(АРХИВА) Како имот во Скопје ги поврзува фамилијата Кочан со државниот правобранител Стафа?

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 6 април 2022 година  во бројот 1383.

Државниот правобранител во изминатите месеци алармира до сите можни адреси дека конфискацијата од 17 милиони евра од бизнисменот Сеад Кочан е саботирана. Прстот на вина го вперува во повеќе инстанци, но најмногу се задржува на Обвинителството. „Фокус“, пак, дојде до сознанија според кои и постапувањето на правобранителството е ставено под лупа. Приказната ја зачинува и еден имот, кој, случајно или не, прави врска меѓу фамилијата Кочан и онаа на државниот правобранител.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Легендата вели дека во 2018 година еден бизнисмен добил ветување дека кога ќе заврши зад решетки, неговото богатство ќе остане на безбедно, односно нема да му биде конфискувано.

Даденото ветување, пак, наводно било условено со искористување на неговото влијание, а сѐ со цел поддршка на тогашни битни промени во државата. Или, што би рекол народот, паднал договор за „на ти го-дај ми го“.

Случајно или не, како што вели и легендата, оттогаш бројчаникот поставен на Триумфалната капија не успеа да сврти ниту денар од украдените пари, кои требаше да се вратат во буџетот.

Со ограда, дека сите сличности со претходно кажаното се можеби само случајни, како неуспешна конфискација се издвојува и онаа врз имотот на бизнисменот Сеад Кочан, осуден во случајот „Труст“, кој го застапуваше СЈО.

Тој заврши зад решетки, но државата не му зема ниту евро од 17-те милиони евра што требаше да се вратат во државното чекмеџе.

„Конфискацијата во кривичната постапка е многу важна и никој не може да ја задржи непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривично дело“.

Ова е изјава на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, но како што таа ја урна и последната надеж дека ќе има правда и мир, така остана недостижна и конфискацијата.

Изгледа, сепак, можело да се задржи имотот стекнат со кривично дело или од него да се офајдат други приватни компании и поединци, но не и државата!

 „ЗАСПАЛО“ ЛИ ДРЖАВНОТО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВО?

Пресудата за „Труст“ стана правосилна уште пред три години, а конфискацијата заглави попат. Пред половина година алармот го вклучува и Државното правобранителство, односно преку известувања испратени на речиси педесетина институции и функционери, реагираат да се изнајде начин за да се реализира конфискацијата, која според нив е саботирана. Оттаму прстот на вина го вперуваат во неколку институции, со главен акцент на Обвинителството.

И додека погледот е вперен во нив, „Фокус“ дојде до сознанија кои фокусот, сепак, го вртат и кон самото Државно правобранителство. Поточно, се наметнува прашањето, дали и оваа институција направила грешка во чекори, со што придонела кон целосната слика?

Поточно, се става под лупа улогата на правобранителството, враќајќи се кон крајот на 2019 година, во рамките на стечајната постапка, поточно на испитното рочиште одржано во Основниот суд Скопје 2.

Тогаш, според нашите соговорници, државниот правобранител требало да го оспори побарувањето на „Пуцко петрол“, кое го имало кон „Трансмет“, во вредност од 1,3 милион евра. Но, бидејќи тоа не било оспорено, дел од средствата што требало да се одлеат во државниот буџет, завршиле во „Пуцко петрол“.

Заклучокот дека Државното правобранителство можело да го запре извршувањето, но не го сторило тоа, го наметнува и Судскиот совет.

Имено, по испратен допис до оваа институција од правобранителството,  во октомври 2021 година, со кој се бара да се преиспита постапувањето на судиите во овој предмет, Судскиот совет се врти кон нив.

Првично се објаснува дека во рамките на стечајната постапка, по одржаното испитно рочиште судот донел решение во однос на оспорените и потврдените побарувања пријавени од доверителите, меѓу кои се набројува и компанијата „Пуцко петрол“.

„Видно од списите приложени кон предметот, Државниот правобранител не оспорил ниту едно побарување на разлачен доверител, иако имал законска можност за тоа“, се наведува во одговорот потпишан од Киро Здравев, член на Судскиот совет.

И нашите соговорници од Обвинителството велат дека нападот врз нив е најверојатно поради постапувањето на правобранителот во стечајот на „Трансмет“.

– Тој треба да каже зошто не го оспорил побарувањето на „Пуцко петрол“ за разлачно право од стечајната маса на „Трансмет“, иако стечајниот судија му укажал на правобранителот дека имотот врз кој се воспоставува заложното право е опфатено со пресудата за конфискација, велат нашите соговорници.

Според нив, доколку правобранителот реагирал, би се добил чист имот без товар.

СТАФА: НАШАТА РЕАКЦИЈА БЕШЕ НАВРЕМЕНА!

На прашањето на „Фокус“ испратено до државниот правобранител Фехми Стафа, зошто на ова рочиште не го оспориле побарувањето на „Пуцко петрол“ во 2019 година, туку реагира со поднесување на тужби, дури во 2021 година, правобранителот вели дека секоја нивна реакција била навремена.

Појаснува дека првичното вклучување на државното правобранителство во постапката е по барање на владата да се достави мислење по доставеното известување на еден извршител и откако Агенцијата за управување со одземен имот се произнела дека постои неможност за спроведување на конфискацијата.

– Државното правобранителство веднаш поднесе соодветни тужби пред граѓанските судови со кои се преземени мерки и активности за заштита на имотот. Во случајот треба да се имаат предвид две пресуди, и тоа од Основниот граѓански суд и од Апелација од 2021 година, во кои јасно е наведено дека штом во кривичната постапка не било барано да се прогласат сите правни дела како неважечки од моментот на стореното кривично дело, истите не можат да бидат прогласени како неважечки или ништовни во граѓанската постапка, ни изјави директорот.

На нашето прашање зошто, сепак, на рочиштето биле нем набљудувач, наместо да го оспорат побарувањето, Стафа вели дека во оваа постапка државниот правобранител учествувал како застапник по закон на Министерството за финансии – Управа за јавни приходи, по чија пријава поднесена е пријава за побарување.

-Во тој момент, ниеден друг орган нема поднесено барање до Државното правобранителство. Заштитник на конфискуваниот имот е Агенцијата за управување со одземен имот. Заштитник, пак, на имотот на стечајниот должник во случајот „Трансмет“ е стечајниот управител.

Тој истовремено ги има сите документи на сите доверители и истиот ги прифаќа или оспорува. Сите овие факти укажуваат дека државниот правобранител немал сознанија и не можел да знае и пријави стечајно побарување, прво без поднесено посебно барање со пријава и докази, вели Стафа.

Тој појаснува дека во конкретниот случај, во фаза кога им било признаено разлачното право на доверителот утврдена во Табела-шема од страна на стечајниот управител, правобранителството немало законски правен основ да ги оспорува признатите излачни и различни права на доверителите, бидејќи не била засегната страната што ја застапува во конкретниот случај.

– Доколку еден доверител застапуван од Државниот правобранител сметал дека треба да се оспори одредено побарување на друг доверител, требало да истакне барање до правобранителот со докажан правен интерес, како и да обезбеди доказ за обезбедување надоместок од штетата најмалку во износ од една петтина од висината на оспореното побарување. Во конкретниот случај, доверителот што е застапуван од правобранителството немал правен интерес за водење таква постапка, истакнува правобранителот.

ПО СВАДБА – ТАПАНИ

Но, нашиот соговорник од Обвинителството, кој бара да остане анонимен, вели дека правобранителот можел и морал да го оспори побарувањето, бидејќи имал правосилна одлука за конфискација во тој момент. Неговата надлежност, пак, се црпи од Законот за стечај.

„Секој доверител може да оспори побарување на друг доверител само доколку поднесе посебен приговор во рок од ставот (2) на овој член, со тоа што треба да го образложи правниот интерес и кон приговорот да достави оригинална или заверена исправа од нотар или друг доказ со кој го докажува своето тврдење.

Ако не постапи на овој начин, доверителот го губи правото да го оспори побарувањето на друг доверител во натамошниот тек на постапката за утврдување, како и правото да ја продолжи парницата што ја водел пред отворање на стечајната постапка“, пишува во Член 89, став 3.

За правобранителот Стафа воопшто нема дилема дека тој направил некаков пропуст. Тој фрла сомнеж врз самиот договор за плаќање на долгот кој „Трансмет“ го склучил со „Пуцко петрол“, непосредно пред отворањето на стечајната постапка, односно бил  солемизиран на 5 ноември 2018 година.

– Интересно е што за истиот ден било закажано рочиште за поведена пред стечај (претходна постапка) за испитување на условите за отворање стечајна постапка над стечајниот должник „Трансмет“, вели Стафа.

Според него, сѐ се движело експресно брзо, односно решението за наплата станало извршно по три дена, на 8 ноември, а по само пет дена, „Пуцко петрол“ поднел Барање за извршување до надлежен извршител.

– Во барањето не е наведено што конкретно се бара да биде предмет на извршување за наведениот долг, туку оставено е на извршителот да ги избира средствата за извршување. Извршителот го насочил извршувањето со налогот врз недвижност во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот, вели правобранителот.

Во 2021 година, правобранителот поднел тужба во судот за поништување на правните акти, односно спогодбата со која „Пуцко петрол“ се стекнал со разлачно право. Разлачно право е право на првенствено подмирување на доверителите од имотот во висина на долгот на должникот.

Но, според нашите соговорници од обвинителството, ваквата реакција е „по свадба – тапани“.

ИМОТ ГИ „ВРЗУВА“ КОЧАН И СТАФА

По сиот изваден извалкан веш, на сите чинители, за неуспешната конфискација, јавноста очекува да има институционална разрешница за тоа кој и колку згрешил.

Во обвинителството веќе се разгледува постапувањето на предметните обвинители, но, како што неофицијално дознаваме, во Управата за финансиска полиција веќе е отворен предмет за државниот правобранител Стафа.

Имено, се истражува имот што наводно ги поврзува фамилијата Кочан и правобранителот Стафа. Накратко, земјиште со куќа, која била во сопственост на братучед на Кочан, било продадено, а вториот сопственик му го подарил имотот на државниот правобранител.

„Фокус“ дознава дека станува збор за земјиште на катастарска парцела со број 2881/1, во катастарска Општина Бутел, на која член на семејството Стафа полага сопственичко право преку два имотни листа.

Според податоците од Катастар, земјиштето е со површина од 282 квадратни метри, на кое има куќа од 60 квадрати. Како косопственици на земјиштето се наведени  Џеват Кочан и Бетим Стафа, преку имотен лист 107619 . А, објектот, пак, самостојно го поседува Стафа, преку имотниот лист 9426.

Според сознанијата на „Фокус“, Џеват е во роднинска врска со бизнисменот Кочан, односно се братучеди, а Бетим е син на правобранителот. Колку и да е случајност, сепак, презимињата Кочан и Стафа на исто земјиште бодат очи.

Инаку, според податоците со кои располагаме, овој имот бил во сопственост на Џеват Кочан. Во 2020 година го продал на второ лице, а тоа, пак, следната година му го подарило на синот на правобранителот.

„Фокус“ го праша правобранителот како се стекнал со овој имот и објект, кој претходно бил во сопственост на братучед на бизнисменот Кочан?

– Во врска со вашите наводи за поврзаноста на семејството Кочан и правобранителот Стафа укажуваме дека се во целост неосновани и неточни. Не постои каков било договор или друг правен акт што го поврзува правобранителот Стафа со лицето Сеад Кочан, ниту, пак, постои имот кој е во споделена сопственост, ни одговори правобранителот.

Тој појаснува дека на градежната парцела за која пишуваме има две катастарски парцели.

– Едната е во сопственост на моето семејство, а втората е сопственост на прв сосед, лице што има презиме Кочан, но не е во релација со Сеад Кочан, тврди правобранителот.

КУЌАТА ПОРАСНАЛА, ПА ЗАТОА Е ВО ПОСТАПКА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА

На прашањето, пак, како се стекнал со овој имот, односно дали го купил или го добил на подарок, и зошто во Катастар е наведен објект од 60 квадрати, а на терен куќата е многу поголема, односно дали станува збор за дивоградба, Стафа вели:

– Катастарската парцела, односно имотот е стекнат врз основа на легитимен начин, со Договор за подарок од близок роднина на нашето семејство. Ве известувам дека со Договорот за подарок е пренесен и постоечки објект, со преносно право на легализација на дивоградба, која е во постапка за легализација, вели правобранителот.

Уште нешто што паѓа в очи е дека правобранителот овој имот не го пријавил во анкетниот лист, објавен на сајтот на Антикорупциска.

Поточно, како личен имот пријавил земјиште стекнато со купопродажба, вредно 4,6 милиони денари, заем во истата вредност, како и кредит од над 2,1 милиони денари.

Стафа, пак, вели дека целиот имот е пријавен во анкетниот лист доставен од страна на државниот правобранител до ДКСК.

„Фокус“ побара одговор од антикорупциска дали Стафа до нив доставил нов анкетен лист, но до затворањето на неделникот не добивме повратен одговор.

Случајот со конфискацијата на имотот на „Трансмет“ уште еднаш докажа дека правосудниот систем сѐ уште клечи на колена и никако да се исправи. Од друга страна, пак, се случуваат толку многу „случајности“, за да се прифатат како случајни.

Фактите говорат дека сите си ја префрлаат топката едни на други, а државата е со празни раце. Затоа, поверојатно е Кочан набргу да излезе на слобода, отколку да се открие кој ја саботираше конфискацијата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости