Текстот е објавен на 22 декември 2022 година во неделникот Фокус со број 1.420.
Откако СДСМ претрпе пораз на последните локални избори, дотогашниот партиски лидер и премиер Зоран Заев се повлече од двете функции и му отстапи место на Димитар Ковачевски. Заедно со Заев се повлече речиси цела дотогашна политичка елита на СДСМ, при што дел од главните сдсмовски играчи целосно се повлекоа од политиката, а други се повлекоа од партиското раководство, но задржаа позиции во владата. Меѓу оние што заминаа заедно со Заев беше и дотогашниот министер за здравство и потпретседател на СДСМ, Венко Филипче, кој сега повторно политички се реактивира како носител на пратеничка листа на СДСМ во четвртата изборна единица, каде влегува и бастионот на Заев – Струмица. Пред повеќе од една година, „Фокус“ пишуваше кој пат го фатија некогашните министри, при што Заев тврдеше дека нема да ѝ се врати на политиката, а Филипче не ја исклучи таквата можност, велејќи дека се уште се чувствува млад.
Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Пред точно една година, Зоран Заев ја депонираше оставката во Собранието и формално се повлече од премиерската, но и од лидерската функција во партијата. Оставката ја поднесе по исходот од локалните избори, кога поголем дел од општините ги освои опозицијата.
„Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредности во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било да продолжам да ја водам владата на евроатлантскиот пат“, напиша Заев во писмената оставка поднесена во Собранието.
Од тогаш тој ретко се појавува во јавноста, единствено за своите активности и ставови објавува на социјалните мрежи. Сепак, Заев не исчезна целосно од јавноста како неговиот претходник Бранко Црвенковски.
Во март, на дипломатскиот форум во Анталија најави дека ќе формира фондација, а веќе во јуни заедно со брат му Вице Заев, во Централниот регистар ја регистрираа „Фондација Заев – едно општество за сите“.
Сопственици на фондацијата се Зоран и Вице Заеви со основна главнина од 20 илјади евра. Во регистрацијата пишува дека фондацијата ќе врши дејности и активности за унапредување, поддршка и развој на општеството, јавното здравје, едукацијата на млади, заштита на животната средина, спортот, културата, уметноста и деловната заедница Струмица.
Поранешниот премиер, кој сака да остави впечаток дека е „аут“ од партијата, на својот фејсбук-профил се претставува како општественик, економист, социјалдемократ и поранешен премиер на Северна Македонија.
Редовно објавува што и кому донирала неговата Фондација, а некогаш ги изразува и своите ставови за одредени политички прашања. Притоа, цело време лебди прашањето дали на тој начин се подготвува на враќање на голема врата во политиката?
ЗАЕВ Е КОМЕРЦИЈАЛИСТ ВО СЕМЕЈНИТЕ ФИРМИ
Инаку, неодамна, една од компаниите за одгледување медицински канабис, која беше во сопственост на братучедите на Заеви – „Фарма Медика Канабис“, излезе од овој бизнис, односно остана без лиценца. Наводно, тоа се случило на нивно барање, бидејќи немале потреба од овој капацитет.
Според официјални податоци, оваа компанија е во сопственост на Бобан Заев, Катерина Бојовиќ-Заева и Трајче Заев, кои имаат релации со уште една компанија за медицинска марихуана, која, пак, активно функционира – „МАМ Свети Николе“.
Откако пропадна канабис-револуцијата на Заев, а енергетската дејност во изминативе години се трансформираше во високопрофитен бизнис, семејството Заеви се ориентираше кон струјата.
Брзо откако Заев ја напушти премиерската функција, неговиот тогаш осумнаесетгодишен син Душко Заев регистрираше компанија за производство на струја со назив „Тотал Енерџи“.
По синот на Заев, ваква компанија формираа и братот и таткото на Зоран Заев. Управител на новата фирма за производство на струја „Солар грин енерџи“ е Вице Заев, а сопственик е таткото на Вице и Зоран, Панче Заев.
– Како семејство планираме инвестиции и во фотонапонски централи и користење на сончевата светлина, покрај редовните дејства што ги работиме. Произведената електрична енергија лесно може да се продаде на која било од десетте трговски компании што откупуваат електрична енергија во Северна Македонија – рече Заев во една изјава за медиумите.
Сепак, Заев во изјава за „Фокус“ тврди дека не работи со трговија со струја, туку е комерцијалист во фирмите.
–Работам како комерцијалист во фирмите на моето семејство Заеви на градежни и трговски проекти надвор од државата. Не сум активен, односно не работам со трговија со струја. Покрај работата, дел од моето време го посветувам на филантропски активности преку „Фондацијата Заев – Едно општество за сите“ – ни изјави Заев.
Иако подолго време циркулираат информации дека Заев би можел да направи политички камбек на следните претседателски избори, на кои би бил заеднички кандидат за шеф на државата на една поголема коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, сепак, тој е категоричен дека нема такви амбиции.
АМБИЦИИТЕ НА ШЕКЕРИНСКА, ФИЛИПЧЕ, ЦАРОВСКА…
Она што на сите им паѓа в очи е блискоста на Заев со поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, кој замина од владиниот тим откако Алтернатива влезе во Владата и Министерството го презеде кадар од оваа партија – Беким Сали.
Истовремено, Филипче ја напушти и функцијата потпретседател на СДСМ, каде што Заев го кооптираше веднаш откако доби нов лидерски мандат на првите непосредни внатрепартиски избори.
Денес, тие се заедно во Фондацијата Заев, но заедно се и на секоја слика што излегува во јавноста. Заедно се сликаат на свадба кај сопартијците, заедно одат во Анталија на форум, заедно ја следеа трибината на СДСМ во Струмица.
Ако Заев децидно тврди дека не планира да се враќа во политиката, тогаш какви се плановите на Филипче?
По заминувањето од министерската функција, Филипче си се врати на редовна работа на Клиниката за неврохирургија и на Медицинскиот факултет во Скопје и цело време се шпекулира дека со Заев планираат нов бизнис.
Филипче во изјава за „Фокус“ тврди дека не планира никаков бизнис, но дали ќе се врати во политиката, сега не го знае точниот одговор.
-Нека биде политичка изјава тоа дека сѐ уште се чувствувам млад – вели во кусата изјава Филипче.
Со заминувањето на Заев од владата, партијата, па и политиката, не си замина само Филипче, туку и плејада други тогашни министри.
Така, од министерската позиција се повлече Радмила Шекеринска, која најави дека нема да биде дел од тимот на тогаш сѐ уште неизбраниот премиер Димитар Ковачевски.
Шекеринска тогаш кажа дека се повлекува од принципиелни причини, дека не се согласува со дел од политиките на партиското раководство, кои придонеле за поразот на локалните избори, а нафрли една интересна забелешка дека СДСМ покажал дека не учи од грешките.
Претходно, таа се повлече и од раководството на СДСМ, каде што беше заменик-претседател и тој потег се толкуваше како нејзино дистанцирање од Заев пред тој да ја исфрли од игра.
Таа поднесе барање за апанажа до Собранието, но не одговори на прашањето на „Фокус“ како ја продолжи професионалната кариера по министерувањето со ресорот одбрана.
Додека беше министерка, земјава стана членка на НАТО, а неколку месеци по повлекувањето од политиката стигна веста дека во Берлин е избрана за потпретседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕС).
„Честа е дотолку поголема што ова е првпат ПЕС да избере на таа позиција личност што доаѓа од земја што не е членка на Европската Унија“, напиша Шекеринска на социјалните мрежи.
На последната партиска трибина на СДСМ што се одржа во Скопје, можеше да се забележи и Шекеринска, што многумина го интерпретираа во насока дека таа наскоро би можела подиректно да се врати на домашната политичка сцена.
Одлука да не учествува во владата на Ковачевски донесе и Мила Царовска, која стана вистинска политичка ѕвезда како министерка за труд и социјала, но беше на тапет како министерка за образование поради обидот да воведе дигитално образование, реформа што ја почна и не ја заврши.
По повлекувањето од министерската функција, Царовска воопшто не дава изјави во јавноста, а, според нашите информации, таа се вратила таму од каде што влезе во политиката, односно во невладиниот сектор, во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.
Единствено го крена гласот по навредливите изјави кон министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која ја наследи Шекеринска.
„Изминатиов период повторно гледаме што сѐ ѝ се случува на една жена што има јавна професија и професионално си ја извршува работата. Сè додека јавноста ги гледа жените единствено низ сексистичка призма, ниту ќе видиме повеќе жени на одлучувачки позиции, ниту ќе се искорени објективизацијата на жените во сите полиња на нејзиното постење“, објави Царовска, која повремено споделува објави за активностите на ХЕРА.
ДИМИТРОВ МОЖЕ ДА СЕ РЕАКТИВИРА, НО НЕ И ДЕСКОВСКА
Во новата влада на Ковачевски немаше место и за тогашниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, кој соопшти дека не се повлекол сам од функцијата, туку го замениле поради неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
-Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции – рече Димитров.
Неодамна, тој во изјава за „Фокус“ кажа дека би застанал зад една преродбеничка сила, без разлика дали тоа ќе биде преку директен личен ангажман или како поддршка. Како народ и генерација граѓанство, според него, мора да се соочиме со фактот дека во 31 година независност главно одиме назад.
-Видете ги проблемите во образованието, во поредокот, во урбанизмот, во здравството, во нееднаквоста, во феноменот растечката администрација да не може редовно да ги сервисира потребите на граѓаните и бизнисите без „некој“ да се јави или да „подмачка“. Затоа, немам никаква дилема дека итно ни треба нова страница. Не нов „дуќан“, туку вистинска сила што ќе се бори за политиката како мисија и визија – изјави Димитров пред неколку месеци.
И Царовска и Димитров побараа апанажа. Без апанажа, во Институтот за национална историја се врати поранешната министерка за култура, Ирена Стефовска, на чие место дојде пратеничката Бисера Стојчевска-Костадиновска, а поранешната министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, која по професија беше лекар, ја замени Јована Тренчевска.
Фактички, сите министерки од владата на Заев, Ковачевски ги смени со нови. Професорката Рената Дескоска ја напушти владата на Заев, односно уште во 2020 година и објави дека ќе се посвети на стручната и научната работа.
Таа беше министерка за правда, а на нејзино место дојде Бојан Маричиќ, кој сега е вицепремиер за евроинтеграции. Во изјава за „Фокус“, Дескоска вели дека не планира да се врати назад во политика.
-Во политиката треба да има промена на кадри и простор за повеќе луѓе да се докажат. Јас се сметам за реализирана во таа област. Сега добивам шанса со многу поголемо искуство да го анализирам уставниот систем и политичкиот процес – ни изјави Дескоска.
ПРВ „НАСТРАДА“ ТЕВДОВСКИ, ПОДОЦНА ЗАМИНА МАНЧЕВСКИ
Во истиот период, по победата на парламентарните избори, владата ја напушти поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој беше избран за пратеник.
Тој поднесе оставка од пратеничкото место и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ и замина во приватниот сектор.
„Одлучувам да ја напуштам политиката кога можеби најмалку се очекуваше. По победа и нов мандат. Сепак, решив да се вратам на професијата и во приватниот сектор. Влегувам во нова борба. Време е за нови предизвици“, објави Манчевски.
Неофицијалните информации говореа дека на трансферот на Манчевски од политиката во реалниот сектор му претходеше обид на Заев да го префрли на директорска позиција во МЕПСО или во некоја друга државна компанија, поради тоа што тој имал низок индивидуален рејтинг.
Прв разрешен министер од владата на Заев беше поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, кој настрада во 2019 година, независно што неговото име во јавноста не беше поврзано со некој скандал.
Иако официјалната причина за заминувањето на Тевдовски беа „лични причини“, нема дилеми дека тој беше отстранет поради судирот со тогашниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, како претставник на бизнис-заедницата.
Во однос на тоа, Анѓушев во интервју за „Фокус“ своевремено прокоментира дека Тевдовски и неговиот тогашен советник Бранимир Јовановиќ имале нереален утопистички поглед и пристап кон економијата.
За потсетување, во време на Тевдовски се воведе прогресивниот данок, кој потоа беше укинат, односно неговата примена беше одложена откако нова министерка стана Нина Ангеловска.
Сега, Тевдовски е советник на извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, а Јовановиќ замина да работи во Виенскиот економски институт.
Со заминувањето на Заев, се сменија и многу министерски места, но се покажа дека на чело на министерствата не „виреат“ квалитетни и докажани кадри, туку кадри по мерак на премиерот или по мерка на коалициските апетити и интереси.
МИЛЕВСКИ – ПРОФЕСОР ВО СРЕДНО
Последно, од Министерството за локална самоуправа си замина лидерот на ЛДП, Горан Милевски. Тој самиот се повлече од Владата, но и од лидерското место на ЛДП, каде што го наследи Моника Зајкова.
-По тригодишно извршување на функцијата министер за локална самоуправа, сметам дека е време за промени и на ова место да дојде друг кадар од ЛДП – изјави Милевски.
Тој во изјава за „Фокус“ вели дека одлучил да не го користи правото на апанажа.
– Се вратив на моето старо работно место во средното економско училиште во Битола, како професор по економски предмети – изјави Милевски за „Фокус“.
Неофицијално, се споменува амбасадорката функција во Словенија како една од опциите за иден ангажман на Милевски.
СУГАРЕСКИ – КОМУНАЛЕН ИНСПЕКТОР
По оставката на Зоран Заев по изборниот пораз, прв што го следеше неговиот чекор и го призна поразот на локалните избори со оставка беше поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Сугарески ја напушти директорската функција во Царинската управа и се кандидираше за градоначалник на Прилеп, но загуби во првиот круг од противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески.
Тој веднаш поднесе оставка на функцијата претседател и член на надзорниот одбор на СДСМ. Сугарески за „Фокус“ вели дека никогаш не зел апанажа, а не побарал ниту сега.
-Се вратив на старото работно место комунален инспектор во Општина Прилеп – ни изјави Сугарески, кој вели дека сега учествува во активностите на СДСМ како член.
САДУЛА ДУРАКУ И НИНА АНГЕЛОВСКА ВО ТЕЛЕКОМ
За разлика од СДСМ, која ги смени сите министри во новата влада на Димитар Ковачевски, нивниот коалициски партнер, ДУИ, остана речиси со непроменет кадар.
Само поранешниот министер за информатичко општество Јетон Шаќири го замени едното за друго министерско столче во Министерството за образование, откако Зоран Заев неговата позиција му ја понуди на новиот коалициски партнер Алтернатива, Адмир Алити.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со години ги нуди истите министри и истите кадри, само по потреба ги прераспоредува. Еден од ретките министри до ДУИ, кој излезе од игра, е поранешниот министер за животна средина, Садула Дураку, кој потоа беше и вицепремиер за политички систем.
Откако неговото место го зазеде Артан Груби и стана прв вицепремиер, Дураку, сепак, не остана без функција. Тој заедно со поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска, влезе во одборот директори на Телеком.
Според податоците што ги објави опозицијата, одборот директори на Телеком за еден мандат ќе добие 430 илјади евра.
„80 илјади од позицијата заменик-претседател ќе добие Садула Дураку од ДУИ, а 50 илјади ќе добие и Шкодране Дардишта, која исто е дел од партијата на Ахмети“, објави ВМРО-ДПМНЕ.
КАДЕ ЗАВРШИЈА ПОРАНЕШНИТЕ ВМРОВСКИ ФУНКЦИОНЕРИ?
Поранешните високи функционери и министри од владата на премиерот Никола Груевски, кои една деценија беа „главни“, сега веќе паднаа во заборав.
До пред извесно време беа актуелни со обвиненија и судски процеси, но јавноста веќе се измори и од развлечените судења и од селективната правда.
Единствено поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, замина во „Идризово“ на издржување на затворската казна на која беше осудена за две дела.
Таа ја издржува казната за „мерцедесот“, кој го набави по наредба на Груевски, кој е во бегство во Будимпешта.
Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, е обвинет во речиси секој судски процес што се води против вмровците, но, сепак, сѐ уште нема завршено во затвор.
Другите министри се испазарија политички и никој не заврши во затвор, а единствено нечепнат остана поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.
Тој сега му дели совети на актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими во советот што го формира како експертско тело и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за кои е потребен консензус во општеството.
Ставрески го немаше долго време во јавноста сѐ додека не беше обелоденето дека заедно со Оливер Шамбевски, некогашен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кој потоа беше и амбасадор на земјава во Кина, ќе бидат во работното тело што го формира опозициската партија, со цел да го мониторира работењето на новите градоначалници од партиските редови и остварувањето на предвидените проекти во општините што ги раководат.