(АРХИВА) Кој е судијата Енвер Беџети кој го чуваше предметот на Мијалков во фиока?

Текстот е објавен во „Фокус“ на 24.11.2023 година

by Fokus

Почнал како секретар во општина Боговиње, а стигнал до судија во Апелациониот суд кој решавал за судбината на предмети за висок криминал и од голем јавен интерес.

Јавноста не знае како изгледа судијата Енвер Беџети кој бил судија известител во Апелација за предметот „Таргет-Тврдина“ и кој со месеци го чувал во фиока предметот за масовното прислушување во којшто поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков првостепено беше осуден на 12 години затвор.

Сепак, Судскиот совет на вчерашната седница на која било расправано и по поднесени барања за поведување постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд му изрече дисциплинска мерка со која во следните шест месеци ќе добива помала плата за 20 отсто од месечната плата на судија.

На почетокот на годинава, Судскиот совет утврди дека Беџети како судија известител на предметот како надлежен за динамиката на движење на овој случај со месеци неоправдано не го решавал масовното прислушување иако решавал и нови предмети што му биле доделени.

Девет месеци им требало на судиите да одлучат од одржувањето на јавната седница за овој предмет до донесувањето на одлуката со што судиите создале услови за застарување на постапката, што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка.

Според биографијата што е објавена за Беџети на веб – страницата на Апелациониот суд, Беџети дипломирал на Правниот факултет во Приштина во 1990 година, а правосуден испит положил во 2004 година.

Започнал да работи како секретар во општина Боговиње, бил управител на приватна фирма, а потоа бил генерален секретар на Тетовскиот Универзитет, во период на граѓанска инициjатива 2002-2004 година.

Беџети потоа бил адвокатски приправник, а од 2005 до 2010 година работел како адвокат.

Првпат бил избран за судија во Основен суд Скопје 1 на 14.01.2010 година, односно кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, а во Апелација напредувал многу брзо, односно за две години, на 4.12 2012 година, бил избран за судија во Апелација каде прво постапувал по граѓански предмети.

Сега постапува по кривични предмети и бил определен да го заменува претседателот на Судот кога е отсутен.

-Има следено над 30 семинари и работилници како Адвокат, а од 2010 година следени над 60 семинари и обуки организирани од страна на Академијата за судии и јавни обвинители, се вели во неговата биографија.

„Фокус“ пишуваше за Беџети кога во јавноста стана актуелно неговото име и за тоа што има пријавено во анкетниот лист и во кои други предмети постапувал.

Со измените на Кривичниот законик што ги предложи Владата и експресно беа изгласани, ова дело застаре за Мијалков и за него се означи прекин на кривичното гонење за масовното незаконско прислушување од 2008 до 2015 година.

Сепак, со држењето на предметот во фиока и враќање на почеток, се оддолжи донесувањето на правосилна пресуда за овој предмет кој се однесуваше на незаконското прислушување на стотици граѓани во Македонија.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости