(АРХИВА) Како сопругата на Мијалков се разоткри како сопственик на фамозната „Ексико“?!

by fokus

Текстот е објавен на 13 јули 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1397

И Мијалков се спогоди за „Империја“. Ќе лежи три години во затвор, плати 6 милиони евра во кеш и ќе остане без имот чија вредност допрва ќе се дознае, а која во минатото била проценета на 14,5 милиони евра. Иако сумите не се за потценување, народот скокна дека е малку. Па, оттука воскреснуваат и легендите од минатото. Дали со конфискацијата навистина ќе осиромаши началникот или тоа е само капка во морето што го поседува?

Пишувала: Валентина ВУРМО

По двомесечни „преговори“, во пет до 12, некогашниот најмоќен човек во државата, поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков се најде на половина пат со обвинителката Лиле Стефанова. Се мислел, премислувал, се ценкал, но на крајот потпишал. Се согласил да лежи 3 години во затвор, кои очигледно дека ја преминувале неговата црвена линија.

Дал рака и да плати 6 милиони евра во кеш, како и да се откаже од имот, кој пред неколку години бил проценет на 15-тина милиони евра.

Со неговата спогодба, а претходно и со онаа на бизнисменот Орце Камчев, која тежеше многу помалку, односно 1 година затвор и 5,2 милиони евра, случајот „Империја“ финишираше, барем поголемиот дел. Останува уште бизнисменот Цветан Панделевски, кој, според информациите на „Фокус“, воопшто не размислува на спогодба, туку ќе оди на судење.

КОЛКУ НАВИСТИНА „ТЕЖИ“ СПОГОДБАТА?

Се чини дека ретко кој во државата замислуваше ваков финиш на еден од најнадежните случаи на СЈО, кој пред 4 години ја врати вербата во правдата, но, од друга страна, пак и го одбележа крајот на специјалното обвинителство.

Според реакциите, голем дел од народот очекувал да гледа долга и мачна борба во рингот (судницата), обвинувајќи дека тој што има пари ќе си ја купи слободата, очигледно незадоволни од висината на испазарените затворски казни. Тие уште повеќе ја губат вредноста во очите на публиката, желна за правда, ако од нив се одземе и притворот од 4,5 месеци.

Дел имаа забелешка и дека 30-те милиони евра од кои ќе се откаже Мијалков се капка во морето, па инсистираа на многу повеќе.

Но, дали навистина спогодбата тежи 30 милиони евра во одземен имот?

Ако во случајот со спогодбата со Камчев беше прецизно јасно дека платил 5,2 милиони евра во кеш, односно го надоместил затаениот данок за кој се гонеше, пресметките кај Мијалков не се кристално јасни, односно не се баш прецизни. Поточно, кога се дозна за спогодбата, неофицијалната информација која од обвинителството беше споделена со јавноста, е дека екс директорот на УБК ќе плати 6 милиони во кеш и 30 милиони во запленет имот.

Но, откако по неколку часа беше објавено и официјално соопштение, пресметките на милионите се разминуваа. Сумата што Мијалков веќе ја уплатил на државна сметка од 6 милиони евра се поклопуваше, но не се совпаѓаше онаа на замрзнатиот имот. Па така, според сумите објавени на веб-сајтот на обвинителството, му се одзема имот вреден 14,5 милиони евра и пари од сметки на фирми, чија сума не се посочува.

Од обвинителството за „Фокус“ појаснуваат дека верба треба да му се поклони на официјалното соопштение. Напоменуваат дека вистинската проценка на одземениот имот ќе се знае допрва, бидејќи пресметките се правени според вредноста на имотот што го имал кога бил впишан во Катастар, а тоа било пред неколку години.

Сега, како што брифираат, истиот имот вреди многу повеќе на пазарот, посочувајќи дека становите на Водно, кои биле проценети на 1.400 евра квадратни метри, сега вредат повеќе.

Или, сума сумарум, сѐ што било замрзнато за време на истрагата, под сомнеж дека е таен имот на Мијалков, му се одзема и оди во сопственост на државата.

СОПРУГАТА НА МИЈАЛКОВ СОПСТВЕНИК НА „ЕКСИКО“

Со спогодбата, всушност, се докажа дека поранешниот директор на УБК, Мијалков, додека ја извршувал државната функција, се стекнувал со имот што не го пријавил во својот анкетен лист, но и ниту можел да си го дозволи според своите месечни примања, кои во просек изнесуваат околу 1.000 месечно. Токму затоа и се гонеше за кривичното дело „Противправно стекнување и прикривање имот“, како и за „Злосторничко здружување“.

Тој, дејствијата ги извршувал во група со други осомничени во предметот, преку правни лица основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и офшор-компании во странство. Приходите стекнати со пренос на капиталот обвинетиот не ги пријавувал во анкетните листови, иако за цел период опфатен со истрагата извршувал јавна функција“, велат од Обвинителството.

Тоа значи дека вистинскиот сопственик на фамозната фирма „Ексико“, според обвинителството, е Мијалков поради што го одземаат сиот имот од оваа компанија.

Меѓу имотот се хотелски деловни простории, хартии од вредност, неколку атрактивни градежни парцели и земјишта во Скопје, станови и парцели во Охрид, два апартмана во Панорама резиденс, дваесетина стана на Водно…

Оваа фирма „Ексико“, чиј вистински сопственик се криеше во Лугано, Швајцарија, ќе остане како запаметена како најуспешната офшор-компанија во Македонија. Во истражуваниот периодот од 2007 до 2013 година, фирмата работела со профит од над 75 отсто, односно добивката ѝ била 12,5 милиони евра, а приходот 16,3 милиони евра.

Обвинителството не успеа да го разоткрие сопственикот со помош на меѓународна правна помош од Швајцарија, која го штити идентитетот на своите клиенти, туку некогашен соработник на Мијалков ја открил тајната и приложил црно на бело дека газда на компанијата е сопругата на Мијалков, Александра.

На почетокот на истрагата, пак, патиштата воделе кон Камчев, но сега очигледно е пресечено дека зад фирмата стоел Мијалков.

Поточно, тогашните информации од СЈО беа дека оваа компанија ја основа „DELTA INVESTMENT LTD“ од Белизе, чиј сопственик, пак, бил Илија Камчев, а требало да служи за фискализација. Во еден период, Камчев, компанијата му ја препушта на Жарко Луковски, но потоа пак се враќа во рацете на Камчев, бидејќи ја купува офшор-компанијата „CALVUS LLC“.

Денес сопственик на „Ексико“ е фирма со швајцарски капитал „T&MJ Investment“ од Лугано, а зад која според сознанијата на обвинителството стои член на семејството Мијалкови. Наводно, новата промена во сопственичката структура е направена во 2011 година.

Во еден период и куќата на Водно, во која живее екс директорот на тајната полиција, биле во сопственост на офшор-компанијата, а за да не отиде и таа во рацете на државата, тој искешира речиси еден милион евра.

МИЛИЈАРДЕР ИЛИ, СЕПАК, САМО „СИРОМАВ“ МИЛИОНЕР?

Покрај имотот на „Ексико“, со спогодбата се одзема и имотот, кој е запишан на име на фирмата Бет Ком. Станува збор за осум земјишта во Гевгелија, во вкупна вредност од 4,5 милиони евра. Нашите извори брифираат дека една од парцелите денес е со многу поголема вредност од претходно проценетата, бидејќи е идеална за изградба на казино.

Обвинителството во сопственост на Мијалков ја припишува и компанијата ССИ Инвестмент, од која се одземаат деловни простории вредни над милион евра.

Но, дека Мијалков бил милионер, и не е некоја новина. Прашањето што засекогаш ќе остане енигма, е колку милиони навистина тежи?

Во 2013-2014 година сѐ погласни беа шпекулациите дека ја заработил и првата милијарда евра, која наводно ја прославил во Дубаи. Шпекулациите одеа дури до таму дека наводно со специјален авион одбрано друштво од Скопје заминало на прославата во Дубаи.

Прашања во оваа насока поставуваа и од тогашната опозициска СДСМ.

„Дали Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски, се стекнал со фантастични една милијарда евра?“

Дилемата никогаш не беше разоткриена, и тоа, ниту со „бомбите“, бидејќи јавноста не слушна разговор во кој некој од почесните гостите на прославата во Дубаи ги раскажува импресиите.

Мијалков, пак, признаваше само дека е милионер и тоа скромен. Поточно, во времето кога беше директор, во својот анкетен лист имаше пријавено имот вреден 1,5 милион евра. Пријавил дека поседува станови, гаража и деловен простор во Скопје од 640.000 евра, третина куќа во Штип од 50.000 евра, акции и сопственички удел од 306.000 евра, два „мерцедеса“ и мотоцикл вредни 62.000 евра, семеен накит и уметнички слики од 80.000 евра и оружје од 4.500 евра.

Неговиот анкетен лист по потреба се ажурираше по претходните обвинувања од опозицијата дека поседува таен имот во Чешка. Односно беше пријавено дека поседува една компанија, со удел од 3.902 евра, а и дека продал една странска фирма за речиси половина милион евра.

Шпекулациите за бизнисите и имотот на Мијалков во Чешката Република се тркалаа со години. Во 2011 година, за време на изборната кампања за предвремените парламентарни избори, претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски обвини дека директорот поседувал удели во фирма во Прага со назив „Сервис Поинт“ (продадената фирма), за која во имотниот лист не пријавил дека се стекнал со имот од продажба на уделите во истата.

Антикорупциската комисија тогаш се изјасни дека сѐ е во ред со имотниот лист на Мијалков. Неговиот братучед, пак, премиерот Груевски тогаш го оправда дека станува збор за многу стара фирма, која директорот ја имал далеку пред да стане дел од владејачката гарнитура.

И Мијалков, во ретките обраќања во јавноста, тврдеше дека бизнисите ги водел пред да стане директор на УБК во 2006 година.

Како и да е, неговиот имот во странство, чија вредност е енигма, му е на сигурно. Со конфискацијата се одзема само оној што е на домашна територија, а тој надвор од границите на државата, му останува нечепнат.

МИЈАЛКОВ ЌЕ ЛЕЖИ САМО ЗА „ИМПЕРИЈА“?!

 И покрај незадоволството кај дел од јавноста, обвинителството е задоволно по спогодбата. Доколку се одеше на судење, тоа со себе го носеше ризикот од долга судска постапка, но и синдромот на амнезија на сведоците, односно дека поинаку зборуваат или наеднаш не се сеќаваат на сите детали кога ќе се соочат очи в очи со обвинетите.

Но, поважното прашање што се наметнува, е дека е многу веројатно Мијалков само за овој случај, од неколкуте што се водеа против него, да лежи зад решетки. Тој со месеци ја чека одлуката на Апелација која треба да одлучи по предметите „Трезор“ и „Таргет и Тврдина“, за кои е осуден на долгогодишни затворски казни.

Имено, сѐ погласни се шпекулациите за судбината на предметот за масовното незаконско прислушување во УБК, кој се сметаше за „мајка“ на сите предмети на СЈО, дека ќе се сруши. Доколку падне делот за „Таргет“ и судењето почне од почеток, тогаш Мијалков ќе се спаси со застарување, кое настапува за две години.

Поточно, на почетокот на 2025 година, застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од две години, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и истата да стане правосилна. Во спротивно, сѐ досега ќе пропадне во вода.

За да се добие целосна слика, првиот пат, пак, само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од три години.

Ваквото сценарио најмногу би му одговарало на Мијалков, кој Кривичниот суд го осуди на 12 години затвор.

Тој се гонеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5 години, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна од 12 години.

Но, казната, уште невлезен во „Идризово“, почна да му се топи. Минатата година во февруари му застари делото за „Примање награда за противзаконито дејствување“. Другите две дела застаруваат за 10 години од сторувањето, или точно на почетокот на 2025 година.

Втората гласина, пак, е и дека Апелација не одлучува за предметот, бидејќи ја чека одлуката на Судот за човекови права во Стразбур, по однос на аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов. Иако се очекуваше летово, сепак последните информации на „Фокус“ се дека истата ќе биде објавена на есен.

Доколку аболицијата биде воскресната, судиите ќе се спасат од препотување и ќе се повикаат на неа, односно обвинетите ќе се спасат од затворските казни.

Во Апелација на почек е и пресудата за „Трезор“, со која екс директорот беше осуден на казна затвор од 8 години. И за оваа пресуда прогнозите не се на арно. Сѐ поизвесно е ново судење.

Без разлика на тоа каква ќе биде одлуката на Стразбур за аболицијата, спогодбите за „Империја“ се на сигурно. Осомничените не беа аболирани за овој предмет.

На крајот ќе излезе дека незадоволството на народот од минималните казни во спогодбите ќе биде најголемата казна што ќе го стигне началникот.

Ако е за утеха, тој барем остана во државата, за разлика од неговиот братучед, кој прв се пријавуваше дека ќе влезе во затвор само за да куртулат останатите. Го заборави братучедот, на кој не му посвети ниту еден статус од далечната Будимпешта. Барем да го одбрани дека конфискуваниот имот не е сиот негов, туку дека можеби има и нешто негово!

Поврзани новости