АРХИВА Изведувачот на барокниот објект на скопски водовод ја купил компанијата што му вршела надзор!

by Фокус

Текстот е објавен на 25.03.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1172

Податоците што неодамна ги обезбеди „Фокус“ открија  дека компанијата што склучи договор од 7,5 милиони евра со скопското водоводно за доизградба на објектот во 2014 година, „Алдинг Инженеринг“, истата година станала дел од сопственичката структура на фирмата што го вршела надзорот врз градбата – „Прима Инженеринг“. Освен тоа, објавивме дека нивниот сопственик поседува уште една фирма, која своевремено соработувала со скопски водовод, посредувајќи меѓу јавното претпријатие и друга домашна компанија за водоводна опрема. Токму овој објект деновиве беше посочен од директорот на финансиската полиција Арафат Муареми, посочувајќи дека коплетирале случај за неговата изградба, па сега јавното обвинителство треба да одлучи дали ќе поднесе соодветна пријава.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Ми претставува особена чест што денес поставуваме камен-темелник на уште еден значаен објект – административна зграда за потребите на јавното градско претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“. По долги години поминати во привремените објекти-бараки, вработените на ова претпријатие конечно ќе имаат пристојни и современи услови за работа, што ќе овозможи подобрување во ефикасноста на работењето…“.

Вака поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски говореше во 2011 година при поставувањето камен-темелник на управната зграда на скопското водоводно претпријатие, кое дотогаш користеше простории под закуп, плаќајќи кирија од 25.000 евра месечно. Иако тогашните локални власти најавуваа дека зградата ќе биде готова за три години и во неа ќе бидат инвестирани 10 милиони евра, сепак, не само што беше пробиен временскиот рок, туку и финансиската рамка.

За потребите на изградбата на објектот, кој поради објективни и субјективни причини беше завршен минатата 2017 година, беа потпишани договори во вредност од околу 20 милиони евра, доколку се соберат сите трошоци во сите фази – изработка на проекти, извршување на градежно-занаетчиски рабити, ангажман на надзор… Сепак, на крајот се исплатени помалку средства во споредба со висината на договорите, кои ја надминуваат првично проектираната вредност поради неколкуте анекс-договори и разни периферни трошоци за средување на теренот.

„Фокус“ открива симптоматична поврзаност меѓу дел од субјектите што учествувале во изградбата на објектот. Имено, градежната компанија што ја догради барокната зграда за вкупно 8,5 милионие вра станала дел од сопственичката структура на надзорот на градбата и тоа истата година кога го склучи договорот за изведба на објектот. Воедно, сопственикот на градежната компанија поседува и фирма за трговија, која добила неколку тендери од скопското јавно претпријатие.

ПРОЕКТ ОД ИДЕЈНИОТ ТВОРЕЦ НА БАРОКНО СКОПЈЕ

Реализацијата на овој проект започна на истекот од 2010 година, кога „Водовод и канализација“ склучи договор со проектантската компанија „Архитектоника“ за изработка на идеен, основен и изведбен проект со проектантски надзор, во износ од нецели 194.000 евра. Притоа, овој договор е склучен во постапка со преговарање без претходно објавување оглас, по спроведување конкурс за избор на идејно решение. Воедно, двете страни во 2016 година склучиле и договор за измена и дополна на основниот проект во тек на градба, чија вредност изнесува дополнителни 23.000 евра.

Станува збор за компанија во сопственост на семејството на Живко Чаушевски, кој е еден од идејните творци на новиот лик на центарот на Скопје. Како што неодамна пишувавме, Чаушевски беше еден од најексплоатирнаите автори за изработка на идејно решение за барокните фасади во централното градско подрачје, додека неговата компанија само за основни проекти за фасадите склучила десетина договори со Град Скопје во вкупен износ од околу 227.500 евра, и тоа сите во постапка со преговори, или популарно кажано – во четири очи.

Токму врз основа на проектот на Чаушевски, скопското водоводно претпријатие во 2011 година склучи договор вреден речиси 10 милиони евра со австриската компанија „Алпине Бау“ за изградба на нова управна зграда под скопското Кале во рок од три години. В.д. директор на скопското водоводно претпријатие тогаш беше Тони Јаревски, актуелен советник во Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој деновиве беше посочен од пратеничката на СДСМ Фросина Ременски дека ги организира протестите пред нејзиниот дом.

Покрај основниот договор, двете страни во 2013 година склучиле анекс-договор за непредвидени и дополнителни работи во износ од околу 239.500 евра. Вообичаено за ваквите анекси, и овој договор не бил склучен во отворена постапка, туку во постапка со преговори без претходно објавување оглас, со објаснување дека „ваквите дополнителни работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор без поголеми проблеми за договорниот орган“.

НАЈНИСКА ПОНУДА НА ТЕНДЕРОТ, ПА ПОТОА АНЕКС

Арно ама, неколку месеци подоцна, австриската „Алпине Бау“ отиде во стечај, поради тоа што не успеа да се договори со доверителите за реорганизација на обврските од 2,6 милијарди евра. По ваквиот развој на настаните, компанијата со седиште во Салцбург ја изгради управната зграда на Водовод само до фаза на карабина, по што беше раскинат договорот меѓу двете страни. Па, според тврдења на тогашното раководство на скопското претпријатие, на „Алпине Бау“ и биле исплатени само два милиони евра.

Во таква ситуација, наместо вработените во Водовод веќе да почнат да се вселуваат во нова зграда, скопското водоводно претпријатие мораше да склучи нов договор за доизградба на објектот. Така, претпријатието во 2014 година зеде кредит од Комерцијална банка од 7,5 милиони евра за финализирање на градбата, со одлука на тогашното мнозинство во Советот на Град Скопје под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, кое за таа цел, настрана противењата на опозицијата, го стави објектот под хипотека.

Откако обезбеди кредитни средства со каматна стапка од 8 отсто, скопското јавно претпријатие истата година склучи договор со градежната компанија „Алдинг Инженеринг“ која, во конкуренција на уште две компании, доставила понуда која е речиси идентична на кредитот од 7,5 милиони евра, што, пак, од друга страна е за 1,2 милиони евра помалку од проценетата вредност на договорот. Во тоа време, директор на претпријатието беше Бојан Василевски, кој ја уверуваше јавноста дека нема да се надмине предвидената финансиска конструкција од десетина милиони евра за изградба на објектот.

Сепак, двете страни во 2016 година, во постапка со преговарање без објавување оглас, склучиле анекс-договор за непредвидени работи потребни за доизградба и довршување на сите фази на управната зграда, во износ од околу еден милион евра, со што вкупната цена на чинење доаѓа до границата на која беше проценет тендерот. Притоа, треба да се наведе дека во рамките на овој проект претпријатието и компанијата во 2011 година склучиле и договор за демонтажа на времени објекти и расчистување на теренот каде се градеше објектот за 153.500 евра.

УСЛУГИ ЗА ЧЕТИРИ ПАТИ ПОМАЛКУ ОД ПРОЦЕНЕТАТА ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ

Освен проектант и изведувач, скопски водовод, согласно Законот за градење, морал да ангажира и надзор на градбата. Па, кога почнала градбата во 2011 година, склучил договор со „Прима Инженеринг“ за вршење на стручен надзор при изведување на градежни активности во рок од три години за сума од речиси 54.000 евра. Овде индикативно е тоа што самото претптијатие го проценило договорот на 211.000 евра, што е дури четири пати повеќе од постигнатата вредност на тендерот по натпревар меѓу девет компании.

Иако основен критериум за доделување јавна набавка обично е најниската цена, сепак, Законот за јавни набавки дозволува договорниот орган да ја преиспита или да ја отфрли понудата на „најповолниот понудувач“, односно на тој што доставил најниска цена, доколку таа е нереално ниска. Сепак, тоа претежно важи за договорите што вклучуваат достава на стоки, но не и за услугите како категорија, со оглед дека компанијата што троши само човечки и интелектуални ресурси, по сопствена волја може да соработува со јавен орган и за бадијала, со образложение дека има потребна референца.

Сепак, ангажманот на надзор врз изградба на објекти е од исклучителна важност, од причина што има клучни надлежности во системот на изведба на објектот: врши проверка на градбата во секоја фаза, особено дали е во согласност со основниот проект и одобрението за градење; врши проверка на квалитетот на вградените материјали во градбата; утврдува дали изведувачот обезбедил мислење за механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита; утврдува дали учесниците во изградбата ги поседуваат соодветните лиценци…

Но, скопското јавно претпријатие решило да го промени надзорот на средината на 2015 година, кога беше склучен договор со Градежниот институт Македонија во износ од речиси 52.000 евра, но не по пат на отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување оглас. Притоа, скопски водовод повикал 7 компании на одделни преговори, ама не и „Прима Инженеринг“, која, патем речено, не можела да конкурира и да се наддава од причина што постапката била така скроена за да мора да биде поканета на преговори.

ИЗВЕДУВАЧОТ СТАНУВА СОПСТВЕНИК НА НАДЗОРОТ

Податоците што ги обезбедивме од надлежните институции говорат дека постоела поврзаност меѓу компанијата што го догради објектот во периодот од 2014 до 2017 година, како и компанијата што го вршела надзорот од 2011 до 2015 година, од што произлегува дека тие се поклопиле во 2014 и во 2015 година. Конкретно, изведувачот „Алдинг Инжинеринг“ влегол во сопствеништвото на „Прима Инжинеринг“ токму во периодот кога склучил договор за доградба на објектот во 2014 година, по пропаста на „Алпине Бау“.

Според податоците од Централниот регистар, сопственик и воедно управител на „Алдинг Инженеринг“, основана во 2005 година за изградба на станбени и нестанбени згради, е Александар Дроздовски. Тој за „Фокус“ вели дека неговата компанија станала друштво со мнозинско учество во „Прима Инженеринг“ во јули 2017 година, додека објектот на Водовод бил завршен во март истата година, или четири месеци претходно. Но, што покажуваат официјалните податоци?

Историјатот на промени на „Прима Инжинеринг“ открива дека проектантското друштво е основано во 2005 година од страна на АДГ „Маврово“ со непаричен влог од 153.000 денари. Но, поради финансиски проблеми, АДГ „Маврово“ се повлекува од сопствеништвото во 2007 година, кога компанијата добива 36 физички лица како сопственици со идентичен паричен влог од 8.500 денари или вкупно 306.000 денари.

Притоа, нема никакви промени се до октомври 2014 година, кога „Алдинг Инжинеринг“ влегува во сопственичката структура на друштвото, станувајќи  најголем поединечен сопственик со паричен влог од 59.500 денари. Три години подоцна, пак, поточно во јули 2017 година, градежната компанија стекнува 246.500 денари од основачкиот влог од вкупно 306.000 денари.

ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА ФИЗИЧКИТЕ, НО НЕ И ЗА ПРАВНИТЕ ЛИЦА

Тоа значи дека „Алдинг“ во 2017 година се здобил со скоро целокупниот управувачки пакет во друштвото, ама станал дел од сопственоста уште во 2014 година, кога имал најголем удел во споредба со оние на физичките лица. Дека „Алдинг Инжинеринг“ имал клучно влијание во друштвото пред да го зголеми уделот во основачкиот влог од 59.500 на 246.500 денари укажува податокот што Дроздовски станал управител во „Прима Инженеринг“ на самиот почеток на 2017 година, што е половина година пред да го зголеми основачкиот влог.

Оттука, може да се резимира дека „Алдинг Инженеринг“ бил најголемиот сопственик во „Прима“ во времето кога оваа компанија правела надзор како „Алдинг“ ја реализира градбата на објектот на скопски водовод во дел од 2014 и 2015 година. Како што вели Дроздовски, Законот за градење поставува ограничувања во однос на овластениот надзорен инжинер, кој, според него, како физичко лице не смее да биде вработен во правното лице изведувач на градбата.

Всушност, тој упатува на членот 33 од овој закон, според кој: „Надзорен инженер не може да биде лице вработено во правното лице изведувач на градбата на која се врши надзор“, бидејќи во спротивно, Законот пропишува дека тоа претставува основ за трајно одземање на овластувањето за надзорен инженер. Но, ваква забрана нема за правните лица, што претставува правна празнина, која овозможува надзор да врши лице вработено во било која компанија, освен во онаа што ја изведува градбата, без оглед дали двете компании се меѓусебно поврзани.

Како и да е, надзорен инжинер од „Прима“ во еден периодот од нецели две години вршел надзор како „Алдинг Инжинеринг“ ја изведува градбата, односно дали гради во согласност со основниот проект и одобрението за градење, какви материјали вградува во градбата и сл., додека истовремено компанијата изведувач била дел од сопственичката структура на фирмата во која бил вработен. Од таа гледна точка, тоа можеби е законски според сегашното законодавство, но покренува низа прашања и дилеми, пред се од етички аспект.

ПОСРЕДУВАЊЕ МЕЃУ ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ И ПРИВАТНА КОМПАНИЈА

Сепак, Дроздовски немал допир со скопското водоводно претпријатие само преку преку изведбата и надзорот на новиот административен објект. Податоците што ги обезбедивме говорат дека тој е сопственик на компанија што добила неколку тендери од јавното претпријатие за снабдување со водоводни материјали, при што карактеристично е што компанијата посредувала меѓу водоводното претпријатие и домашна компанија што делува во истиот сектор.

Се работи за фирма за неспецијализирана трговија формирана во 2012 година, која порано го носела називот „Конти Дистрибуција“, но неодамна се преименувала во „ДЛ Груп“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа компанија во втората половина на 2013 година склучила договор за водоводна опрема во износ од скоро 89.000 евра, додека на крајот на 2014 година склучила договор во износ од 52.000 евра.

Очигледно е дека називот на оваа компанија е сличен со оној на гевгелискиот производител на ПЕ цевки, фитингарија и шахти, „Конти Хидропласт“. Од одговорите што ги добивме од двете фирми произлегува дека тие имале договор за застапништво и посредување, врз основа на кој „Конти Хидропласт“ индиректно соработувала со скопски водовод во периодот од 2012 до 2015 година со посредство на „Конти Дистрибуција“, чиј коминтент, пак, било скопското водоводно претпријатие.

Имајќи го тоа предвид, се поставува прашањето зошто гевгелиската компанија не соработувала директно со скопски водовод, туку соработката се одвивала преку посредник, што на крајот го зголемува јавниот трошок, односно средствата што ги плаќа јавното претпријатие? На тој начин, наместо конечната цена на договорот да биде само вредноста на материјалот плус заработката на производителот или основниот трговец („Конти Хидропласт“), таа се зголемува плус за заработката на застапникот, односно посредникот („Конти Дистрибуција“).

ДИРЕКТНА СОРАБОТКА ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Откако три години скопски водовод и „Конти Хидропласт“ соработуваат преку „Конти Дистрибуција“, од 2015 година двете страни го исклучуваат посредникот и започнуваат директна соработка. Во таа насока, тие склучиле и два големи договори во четири очи, така што едниот е за набавка на материјали за итна реконструкција на водоводните мрежи во селата Бојане и Копаница во вредност од 389.500 евра, додека другиот за изградба на водоводна линија долж булеварот „Борис Трајковски“ во вредност од 197.000 евра.

Покрај тоа, двете страни во 2016 година имаат склучено и договор во отворена постапка за 213.000 евра за набавка на водоводна опрема. Оттука, до 2015 година „Конти Хидропласт“ соработува со скопски водовод преку посредникот „Конти Дистрибуција“ на Дроздовски, додека потоа почнува да соработува директно и тоа за драстично поголеми набавки во споредба со претходно, притоа победувајќи во сите постапки со преговори без објавување оглас.

Ваквата промена кореспондира со времето кога нов директор на скопското јавно претпријатие стана Александар Атанасов, кој потекнува и моментално е токму во Гевгелија, а претходно ја извршуваше директорската функција во велешката државна фабрика за шински возила „Колска“.Атанасов уверува дека сите договори за јавна набавка во негово време се склучени во законска процедура и во согласност од Советот за јавни набавки каде што е потребно.

Освен што во 2015 година ја исклучува трговската компанија на Дроздовски како посредник меѓу јавното претпријатие и „Конти Хидропласт“, Атанасов во истиот период ја елиминира „Прима Инжинеринг“ од надзорот врз објектот на претптијатието, каде тој беше најголем сопственик. Воедно, Атанасов ја активира банкарската гаранција од 380.000 евра кон изведувачот на објектот „Алдинг“, а градежната компанија на Дроздовски го тужеше јавното претпријатие. Тој не сака да коментира ништо во однос на постапката додека трае спорот.

 

Што велат експертите?
ИМА ДУПКА ВО ЗАКОНОТ, НАДЗОРОТ ТРЕБА ДА БИДЕ НЕЗАВИСЕН ОД ИЗВЕДУВАЧОТ

Експертите што ги консултиравме велат дека во законската регулатива постои дупка која овозможува судир и преклопување меѓу различните инстанци во постапката за градење, кои, според нив, треба да бидат одделни и независни, за да не настане судир на интереси.

Надзорот треба да биде независен од изведувачот на градбата, бидејќи треба да го контролира текот на градбата. Сега како што е законот, дозволува надзорникот да биде поврзан со изведувачот, само доколку е дел од друго правно лице. Така, може да се случи ситуација некој сам на себе да си прави надзор, вели универзитетскиот професор Вулнет Палоши.

Според неофицијални информации, Министерството за транспорт и врски подготвува измени на законот за градење, додека на крајот на годинава треба да предложи до парламентот сосема нов закон, со кој, меѓу другото, треба да бидат регулирани и ваквите сиви зони.

 

Тек на постапката
КОМОРАТА ИЗДАВА ОВЛАСТУВАЊА НА ФИЗИЧКИ ЛИЦА, А МИНИСТЕРСТВОТО ЛИЦЕНЦИРА КОМПАНИИ

Претседателот на Комората на архитекти и инженери, Миле Димитровски, вели дека Комората дава овластувања за надзор, проектанство, ревизија на физички лица, но нема надлежност врз правните лица.

Законски е уредено дека еден човек може да ги добие сите овластувања, но не не може, на пример, да врши ревизија на свој проект, или, пак да прави надзор на градба врз основа на негов проект, објаснува Димитровски, додавајќи дека секој што поседува индивидуални компетенции може да ги врши делегираните овластувања, доколку тие не се судираат едно со друго.

Што се однесува лиценцирањето на правните лица, надлежно е Министерството за транспорт и врски, од каде, пак, велат дека во рамки на постапката за лиценцирање се обраќаат и до Комората.

– Кога издаваме лиценца, претходно по службена должнсот ги обезбедуваме сите потребни податоци од соодветни институции, меѓу кои Агенцијата за вработување, Комората и други, за да имаме увид за бројот на вработени што ги имаат друштвата и дали ги поседуваат неопходните овластувања – велат од Министерството.

Во врска со конкретниот случај, од таму истакнуваат дека „Прима Инженеринг“ и „Алдинг Инженеринг“ ги имаат обезбедено и обновено потребните лиценци.

Поврзани новости