(АРХИВА) Кој ќе испорача (не)правда за „27 април” – судот или политиката?

И по седум години од крвавиот упад во Законодавниот дом, сѐ уште се чувствуваат последиците од селективната правда или неправда, кој како милува. За одамна осудените во првиот предмет, судските лекови се исцрпени, па остануваат само политичките. За обвинетите организатори, пак, Апелација ќе треба да пресече - дали ќе ги амнестира или ќе ги препушти на помилување кај политичарите?

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1486, на 28 март 2024 година.

Пишува: Валентина ВУРМО

Засега, но се чини не за долго, ќелиите за осудените за „27 април“ остануваат затворени, а судењето за втората група обвинети во предметот „Организаторите на 27 април“, продолжува.

Во изминатиот период имаше неколку обиди и се плетеа неколку сценарија за нивно амнестирање и помилување, но сите завршија безуспешно. Сега, во предизборието, пак, повторно се кројат планови за нивно предвремено ослободување.

Битката за слобода на овие осуденици и обвинети, кои се соочија со правдата или неправдата (зависи кој како гледа) поради упадот во Собранието на 27 април 2017 година, се води на два терена. Едниот е преку правните механизми низ судските инстанци, а другиот е со партиски маневри на политичката сцена.

Патиштата за спас низ правосудството се речиси целосно затворени, но затоа се подотвораат оние во политиката. Повторно на голема врата се отвора прашањето за амнестија и помилување.

СИЛЈАНОВСКА ВЕТИ ПОМИЛУВАЊЕ

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Силјановска-Давкова, даде ветување дека доколку застане на чело на државата, ќе ги помилува.

Таа вели дека кривичното дело што им било ставено на товар на обвинетите (терористичко загрозување) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.

– Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор, да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување – рече неодамна професорката Силјановска-Давкова.

Актуелниот претседател и кандидат на СДСМ за нов мандат, Стево Пендаровски не ги помилува осудените, но со своите јавни ставови испраќаше порака дека обвинетите заслужуваат ново фер судење.

Тој пред две години изјави дека за него осудените на казни од 7 до 16 години затвор не се терористи и дека доколку има нови докази, заслужуваат повторно судење.

„За да не се политизира целата постапка, секој што евентуално поседува нови докази, треба да ги приложи до судот, а не на настанот да му дава политички квалификации.

Како легалист, претседателот Пендаровски смета дека тоа е единствениот правен пат за да се решат сомневањата каде што тие постојат“, појаснија тогаш од кабинетот на претседателот.

Пред речиси пет години, и тогашниот премиер Зоран Заев им понуди рака на дел од обвинетите, односно од собраниската говорница говореше за простување и помирување за „27 април“, во замена на гласање за уставните измени со кои требаше да се усвои Преспанскиот договор.

По само два месеца, 15-мина од обвинетите беа амнестирани, на чело со петтемина пратеници.

Судскиот процес за 27 април беше и еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година обвинетите се преполовија.

Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски.

Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

ОРГАНИЗАТОРИТЕ ЧЕКААТ СПАС ОД АПЕЛАЦИЈА

Во изминатиот период имаше и обиди преку нов закон за амнестија, инициран од адвокати, а поддржан од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, да се спасат осудените, но не доби зелено светло од Собранието.

За осудените од првиот предмет, кои веќе со години ги издржуваат затворските казни, исцрпени се речиси сите правни можности за спас. Вратата кон слободата неодамна им ја затвори и Врховниот суд.

Поточно, во мај лани го отфрлија барањето за Вонредно преиспитување на пресудите, што значи дека нема можност на овие осудени да им се суди одново. Затоа единствената надеж им е амнестија или помилување.

Највисоката затворска казна од 16 години ја издржува екс директорот на БЈБ, Митко Чавков. Изречените казни се високи поради самата квалификација на делото, кое е едно од најсериозните во нашето законодавство.

За вториот предмет, пак, познат како „Организаторите на 27 април“, во игра сѐ уште е можноста за слобода добиена од судските инстанци.

Дел од оваа група е и експремиерот Никола Груевски, но постапката за него беше запрена сѐ до негово враќање во државата.

Судењето неодамна почна од почеток по вторпат, откако Апелација ја укина првостепената пресуда.

Со претходната пресуда од Кривичен, за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор.

Апелациските судии забележаа оти имало суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка.

Па така, според второстепените судии, пресудата била нејасна и противречна на самата себе или дека во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа.

Апелација наведе и дека судот не ги расправал доволно сите спорни околности и не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите.

Исто така, беше утврдено и дека биле повредени правата на одбраната, што можело да влијае врз законито и правилно донесување на пресудата.

ЗА КРИВИЧЕН НЕ ВАЖИ АМНЕСТИЈАТА

Но, меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација наведе и дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот што беше донесен во Собранието, а кој беше првенствено донесен за спас на обвинетите пратеници.

Поточно, повторно се отвори прашањето за селективната амнестија. За Кривичниот суд немаше дилема дека амнестијата не важи за обвинетите организатори на крвавиот четврток, но Апелација забележа дека не се посветиле доволно на прашањето.

Но, наместо самите да го решат ова важно прашање, тие жешкиот костен повторно го префрлија во рацете на колегите од Кривичниот суд. Затоа и добија жесток одговор.

„Апелациониот суд можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба.

Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи“, потенцираа од Кривичниот суд.

Тогаш од првостепениот суд ги потсетија колегите од Апелација дека имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе придонесат во неселективна борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда.

На повтореното судење, одбраната повторно побара да се примени Законот за амнестија и судењето да запре, но судечкиот судија повторно го одби ова барање како неосновано, со образложение дека законот не се однесува на овие обвинети.

По жалбата во Апелација, овој суд повторно ја прифати жалбата на обвинетите, го укина решението на судијата и му наложи повторно да одлучува.

„Апелациониот суд донесе процесно решение, откако процени дека првостепениот суд не посветил доволно внимание, односно не водел постапка за кривично-правен акт на која ќе ги изведе доказите против обвинетите, туку ценел дали тие подлежат на Законот за амнестија или не“, велат од Апелација.

Сега, додека е во тек повтореното судење, судечкиот судија ќе мора и по третпат да се изјасни по ова прашање. Доколку остане на истиот став, апелационите судии ќе мораат да донесат одлука.

Односно, тие да решат дали ќе ја оживеат амнестијата за овие обвинети и тука за нив да заврши кривичниот прогон.

ВРХОВЕН СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НЕНАДЛЕЖЕН

Жешкиот костен дефинитивно останува во рацете на второстепените судии, бидејќи во понеделникот Врховните судии се прогласија за ненадлежни, односно ја одбија иницијативата поднесена за утврдување на Начелно правно мислење по ова прашање, а поднесена од адвокатот Антонио Апостолски.

Имено, Апостолски бараше од највисокиот суд да пресече, бидејќи, како што појаснува во иницијативата, „за одбраната се јавува неконзистентност во поглед на судското толкување на времето и опсегот на примената на Законот за амнестија“.

„По прашањето за примената на законската амнестија кон овие обвинети, судската пракса, но и анализата за примена на законските одредби за амнестија кон овие обвинети е ограничена на предметните три одлуки, за кои несомнено одлучувачката одлука треба да ја донесе судечкиот совет во Кривичниот суд, со оглед дека ова прашање се наметнува како ограничувачко при понатамошно постапување…“, се наведува во иницијативата.

Адвокатот Апостолски од Врховниот суд побара да заземе став по три прашања:

  1. Дали Законот за амнестија се однесува на сите лица кои се обвинети во својство на подготвувачи односно, организатори на кривичниот правен настан, или пак само на оние лица кои вршеле службени овластувања?
  2. Дали Законот за амнестија важи за лица за кои во моментот на донесувањето на законот не се водела кривична постапка, бидејќи обвинението против нив е донесено по донесувањето на законот?
  3. Дали Законот за амнестија може да се примени во конкретниот случај и без утврдување на фактичката состојба како што тоа беше сторено и за т.н. извршители на дејствијата во Собранието, за кои веднаш по донесувањето на Законот за амнестија тековната постапка беше запрена без анализа на доказите?

На крајот, адвокатот заклучува дека Врховниот суд е должен да утврди начелен став заради обезбедување единство во примената на законите пред судовите во државата.

Но, Врховниот суд, без многу дискусија, одлучи да не ја усвои иницијативата.

Поточно, појаснуваат дека не може Врховен да толкува дали амнестијата е применлива и за други лица, бидејќи законот прецизирал кој е ослободен од вина. Немало ниту различна судска пракса за примена на законот, за да можат да постапуваат.

СЕЛЕКТИВНИОТ ЗАКОН НАМЕТНА ДИЛЕМА

Наскоро очите повторно ќе се вперат во Апелација, која ќе треба да им посвети должно внимание на сите отворени прашања, бидејќи го критикуваше Кривичниот суд дека не го сторил тоа.

Во наменскиот Закон за амнестија од 2018 година е наведено дека амнестијата важи за лицата што сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на 27 април 2017 година, но со неколку исклучоци.

Поточно амнестијата не важи за оние за кои има сомнение дека учествувале во подготвувањето или организирањето на настаните, оние кои биле насилни или носеле оружје. И до тука се чини сѐ е јасно. Законот не ги опфаќа „организаторите на 27 април“, на кои им се суди во вториот предмет.

Но, забуната настанува бидејќи во еден дел од одредбата се вели лица што постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

Оттука се наметнува дилемата дали доколку обвинетите не се службени лица, автоматски значи дека  и за нив важи амнестијата? Тоа го побара и Апелација:

„Да го расчисти прашањето за опфатот на обвинетите лица со овој закон, кои ipso jure и ipso facto немале никакви службени овластувања, а во врска со делото од членот 313 од КЗ.“

Семејствата на осудените, пак, за кои се исцрпени речиси сите правни можности за слобода, низ годините бараа правда, а не амнестија или помилување.

Не бараме милост, само бараме правда во фер, правична и непристрасна постапка. Не бараме амнестија, не бараме помилување, бараме шанса за да ја докажат својата невиност.

Тоа го заслужуваат особено по апсурдите во многуте судски постапки, каде што бевме сведоци на политичките пазари за застарувања и укинувања на пресуди и особено заради селективната амнестија само на дел од првично обвинетите за настаните од 27 април – порачуваа семејствата.

Исчекувајќи правда, поминаа веќе шест години како нивните најблиски се зад решетки. Меѓу нив се и долгогодишни истакнати полициски службеници како Душко Лазаров, Митко Пешов, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски и Оливер Радулов.

Сега како опција ќе имаат само амнестија и помилување, се разбира доколку идните политички фактори одлучат да им се „смилуваат“.

НИНЏА САМО ПРЕСПИВА ВО „ШУТКА“

Александар Василевски Нинџа е на чекор до слобода. Тој беше осуден на најниска казна затвор од 7 години, бидејќи соработуваше со обвинителството и сведочеше во негова полза.

Тој, како што дознаваме, бидејќи одлежа поголем дел од казната, сега се наоѓа во отвореното одделение на затворот „Шутка“, што значи наутро излегува од затворот и оди да работи, а се враќа за спиење.

Поврзани новости