АРХИВА: Како никна спорната терсата на „белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ?

by Фокус

Текстот е објавен на 25.08.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1142

Новоизбраните градоначалници на Град Скопје и на Општина Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, наредната седмица ќе разговараат за спорната тесара на централното партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа тераса всушност не е изградена како тераса, туку како настрешница врз основа на одлука на Град Скопје, откако претходно тогашното парламентарно мнозинство на ДПМНЕ преку законски измени ја префрли оваа надлежност од општините во рамки на Градот кон Градот Скопје. Потоа, оваа контровезна тераса беше протуркана и во Општина Центар, која, издавајќи одобрение за измени во тек на градба, прифатила проект во кој е вцртана и терасата. Фокус неодамна пишуваше во однос на оваа тема…

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Жолтата куќа беше своевиден симбол и идентификација на ВМРО-ДПМНЕ, која, со сите позитивни или негативни страни, бездруго го одбележа македонскиот плурализам. По лидерската смена во 2003 година, кога партиската икона Љубчо Георгиевски му го препушти престолот на Никола Груевски, многу работи се променија во партијата, па и партиското седиште доби ново руво. Така, старата жолта зграда во соцреалистички стил што партијата ја стекна во време на Георгиевски, прерасна во неокласичен бел дворец во време на Груевски.

Како ја зацврстуваше власта, така ДПМНЕ драстично го зголеми партискиот имот, стекнувајќи недвижности низ целата држава, кои денес имаат пазарна вредност од над 25 милиони евра. Притоа, значаен дел од оваа сума е токму резултат на вредноста на партиското седиште во центарот на Скопје, кое, раководството на ДПМНЕ, користејќи ги лостовите и механизмите на власта, го надгради во висина, но и го прошири со спорна тераса кон соседната парцела каде се протега плоштадот ВМРО. Згора на тоа, на партиската сметка легнаа и два милиони евра.

КАКО МАЛАТА ЖОЛТА ЗГРАДА СТАНА ГОЛЕМА БЕЛ ДВОРЕЦ

Откако Катастарот на недвижности ги прекрои парцелите во тој дел од строгиот центар на Скопје, Министерството за транспорт и врски на чело со Миле Јанакиески во 2009 година склучи договор со ВМРО-ДПМНЕ за продажба на земјиштето каде се наоѓаше жолтата зграда. На тој начин, по пат на непосредна спогодба, партијата купи две катастарски парцели од државата – една под жолтата зграда и уште една поголема околу неа, со вкупна површина од 1.241 квадратни метри, кои сочинуваат една градежна парцела. Практично, овој договор е склучен врз основа на Законот за градежно земјиште, кој дозволува сопствениците на легални објекти да приватизираат цела градежна парцела со договор во четири очи според цени што ги одредува Владата.

Откако ВМРО-ДПМНЕ го купи земјиштето за сума од околу 130.000 евра или околу 110 евра по квадрат, што е драстично помалку од неговата пазарна вредност, објектот почнал да се шири и да расте. Во наредните години, со промени на Деталниот урбанистички план Мал ринг, габаритот на објектот пораснал од 700 на околу 1.200 квадратни метри, колку што впрочем е целата градежна парцела. Воедно, објектот пораснал од 25 на 29 метри, така што се зголемил бројот на катови од шест со приземје на осум со приземје и поткровје. Патем, кон површината на објектот прилепена е правоаголна кула, а подоцна е доградена и тераса.

Кога и тоа било завршено, ВМРО-ДПМНЕ склучи договор со АД „Бетон“, со тоа што партијата го даде земјиштето, додека компанијата презеде обврска да изгради објект. Имено, договорот меѓу двете страни предвидуваше инвеститорот да изгради објект со два дела, со два посебни влезови, од кои еден дел треба да биде деловен и хотелски простор на АД „Бетон“, а другиот се партиски простории на ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа се случуваше токму за време на локалните избори во 2013 година, кога веќе се навестуваше промена на локалната власт во Општина Центар, па меѓу вториот и третиот круг на гласањето, администрацијата на градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, и издаде на партијата одобрение за градба на седиштето.

Во рамките на истрагата за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со кодно име Талир, Специјалното јавно обвинителство го опфати и седиштето на партијата, која како влог за неговата изградба го вложила земјиштето купено за само 130.000 евра, иако, според СЈО, имало пазарна вредност од околу 1.250.000 евра, или 1.120.000 евра повеќе. Уште поголем проблем овде е тоа што партијата добила седиште во вредност од 6,9 милиони евра, но и околу 2 милиони евра плус во пари, зашто просторот што го добила од „Бетон“ бил за 634 квадрати помал од договорениот?! Оттука произлегува разлика од 7,8 милиони евра, која претставува донација од компанијата што партијата имала обврска да ја врати во рок од 30 дена, со оглед дека според Законот за финансирање на политичките партии, „Бетон“ не можел да се јави како донатор на партија во време кога добивал и работел на тендери.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ПАРТИЗИРАНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија на централно и на локално ниво, преку Министерството за транспорт и врски стекнала атрактивно државно земјиште за само речиси 130.000 евра, врз основа на кое склучува договор со инвеститор за изградба на објект, од кој потоа добила и 2 милиони евра бидејќи, како комензација за тоа што, чудно но вистиното, добила помалку квадратни метри од договореното. Ако се направи груб есап, на крајот излегува дека ВМРО-ДПМНЕ добило нов поголем и нов простор и плус 1.870.000 евра на сметката.

Воедно, инвеститорот што го гради објектот добил одобрение за градба од Општина Центар на чело со Тодоровиќ, во чие време била и вцртана маркичката во ДУП-от. Меѓутоа, кога партиското седиште почнува да се гради, општината веќе преминува во рацете на Андреј Жерновски, а мнозинството во Советот го контролира коалицијата предводена од СДСМ, со исклучок на еден мал период по апсењето на претседавачот на Советот Мирослав Шиповиќ. По излегувањето од притвор, тој не гласаше во дослух со колегите од советничката група во однос на измените на неколку урбанистички планови во појасот на Водно по предлог на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои требаше да задоволат интереси на луѓе од тогашната власт.

Нејсе, за време на градбата, градежната компанија „Бетон“, во својство на инвеститор од општината барала измени во текот на градбата. Според информациите со кои располагаме, едното барање се однесува на подземната гаража, како дел од проблемот со паркирање возила, кој е решен на тој начин што во подземната гаража се обезбедени 10, додека останатите 45 до потребните 55 паркинг-места се откупени во катната гаража во непосредна близина. Другата измена за која инвеститорот побарал и добил одобрение од општината во текот на градбата, пак, се однесува за таканареченото лифтовско окно во рамките на објектот.

Според документацијата со која располагаме, уште во основниот проект и техничката документација што компанијата ја доставила до општина Центар може да се види тераса со 4 столба на северозападната страна, која може да се забележи и во еден од пресеците на целиот објект, меѓутоа ја нема во нацртот за основата на приземјето и на првиот кат, каде е претставен само влез без тераса и столбови. Арно ама, во проектот што команијата го доставила при второто барање за измени во текот на градбата може да се забележат промени и во нацртите за приземјето и првиот кат, каде, за разлика од основниот проект и првиот анекс на проектот, вцртана е терасата со четирите столбови.

ЗАКОНСКО СИЛУВАЊЕ НА ПРОЦЕДУРАТА

Имајќи предвид дека секоја општина е должна да издаде одобрение за градба доколку барањето не отстапува од ДУП-от, Општина Центар му издала одобрение на „Бетон“ за барањето за подземната гаража и за лифтовското окно. Но, одобрението на општината не важи и за терасата, која всушност не спаѓа во градежната парцела каде е изграден објектот, туку во соседната парцела во сопственост на државата. Од таа гледна точка, терасата не е изградена по правен основ генериран од општината, но, во секој случај, општината можела од инвеститорот да побара да достави документација во кој ќе ја нема спорната тераса, настрана што немала таква обврска.

Инаку, оваа тераса не е изградена како тераса, туку како настрешница врз основа на решение издадено од друга институција. По барање на АД „Бетон“, Градот Скопје на чело со градоначалникот Коце Трајановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на почетокот од 2015 година прво дава согласност, а потоа носи решение за изградба на настрешница на објектот, врз основа на Законот за градење, кој во членот 73 пропишува видови на градби за кои не е потребно одобрение за градење, туку може да се изведе со дозвола. Во такви градби спаѓаат и „настрешници во функција на објекти“. Но, ако порано законот во овој дел предвидуваше дека ова решение го носи „општината на чија територија треба да се изведе градбата“, парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ кон крајот на 2014 година ја смени одредбата од законот, префрлувајќи ја оваа надлежност од општините (читај Општина Центар) кон Град Скопје.

Во тој контекст, ова не е единствен пат владата на Груевски да го менува Законот за градење само за да ја заобиколи Општина Центар. Тоа се случи и на почетокот од 2014 година, кога Собранието усвојува уште едни измени, според кои Град Скопје презеде надлежност да издава одобрение за градба на магистрални и собирни улици, на линиски инфраструктурни објекти, на придружни содржини покрај речни корита и паркови, доградба и надградба за реконструкција на објекти за кои одлука донел градскиот совет, како и на плоштади. Овие законски измени, Жерновски ги оспори пред Уставниот суд, но тие се уште се дел од македонското законодавство.

Непосредно пред овие законски измени, Градот Скопје почна да го гради плоштадот ВМРО кој се доживува како компактна целина со седиштето на партијата. Овој јавен простор со површина од 681 метри квадратни важи за еден од најскапите плоштади од проектот „Скопје 2014“, ако се знае дека, според податоците од Бирото за јавни набавки, само првиот договор чинеше 1,3 милиони евра, додека Градот склучуваше уште неколку договори за непредвидени и дополнителни работи. Колку за информација, основниот проект на плоштадот го изработи „Факом“, фирма која се поврзува со Минчо Јорданов исто како компанијата што го изгради објектот каде е сместено седиштето на ДПМНЕ.

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ЌОР-СОКАК

Фактички, спорниот дел од објектот не се наоѓа во градежната парцела на објектот, туку на соседната катастарска парцела, односно на плоштадот ВМРО, од проста причина што објектот е изграден на целата градежна парцела, па нема простор за ништо дополнително, вклучително и за тераса. Затоа, таа пробива на друга катастарска парцела, која е јавна површина на државно земјиште, па за изведба на градба или дел од градба е потребно одобрение, кое, пак, не може да се добие ако барањето е спротивно на ДУП-от. Имајќи го тоа предвид, „Бетон“ како инвеститор го изведува овој дел како урбана опрема, за која, по законските измени, добива дозвола од Град Скопје.

Според инспекцискиот надзор што го спроведе Општина Центар кон крајот на 2015 година, не се работи за настрешница, туку за тераса. Како што тогаш објаснуваше веќе поранешниот овластен инспектор во локалната самоуправа Кочо Стојчевски, овој дел од објектот нема функција да го заштити објектот од надворешни влијанија за да биде настрешница, туку е тераса по која има можност да се движат луѓе, како што нацртал и инвеститорот во проектот. Тогаш Жерновски во неколку наврати јавно порачуваше дека доколку инвеститорот не ја отстрани дивоградбата од објектот во рок од 30 дена, тогаш тоа ќе го стори општината со полициска асистенција, но, сепак, терасата се уште е дел од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, „Бетон“ ја обжали одлуката на Општина Центар на второтстепената комисија во рамките на Министерството за транспорт и врски, која ја прифати жалбата. Во однос на оваа одлука, Општина Центар имала право да поведе постапка пред Управниот суд, но тоа не го сторила, со објаснување дека не верувале во независно судство и дека евентуалната негативна одлука на судот ќе ја ставел во неповолна положба општината. Со тоа, барем засега завршува процедуралната и институционална разврска околу контроверзната тераса на партиското седиште, кое веќе две години е составен дел од белиот дворец на ДПМНЕ и плоштадот ВМРО.

Кога сето тоа ќе се сумира, произлегува дека откако ВМРО-ДПМНЕ за џабарлак го откупила земјиштето под и околу партиското седиште и го искористила за да добие нови и поголеми партиски простории, па дури и два милиони евра на својата сметка, на крајот успева на мала врата да ја протне и контроверзната тераса, која практично пробива на соседната парцела каде се протега плоштадот ВМРО. Притоа, партијата тоа го извела преку злоупотреба на власта, односно на надлежните институции под нејзина контрола, додека истовремено преку законски измени ги заобиколуваше надлежните институции надвор од нејзината контрола, одземајќи им ги ингеренциите. За волја на вистината, ниту тие не пружиле силен отпор кон креативноста и суровоста на ДПМНЕ да ги расвласти и скрши.

АД „Бетон“
ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ТЕНДЕЏИИ ЗА ВРЕМЕ НА „ПРЕРОДБАТА“

Во врска со темата, упативме прашање и до АД „Бетон“, кој се јавува како инвеститор на објектот каде е сместено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но до затворањето на овој број од неделникот не добиме одговор. Оваа компанија е една од оние што добиваа најмногу тендери од државните институции во изминатиов 10-годишен период, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

Токму затоа СЈО го оспори аранжманот помеѓу „Бетон“ и ДПМНЕ за изградба на објектот, бидејќи разликата меѓу вложената и реалната вредност претставува донација, каква што компанија која работи на тендери не може да и додели на политичка партија.

Општина Центар
НЕ ПОКРЕНАВМЕ УПРАВНА ПОСТАПКА ПОРАДИ „СВАРОВСКИ“ СУДСТВОТО

Од Општина Центар велат дека тие издале одобрение за градење за една градежна парцела, но спорната настрешница е надвор од оваа градежната парцела и е поставена на земјиште на Република Македонија за која дал согласност Град Скопје.

По завршување на жалбената постапка во втор степен, општината не поведе управен спор, имајќи ги во предвид резултатите од „сваровски“ судството. Во конкрентниот случај, ако општината поведеше управен спор, што беше извесно дека ќе го изгубеше истиот, ќе мораше да плаќа обештетување на „Бетон“ во смисол на изгубена добивка или други бенифиции“, велат од Центар.

Од таму додаваат дека не можат да постапуваат се додека постои решението на Град Скопје со кое е одобрена изградбата на настрешницата во функција на објектот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мирослав Грчев, универзитетски професор
НОВОТО СЕДИШТЕ НА ВМРО Е КАКО КУЌИТЕ НА ФАШИЗМОТ ВО ИТАЛИЈА НА МУСОЛИНИ

Мирослав Грчев, професор на Архитетскиот факултет, за новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ напиша колумна во која го споредува овој објект со таканаречените „куќи на фашизмот“ што ги градел италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини.

Зборував летоска со еден мој драг колега, италијански архитект, веднаш по неговото разгледување на центарот на нашата престолнина. Беше шокиран од она што го виде и, кутриот, имаше вистински душевни проблеми да ми ги раскаже неговите импресии. Она што најмногу го изненади беше бруталната очигледност на духот на фашизмот што е вграден во сите псевдокласични објекти, фасади и споменици во скопскиот центар. Испадна дека најболната повреда на култивираното архитектонско око и префинет вкус на колегата му беше нанесена од несомерливата диспропорција помеѓу важноста и големината на објектите, и неверојатниот дилетантизам, невкус и незнаење со коишто се изградени. Но, сепак, најголемиот ужас му го приреди седиштето или главниот штаб на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ: „Па, вие сте единствената земја во светот што по историската победа над фашизмот имате новоизградена и активна casa del fascio!?“ – ми рече со возбуден глас. И, навистина, пријателот ми ги отвори очите. Иако веќе деветта година предупредувам дека архитектонските „дела“ на Груевски се јасни симболи на фашизмот во Македонија, поради долгото време во коешто тој фашизам се самореализира без какви било пречки, прекинав да ги следам професионалните успеси на Главниот Македонски Архитект, па не ја ни забележав единствената новоизградена „куќа на фашизмот“ во светот“, пишува Грчев во колумна во однос на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека casa del fascio – куќа на фашизмот, е вообичаениот назив за штабовите на фашистичката партија на Италија што Мусолини ги градел во сите главни административни и регионални центри во земјата, со цел да ја одразува моќта, стабилноста и вечноста на фашистичката власт и да ја обезбеди симболичката поврзаност на партијата со славното национално минато.

Поврзани новости