АРХИВА: Како нафтената компанија на градоначалникот на Пласница стана топ-10 „тендерџија“?

by Фокус

Текстот е објавен на 07.07.2016 во неделникот „Фокус“ бројот 1083

Пуцко Петрол“ е нафтена компанија во сопственост на семејството на градоначалникот на Пласница од редовите на ДУИ и претендент за уште еден мандат, Исмаил Јахоски. Оваа нафтена компанија се најде на листата со компании што добиле најголем број на тендери, независно од висината на склучените договори. Притоа, компанијата добивала тендери од општини управувани од ДУИ, која го кандидираше Јахоски за градоначалник на Пласница и на овие локални избори. 

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

На прв поглед, многумина мислат дека градежните компании доминираат во бизнисот, поради мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, кој отвори тезги за многу градежни фирми, чија оператива беше вклучена во изградбата на објектите. Според висината на договорите за градежна изведба можеби ваквиот впечаток е оправдан, бидејќи тука се вртат многу пари, кои се повеќе и повеќе се зголемуваат со анекси за непредвидени работи. Арно ама, врз основа на бројот на добиени тендери овие компании далеку заостануваат.

Анализата на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки откако е воведена обврската за транспарентно доделување на јавните пари, покажува дека меѓу првите десет компании што добиле тендери во изминативе години нема ниту една градежна фирма, туку убедливо преовладуваат фармацевтските компании. Дури 8 компании меѓу првите десет и припаѓаат на оваа исклучиво плодна гранка, што се објаснува со фактот дека најголемите буџетски потрошувачи се клиниките и болниците, кои имаат потреба од лекови, медицинска опрема, материјали за работа.

Но, останатите две места им припаѓаат на компании кои се занимаваат со трговија со нафта и нафтени деривати, што повторно е сосема логично од проста причина што јавните институции и установи имаат потреба и од ваквите енергенси, без разлика дали станува збор за греење во зимскиот период, за службените возила што ги користат, или, пак, за нешто трето. Очекувано, една од нив е најстарата нафтена компанија во земјава – „Макпетрол“, која денес е цел на преземање од сомнителна офшор фирма.

Очигледно е дека станува збор за обид за редефинирање на силите во нафтениот бизнис, односно свесно да се намали влијанието на најстарата нафтена компанија во овој сектор и да им се отстапи простор на конкурентните нафтени фирми, како и на помалите. А, некои од нив се во подем, ширејќи го присуството од година во година. Притоа, се поставува прашањето дали барем мал придонес за тоа имаат врските со одредени политички партии?

КОНФЛИКТ СО ВМРО-ДПМНЕ, СОРАБОТКА СО ДУИ

Инаку, другата нафтена компанија во топ-10, според бројот на склучени договори за јавни набавки, е многу интересна од аспект дека за релативно кус период прави подем на скалата на буџетски корисници. Станува збор за „Пуцко Петрол“, во сопственост на семејството на Исмаил Јахоски, долгогодишен градоначалник на Пласница. Тој извесен период беше мета на ВМРО-ДПМНЕ, поради што на удар се најде и неговата компанија, а во исклучително тешка положба се наоѓа и неговата општина поради игнорирање и опструкции од владата. Но, во меѓувреме се прешалта кон ДУИ, чиј кандидат за градоначалник беше на последните локални избори во 2013 година.

Поточно, тој влезе во конфликт со пратеникот на ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, откако неговиот татко Милош за 30.000 евра го купи објектот каде што беше сместена општината Пласница од соседната општина Македонски Брод, во чија сопственост беше недвижниот објект сосе земјиштето. Во тој период медиумите пишуваа дека оваа продажба подоцна била поништена, но на крајот испадна дека таа е целосно реализирана, па општината набрзо ќе се пресели во нов објект. Колку односите беа затегнати говори и тоа што Милошоски го актуелизираше ова прашање и во парламентот, па „интегративците“ застанаа во одбрана на Јахоски, предупредувајќи го пратеникот од ДПМНЕ да не го злоупотребува собранието за лични пресметки.

Всушност, тоа се случуваше во 2012 година, една година пред Регулаторната комисија за енергетика да му одземе дел од лиценцата на „Пуцко Петрол“ во делот за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, со објаснување дека не поседувала доволно нафтени резерви за покривање на петдневен просечен обем на трговија. Арно ама, по поднесената жалба од страна на компанијата, Комисијата за решавање по жалби од областа на енергетиката ја укина одлуката за одземање на лиценцата само еден месец подоцна и побара ново разгледување на фактичката состојба. Потоа, државниот пазарен инспекторат утврдил дека количините на потребните деривати биле повеќе од предвидениот минимум.

Така, „Пуцко Петрол“ тогаш се спаси од канџите на регулаторот, кој формално треба да е независен, а фактички е под контрола на владејачката партија. Веќе во 2014 година компанијата се најде на удар на албанската опозициска ДПА, што по се изгледа беше во координација со партијата на Никола Груевски, која имаше интерес предизборно да го ослаби ДУИ, користејќи ја како инструмент партијата на Мендух Тачи. Во пресрет на двојните избори, ДПА упати обвинувања кон ДУИ дека негови функционери и доделувале милионски тендери на нафтената компанија на сопартиецот Јахоски, без почитување на процедурата.

ПРОБИВ НА ТЕНДЕР-ЛИСТАТА

Своевремено, споменатата нафтена фирма беше во сопственост на градоначалникот Јахоски, но тој истапил од сопствеништвото и моментално во Централниот регистар како единствен сопственик фигурира неговиот син Асмир Јахоски. Со 370.000 евра вкупен паричен и непаричен влог, компанијата е основана во Пласница во далечната 1999 година, но таа функционира од почетокот на деведесеттите како друг субјект. Во моментов располага со десетина подружници, односно складови на нафтени деривати и бензиски пумпи во Прилеп, Кавадарци, Кичево, но и во неколку населби во Скопје, како Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Сарај, а на сите како управител се јавува Божанка Грозданова.

Се до периодот 2012-2013 година, токму кога Јахоски е реизбран за градоначалник на Пласница како кандидат на ДУИ, оваа нафтена фирма нема добивано тендери. Ама, оттогаш почнуваат да се редат тендерите, па анализата на јавните набавки во рамките на проектот за отворени податоци спроведен од Фондацијата „Метаморфозис“ ја вбројува оваа компанија во групата на топ-10 тендерџии со освоени 175 тендери. Сепак, ова рангирање е според бројот на склучени договори за јавна набавка, а не според висината на добиените јавни средства, кои, доколку се соберат склучените договори, изнесуваат над 19 милиони евра.

Како што покажуваат финансиските извештаи на „Пуцко Петрол“ за последните две заокружени години, компанијата работи профитабилно. Ако профитот во 2014 година изнесувал 1,7 милиони евра, во 2015 година паднал на 1,3 милиони евра. Меѓутоа, и бројот на вработени пораснал од 98 на 138, што значи дека се зголемува обемот на работата. Во таа насока, и приходите пораснале од нецели 28 милиони евра на над 30 милиони евра, но исто така растат и трошоците, па има мал пад кај добивката.

Бездруго, во рамките на приходите на компаниите во значителна мера учествуваат и јавните набавки, кои продолжуваат и во актуелната 2016 година.

Бирото за јавни набавки објавило дека „Пуцко Петрол“тековната година склучил 20 договори за набавка на нафта и нафтени дервивати со низа институции и јавни установи, при што компанијата вкупно инкасирала 5,5 милиони евра. Отприлика тоа е една четвртина од вкупно добиените јавни пари на нафтената компанија во изминативе години.

ДИСКВАЛИФИКУВАНА КОНКУРЕНЦИЈА

Може да се сретнат низа општини, како и јавни претпријатија и установи во рамките на овие локални самоуправи управувани од кадри на ДУИ кои склучувале договори за снабдување со нафта со компанијата на нивниот сопартиец. Меѓу нив се Гостивар на Невзат Бејта, Тетово на Теута Арифи, Кичево на Фатмир Дехари, Чаир на Изет Меџити, Сарај на Беким Мурати итн. Тука има и министерства и други органи од извршната власт раководени од „интегративците“, пред се Министерството за одбрана, кое, во време кога го раководел Фатмир Бесими, склучило договор за снабдување со мазут вреден речиси еден милион евра.

Истовремено, треба да се напомене дека компанијата почнала да соработува и со општини предводени од градоначалници од други партии, како Кочани, Пробиштип, Македонски Брод, Струга, Студеничани. Впрочем, најголемите тендери „Пуцко Петрол“ не ги добил, условно кажано, од своите, туку од туѓите, па така, најголема сума во касата на оваа компанија се одлеала од АД „ЕЛЕМ“ за набавка на деривати за сопствените бензиски пумпи, која склучила договор од 1,6 милиони евра, додека со Министерството за внатрешни работи склучила договор за набавка на гориво од 1,3 милиони евра.

Увидот во јавните набавки за нафта и нафтени деривати, на кои учествувал и победил „Пуцко Петрол“, наведува кон заклучокот дека буквално за сите тендери на набавка на нафта критериумот за избор на најповолен понудувач е најниската цена. Не така ретко оваа компанија победувала на тендерите без конкуренција, како единствен понудувач, а во најголем број од случаите имало пријавено само двајца понудувачи. Она што е заеднички именител при многу тендери за набавка на нафта е фактот што компанијата победила во конкуренција на уште една компанија, нудејќи најниска цена, ама минимално беззначајно пониска од онаа на конкурентот. Ваквата разлика во тендер за масло за горење тежок 2 милиони евра изнесува нецели 500 денари?!

Исто така, се сретнува појава едниот конкурент да се дисквалификува при евалуцијата на понудите за ситен административен пропуст, па останал само еден учесник. Таков е случајот со набавката на енергенси за грејната сезона 2014/2015 склучен помеѓу Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и „Пуцко Петрол“, откако претходно бил елиминиран конкурентот „Супертрејд“, бидејќи не ги пополнил сите полиња од пријавата. Така останал само еден понудувач, кој склучил договор на проценета вредност на набавката од речиси 60.000 евра.

ШИРЕЊЕ НА БИЗНИСОТ

Речиси истовремено кога почна да освојува тендери, Јахоски го прошири присуството и влијанието во нафтениот бизнис со влезот во рафинеријата „ОКТА“, купувајќи го на почетокот на 2013 година токму удделот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој долги години директорува ДУИ. Се работи за 90.000 акции кои компанијата на Јахоски ги откупи за 625.000 евра, што ја прави оваа фирма втор по големина акционер во рафинеријата. Прв е „Хеленик Петролеум“, кој по спорната продажба на рафинеријата во времето на владата на Љубчо Георгиевски, кога Груевски беше министер за трговија, поседува 82 отсто од акциите.

И рафинеријата „ОКТА“, која учествува и во малопродажниот пазар со 27 бензиски станици, е чест добавувач на нафта на државните органи, при што најмногу буџетски средства на нејзина сметка се одлеале од Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Така, само од 2013 до 2016 година ОКТА потпишала 9 договори со Дирекцијата во вкупна вредност од над 30 милиони евра. Ова секако влијаело компанијата да излезе од негативата и во 2015 година да направи чиста добивка од 1,3 милиони евра во 2015 година, која во соодветен дел завршила и во „Пуцко Петрол“.

Во секој случај, приматот во нафтениот пазар го држи „Макпетрол“, која поседува 124 бензиски станици од вкупно 280 пумпи во земјава, покрива 60 отсто од пазарот со нафта и 35 отсто од пазарот со гас. „Макпетрол“ се наоѓа и на врвот на нафтени компании според бројот на добиени тендери, кој, според обработените податоци, изнесува 258, или за 83 повеќе во споредба со „Пуцко Петрол“. Меѓутоа, најстарата нафтена компанија се соочува со обид за преземање, што, со оглед на влијанието на компанијата во нафтениот пазар, значи и можно преструктирање на овој бизнис.

Откако неговите челници неодамна се соочија со обвиненија за криминал бидејќи, според Јавното обвинителство, незаконски пренесувале дел од добивката во фирмата-ќерка „Оилко“, сега на дело се спроведува обид за освојување на доминантниот управувачки пакет во ова акционерско друштво од страна на сомнителна офшор компанија, чии намери не се транспарентни, ама дефинитивно се сериозни, ако се знае дека ги обезбеди потребните милиони за откуп на акциите.

ПРЕСТРУКТИРИАЊЕ НА ПАЗАРОТ

Како што е познато, „Балкан Петролеум“, основана пред еден месец во Лондон, има намера да ги откупи акциите на акционерите на „Макпетрол“ по цена која е за 30 отсто повисока од постигнатата цена на акциите на берзата. Оваа компанија, поврзана со контроверзниот Израелец со украинско потекло, бизнисменот Ури Бидер, кој учествувал во пропаста на рафинерија во Романија, ја обезбеди и банкарската гаранција од 47 милиони евра, па најавува дека следен чекор е финиширање на останатите документи за да може да ги откупи акциите на потенцијално заинтересираните акционери.

Најголем акционер во „Макпетрол“ е токму „Оилко“ со контрола на над 20 отсто од акциите, но останатите им припаѓаат на многу други акционери, кои може да одлучат да ги продадат акциите и со таа одлука да ја променат сопственичката структура во компанијата. Дури и да сакаат да ги продадат акциите, сметките може да ги замрси контрапонуда на менаџментот на компанијата, со која би го спречила непријателското преземање.

Во исчекување на развојот на настаните, се плетат разни приказни која е заднината за преземањето на „Макпетрол“, а со тоа и можна промена на силите во нафтениот свет. Една од нив е дека од оваа операција најголема корист треба да имаат конкурентските нафтени компании, како што е на пример руската „Лукоил“, која влезе на македонскиот пазар непосредно пред „Макпетрол“ во 2007 година да ја формира спорната „Оилко“. „Лукоил“ порано најавуваше подготвеност да го откупи мнозинскиот пакет на акциите во „Макпетрол“, но на крајот од тоа ништо не бидна.

Во секој случај, корист од евентуалното неутрализирање и претопување на најстарата нафтена компанија би имале и, условно кажано, помалите нафтени фирми, кои ги го гледаат својот интерес за продор на пазарот. Несомнено дека една од нив е и „Пуцко Петрол“, која од година во година се повеќе ја ширеше мрежата на бензиски пумпи, влезе и во рафинеријата „ОКТА“, а стана и една од десетте компании која склучила најмногу зделки со јавните институции.


Исмаил Јахоски, градоначалник на Пласница
ДАЛЕКУ СМЕ ОД ПРВИ „ТЕНДЕРЏИИ“, НАСТАПУВАМЕ СО МИНИНАЛНА ДОБИВКА

Градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски вели дека „Пуцко Петрол“ не е меѓу првите компании, во конкуренција со другите нафтени фирми, кои добиваат тендери, особено според сумите што ги добиле за јавни набавки.

Има многу јавни набавки кои ги добиваме на ниски суми. Ние работиме со минимална добивка и затоа можеби добиваме тендери, бидејќи настапуваме со најповолна цена. Плус, големите нафтени компании не ни можат да ги задоволат вкупните потреби за нафта, па има простор и за помалите. Ние сме прва приватна нафтена комапнија, со 200 вработени, со бензиски пумпи низ цело Скопје, со модерни транспортери и складови. Ако ние продаваме 30.000 литри нафта годишно, има помали нафтени компании со само една бензиска станица кои продаваат и по 100.000 литри, но никому ништо – вели Јахоски.

Тој додава дека ретко на кој тендер настапил како единствен понудувач, туку најчесто имало конкуренција, иако самиот признава дека се дисквалификувале учесници.

Имало ситуации да се дисквалификуваат учесниците, но и да им се дозволи да учество на компании кои немаат соодветни лиценци. Нам еден период неосновано ни беше одземена лиценцата, што само говори дали и колку имам поддршка од власта. Напротив, јас сум имал проблеми и со компанијата, но и со општината која се соочува со блокирана сметка. Јас сум бил избиран со поддршка на повеќе партии, но никогаш не сум бил член и функционер на ниту една партија. Така е и денес! – истакнува Јахоски.


Јавно обвинителство
НЕМА НИКАКВА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ „ПУЦКО ПЕТРОЛ“

ДПА најавуваше дека до Јавното обвинителство ќе поднесе кривична пријава за сомнителни тендери на институциите раководени од ДУИ, пред се Министерството за одбрана со „Пуцко Петрол“. Но, на нашето прашање каков е епилогот во однос на оваа кривична пријава, од ЈО велат дека таква кривична пријава воопшто не пристигнала. Тоа значи дека обвинувањата повеќе биле во функција на предизборната кампања, отколку да се инсистира на правна разрешница. На крајот на краиштата, и единствената општина под контрола на ДПА – Студеничани, соработува со „Пуцко Петрол“.


Милосим Војнески, градоначалник на Македонски брод
ПРОДАЖБАТА НА ОБЈЕКОТ ВО ПЛАСНИЦА НА МИЛОШОСКИ Е ЗАВРШЕНА РАБОТА

Договорот за продажба на објектот каде е сместена Општина Пласница на Милош Милошоски, татко на пратеникот Антонијо Милошоски, за 30.000 евра е целосно реализиран, тврди градоначалникот на Македонски Брод избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Милосим Војнески.

Владата формираше комисија да го испита случајот, но немаше ништо спорно во продажбата, а тоа е потврдено и со правосилна судска пресуда – истакнува Војнески.

Поврзани новости