(АРХИВА) Како „Дуќанџик“, „Беланоца“ и другите семејни кланови и нарко-картели влегоа во крвава војна до истребување?!

by fokus

Текстот е објавен на 15 март 2023 година во неделникот Фокус со број 1432

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

„Фокус“ прави хронологија како почнале убиствата меѓу некогашните ортаци, кои преку ноќ станаа смртни непријатели. Во меѓувреме, никој не знае дали и кога ќе исчезне пизмата меѓу бандите на Скопје, мотивирани од крвна одмазда, како и за позиционирање на црниот пазар со дрога, лихварство, изнуда…

„Масакрот на Денот на вљубените“ е назив даден за убиствата во 1929 година. Тогаш во Чикаго биле убиени седум мажи, членови на бандата од Северната страна, во периодот на прохибицијата.

На тој 14 февруари дошло до судир меѓу ирско-американска банда и италијанската банда од Јужната страна, предводена од Ал Капоне. Тогаш тој се обидуваше да ја преземе контролата врз организираниот криминал во градот и да ја спречи бандата предводена од Џорџ „Багс“ Моран.

Ги убија четворица мажи, двајца облечени во одела и вратоврски и двајца маскирани како полицајци. Петмина од убиените работеа за Моран.

Самиот Ал Капоне, познат по прекарот „Лице со лузна“, отпатувал во Мајами неколку дена пред убиството. Иако сите знаеја кој стои зад овој напад, Ал Капоне имаше солидно алиби и никогаш не беше обвинет за масакрот на Денот на вљубените.

Ист број мажи, четворица, облечени во црна облека и маскирани со фантомки, на 6 март влегоа во кафулето „Шиша бар“ под скопско Кале.

Се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат од кафулето и влегле во „мониторинг“ салата. Викнале „рација“ и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на три лица.

Најголем дел од куршумите завршиле во еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.

Излегле од кафулето и избегале со автомобил „ауди А6“. Возилото го запалиле на улицата Вашингтонска во Шутка, а таму била најдена само регистарската табличка од автомобилот, која, се разбира, била лажна.

Од улицата каде што е најден автомобилот за бегство, напаѓачите на Кривањева можеле да стигнат брзо до скопската обиколница или до Визбегово и патот кон Блаце, односно се на половина час возење до Косово.

Но, засега нема ниту трага, ни глас од убијците. Ова останува уште една нерасветлена пресметка на скопското подземје во мафијашки стил. А таму, два кланови се главни.

Дуќанџиќ“ – името го добила од скопското маало во близина на Бит-пазар и пластичарската улица, од каде што е водачот на оваа група, која кохабитира со лица и од други скопски населби.

Беланоца“ – името го добила според кумановското село Белановце, кое на албански се вика Беланоца, од каде што потекнуваат основачите на овој клан и нивните наследници.

Своевремено, овие кланови не постоеле, бидејќи целото подземје било на купче. Арно ама, односите меѓу неговите водачи се нарушуваат, што го отвора кругот на меѓусебни убиства, кои траат до ден денес.

Низ годините така се раѓаат повеќе групи што го бараат своето место под криминалното сонце, така што тие склучуваат сојузи со други групи во битката за превласт со конкурентите.

„Фокус“ прави хронологија на настаните – кога и зошто почнале убиствата меѓу некогашните ортаци, кои станаа смртни непријатели, мотивирани од крвна одмазда, како и за позиционирање на црниот пазар со дрога, лихварство, рекет…?

ЈУЛИ, 2009 – УБИСТВО НА АГИМ ШЕРИФИ

Неколку престрелки низ Скопје во каубојски стил, како онаа на бензинската „Макпетрол“ во Сингелиќ од 2003 година, кога беа убиени Имер Красниќи и Петар Милошески, навестија дека се разгоруваат битките за што подобро позиционирање во подземјето.

Арно ама, во јули 2009 година се случува убиство, кое се смета за вовед во дведецениската пресметка меѓу „Беланоца“ и „Дуќанџик“.

Со куршум во главата, фрлен на депонија на патот од Арачиново кон Куманово, најден е мртов Агим Шерифи од Синѓелиќ, вујкото на Орхан Бајрами – Оки, сегашниот неформален лидер на групата „Дуќанџик“.

Шерифи и Џелал Ајети познат како Џељо создаваат моќна криминална нарко-мрежа во деведесеттите години на минатиот век, која се занимавала и со рекет, лихва. Упатените велат дека Шерифи во тоа време бил главен, мозокот на групата, додека браќата Ајети биле силата.

Шерифи бил импресиониран од филмот „Лице со лузна“, па многумина го нарекувале скопскиот Тони Монтана. Гостите во луксузната куќа во Синѓелиќ ги пречекувал на сличен начин како Монтана одигран од Ал Пачино, во амбиент каде што доминирала виолетовата боја, но не недостигала ниту белата.

По десетина години соработка, двајцата партнери стануваат ривали на пазарот. Шерифи е најден мртов под мистериозни околности. Групата „Дуќанџик“, потоа предводена од Бајрами – Оки, внук од сестра на убиениот Шерифи, долг период се сомневаше дека позади ликвидацијата стои Ајети поради несогласувања при давање лихва во казината во Скопје.

Исто така, се раскажува уште една теорија. За време на конфликтот во 2001 година, Џељо бил приведен од полициски специјални, поради сомнеж дека ги финансирал УЧК. Наводно, тој се сомневал дека дојавата стигнала од Шерифи, поради што одлучил да го ликвидира многу години подоцна.

Како и да е, тогаш се диференцира и издигнува „Дуќанџиќ“, која почнува да склопува сојузи со групи од други делови на Скопје, додека таборот на браќата Ајети продолжуваат да дејствуваат како клан „Беланоца“, со база во Сингелиќ и Арачиново.

НОЕМВРИ, 2013 – УБИСТВО НА ЏЕЉО АЈЕТИ

Неколку години подоцна, односно во ноември 2013 година, ликвидиран е и Џелал Ајети од Синѓелиќ, што беше вовед во целосно обезгласувањето на „Беланоца“.

Маскирано лице влезе во неговата чајџилница „Кај Џељо“ во Ченто и со калашников испука 30 куршуми во него, додека Ајети седел на маса со уште три лица.

На истото место, три години претходно беше убиено петнесетгодишно момче, внук на Џељо, кој таму работел како келнер. Тогаш, полицијата се сомневаше дека момчето било случајна жртва, а цел на нападот бил Џељо.

Името и групата на Ајети се врзуваа и за сѐ уште нерасветленото убиство на скопскиот угостител Миле Петковиќ-Брус, кој беше убиен пред неговиот ресторан во скопско Маџари, во август 2005 година.

Неговата сопруга јавно говореше дека убиството на Брус е одмазда за смртта на братот Џељо Ајети – Неџмедин Ајети, кој беше застрелан во вооружена престрелка меѓу него и зетот на Петковиќ во ресторанот „Кај Брус“.

Расчистувањето стари сметки со лутите ривали од скопското криминално подземје продолжи по скопските кафулиња, особено откако на сцената се појави Кољо Николовски, познат како Кољо Американац.

Во март 2008 година, гостите во кафулето „Тренд“ беа сведоци на судирот меѓу групите на Ајети и Кољо. Судирот меѓу нив кулминираше со директна пресметка во кафулето „Инсомнија“ во ГТЦ.

Случајната средба меѓу масите заврши со тепачка и вооружена пресметка меѓу Ајети и Николовски, при која Американецот заработи прострелна рана во раката, а другата страна го извлекла подебелиот крај во физичката пресметка.

Остана запаметено и неговото вешто бегство од домот во Ченто, и покрај тоа што неговата куќа беше опколена од специјални полициски единици при обид за негово приведување.

Но, блиска средба со полициските специјалци на МВР, Ајети имаше на почетокот на вооружениот конфликт во земјава. Тогаш при пружање отпор во полициска акција и при обид да нападне полицајци, Ајети беше претепан од специјалците на МВР по што се жалеше за странски медиуми.

Против него имало поднесени 18 кривични пријави. Убиство од небрежност, учество во тепачка, загрозување со опасно орудие, насилство – се само дел од кривичните дела за кои се гонел.

На крајот, тој почина како слободен човек, откако претходно можеше да се види во друштво на многу видни луѓе од македонското политичко и бизнис-милје.

СЕПТЕМВРИ, 2018 – УБИСТВО НА НАИМ АЈЕТИ

Пет години по убиството на Џелал Ајети, ликвидиран беше и неговиот брат, кој го наследи на чело на групата – Наим Ајети. Тој беше изрешетан со калашников во центарот на Скопје, на улицата Рузвелтова по филмска бркотница со возила.

Нема да се предадеме никогаш, има уште многу за војување“, се заколнаа неговите следбеници на неговиот гроб.

По убиството на Наим Ајети, доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните.

Во меѓувреме, склопува пакт со групата Грчец, предводена од Муареми Шеваљ, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела.

Сепак, Шеваљ останат недопрен. Во тој период излегуваа снимки како се забавува во Шпанија, во друштво на фудбалерот Лионел Меси. Легендите велат дека секогаш знаел навремено да се дистанцира поради информациите од добри дојавувачи.

На некој начин, сојузот „Дуќанџик-Грчец“ природно се наметнува, ривалска група на Грчец од Кондово на Агрим Красниќи, заедно со таканаречената бутелска група на Бедри Бериша, секогаш инклинирала кон „Беланоца“, која во меѓувреме ја презема Фатљум Ајети -Тоте, син на покојниот Џељо.

Меѓутоа, како што велат познавачите, групата од Грчец се занимава исклучиво со „бизнис“ и се држи настрана од крвавите пресметки меѓу „Дуќанџиќ“ и „Беланоца“, поради кои двата клана значително се ослабени, па групата на Шеваљ моментално се смета за доминантна.

МАЈ, 2021 – УБИСТВО НА КАМЕР ИДЗИРИ

Во декември 2019 година, во престрелка во хотелот „Александар палас“ во Скопје, членови на групата „Дуќанџик“ и „Грчец“ се таргет на сојузот „Беланоца-Кондово“.

Тогаш, маскирани напаѓачи стрелаа кон групата во која беа членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“. Поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил, кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите.

Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а немаше сериозно повредени. Случајот, како по обичај, не беше расветлен.

Две години по нападот во хотелот „Александар палас“, ликвидиран беше Камер Идризи од групата „Бундес“, кој заедно со членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“ беше цел на напад во скопскиот хотел. Од возило во движење испукани биле повеќе рафални истрели кон „Голф“ на паркинг во Бутел.

Во возилото бил тогаш четириесет и тригодишниот Камер, заедно со дваесет и двегодишен роднина од Арачиново. Кон Идризи биле испразнети рамки од автоматско оружје и испукани 90 куршуми.

По само една година, ликвидиран е братот на Камер – Јонуз Идризи. Најстариот брат беше убиен во чајџилница во близина на училиште во населбата Чаир.

Лицата, кога влегле во чајџилницата, почнале да пукаат кон една од групите што седела на маса. Во нападот убиен е само Идризи, додека други две лица се ранети.

МАРТ, 2023 – УБИСТВО НА ЈЕТОН КРИВАЊЕВА

На 6 март 2023 година, убиен еден од главните водачи на „Дуќанџиќ“ и близок соработник на Бајрами – Оки – Јетон Кривањева – Жила, заедно со Енес Ибраимов – Лаци.

Соговорниците на „Фокус“ коментираат дека последните три ликвидации во кои се убиени припадници на групите „Бундес“ и „Дуќанџиќ“ имаат заеднички нишки во времето и начинот на извршување.

Трите ликвидации на браќата Идризи (Камер и Јонуз) од група „Бундес“, како и на Кривањева и Ибраимов од „Дуќанџик“ се извршени ноќ пред исламските верски празници

  • 12.5.2021 – Рамазан Бајрам. Убиен – Камбер Идризи од група „Бундес“.
  • 25.4.2022 – Qadr Night. Верниците сметаат дека на оваа ноќ гревовите се простуваат. Убиен е Јонуз Идризи од „Бундес“ .
  • 06.3.2023 – Mid-Sha’ban. Се смета за ноќ кога Алах може да им прости на грешниците и се организираат молитви за прошка од Алах за починатите предци. Убиени се Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов – Љаци од „Дуќанџик“.

Начинот на извршување е ист. Неколку маскирани лица, извршители кои настапуваат како припадници на специјални сили. Според полициски извори, користат логистика на лица кои возат веспи или мотори и ги следат таргетите.

По влез во објект, говорат на релативно чист македонски јазик – “Стој, полиција“, не мрдајте”. Убиството е со рафално пукање во глава. Свирепоста укажува дека се испраќа порака. Притоа, атентаторите се хируршки прецизни, добро ги познаваат жртвите и пукаат само во нив.

Користат АК 47 – калашников, кое никогаш не е оставено ниту кога е запалена колата при бегството. Користат иста маршрута на бегање кон Шутка или близина на Визбегово за кон Качанички пат.

МНОГУ ОСОМНИЧЕНИ, НИТУ ЕДЕН ОСУДЕН

„Секој оној што се занимава со криминал ќе мора да носи одговорност за сето она што ќе го направи, а македонската полиција е тука и бурно ќе стои на браникот на безбедноста и сигурноста“, изјави по убиството,  министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој кажа дека истрагата треба да утврди дали двојното убиство во „Шиша бар“ е пресметка во рамки на една криминална структура или со други криминални групи.

Според информациите на „Фокус“ на списокот за редовна контрола и претрес на безбедносни интересни лица кои се спроведуваат од единицата „Тигар“ во содејство со СВР Скопје од вкупно 49, дури 47 лица се припадници на картелите „Дуќанџик“, „Грчец“, „Бундес“. Но, тука ги нема членовите на групата „Беланоца“, „Кондово“, како и на една неформална група што се издвојува.

Станува збор за групата „Барон“, која, според сознанијата на „Фокус“, е релативно нова. Таа се „брендирала“ според кафуле кое се наоѓа во Чаир. Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци кои се борат да земат дел од криминалниот пазар.

Инаку, синот на Џелал Ајети, Фатљум Ајети – Тоте, како и Бедри Бериша од „бутелската група“ моментално се во затвор. Но, аналитичарите велат дека не ги амнестира од потенцијална одговорност за последното двојно убиство, бидејќи алатките за комуникација не се прекинати, а често се користат платеници од Косово, Германија и други држави.

Од она малку што го кажа шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, станува збор за борба за нарко пазарот. Патем, тој не спомена еден друг очигледен елемент – крвната одмазда.

-Органите на откривање и органите на прогон работат на повеќе аспекти и повеќе размислувања – зошто е дојдено до тој настан од аспект и на тоа кои се лицата кои се жртви, зошто некој би имал мотив овие лица да ги лиши од живот и криминалистички се обработува во повеќе насоки.

Во овој момент не можам повеќе да кажам освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на нарко-пазарот кој очигледно е многу важен за таквите структури – изјави Бубевски.

Во дведецениската војна меѓу криминалните картели не е расчистено ниту едно убиство. „Фокус“ испрати прашања до Јавното обвинителство до каде се истрагите за сите овие убиства?

„Надлежните јавни обвинители ги издаваат сите потребни наредби и насоки за откривање на сторителите на кривичните дела. Утврдувањето на идентитетот на сторителите е во надлежност на Министерството за внатрешни работи како орган кој е надлежен за откривање на кривични дела и сторители. Веднаш штом ќе бидат откриени сторителите, обвинителството, согласно своите надлежности, ќе преземе кривичен прогон“, ни рекоа од ЈО.

И до МВР пративме прашање до каде е утврдувањето на идентитетот на виновниците за крвавите ликвидации меѓу скопските банди, но од таму не добивме никаков одговор.

Поврзани новости