АРХИВА: Како Заеви влегоа во бизнисот со канабис?

by Фокус

Текстот е објавен на 04.05.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1178

Премиерот Зоран Заев, на парламентарната седница за пратенички прашања потврди дека неговото семејство преку АД „Еленица“ станало косопственик на светиниколската компанија МАМ, која е лиценцирана за одгледување канабис. Меѓутоа, податоците што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека членови на семејството Заеви, минатата година ја основале и компанијата „Фарма Медика Канабис“ со седиште во Валандово, заедно со неколку партнери, вклучително и со штипскиот бизнисмен Ивановски, кој паралелно поседува уште една компанија за одгледување канабис – „Оаза Алкалоиди“. Според информации од Министерството за здравство, и валандовската компанија поднела барање за лиценца, но тоа е во фаза на обработка

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако законите им забрануваат да бидат управители на компанија, но не и да поседуваат компании, сепак, бизнисот на јавните функционери или на членовите на нивните семејства секогаш бил предмет на опсервација на јавноста, од проста причина што, хипотетички, функционерот може да ја злоупотреби својата формална позиција или неформална моќ, со цел позитивно да влијае врз сопствениот бизнис или дестимулативно кон конкуренцијата. Дотолку повеќе ако неговите компании дејствуваат во сектор кој има директна врска со државата, која на ваков или онаков начин ги диктира правилата на игра.

Од овој аспект, за време на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, во фокусот беше поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој воедно беше и прв братучед на долгогодишниот премиер Никола Груевски. Многу години, тогашната опозиција предводена од СДСМ го прозиваше Мијалков, прашувајќи го како натрупал голем имот како државен функционер со лимитирани примања? Тој, пак, се правдаше дека пред да стапи на функција се занимавал со бизнис преку неколку фирми дома и во странство, при што дел од нив беше за време на директорувањето со тајната полиција. Фактот што по повлекувањето од јавната служба, компанијата на неговиот син стана дел од повеќе познати компании, укажува дека Мијалкови се занимале со бизнис и претходно, ама под превезот на други лица или друштва.

Како и да е, по политичките промени, новата опозиција на чело со ДПМНЕ во овој контекст почна да го експлоатира името на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој влезе во политиката како реализиран и успешен бизнисмен. Сепак, во јавноста бурно помина веста дека една од компаниите на Анѓушев добила милионски тендер од АД ЕЛЕМ, кој, за волја на вистината, подоцна беше поништен, и покрај тоа што од компанијата тврдеа дека нема ништо незаконско и неморално. Исто така, големо внимание предизвика и одлуката на вицепремиерот да ја продаде компанијата за трговија со струја ЕДС на грчкото електростопанство, што, според неговото објаснување, го сторил токму за да ги избегне евентуалните можности и критики за судир на интереси.

Како што е познато, и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во политиката влезе од реалниот сектор, каде што тој и членовите на неговото потесно и пошироко семејство многу години се сопственици на неколку компании. Откако беше избран за лидер на СДСМ во 2013 година, Заев почна постепено да се трга од семејните фирми, во кои денес, барем според имотниот лист доставен до антикорупционерите, нема сопственички удел. Арно ама, деновиве тој потврди дека семејните компании на Заеви го прошириле бизнисот, почнувајќи да се занимаваат со одгледување канабис за медицински цели, што ја покрена вечната дискусија за спрегата меѓу политиката и бизнисот, односно за политиката во функција на бизнисот.

ВЛЕЗ ВО БИЗНИСОТ СО КАНАБИС

Одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, Заев на последната парламентарна седница за пратенички прашања потврди дека една од семејните компании неодамна ја откупила оранжеријата на фирмата „МАМ“ од Свети Николе, која е лиценцирана за одгледување канабис за медицински или научни цели. Како што посочи премиерот, станува збор за инвестиција од над 10 милиони евра во капацитет за производство на канабис. Тој истакна дека нема ништо незаконско и неетично во овој бизнис, туку напротив, се работи за крајно профитабилна дејност.

Поточно, нов сопственик на „МАМ“ е фирмата „Еленица“, каде што управител е првиот братучед на премиерот, Трајче Заев, кој воедно е и член на Управниот одбор на друштвото. Истовремено, во овој орган на компанијата членува и братот на првиот човек на Илинденска, Вице Заев, додека третиот член е Митко Димитровски. Во надзорниот одбор, пак, членува уште една братучетка на Зоран Заев – Катерина Бојовиќ-Заева, која, всушност, го надгледува работењето на УО заедно со Марјан Митев и Панче Патаров. Заедничко за сите нив е што се од Струмица, од каде што потекнува и живее Заев, кој пред да стане премиер, многу години беше градоначалник на овој град.

Официјалните податоци говорат дека АД „Еленица“ е содружник во МАМ со паричен влог од 13.500 евра, што е двојно или тројно повеќе во споредба со другите содружници. Така, содружник во светиниколската компанија со паричен влог од 6.000 евра е охридското друштво за телевизиски дистрибутивни системи „Зора“, а содружници со влог од по 3.000 евра се тетовската градежна компанија „Урбан План Конструктион УПЦ“ и скопската „Омега Инженеринг“. На крајот, во сопственичката структура на компанијата се наоѓа и словенечката компанија „Фрејхер“, од каде што доаѓа вториот управител покрај Заев – Томаж Фрелих.

Но, освен што откупиле постоечка компанија, Заеви основале и нова фирма, чија дејност е поврзана со одгледувањето канабис. Податоците од Централниот регистар што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека членови на семејството Заеви на средината на минатата 2017 година ја основале фирмата „Фарма Медика Канабис“ со седиште во Валандово, чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија, како и растенија за употреба во фармацијата. Управител на компанијата основана со паричен влог од 6.000 евра е Митко Занов од Валандово, кој е дел и од „Еко Оранжерии“ Анска Река во сопственост на „Еленица“, односно на Заеви.

ПАРТНЕРСТВО СО ШТИПСКИ БИЗНИСМЕНИ И СО АЛБАНСКИ ДРЖАВЈАНИН

Еден од косопствениците на валандовската компанија со паричен влог од 1.000 евра е управителот на „МАМ“, Трајче Заев, кој, како што веќе напишавме, е и член на УО и управител на „Еленица“, која, пак, е мнозински сопственик на светиниколското друштво. Потоа, удел од 1.000 евра во „Фарма Медика Канабис“ има и споменатата Бојовиќ-Заева, член на НО на „Еленица“, како и уште еден роднина на премиерот – Бобан Заев. Притоа, најголем влог во компанијата од 2.500 евра поседува и штипскиот бизнисмен Славе Ивановски, кој е сопственик на штипската компанија „Оаза“, заедно со Љупчо Маџунков.

Патем, податоците со кои располагаме велат дека Ивановски е доминантен сопственик со влог од над 161.000 евра и во друштвото за одгледување канабис за медицински цели со назив „Оаза Алкалоиди“, кое веќе поседува лиценца за работа. И оваа компанија, формирана на средината на 2016 година, има повеќе содружници, меѓу кои се бугарската фирма „КАН-А Консулт“ со влог од 26.000 евра, Ивана Штериова со влог од речиси 21.000 евра, како и Сунчица Момировска, Розета Карова, Зоран Стевиќ, Милош Макрески и бугарскиот државјанин Александар Атанасов – Памуков со идентичен влог од по 10.400 евра.

Покрај Заеви и Ивановски, косопственици на валандовската „Фарма Медика Канабис“ е и штипската фирма „Монолит Груп“ основана во 2014 година, чии сопственици се Горан Тренчевски и Вилма Јованова. Инаку, името на Тренчевски се споменуваше во неколку новинарски извештаи поради тоа што како градежен инспектор во Општина Штип заработи кривична пријава за спорната надградба на трговскиот центар во овој град, заедно со неговата колешка од општината, Билјана Фидановска и поранешниот штипски градоначалник Илчо Захариев. Арно ама, обвинителството одлучи да ги отфрли пријавите против Тренчевски и Захариев и да работи само по пријавата за Фидановска.

Како што неодамна објави телевизијата 24 Вести, Управниот суд пресудил оти две штипски компании незаконски добиле градежни дозволи за доградба на трговскиот центар, без претходно да бидат консултирани локалните дуќанџии. Една од двете компании е токму „Оаза“, каде што косопственик е Ивановски, еден од содружниците во „Фарма Медика Канабис“ заедно со „Монолит Груп“, каде што, пак, содружник е Тренчевски. Покрај Заеви, Ивановски, Тренчевски и Јованова, меѓу содружниците во валандовската фирма со влог од 200 евра е и албанскиот државјанин Џулијано Кулау, кој потекнува од албанскиот град Фиер, меѓутоа, според неговиот фејсбук-профил, учел во бугарски Благоевград, а моментално живее во Штип.

ВЛАДИНА КОМИСИЈА ЗА ЛИЦЕНЦИРАЊЕ

Легализацијата на марихуаната за медицинска употреба во Македонија ја воведе конзервативната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, кога тогашното парламентарно мнозинство, на предлог на владата, изгласа изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, преку кои се регулира одгледувањето, преработката и прометот на препаратите на база на коноп исклучиво во медицински цели. Овој закон е двапати менуван и дополнуван во 2016 и еднаш по 2017 година, кога веќе на власт дојде новата гарнитура на чело со СДСМ.

Според овие законски одредби, коноп можат да одгледуваат само правни лица, кои имаат одобрение за одгледување коноп издадено од Министерството за здравство, по претходна согласност од владата. За да можат да ја добијат ваквата лиценца, компаниите претходно мора да исполнат неколку услови, меѓу кои: соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање; атмосферски заштитен и ограден простор со ограда висока најмалку 2,5 метри; 24-часовен видеонадзор над целиот простор и деноноќно физичко обезбедување; минимум четворица вработени, од кои барем еден мора да биде дипломиран фармацевт и едно лице агроном…

Исполнувањето на овие услови за добивање одобрение за одгледување коноп го оценува посебна комисија формирана од министерот за здравство, составена од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековити растенија. Освен што го оценува исполнувањето на условите, оваа комисија го одобрува и елаборатот за одгледување коноп, врши контрола над одгледувањето на конопот, увид во извршената берба и проценка на документацијата и евиденција на целокупниот процес.

Дополнително, законот предвидува дека суровината не може да се извезува, но маслото добиено по пат на преработка на канабисот може да се извезува надвор од државата. Патем, производството на екстракти од коноп смеат да го прават правни лица кои ги исполнуваат условите – простор, опрема и кадар, како што се магацински простории за прием, сместување и чување суровини, осветлени простории за производство на екстракти и пакување на производите, со соодветна температура, влажност и вентилација, соодветна и редовно одржувана опрема… Дозволите за извоз на маслото, пак, ги доделува Бирото за лекови на начин пропишан од Министерството за здравство.

СЕДУМ ОДОБРЕНИЈА, ЕДНО ОДБИЕНО БАРАЊЕ И ДВЕ ВО ФАЗА НА ОБРАБОТКА

Оттука може да се заклучи дека државата, главно преку Министерството за здравство, но и други ресори, чии претставници ја сочинуваат комисијата што ги лиценцира компаниите што може да се занимаваат со оваа дејност, на некој начин го регулира бизнисот со одгледување канабис и извоз на масло од канабис. Според податоците што ни ги доставија од Министерството за здравство, досега 12 компании поднеле барање за одобрение на производство на канабис во медицински или научни цели, при што барањата на 7 фирми биле одобрени, на една компанија било одбиено, додека во моментов се водат постапки во однос на барањата на две други фирми.

Меѓу компаниите што веќе поседуваат лиценца за работа се наоѓа светиниколската „МАМ“, која друштвото ја доби пред да ја преземат Заеви, односно кога сопственик беше извршниот продуцент во ТВ Сител Зоран Додевски заедно со словенечки партнер. Покрај неа, моментално, лиценци поседуваат и споменатата „Оаза Алкалоиди“ на Ивановски, кој е косопственик и во светиниколската компанија, заедно со Заеви. Исто така, лиценци поседуваат и американската „НЈСК Холдинг“, „Каба Хербал“ од Скопје, „Медицал 420“ од Битола, „5 летерс“ од Ресен и „АЦПВ“ од гостиварското село Беловиште, при што кај речиси сите има странски партнер од Албанија, Србија, Бугарија или САД.

Според официјални податоци од Министерството, комисијата единствено го одбила барањето на струмичката компанија „Офах Траде“, додека сѐ уште траат постапките за лиценцирање на „Ф & М 2017“ и на „Фарма Медика Канабис“, која е во сопственост на Заеви, Ивановски, „Монолит Груп“ на Тренчевски и Јованова и албанскиот државјанин Кулау. Меѓутоа, нема информации што се случило со фирмите што поднеле барање за одобрение, но ниту биле прифатени, ниту биле одбиени, ниту, пак, се во фаза на обработка, како што се „Фармароли“ и „Грин лајв“ од Скопје.

На прашањето според кои критериуми одлучуваат да доделат лиценца за работа, од Министерството за здравство велат дека одгледувањето канабис им е дозволено само на правни лица кои ги исполнуваат условите пропишани од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, што пак го оценува комисијата. Сепак, имајќи предвид дека оваа комисија претежно е составена од државни службеници, се поставува прашањето дали е можно растегнување или стеснување на критериумите, особено во ситуација кога некои компании се во сопственост на блиски роднини на премиерот?

Недостапни за одговор
КАКО ПАРТНЕРИТЕ ОДЛУЧИЛЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО БИЗНИСОТ СО КАНАБИС?

Од „Фарма Медика Канабис“ не одговорија на нашите прашања како дошло до соработка меѓу партнерите, меѓу кои има роднини на премиерот Зоран Заев, штипски бизнисмени и еден албански државјанин.

Ниту од еден од содружниците – штипската компанија „Монолит Груп“, не одговорија како одлучиле да влезат на пазарот на производство на канабис.

Зоран Заев, премиер
НЕ Е ЕТИЧКИ МОЈ БРАТУЧЕД ДА СТАНЕ МИНИСТЕР, НО ЕТИЧКИ Е ДА ВОДИ БИЗНИС

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање, пред неколку дена изјави дека не гледа судир на интереси и неетички елементи во фактот што член на неговото семејство се занимава со производство на канабис.

Не е етички да го ставиме Трајче Заев министер или да го вработиме него или некој од неговата фамилија, но и тоа како сметам дека е етички членови на семејството Заеви да се занимаваат со ваков вид производство. Тоа е дозволено со закон, не само во Македонија, туку и во најголем број од земјите во светот. Има благородно дејство, лечи, прифатено е од нашата медицина и од Светската здравствена организација, секаде функционира и мислам дека е добро да се произведува лек од канабис за потребата на пациентите – потенцира премиерот.

Тој додаде дека е поддржувач на бизнисот со одгледување канабис, зашто, според него, од производство на лек од канабис државата очекува нови работни места и 100 милиони евра прилив, што претставува 0,1 отсто од бруто-домашниот производ. Се разбира, премиерот не рече ништо околу тоа колку пари ќе заработат фирмите на неговите роднини од овој вносен бизнис, за кој токму државата доделува лиценци.

Поврзани новости