

Во тој период, таа на своја рака ја организираше прославата за што доби поддршка од повеќето директори Албанци, но не понесе одговорност за оневозможувањето на работата на клиниките и правење прослава внатре во кругот на болницата.

Рамка2:

НОВ ДИРЕКТОР ДУРИ ПО 12 ГОДИНИ

Амар Даут по цели 12 години владеење на Дарлишта на почетокот на годината седна на нејзиното директорско столче. Тој, исто така, е кадар на ДУИ.

„Фокус“ стапи во контакт со новиот директор, кој ни објасни дека со одлука на Влада од 8 јули, 2008 година основана е Јавната установа од областа на здравството за потребите на ЈЗУ универзитетски клиники, завод и ургентен центар – Скопје.

Согласно член 2 од Одлуката за основање, дејноста на јавната установа е извршување на работи и услуги во делот на централната стерилизација, комерцијално-фармацевтски услуги и работи, исхраната на болните, услуги за перење и пеглање на болнички и персонален веш, телефонска централа, одржување на слободните површини, организација при собирање, транспорт и депонирање на комунален и медицински отпад, компјутерско-информатички работи, работи за обезбедување и заштита на имот и лица, користењето и одржувањето на паркинг-просторот и други заеднички работи за потребите на ЈЗУ универзитетски клиники и институти настанати со поделбата на ЈЗУ Универзитетски Клинички Центар – Скопје – истакна Даут.

Тој додава дека ЈУ од областа на здравството, 24 часа се грижи за нормално функционирање на системите за топловодно греење и технолошка пареа, електрична, водоводна и канализациона мрежа, системите за климатизација и системот за довод на медицински кислород до клиниките, редовно собирање на комунален и медицински отпад, редовно снабдување на ЈЗУ Универзитетски клиники со лекови и медицински потрошен материјал, како и сервисирање на медицинска и немедицинска опрема.

Јавната установа средствата за работа ги обезбедува од јавните здравствени установи универзитетски клиники со давање услуги и не се финансира од Буџетот на РМ. Со Одлука на Влада на РМ паркинг просторот е даде на стопанисување на Градски паркинг.

Услугите за перење и пеглање на болнички и персонален веш и услугите за болничка и персонална исхрана ги користат исклучиво ЈЗУ Универзитетски клиники. ЈУ од областа на здравството спрема ЈЗУ Универзитетски клиники врши префактурирање на фактурите од економските оператори кои стопанисуваат со кујната и пералната. 

Исто така, ЈУ од областа на здравството спрема скопските клиники врши префактурирање на фактурите од економските оператори кои обезбедуваат електрична енергија и вода за потребите на Комплекс Клиники Мајка Тереза – додава новиот директор.

Според него, за набавка на храна на скопските клиники од 2004 година наваму е задолжена компанијата „Хацат“, додека, пак, фирмата Изградба Комерц Скопје е задолжена за отстапување на користење со надоместок (закупнина) на објектите, возилата и опремата и вработените од болничката перална на Клиничкиот центар на неопределено време.

 

Поврзани новости