АРХИВА Ќе те начекаат алфи, ќе ти наместат два џоинта и докажи дека не се твои!

by Fokus

Текстот е објавен на 26 јуни, 2014 година  во неделникот „Фокус“ во бројот 977

Разговараше: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Вие сте еден од предводниците за работничките права во движењето за социјална правда „Ленка“. Која е причината што се одлучивте за ваков вид активизам, во услови кога секој што ќе крене глас се етикетира како да работи против државата?

АПАСИЕВ: Не трпам неправда. Моето потекло е од работничко семејство. Најголемиот апсурд денеска е да мислиш дека колку повеќе работиш, толку повеќе ќе се збогатиш. Тоа е нон сенс. Јас, по примерот на своите родители, гледам дека колку повеќе работиш, толку повеќе си експлоатиран во општеството. Веројатно, причината е поривот за правда и неможноста да останам мирен пред социјалната неправда, особено пред тоа структурно насилство, кое е претерано присутно кај нас. Значи, тоа е облик на насилство, каде што ти не можеш да лоцираш виновник. Тоа е системско насилство. Системот е така скроен, да не можеш да пркнеш едноставно.

ФОКУС: Без влакна на јазикот, јавно ги кажувате сите проблеми во општеството и се спротивставувате на лошите политики на власта?

АПАСИЕВ: „Ленка“ е веќе препознатлива по тој радикализам во дејствувањето. Иако сè уште сме маргинална левица, сепак сме препознатливи во јавноста како коректив на лошите политики, особено во сферата на социјалата и работничките права. Имаме наши активистички јадра во Охрид, Велес, во Скопје, Куманово и во Штип. Оттука, „Ленка“ е трн во очите на министрите и нашите активисти редовно се подложени на малтретирања. Кога беа протестите за екологија во Велес, наш активист беше суден. Што значи, нашите активисти се научени на шиканирање, но до одредени граници. Сè што е над тоа ‒ ние се мобилизираме да се самозаштитиме, бидејќи системот не нѐ штити.

ФОКУС: Има ли правда во Македонија?

АПАСИЕВ: Нема. Значи, да го цитирам професор Марјановиќ. Уште додека јас студирав, тој рече дека просекот на македонските судии е шестка. Не можете да очекувате никаква правда тука. Судството е девалвирано до чудесни размери. На пример, споредбено, на два милиона жители, европски просек е да имаме 400 судии, а ние во моментот имаме над 650 судии и пак имаме најбавна правда во Европа.

ФОКУС: Нели власта постојано зборува за независно судство?

АПАСИЕВ: Судството е во катастрофална состојба. Академијата за судии и јавни обвинители, според мое мислење како стручњак, е промашен концепт. Како прво, големи се врските што ти требаат за да влезеш, второ и да ја завршиш, ќе останеш надвор ако немаш партиска конекција и книшка и, трето, кога ти ќе обучиш судија и обвинител во една школа, тогаш ќе ти треба Господ за да те одбрани.

ФОКУС: Зошто?

АПАСИЕВ: Реформите во судството се претежно козметички, а персоналните решенија се проблемот и во судството, па и во трудовото право. Секогаш се бара нешто што е законска пречка. Слаб е кадарот и капацитетот на судиите. Не читаат пресуди од Стразбур, немаат поширок светоглед на јуснатурализам или природно правно гледање. Сè прават механички, или како што ќе им кажат. Според мене, проблемите во судството се повеќе персонални отколку што се законски.

ФОКУС: Има ли политички затвореници во земјава?

АПАСИЕВ: Мислам дека има тројца политички затвореници во земјава. Не сакам да ги именувам кои се.

ПОРАДИ КРИТИКИТЕ КОН ВЛАСТА, ЖИВОТОТ МИ ГО ПРЕТВОРИЈА ВО ПЕКОЛ

ФОКУС: Веќе неколку месеци се соочувате со мобинг и со притисоци на работното место асистент на Правниот факултет „Гоце Делчев“ во Штип. Која е причината за тоа?

АПАСИЕВ: Моментално сум соочен со школски пример на мобинг и антисиндикална дискриминација. Немав никакви проблеми две и пол години. Проблемот настана со мојот нареден реизбор, каде што требаше да бидам избран за доцент. Според хиерархијата ‒ прво е помлад асистент, мандат кој трае три години, па асистент уште три години, па доцент. Има некој преоден период, каде што во Законот за високо образование звањето помлад асистент и звањето асистент еднаш веќе се избришани, па потоа пак вратени со краен рок септември 2015 година, додека тие звања може да постојат.

ФОКУС: Што се случи во меѓувреме?

АПАСИЕВ: Го воведоа звањето асистент-докторанд за тие што допрва ќе влегуваат во работен однос. Сега јас, како старовработен, пред измените, имам право да бидам избран во доцент до тој и тој рок, до 2015 година, доколку докторирам. Бидејќи јас, по планот за докторски студии, би требало да докторирам во октомври-ноември, мене ме фаќаат тие преодни одредби, за јас да станам доцент во следната година. Но, не ми дозволуваат. Ми велат дека ќе ме избираат по ново, во асистент-докторанд, чиј мандат трае пет години. Значи јас, според нив, би станал доцент дури во 2020 година. Ако воопшто би станал и ако би ме избрале.

ФОКУС: Зошто да не те изберат, мислиш дека постои некоја друга заднина?

АПАСИЕВ: Има различни малтретирања при реизбор, ако не си им по ќеф. На пример, ќе ти стават рецензентска комисија која ќе ти потпише негативна рецензија. Сè почна во март, кога се вртеше муабетот дека ќе ме избираат во асистент-докторанд. Меѓутоа, првично сè беше на муабет, ништо писмено. Јас си побарав писмено, по Законот за слободен пристап на информации, да се изјасни мојот работодавец во што ќе ме избира? Добивам повратен одговор дека мојот нареден избор во звање ќе биде во асистент-докторанд. Јас барам средба кај ректорот и му објаснувам дека тоа е противзаконито, дека тоа е против постојниот правилник за избор во звање и дека се кршат повеќе членови. Тој ми вели, биди спокоен, ќе видиме, ќе го решиме случајот.

ФОКУС: Што се случува по разговорот со ректорот, откако ветил дека ќе го „среди“ твојот случај?

АПАСИЕВ: Поминуваат два месеца и јас добивам службен имејл, „триумфалистички“, во стилот, „дечко, член 75 е сменет и не важи веќе“. Тие сами го смениле и, наместо рокот да биде септември 2015, тие ставаат рок до 31 декември 2013 година. Проблемот е што Универзитетот не може да дерогира законски рок. Тие укинуваат постоечко звање година и девет месеци пред Законот да го укине. Им кажав дека уште утредента ќе го оспорам Правилникот пред Уставен суд. Тоа е мое право, бидејќи сум лично засегнат. Уставниот суд нека процени дали тоа е уставно и законито. Така напишав, така бидна. Го оспорив Правилникот и, меѓу другото, поднесов и барање за заштита на законитоста. Потоа почнува пеколот на работното место.

ЗА „КАЗНА“ МЕ ПРЕФРЛИЈА НА РАБОТА ОД ШТИП ВО КОЧАНИ

ФОКУС: Што значи тоа, започнува пеколот?

АПАСИЕВ: Ми монтираат дисциплински случај. Организирам ораторска вечер, стапувам во контакт со најдобрата светска дебаторска организација што обучува студенти во Клубот на оратори. За тоа јас не земам ни денар, тоа го правам за Универзитетот. Наместо да нѐ остават да работиме, тие ми монтираат случај дека сум залепил плакат за ораторска вечер на влезната врата на Факултетот, а не требало таму да се лепи. За тоа ме казнуваат со 10 отсто од платата, три месеци. Дури собираат и лажни изјави. Со чуварот дојдовме до конфликт, малку фалеше да се степаме. Нашол тројца „сведоци“, кои воопшто не беа присутни таму и собрале потписи против мене.

ФОКУС: Па, нели лажно сведочење е кривично дело?

АПАСИЕВ: Апсолутно. Јас ангажирав адвокат, да ги гониме кривично. За тоа дело, давање лажни изјави, се оди три години во затвор. Ме казнуваат со 10 отсто од платата без да ме сослушаат, без да ми пратат покана дека против мене се води постапка, без да ми дадат елементарно право да се одбранам. Јас приговарам, тие ме игнорираат. Морав да ги тужам.

ФОКУС: Има ли закажано судско рочиште?

АПАСИЕВ: Сега, на 3 јули е подготвителното рочиште, каде што јас го спорам решението. Моите проблеми, исто така, почнаа откако го фатив синот на Регионалната просветна инспекторка и бивш градоначалник на Штип како препишува на испит и го дадов на дисциплинска постапка, која деканот ја почна, но ректорот ја стопираше. Дечкото никогаш не беше казнет. Казната ме трефна мене за возврат. Потоа имам зачестени контроли во кабинетот. Ќе ми дојде референт за безбедност и ми кажува дека не смеам да имам електричен бокал за кафе и дека може пак да ме казнат дисциплински.

ФОКУС: Со толку ниски удари ли се служат?

АПАСИЕВ: Имам постојани закани ‒ „ќе види на реизбор“. Веќе отрпнав. По конституирање на владата мене треба да ми се распише конкурс. Прво, не знам дали воопшто ќе се распише. Ќе треба да ги тужам и за тоа. Второ, не знам за какво звање ќе го распишат, дали за асистентско или за асистентско-докторандско. Имаат милион механизми да те малтретираат. Тука е мојот страв. Претпоследното што ми го направија, беше мојата прекоманда на работно место во Кочани. Значи, од асистентски кабинет, со компјутер и телефон, сега сум ставен во кабинетче два на два, без елементарни услови за работа. Последното е предупредување пред отказ.

ФОКУС: Зошто отказ? До таму ли е дојдена работата?

АПАСИЕВ: Причината за тоа е дека два дена не сум бил на работа, иако деновите беа уредно најавени. Веднаш откако се вратив, донесов оправдување дека полагав Кембриџ-сертификат за меѓународен англиски. Тоа ми го бара Законот за избор и јас морам да го положам, бидејќи, ако не го положам, останувам без работа. Според Законот и општиот колективен договор, имаш право на три дена за полагање испит, а во овој случај јас побарав само два дена. Тие се вадат дека не ми дале решение и ми даваат опомена пред отказ.

ФОКУС: Мислите дека целта им е да Ве избркаат од работа?

АПАСИЕВ: Да, да. Целта им беше да ме избркаат од работа. Но, во меѓувреме се формираше синдикална организација, на која јас сум претседател. По закон, од втората половина на мај јас имам законска заштита. Тоа се вика синдикален имунитет. Сите тие дејства, од 20 мај наваму, имаат третман на антисиндикална дискриминација. Синдикатот е формиран и регистриран во Министерството за труд и социјала, регистриран во Централниот регистар, со печат, со жиро-сметка, со сите потребни документи. Ако продолжат со оваа тенденција, ќе одиме на суд, каде што тужител во овој случај нема да биде Апасиев, туку синдикатот.

АКО МЕ ИЗБРКААТ, ЌЕ ШТРАЈКУВАМ СО ГЛАД

ФОКУС: Сметате дека сето тоа е затоа што се борите за социјална правда, за правата на работниците, излегувате на протести и јавно ја критикувате власта…?

АПАСИЕВ: Дефинитивно. Заднината на сето тоа е мојот активизам во „Ленка“, бидејќи стана релевантна и на политичката сцена. Себеси се дефинира како левичарска организација. Факт е дека им пречат мојот јавен ангажман и моите критики на одредени законски решенија. Меѓутоа, моите аргументи се секогаш на ниво на правото и на ниво на политиката, бидејќи таа е многу пошироко од партијата. Сум ги напаѓал и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа последиците се страшни.

ФОКУС: Сепак, сегашната власт не може да се помири ако некој ја критикува или „нападне“. Според нив, тие се секогаш во право?

АПАСИЕВ: Токму од тие причини сум земен на отстрел. Не гледам други причини. Ако гледаат формално-правно, јас сум најдобриот студент во историјата на Правниот факултет. Не можат да ми најдат негативно стручно досие. Дури и студентите, кога го добив решението за казна, во рок од четири часа собраа 250 потписи во моја одбрана. Тие се плашат да не дојде до поголемо, бидејќи „Ленка“ нема да се откаже без борба. Ние ќе ги радикализираме методите со протести, ќе драматизираме, едноставно, затоа што сме ставени во ќош од корумпирани стеги одоколу. Студентите, ако се приклучат, исто ќе биде проблем за Универзитетот. Тука е нивниот страв.

ФОКУС: Честопати јавно критикувате некои одлуки, протестирате и барате правда. Освен врз вас, има ли директни закани и притисоци врз другите активисти во „Ленка“?

АПАСИЕВ: По протестите на стечајците, каде што имаше судири со полицијата, заканите се позачестени. Не се директни од структури, туку се од луѓе-аберџии. Во стилот, ти многу се експонираш во јавноста, личиш на дечко на кого може да му се најде марихуана во ранец. Сфаќате? Дотаму идат тие, суптилните застрашувања. Ќе те начекаат алфи, ќе ти наместат два џоинта во ранец и оди потоа докажи дека не се твои. Има некои сомнителни лица кои доаѓаат на нашите трибини. Последниот пат дојдоа двајца, најверојатно инспектори. Не се претставија од кај се, ама беа доста распрашувачки настроени. Други методи се етикетите, во случај кога ќе нападнеме некој нивни, ќе оспориме некој закон на Уставен суд, па потоа нѐ етикетираат дека сме про СДСМ, соросоиди, грчки платеници…

ФОКУС: Пред одреден период испративте писмо до поранешниот министер за образование, Спиро Ристовски, во кое му ги објаснивте сите проблеми со кои се соочувате. Зошто?

АПАСИЕВ: Со Спиро сме колеги од факултет. Се знаеме оттогаш. Искрено, ми пукна филмот и му го напишав писмото. Трпев, трпев и повеќе не можам. Пријавуваш во инспекција, сите те игнорираат. Сакав да дознае и тој. Едноставно, со тоа писмо сакав да го испровоцирам.

ФОКУС: И успеавте ли да го испровоцирате?

АПАСИЕВ: Не знам какви се реакциите, искрено. Дали и тој е со нив против мене, или би ме заштитил. Искрено, не знам. Сакав само да види дека не е сè така како што се прикажува. Факт е дека целата средина е антиакадемска. Имате моменти, каде што професор се отчукува како службеник. Или, на пример, кога одам на семинар: јас земам плата 400 евра, семинарот ме чини 200 евра, а факултетот не ми покрива ништо. Значи, јас треба со пола плата да живеам, со пола плата да се доедуцирам. Значи, ти од лични пари се дообразуваш, а за возврат добиваш малтретирање до ненормални граници. Менталитетот ни е како да работиме во шивачка фабрика во Штип. Нема критична маса. Атмосферата навистина стана неподнослива. Јас не сум прв на кој му бил монтиран случај. Тие си имале разработена практика на дисциплинирање на „непослушни“ професори. Само што сите молчат, а јас прозборев јавно.

ФОКУС: Ако се остварат заканите и Ве избркаат? Што ќе правите?

АПАСИЕВ: Ако ме избркаат, ќе штрајкувам со глад. На крајот, не ми преостанува ништо друго, бидејќи јас живеам од таа плата. Немам јас друг извор на егзистенција. Се надевам дека ќе преовладее разумот и нема да дојде до тоа. Во случајот, мене совеста ми е апсолутно чиста. Јас трпам мобинг на права душа. Донекаде ги разбирам. Одбиј им на глупост, одбиј им на суровост, ама веќе не се издржува.

АКО КРИТИКУВАШ, МОЖЕШ ДА ЗАВРШИШ ВО ЗАТВОР И ТИ И ТВОИТЕ НАЈБЛИСКИ

ФОКУС: Вие се борите за правата на работниците веќе неколку години. Но, што треба да се направи за народот сам да се охрабри да се бори за своите права. Зошто народот во Македонија на сите неправди молчи и трпи?

АПАСИЕВ: Е, тоа е клучното прашање. Секогаш работниците очекуваат некој друг да се избори за нивните права. Тука понекогаш ние ги критикуваме. Тoa е проблем на нашиот менталитет, најверојатно. Секогаш го бараме виновникот кај друг. Ти, ако не му дозволиш некому да те гази, тој нема да те гази. Во случајот со Дрекслмаер, кога протестиравме пред капијата, еден дечко од организаторите на штрајкот кажа една многу добра поента, која треба да се сфати: „Мојот квалитет на живот со 8.000 и без 8.000 денари е подеднакво лош. Ќе ти дојде извршител и нив ќе ти ги земе, а ти не можеш да преживееш. Кога ќе дојде тој момент, тогаш народот ќе реагира.“

ФОКУС: Па, извршители и сега доаѓаат, блокираат сметки, плати, конфискуваат имоти и предмети. И народот пак не реагира?

АПАСИЕВ: Народот мора да почне да реагира бидејќи нема избор. Активизмот, по дефиниција, покрај жестокоста во критиката, е и оптимистички. Рацин сите негови писма ги завршувал со „П.С. – Ќе победиме“. Ние немаме друг избор, освен да победиме. Мора да размислуваме оптимистички зашто друго што ни останува е да побараме политички азил во Канада. Тогаш треба да се иселиме од државата.

ФОКУС: Па, според статистичките податоци, околу 400 илјади луѓе веќе се иселиле, што не е мала бројка.

АПАСИЕВ: Има еден нов момент. Во тие радикални левичарски дејствувања најчесто одевме преку инспекции, анализи, дописи, туркавме закони пред Уставен суд, односно дејствувавме некако. Сите институционални механизми ни се затворени, протестите реално не даваат некаква реакција. Затоа се размислува за радикална политичка лева партија, нешто по принципот на Сириза во Грција. Се гледа дека СДСМ нема капацитет за автентично дејствување и за враќање гласови. Нивните методи се благи и несоодветни на ситуацијата. Ситуацијата бара радикални методи.

ФОКУС: Постојат повеќе синдикати во земјава кои, според досегашните искуства, наместо да се борат за правата на работниците, се десна рака на власта?

АПАСИЕВ: Апсолутно е така. Тоа е една тажна приказна, особено овие жолтиве синдикати, кои се продолжена рака на владејачката партија.

ФОКУС: Ако има протест денес, автоматски утре има контрапротест, било да се работи за лекарски протест, за протест против поскапување на струјата, за уривање црква… секојдневно никнуваат како печурки?

АПАСИЕВ: Се создаваат паралелни синдикати. Тоа само ја потврдува тезата дека критериумот за репрезентативност, кој е воведен од 2005 година наваму на ниво на државата со Законот за работни односи, е само алатка за политичка манипулација. Кога ќе видат дека некој синдикат е поборбен, тие ќе си направат свој синдикат, каде што, по директива од партијата, ќе им кажат што да работат. Тој ќе биде репрезентативен, а е обична марионетка. Тоа е познато дејствување на жолтите синдикати. Тоа е еден промашен концепт на дејствување. Или, пак, имаат класичен судир на интереси.

ФОКУС: Повеќето од претседателите на репрезентативните синдикати се на функции во управни и надзорни одбори. Секој 1 Мај во сите земји се протестира за Денот на трудот, само кај нас дел од синдикалците се сликаат со власта?

АПАСИЕВ: Токму така е. За гревота се нашите синдикати. Оваа година првпат беше помасовен овој првомајски протест, што ни дава за право да се надеваме дека народот полека, полека, почнува да реагира. Ние петта година по ред го организираме. Првите години кога протестиравме, имавме повеќе транспаренти, отколку протестанти. Сега, секоја година тој број е поголем. Факт е дека независните синдикати не можат да го трпат повеќе тој терор од власта.

ФОКУС: Како и да е, власта има методи на замолчување?

АПАСИЕВ: Кај нас, ако отскокнуваш малку повеќе со критиката, веднаш си елиминиран. Те елиминираат приватно, во кариерата, а што е најтрагично, елиминирани се и твоите блиски. Тоа е луд концепт, севернокорејски концепт. Ако ти си им трн в очи, можат да ги затворат татко ти, мајка ти, жена ти. Покрај тебе, страда и твојата фамилија. И, автоматски, тука е точката на топење. Ако си фраер, ќе кажеш доста е луѓе, претеравте.

ФОКУС: Дел од критикувачите сега се во затвор?

АПАСИЕВ: Финтата е да немаш страв. Тие знаат како да ти пристапат. Ако имаш страв, ќе те замолчат, ако си корумпиран, ќе те подмитат и тој проблем ќе го решат, ако си храбар, ќе те истепаат. Важно, имаат методи да те замолчат. Е, сега, наш е изборот дали ќе продолжиме да се бориме или ќе се откажеме. „Ленка“ не се откажува, оди докрај.

ФОКУС: Мислите дека може да има некоја промена во скоро време или политиката е навлезена во сите пори?

АПАСИЕВ: Единствен начин на излез е со радикализирање на левата политика. Ние сме во перманентна криза. Единствен излез од таа криза е радикален концепт. Ние цело време сме во некоја зомби-состојба, каде што благи реформи не се доволни. Предноста на „Ленка“ е тоа што таму се луѓе на кои не можете да им залепите етикета дека биле деца на комунизмот, дека се црвена буржоазија… Тоа се сè луѓе, претежно со работничко потекло, деца кои сами успевале во животот, деца кои се доста паметни, магистри, доктори на науки. Партиско дејствување на радикалната левица е единствен спас од зомби-ситуацијата.

ФОКУС: Дали со тоа ќе успеете да ги привлечете неопределените гласачи, разочарани од двете најголеми партии?

АПАСИЕВ: Да, баш така. Значи, нови ликови, свежи ликови со радикални концепти. Нас цел живот ни помина во реформи, а немаме никаков ефект. Сè полошо станува.

Рамка 1:

СТАВРИЌ Е ЗЕМЕН НА ПИК

ФОКУС: Пред неколку месеци, откако спектакуларно беше уапсен очниот хирург Дејан Ставриќ, еден од најжестоките синдикални лидери досега и предводник на лекарскиот штрајк, вие изразивте сомнежи за неговото апсење. Зошто?

АПАСИЕВ: Тоа е индикативно апсење. Во секоја нормална демократска држава, апсење на синдикален лидер е сензитивна работа само по себе. Особено, што тоа беше еден од подобро организираните штрајкови на лекарите, кој успеа да артикулира одредени ставови. Ставриќ беше експониран. Ние, во прв момент се сомневавме во местенка. Не сме запознаени целосно со случајот и немавме капацитет да го мониторираме затоа што беше експресно завршен. Сепак, остануваат сомнежите дека човекот е земен на пик. Како и многу други.

Рамка 2:

ДОБИВАМ АБЕРИ – „МАЛИОТ НЕКА НЕ ЗБОРУВА МНОГУ“

ФОКУС: Во неколку наврати нагласивте дека се чувствувате незаштитени. Тврдите дека, ако веќе одлучиле нешто да направат, не постои сила што ќе ги спречи во нивната намера. Зошто?

АПАСИЕВ: Искрено, мене ме плаши таа нивна поврзаност со локалните инспектори. Имате ситуација, каде што локален инспектор или не излегува на терен или, пак, излегува дури по два месеца од пријавата. Значи, мене често ми праќаат абери ‒ „Малиот нека не зборува многу“. Се плашат ако неправдата излезе надвор. Во секој случај, не им е исто. Тука е нивниот страв. Од друга страна, мојот страв е дека јас немам институционална заштита додека сум во Штип, затоа што децата на судиите студираат на Факултетот, децата на судиите се вработени на тој факултет, инспекторите се поврзани партиски… Значи, ти си ставен на тапет, те малтретираат, се бориш против неправдата и таму, каде што треба да ја кажеш, ти се затворени вратите.

Поврзани новости