Текстот е објавен на 07 мај 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1283.
Градежната компанија „Бауер БГ“ деновиве повторно стана актуелна во јавноста, откако доби драконска казна од 88.000 евра за истурање на градежен шут во депонијата Вардариште.
Се работи за компанија која стана позната по соработката со јавни институции за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, пред се со Градот Скопје на чело со Коце Трајановски, но оваа соработка продолжи и откако на власт дојде СДСМ, се до моментот кога фирмата доби едногодишна забрана за учество на тендерски постапки.
Во периодот на 2020 година, пишувавме дека газдите на исклучената компанија, преку друга фирма – „Енергоинвест“, склучија договор со Агенцијата за млади и спорт за изградба на 5 затворени базени вредни над 3 милиони евра. Набргу потоа, пак, веднаш по истекот на забраната за учество на тендерски постапки, „Бауер БГ“ склучи договор со истата инсттиуција за изградбата на кошаркарски игралишта, и тоа по вторпат, откако првиот пат постапката била поништена.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Поради пандемијата на корона-вирусот, властите презедоа низа рестриктивни мерки во однос на движењето и работењето на граѓаните и компаниите, што автоматски предизвика негативни последици врз бизнисот и стопанството. Од тие причини, владата во неколку етапи издвојува милионски средства за помош на погодените субјекти, со цел полесно да ја пребродат економската криза.
За да се обезбедат потребните средства, покрај обезбедување на свежи пари по пат на задолжување на надворешниот и домашниот пазар, неопходно е да се посегне и кон мерки на штедење и редистрибуција на постоечките средства. Па, затоа се кратеа сите непотребни трошоци, додека истовремено заштедените средства се ставаа во функција на неопходните потреби на државата.
Во таа насока, на институтциите им се забрани набавка на мебел, опрема и возила, се скратија средствата за реклами, спонзорства и репрезентација, беа стопирани постапките за вработувања во јавниот сектор… Воедно, беше најавено кратење на платите, така што првичната идеја да се опфати цела администрација потоа се сведе само на функционерите, меѓутоа од тоа не испадна ништо поради одлука на Уставниот суд.
Во ваков амбиент, Агенцијата за млади и спорт периодов комплетираше проект за изградба на баскет-игралишта во вредност од над 400 илјади евра, кој следува брзо откако истата институција потроши 4 милиони евра за изградба на затворени базени. Згора на тоа, од двете зделки најмногу профираат исти лица преку различни компании, кои вешто ги совладуваат препреките на патот до јавните пари.
ДВАЈЦА СОПСТВЕНИЦИ И 2 КОМПАНИИ
Како што пишуваше „Фокус“ пред извесно време, Агенцијата за млади и спорт предводена од директорот Дарко Каевски, кој воедно е претседател на младинската организација на најголемата владејачка партија – СДСМ, спроведе тендерска постапка за изградба на затворени базени низ државата. Поточно, станува збор за изградба на 6 базени, чија вкупна вредност изнесува околу 4 милиони евра.
Со исклучок на базенот во Тетово, сите останати во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево ги гради компанијата „Енергоинвест Трејд“ за сума од 3,2 милиони евра. Се работи за компанија, која првично била основана за трговија на мало со леб, пецива, колачи и слатки, па по неколку промени на основната дејност, пред неколку години се трансформира во градежно друштво.
Како што е веќе познато, оваа компанија е во сопственост на браќата Горан Димитров и Благој Димитров, кои истовремено се газди и на далеку попознатата „Бауер БГ“. Колку за потсетување, оваа градежна компанија се етаблираше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога најмногу соработуваше со Град Скопје предводен од ексградоначалникот Коце Трајановски, но соработката меѓу двете страни не престана, ниту откако прв човек на Градот стана Петре Шилегов од СДСМ.
Но, за време на постапката за затворени базени, „Бауер БГ“ не смееше да учествува на тендери, бидејќи тогаш имаше важечка негативна референца. Сепак, тоа не ги оттргна браќата Димитрови од овој јавен проект, со оглед дека тие добија најголем дел од предвидените средства преку нивната друга компанија – „Енергоинвест Трејд“. Исто така, оваа компанија добила и други тендери во изминатиов период, чија вкупна вредност надминува 5 милиони евра.
ПОНИШТЕНА ПОСТАПКА
Откако владата на почетокот на годинава определи половина милион евра за реализацијата на првата од трите фази за изградба на баскет-игралишта, надлежната Агенција за млади и спорт на 2 февруар објавила оглас за изведба 10 игралишта, чиј краен рок истекувал на 20-ти истиот месец. Сепак, оваа постапка била поништена пред да бидат склучени договорите со најповолните понудувачи, бидејќи биле утврдени „битни пропусти и недостатоци во тендерската документација“.
Арно ама, доколку се спореди тендерската документација и предмер-пресметките на двете посебни постапки, се доаѓа до заклучок дека речиси нема никаква разлика, со оглед дека идентични се сите клучни услови на економската и техничката способност во однос на потребен обрт на средства, вработени итн. Во тој контекст, и во двете постапки важи условот за годишен обврт од 40 милиони денари. Дури, и параметрите од техничката спецификација се идентични.
Сепак, од Агенцијата навеле и дополнителна причина за поништувањето на постапката. По спроведувањето на електронското наддавање, Комисијата формирана за спроведување на јавната набавка увидела дека е направена грешка со тоа што кај економскиот оператор „Кооп Инженеринг“ од Куманово не била пресметана аритметичка грешка на понудената цена, што, според Комисијата, влијаело врз исходот од целокупната постапка за јавна набавка.
Како и да е, веќе на 9-ти март АМС објавил нов оглас за изградба на десетте баскет-игралишта, чиј краен рок овојпат истекувал на 25 март. За разлика од претходната постапка, оваа завршила успешно, со тоа што на на крајот биле склучени договори со 3 компании во вкупен износ од 400.000 евра, што е за околу 100 илјади евра помалку од проценетата вредност на набавката.
ЕЛИМИНИРАНИ КОМПАНИИ
Според сознанијата до кои дојдовме, 8 компании доставиле првична понуда, меѓутоа две од нив биле дисквалификувани во фазата на евалуација. Една од нив е веќе спомената „Кооп Инженеринг“, поради која, меѓу другото, била поништена првата постапка. Наспроти тоа, во успешната тендерска постапка оваа компанијата не ни дошла во позиција да се натпреварува, бидејќи отпаднала во фазата на евалуација.
Како што констатирала комисијата, образецот на понудата и предмер-пресметката биле потпишани со невалиден сертификат. Поинаку кажано, носител на дигиталниот сертификат не бил овластениот потписник на правното лице или друго овластени лица, ниту пак, тој бил издаден од некој од регистрираните издавачи – Телеком или КИБС. Индикативно е тоа што во првата постапка не бил утврден проблем со дигиталниот серфитикат на компанијата.
Во секој случај, заедно со „Кооп Инженеринг“ била дискфалификувана уште една компанија. Станува збор за „Инком Инженеринг“, која не го исполнувала условот за извршените работи во последните 5 години, кога, според пропишаните услови, економските оператори морало да имаат најмалку 2 реализирани договори за изградба или реконструкција на спортски објекти. Односно, компанијата доставила 3 договори, но тие биле не докажувале „квалитетно и навремено извршување на работите на завршен спортски објект“.
Така, квалификацискиот филтер го минале 6 компании, при што 3 успеале да изпаднат како победници на еден или неколку од 7-те лота. Поточно, по 3 дела од набавката добиле „Бауер БГ“ и „Конструктор“, додека еден лот земала „Битем“. Како што дознаваме, во сите 7 издвоени аукции учествувале и градежните компании „Стентон Градба“ од Битола, „Изолација Исмаил“ и „Жикол“ од Струмица, а особено интересно е тоа што струмичката компанија првично имала најниски цени за сите игралишта.
ДОГОВОР ПО ИСТЕКОТ НА ЗАБРАНАТА
Според висината на склучените договори, преднични „Бауер БГ“, пред се поради тоа што ќе ги гради 4-те баскет-игралишта во Скопје (Карпош, Кисела Вода, Аеродром и Чаир) за 146 илјади евра. Исто така оваа компанија ќе ги гради и игралиштата во Штип и Крива Паланка за сума од по 40 илјади евра. Оттука, компанијата од овој тендер вкупно ќе инкасира 225 илјади евра, што е повеќе од половина од неговата вкупна вредност.
Инаку, ова е прв јавен проект за „Бауер БГ“, по едногодишната забрана за учество на тендерските постапки, изречена од Министерството за образование и наука. Како што нè известија од МОН, во март минатата 2019 година ѝ издале негативна референца на компанијата со времетраење од една година поради неквалитетно и ненавремено извршување на договорот за изградба на ОУ „Димитар Македонски“ во Аеродром.
Од таа гледна точка, забраната за учество на тендерски постапки за „Бауер БГ“ истекувала во март годинава, токму кога бил објавен вториот оглас за иградба на баскет-игралиштата, откако првата постапката била поништена. Од Бирото за јавни набавки нè информираа дека забраната на „Бауер БГ“ истекувала точно на 11 март, или само десетина дена пред истекот на рокот во кој можела да поднесе првична понуда, со која би го започнала негативното наддавање доколку ја мине фазата на евалуација.
Кога сето тоа ќе се земе предвид, испаѓа дека „Бауер БГ“ ќе немала можност ниту да се натпреварува за овој тендер, доколку бил успешно комплетиран во првиот обид во февруари, кога компанијата сè уште имала активна забрана за учество на постапки. Меѓутоа, дали Димитрови учествувале и на поништената постапка со „Енергоинвест Трејд“? И дали оваа компанијата немала солиден пласман на одделните аукции, пред да биде прекинат процесот?
ДЕЛОВНА ТАКТИКА?
Документацијата што ја обезбедивме открива дека на 3 аукции во рамки на повторената постапка „Бауер БГ“ водел мртва трка со компанијата „Конструктор“. Во поткрепа на тоа, „Бауер БГ“ за игралиштата во Скопје понудил пониска цена од 2.000 евра во споредба со „Конструктор“. Уште помала е разликата за игралиштата во Крива Паланка и Штип, за кои „Бауер БГ“ понудил само петстотини евра помалку од „Конструктор“.
Од друга страна, пак, во негативното наддавање за игралиштата во Куманово, Охрид и Дебар, кои ќе ги гради „Конструктор“ за вкупно 141 илјади евра, компанијата водела битка со други компании, но не и со „Бауер БГ“. Имено, во овие наддавања „Бауер БГ“ не ја спуштал цената како во постапките каде победил, така што компанијата за едни игралишта понудил цени од околу 2 милиони денари, додека за други игралишта, со исти карактеристики, останал на 3,5 милиони денари.
Ако „Бауер БГ“ стана добро позната во јавноста, тогаш се поставува прашањето која е „Конструктор“? Според податоците од Централниот регистар, сопственици на „Конструктор“, формирана во 2006 година, се Рената Ивановска, Сашо Ивановски и Јовица Ивановски. Оваа компанија неодамна склучила два високи договора за јавна набавка, при што едниот е со владината Служба за општи и заеднички работи за реконструкција на хангар за авион во вредност од скоро 640 илјади евра.
За разлика од останатите економски оператори, „Конструктор“ нема да ги гради игралиштата самостојно, туку во соработка со уште една скопска градежна компанија – „Сандра Инженеринг“ на Боже Шекуткоски. Оваа компанија најмногу соработува со Општина Карпош, но најголемиот договор за јавна набавка компанијата го склучила токму со Агенцијата за млади и спорт, кој се однесува на реконструкција на спортската сала во Неготино во износ од 174 илјади евра.
ТЕНДЕРИ ВЕДНАШ ПО ФОРМИРАЊЕТО
И последно, еден од 7-те дела од тендерот за изградба на баскет-игралишта добила компанијата „Битем“, која ќе го гради игралиштето во Прилеп за 44 илјади евра. Во споредба со останатите, оваа е најмлада копанија, ако се знае дека е формирана во 2016 година од страна на Кирил Лазаров. Веднаш по формирањето, компанијата почнува да добива тендери, кои се зголемуваат од година во година.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, неколку месеци по формирањето „Битем“ склучила договор со Општина Ѓорче Петров за зимско одржување на патишта вреден 649 илјади денари. Се разбира, тоа е незначителна набавка, но тенденцијата покажува дека бројот на тендери за оваа компанија, како и нивната вредност растат, така што од 2017 година досега, склучени се дваесетина договори, чија вкупна вредност изнесува 2,7 милиони евра.
Што се однесува до оваа 2020 година, компанијата на Лазаров склучила договор со ЈП за државни патишта за изградба на заштитна ограда на обиколницата во Битола во вредност од 593 илјади евра. Во претходната 2019 година, пак, компанијата склучила договор со Град Скопје за партерно уредување на централното подрачје во главниот град вреден 540 илјади евра. Во склучените договори стои дека и во двете набавки скопската компанија влегува во партнерство со хрватски „Бетон Лучко“.
Настрана прашањето колку е неопходно, па дури и пристојно да се потрошат 400 илјади евра буџетски средства за игралишта во време вонредна состојба и економска криза, кога владата вели дека сите пари се важни, крајно симптоматично делува фактот што овој тендер е распишан по втор пат, и тоа само десетина дена откако компанијата што најмногу профитирала од него добила можност да учествува во постапката.
Димитрови без коментар
ДАЛИ УЧЕСТВУВАЛЕ И НА ПОНИШТЕНАТА ПОСТАПКА?
До „Бауер БГ“ и „Енергоинвест Трејд“ во сопственост на Димитрови упативме неколку прашања во врска со тендерските постапки за баскет-игралишта, но до затворањето на весникот не добивме никакви одговори.
Од Агенција за млади и спорт тврдат
НЕМА НИШТО СПОРНО ВО ТЕНДЕРОТ!
Од Агенцијата за млади и спорт велат дека откако избила пандемијата со корона вирусот ги стопирале сите капитални проекти што биле во план да се реализираат, освен тие што биле започнати како што е изградбата на баскет-игралишта.
Од АМС истакнуваат дека првата постапка била поништена поради аритметичка грешка во понудата на една од компаниите, па биле запазени сите законски рокови да распишување на втората постапка.
Од таму тврдат дека нема ништо спорно, ниту во поништување на првата, ниту во изборот за најповолни понудувачи во втората успешна постапка.
Други неуспешни постапки
АМС ГИ ПОНИШТИЛА ТЕНДЕРИТЕ ЗА ОБЈЕКТИТЕ ВО КУМАНОВО
Речиси истовремено со проектот за изградба на 10 баскет-игралишта, Агенцијата за млади и спорт распишала постапки и за реконструкција на спортската сала во Куманово, спортското игралиште со трибини во Куманово и на повеќенаменското игралиште во Липково, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Но, и овие постапките биле поништени, со образложение дека тендерската документација содржи битни пропути (во првиот случај) или дека не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда (во вторите два случаи).
Нешто порано, Агенцијата успешно спровела постапка за реконструкција на фудбалскиот стадион во Велес, за што склучила договор во вредност од 195 илјади евра со велешката „Делта Пром Инг“, со која претходно бил склучен договор во ист износ за реконструкција на стадионот во Кавадарци.