(АРХИВА) Интервју со Ковачевски: Европскиот фронт ќе победи на изборите и во следниот мандат ќе ја внесеме земјата во ЕУ!

by Фокус

Текстот е објавен на 14 декември 2023 година во неделникот Фокус со број 1.471.

На 8-ми мај победник ќе биде кандидатот за претседател предложен од СДСМ и проевропската коалиција, а јас ќе бидам мандатарот на таа влада, со која во следниот мандат Македонија ќе биде земја-членка на ЕУ, рече во интервју за „Фокус“ на крајот на минатата година Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ и премиер во оставка. Во интервјуто, Ковачевски говореше за политичката ситуација, изборниот процес, евроинтеграциите, како и за економската, енергетската и безбедносната состојба.

Разговарал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Долго време промовиравте позиција дека следната година треба да се одржат одвоени избори. Зошто го сменивте овој став и на крај постигнавте политички договор за заеднички избори?
КОВАЧЕВСКИ: Најпрво, долго зборувавме за редовни избори. И редовни избори и ќе има. Прво претседателски, па парламентарни.

Буквално од првиот ден кога станав претседател на Владата опозицијата зборуваше дека ќе има предвремени избори. Прво беа март, па декември, па беа пак во март и така две години константно. Но еве денес ништо од тоа. Драго ми е што после 17 години, во 2024 конечно ќе имаме редовни парламентарни избори.

Нема никаква потреба земјата постојано да е вонредна ситуација. Ние сме земја членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ, земја која претседаваше со ОБСЕ во исклучително кризна година, земја која е домаќин на преговори помеѓу други држави.

И можеби најважно ние сме стабилна и безбедна земја со отворени перспективи. Нашите граѓани заслужуваат да ја имаат таа стабилност и безбедност и за изборниот процес.

ФОКУС: Колку, меѓу другото, одлуката ја базиравте на проценката дека при одвоени избори тешко ќе се постигне цензус за избор на претседател од 40 отсто?
КОВАЧЕВСКИ: Кога зборуваме за овој изборен циклус, за нас беа важни неколку аспекти и тоа од државен аспект, во однос на административното функционирање, од финансиски, но и од аспект на граѓаните.

Свесни сме дека граѓаните не го сакаат притисокот на чести избори. Мислам дека фактот што ова се први редовни парламентарни избори по 17 години, кажува доволно колку на граѓаните им е доста од чести избори. И тоа е и првата причина.

Второ е финансискиот аспект. Ние сме пред се одговорна Влада која одговорно менаџира со буџетот и парите на граѓаните. Од тој аспект, сметавме дека е поцелисходно да имаме парламентарни избори заедно со втор круг претседателски избори и да овозможиме заштеда, која би се пренаменила во други ставки, за да има повеќе за сите понатаму.

Ова е практично истиот принцип кој го употребува оваа Влада и применувајќи политики кои овозможуваат подобро функционирање на државата, економски раст, зголемен животен стандард, заштита на најранливите кога е тоа најпотребно.

ФОКУС: Колку средства ќе се заштедат со врзување на изборите, бидејќи претставници на власта велеа дека при заеднички не се избегнуваат премногу трошоци, како на пример за печатење на гласачки ливчиња итн.?
КОВАЧЕВСКИ: Моментално проценката е дека за одвоени избори ќе се потребни нешто над 16 милиони евра. Доколку споиме втор круг избори претседателски и парламентарни, проценката е дека ќе имаме заштеда од 25% или околу 4 милиони евра. Сметам дека овие пари може да се пренаменат за други мерки и услуги од кои ќе имаат граѓаните придобивка.

Воедно, по долго анализирање, еден од аспектите кои што беше е функционирањето на државата. Во време на избори, Собранието престанува со редовните активности, и тоа важи и за претседателски и парламентарни избори, а воедно и администрацијата е ограничена во функционирањето.

Во услови на одвоени избори ние би имале ситуација каде и Собранието и администрацијата нема да се функционални околу 5 месеци, што е огромен период државата да е без функционално Собрание.

Сите овие работи се изанализираа и минатата недела јас повикав на широка дискусија помеѓу партиите, се одржа лидерска средба на која речиси едногласно беше одлучено изборите да се случат на 24-ти април и 8-ми мај и да бидат се разбира редовни.

ДОГОВОР ЗА ИЗБОРИ

ФОКУС: Какво влијание за промената на ставот имаше ДУИ, која прва од владината коалиција јавно изјави дека преовладува мислење за споени избори од политички, финансиски и логистички причини?
КОВАЧЕВСКИ: За да се донесе одлука која е важна за државата и општеството, мора да се дискутира. Не може ниту еден политички чинител поединечно да донесе одлука.

Анализите постоеја, и врз основа на истите се отвори дискусија и во партијата, и во коалицијата, а потоа и широка дискусија со сите парламентарни политички партии. Следно се свика лидерска средба каде сите си го кажаа мислењето и на крајот се донесе одлука.

Така се работи во демократија. Тоа што ВМРО ДПМНЕ навикнале избори да се договараат по аеродроми и по телефон со повик од еден човек, тоа зборува за нив, не за нас.

Јас работам поинаку. Знам точно што значат демократски процеси и така и се однесувам. Затоа сѐ што кажав јас изминативе години, сѐ се случи како што кажав. Јас сум искрен и во зборот и во делувањето, и тоа немам намера да го сменам.

Опозицијата од друга страна, доколку не се занимаваше со деструктивност и доколку не се занимаваше со барање предвремени избори еве речиси две години колку што е мојот мандат, и да не ја блокираше работата на Собранието цело ова време, можеби ние денес ќе бевме во поинаква ситуација.

ФОКУС: Нели смислата на секоја опозиција е да бара и да се обиде да предизвика вонредни избори, на кои би имала шанса да дојде на власт и спроведе цели што ги застапува?
КОВАЧЕВСКИ: За опозицијата, односно за ВМРО-ДПМНЕ, во овој момент е доволно да се знае дека е единствен пример на опозиција која е влезена во извештај на Европската Комисија како структура која е препознаена дека ги блокира демократските реформски процеси во државата.

Тие знаат секогаш да се против. За жал, никогаш не знаат како да придонесат кон нешто што е добро за државата, и никогаш не знаат како да се на вистинската страна на историјата.

ФОКУС: По лидерската средба, покренавте иницијатива за формирање на европски фронт, нешто што и ДУИ го промовираше како концепт неколку месеци наназад.
КОВАЧЕВСКИ: Европскиот фронт не беше покренат како иницијатива по лидерската. Ако се навратите наназад, ќе видите дека концептот на европски фронт е идеја која произлезе од мене лично, односно од СДСМ.

Зборував за обединување околу европскиот пат на земјата и за европска коалиција уште минатата година на трибините на СДСМ под слоганот „Силно и одлучно кон иднината“.

Тоа е политички концепт кој во својата суштина е државнички концепт за иднината, визија која ја делиме. На овој концепт гледам како на потреба на земјата заради нејзината иднина.

Иницијативата на СДСМ, а по лидерската средба и формалната покана за формирање на широк Европски фронт кон сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ е логичен след.

ФОКУС: Кои партии очекувате да станат дел од овој фронт, односно главното прашање што се поставува во тој контекст е дали на изборите ќе настапите во предизборна коалиција со ДУИ?
КОВАЧЕВСКИ: Во оваа насока СДСМ ги повика сите политички субјекти, граѓански организации и здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ, да придонесат и да се приклучат во Европскиот фронт. СДСМ со таа иницијатива подаде рака на сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика.

ФОКУС: Што конкретно значи тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Тоа значи дека ние очекуваме дека заеднички, со сите оние кои се за европски стандарди и европски вредности дома, заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да ја оствариме стратешката цел за членство во ЕУ.

На 8-ми мај, на вториот круг на претседателски избори победник ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата. На истиот ден, на парламентарните избори победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе бидам мандатарот на таа влада.

Со таа проевропска Влада, во следниот мандат, Северна Македонија ќе биде земја членка на Европската Унија. Тоа е моето ветување, желбата на мнозинството наши граѓани која преземам обврска да ја остварам, за доброто на целиот наш народ.

ЕВРОПСКИ ПРОФИЛ

ФОКУС: Еден ден откако изјавивте дека немало разговори за технички премиер, ДУИ одлучи за оваа позиција да го номинира собранискиот спикер Талат Џафери.
КОВАЧЕВСКИ: Разговаравме со нашите коалициски партнери од ДУИ истиот ден, пред да се одржи седницата на претседателство на оваа партија. Јас имам редовна координација со коалиционите партнери.

Исто како што имавме координација со сите останати политички партии во собранието и имавме успешна лидерска средба на која со најширок консензус беа договорени датумите за избори и измените во изборниот законик.

ФОКУС: Дали целта на овој потег беше да се избегне евентуално сценарио сите трите највисоки државни функции да завршат кај ДУИ, што би предизвикало и потврда реторика од опозицијата?
КОВАЧЕВСКИ: Не се водиме според реториката на опозицијата, мислам дека тоа досега го имаме неколкукратно потврдено. Особено што опозицијата досега се истакна по тоа што се она што го кажа го промаши, излезе поинаку.

ФОКУС: Дали очекувате ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката влада или не?
КОВАЧЕВСКИ: Прашањето дали ВМРО ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада го гледам од два аспекти. Прво, се работи за законско решение кое треба сите партии да го испочитуваат. Второ партијата којашто зборува само за избори сега не треба да бара изговори, да не бара алиби од било каков тип.

Неодговорно е да фрлаат дамка на целиот изборен процес, односно не треба да си бараат изговори за поразот. Нив очигледно им е јасно дека не можат да го остварат тоа што го зборуваат по телевизии.

Ако се сигурни во потенцијалите, нека повелат слободно, нема од што да се плашат, но она што го знаат и тие, а и целата јавност искуствено, е дека техничка влада за нив не е поволна состојба. Затоа што нивните кадри во техничките влади се покажале како исклучително лоши и неефикасни.

На ова ако се додаде и катастрофално лошата работа на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ јасно е дека ниту потенцијалот ниту понудата од опозицијата се далеку под потребното ниво. Или бегаат од избори?

Бидејќи некој што 3 години барал избори, треба сега да си ги преземе сите ризици кои ги носи процесот за нив и да си ги исполни обврските согласно Закон. А не да бега.

ФОКУС: Колку досегашните внатрепартиски анализи што ги правите ги расчистуваат дилемите околу претседателскиот кандидат?
КОВАЧЕВСКИ: СДСМ го бира претседателскиот кандидат низ дефинирана процедура. Веќе и знаете дека врз основа на истите политички принципи за формирање на Европскиот фронт, извршниот одбор на СДСМ донесе и одлука за започнување на постапка за избор на кандидат за претседател.

ФОКУС: Има ли одлука околу кадровското решение? И што мислите – дали подобро би било да настапите со партиско решение или, условно кажано, надворешно решение?
КОВАЧЕВСКИ: Вредностите се многу важни за нас. Профилот на претседателскиот кандидат треба да ги дели европските вредности и да ги обединува во заедничка коалиција партнерите од Европскиот фронт.

Претседателскиот кандидат треба да се залага за евроинтеграцијата на државата, за надворешна политика која што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, кој ги почитува меѓународните договори на државата, и крајно ја почитува и ќе се залага за спроведување на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ.

Претседателскиот кандидат треба да се залага воедно за еднакви можности за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или друга припадност, но и да се залага за европските вредности на врвно владеење на демократија, на социјалната правда, но и за економски раст и развој на државата со кои ќе се обезбеди подобар животен стандард на граѓаните.

АНКЕТИ И РЕЈТИНЗИ

ФОКУС: Што ви покажуваат сондажите во однос на партискиот рејтинг? Скоро сите јавно објавени анкети велат дека ВМРО-ДПМНЕ стои подобро од СДСМ и врз основа на тоа опозицијата веќе наметнува триумфалистички наратив.
КОВАЧЕВСКИ: Сите анкети ги сметам за добар извор на информации. Но би ве потсетил и на анкетите од минатата година во август, за Маврово-Ростуше. Предвидувањата беа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува огромна победа во Маврово Ростуше. Реалноста е дека таму има СДСМ градоначалник, кој одлично си ја извршува функцијата, за разлика од градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ.

ФОКУС: Сепак, во случајот станува збор за две помали општини кои не можат да се земат како репер за генералното расположение на национално ниво.
КОВАЧЕВСКИ: Ако веќе зборуваме за анкети, за неполни две години активен политички ангажман јас имам рејтинг кој е сличен на рејтингот на личности кои се исклучително долго на политичката сцена. Тоа се должи на она што го сработив како претседател на Влада во исклучително тежок мандат и само го потврдува она што го кажувам постојано – кога се работи напорно, нема недостижна цел.

Граѓаните ќе знаат да направат разлика на следните избори, знаат точно кој работи во нивен интерес, знаат со чиј ангажман во државава пораснаа и ќе продолжат да растат платите и пензиите и во услови на најголема криза.

Горд сум на тоа што го постигнавме – просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 100 евра во споредба со 2016 година.

Ветувањето за 500 евра просечна плата, го исполнивме предвреме, и со износ поголем од ветениот.

Денес просечната плата е над 100 евра повеќе од тоа ветување и е 37.876 денари. 614 евра! Ова воедно значи дека ја покачивме просечната плата за 250 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала нешто на 22.000 денари.

Во државата денес има историски највисока минимална плата од 20.175 денари. Идната година ќе биде 22.500 денари. И ова го загарантиравме со закон и со новата методологија за постојан раст на минимална плата.

Со политиките кои ги спроведуваме, земјава веќе не е дестинација на евтина работна сила, а сепак имаме зголемување на странските директни инвестиции. Ако во 2016 година странските директни инвестиции изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.

Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра. Само во една година, новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.

Стапката на невработеност пак во 2016 година беше речиси 24%, за да денес е 13,3%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата.

Компаниите исто така имаат директни придобивки изминативе години откако СДСМ ја предводи Владата. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, од неговото воведување до денес поддржани се 919 компании со 100 милиони евра.

За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.

ФОКУС: Од друга страна, опозицијата постојано ве обвинува за промашена економска политика.
КОВАЧЕВСКИ: Од едната страна имате европски концепт предводен од СДСМ кој значи поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и членство во ЕУ. Од другата страна има антиевропски концепт на ДПМНЕ и Левица кој води во ќорсокак и враќање назад во економска стагнација и изолација. И ова се факти, никој не може да ги оспори.

И овие политики кои обезбедуваат подобар животен стандард на патот кон ЕУ, граѓаните ќе ги поддржат и на наредните избори. Антиевропскиот концепт го чека пораз од граѓаните затоа што граѓаните не сакаат неизвесност и враќање назад туку напредок и сигурна иднина.

РАЦИОНАЛЕН ОПТИМИСТ

ФОКУС: Според ова што го говорите, дали може да се заклучи дека за време на кампањата ќе се обидете да наметнете една референдумска атмосфера во смисла на изјаснување за или против ЕУ?
КОВАЧЕВСКИ: Очигледни се некои работи. Јасна дистинкција врзана со европскиот пат е важна затоа што граѓаните треба да знаат кој какви намери има за наредниот мандат и каде ќе биде земјата по наредните 4 години. Не е сеедно воопшто. Такви искуства ние сме имале.

Впрочем, бевме заедно со Хрватска кога ДПМНЕ ја презеде власта и после тоа следуваа 11 години изолација. Денеска Хрватска е членка на ЕУ. Изгубивме многу генерации млади и затоа да, разликата е важна и ќе ја потенцираме. Немаме ниту време ниту нови млади генерации за губење.

Европскиот фронт на кој повикавме ќе ги вклучи сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ. Тоа е државничка, над партиска цел.

Опозицијата, односно ВМРО ДПМНЕ веќе се изјасни дека би влегле во коалиција со Левица, што јасно покажува дека тие и дефакто се против остварување на државните цели зацртани уште со независноста. Јасно кажаа дека нема да ги почитуваат меѓународните договори кои ги има склучено државава.

Сѐ се тоа јасни пораки дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја преземе власта, државава е осудена на изолација, иста каква што гледавме 11 години, со тоа што последиците сега ќе бидат несразмерно поголеми и на штета на граѓаните.

ФОКУС: Вашата стратегија ќе се темели исклучиво на европската агенда или?
КОВАЧЕВСКИ: Нашата стратегија, покрај европскиот пат и јасната визија за Северна Македонија како земја членка на ЕУ, воедно ќе вклучува и победничка програма која ќе обезбеди поголем економски раст, подобри услови за инвестирање што ќе обезбеди подобри и подобро платени работни места, повисоки плати, и подобар животен стандард на граѓаните, која ќе обезбеди социјална правда, развој на демократијата и функционално владеење на правото. Нашиот пат, европскиот, развојниот, е трасиран, и нема враќање назад.

ФОКУС: Порано поставивте цел за членство во ЕУ до 2030. Навистина ли верувате дека тоа е реално можно?
КОВАЧЕВСКИ: Апсолутно верувам! Како и досега, и сега можам да кажам дека сум рационален оптимист. Верувам во целта и работам таа цел да се оствари. Остварувањето на втората стратешка цел, членството во ЕУ е нешто на кое треба да се работи, а СДСМ и коалицијата имаат политичка волја, капацитет и знаење да ја исполнат.

На сите им е јасно дека е потребно финиширање на уставните измени. Односно, да направиме мал чекор, за голема државна придобивка. Забрзано продолжување на европскиот пат и полноправно членство во Унијата до 2030 година.

Прифаќањето на уставните измени останува единствениот предуслов за да продолжиме напред, тоа е јасно и секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука.

Уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден, и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешна.

Токму затоа, СДСМ на следните избори ќе има двојна победа. СДСМ прво ќе го даде победничкиот кандидат за претседател, а потоа и ќе ја формира идната проевропска Влада чиј мандатар ќе сум јас и која во следниот мандат ќе ја направи земјата членка на ЕУ.

ФОКУС: Зошто пропаднаа уставните измени, бидејќи власта постојано се ширеше оптимизам дека тоа ќе се случи најдоцна во ноември? Дали се играше на картата Никола Груевски, но неговата помош изостана?
КОВАЧЕВСКИ: Она што е важно за да го продолжиме европскиот пат е завршувањето на процесот на уставните измени. Тие се дел од преговарачката рамка со ЕУ, тоа е единствениот предуслов за државата да продолжи напред.

Секое одложување е погубно за државата, значи неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство. И затоа е ова најважното прашање во овој момент за македонските граѓани и за иднината на нашата држава. Затоа што директно се однесува на перспектвите на граѓаните.

Се виде во 10-годишниот режим, што значи да сме изолирана држава, кога, сѐ, не само што стоеше во место, туку одеше назад. А, гледате денес, каков историски раст има на минималната плата, на просечната плата, на пензиите, на странските директни инвестиции, на капиталните инвестиции.

Сето тоа се должи на постигнувањата изминативе 5 ипол години и интеграциите, прво со членството во НАТО, а од минатата година и со започнатите преговори ЕУ.

Се наоѓаме во неповторлив конктекст за пробив во европските интеграции и конечно остварување и на втората наша стратешка цел, во услови кога и ние сме ѝ потребни на Унијата, а не само таа нам, заради потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент.

Се покажавме како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и со успешното претседавање со ОБСЕ и со членството и придонесот во НАТО. Затоа сега, партнерите од САД и од ЕУ, очекуваат од нас мудар потег во овој важен глобален контекст.

Да потсетам, стигнаа и директни пораки дека со кочничари на демократскиот, европски развој на Сверена Македонија, нема да се соработува. Затоа, уставни измени ќе има, затоа што тоа е интетрес на граѓаните и на Република Северна Македонија.

Ние секогаш играме со отворени карти и со нас граѓаните знаат на што се. Изворот на драмите што ги гледаме изминатиов период е во редовите на опозицијата, којашто во својата дезориентација не знае каде тера, се скара со сите дома, со целиот демократски свет.

Северна Македонија ќе продолжи напред, но со штетниот квазинационализам оваа патртија ќе биде изолирана, на долг рок, додека не соберат сила внатре, да се реформираат.

ИНТЕГРАЦИЈА ИЛИ ИЗОЛАЦИЈА

ФОКУС: Доколку доживеете пораз на изборите, каков ќе биде вашиот следен потег? Дали ќе продолжите да го водите СДСМ во опозиција или планирате да се повлечете?
КОВАЧЕВСКИ: Јас ќе бидам следниот мандатар, кој ќе ја формира следната проевропска влада. СДСМ им е потребна на граѓаните и на државата. За важните реформски процеси, со коишто конечно ќе обезбедиме европски квалитет на живот во државава, потребно е заедништво и затоа, победата на Европскиот фронт на којшто повикавме е извесна.

Претседател на држава и на влада може да биде само некој кој има коалициски капацитет. Не можете да бидете ни претседател на куќен совет, ако ја имате подршката само од соседите на спратот, затоа што ви треба мнозинска поддршка.

И сакам уште нешто да потенцирам. Ако раководството на партијата што ја споменувате имаше минимум доблест, ќе соопштеа каква иднина им спремаат на граѓаните и на државата, ако таа не е европска?

Лесно е да се добијат гласови со лажен патриотизам. Но е нечесно, лицемерно и опасно, да се даде довербата на луѓе кои пред јавноста имаат едно лице, а во позадина друго.

На улиците зборуваат за сиромаштија, криминал, корупција, а се враќаат во фотељите во Белата палата изградена со украдени милиони евра пари од граѓаните.

Се колнат во чесност, а соработуваат со сомнителни структури од подземјето. Тоа е мачка во вреќа. Автомобил што никој не би го купил.

На граѓаните и на Република Северна Македонија, како кога надминавме конфликт, како како кога добивме кандидатски статус, како кога влеговме во НАТО, како кога отворивме преговори со ЕУ, им треба Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како државничка партија, со јасни прозападни демократски определби, којашто е подготвена да го испорача, во брзи рокови и членството во Европската Унија. И граѓаните тоа ќе добијат, затоа што не заслужуваат ништо помалку.

ФОКУС: Можно ли е да после избори и т.н бугарско сценарио, односно двете најголеми партии и коалиции, во случајов СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да формираат заедничка влада? Своевремено, таков модел промовираше вашиот претходник Зоран Заев, па што мислите за тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Она што е засега јасно, е дека на претстојните парламентарни избори ќе имаме два политичка блока.

Првиот проевропски блок, предводен од СДСМ, заедно со сите политички партии, невладини организации, активисти, поединци кои ќе бидат обединети во европски фронт кој ќе се бори за европска иднина, поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и европски вредности.

И еден антиевропски блок од ДПМНЕ и Левица кој е за изолација и кој значи економско уназадување, стагнација и оддалечување од Европската Унија и демократскиот свет.

Значи, граѓаните ќе бидат исправени пред два избора – да одлучат за интеграција или за изолација. Граѓаните сакаат членство во ЕУ, поголеми плати, подобар животен стандард, сакаат младите својата иднина да ја градат во европска држава, дома, во својата татковина.

Тоа е се спротивно од она за што се залагаат коалицијата ДПМНЕ и Левица, на Мицкоски и Апасиев и затоа ги чека пораз од граѓаните на изборите.

Ние покажавме дека можеме, знаеме и умееме. И, имаме капацитет да ја однесеме државата во ЕУ.

Членство во ЕУ до 2030 година е достижна цел и тоа го должиме на граѓаните. Неколку пати сум кажал и ќе повторам, ако се работи чесно, искрено и посветено, нема недостижна цел.

ФОКУС: Опозицијата предизборно сигурно ќе се обиде да ги наметне темите околу состојбите со борбата против криминалот, корупцијата, правната држава и владеењето на правото. Како планирате да се борите против „нападите“ на оваа основа?
КОВАЧЕВСКИ: Пред криминалот и корупцијата не смее да има отстапки. Повеќе пати сум потенцирал дека одговорноста има име и презиме и таа треба да се лоцира со еден координиран и сеопфатен пристап на сите засегнати институции.

Неопходно е да имаме силен независен правосуден систем, судии со интегритет и професионални институции кои ќе ги процесуираат сооодветно делата. Без кој било дел од оваа алка, нема да имаме успех. И затоа постојано велам, одговорноста мора да се лоцира и мора да се посочи вината и таа соодветно да се санкционира.

Владата која ја предводам, преку системски и конкретни мерки придонесе во борбата против корупцијата и криминалот, а во насока на владеење на правото.  Нашите политики не се само декларативни, туку се реалност, а најголем бенефит од тоа ќе имаат граѓаните.

ФОКУС: На што поточно мислите?
КОВАЧЕВСКИ: Според податоците, 2021 година ја заокруживме со над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата на кривични дела поврзани со корупцијата и спречени коруптивни дејствија во вредност од околу 149 милиони денари.

Додека, во 2022 година се откриени 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители (158 физички и 6 правни лица), со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари. Најголема застапеност имаат злоупотребите на службената положба кај кои се присутни коруптивни елементи.

И самите може да видите дека во судовите се водат актуелни случаи против  поранешни високи функционери. Помина времето на „тефтерчиња“.Судската власт мора да е независна и непристрасна. Секако дека секогаш може подобро и повеќе.

Затоа и најновиот Извештај на Европската комисија за земјава е показател каде треба да вложиме дополнителни напори за подобрување на состојбите. Иако, во 80 проценти од поглавјата е забележан напредок, а не е нотирано назадување во ниту едно од поглавјата.

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА

ФОКУС: Опстојувате ли уште на ставот дека нема ништо лошо измените на Кривичниот законик во време кога се подготвува целосно нов КЗ, бидејќи многу судски процеси беа прекинати врз основа на новите законски норми, а сведоци бевте на критики и од меѓународната заедница, пред се од холандскиот амбасадор?
КОВАЧЕВСКИ: Измените на Кривичниот законик се базираат на германското и словенечкото законодавство и наспроти критиките, тие не се насочени со цел некој да ја избегне правдата. Значи, земени се предвид искуства од земји членки на ЕУ.

Очекуваме дека измените ќе влијаат на ефикасноста и ефективноста на целиот систем бидејќи се воведуваат казни кои дозволуваат проширена конфискација на сторители на незаконски дела. Низ поедноставна постапка ќе може да се заплени имот стекнат на незаконски начин.

ФОКУС: Но, одредени експерти велат дека и сегашното закдонодавство пропишува конфискација, но тоа ретко се прави.
КОВАЧЕВСКИ: Најголемата забелешка на граѓаните се однесуваше на тоа дека се водат процеси кои траат со години, а нема конфискација на незаконски стекнатиот имот.

Затоа, сметам дека ова се позитивни измени во законот, кои ќе помогнат во пополнување на постоечките празнини во легислативата бидејќи недоволно се санкционира коруптивното и криминално постапување, дури кога постојат случаи каде се гледа дека стекнатиот имот е несразмерен со стекнатите приходи.

Тука сакам да посочам и дека конфискацијата во кривична постапка не е замена и не би требало да се поистовети со предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Во моментов, ова е само дел од сетот закони кои што во моментов се подготвуваат во рамките на Министерството за правда.

Нашата заложба е бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и ќе сториме се што е во наша моќ да ги спроведеме неопходните реформи и законски решенија со цел да ги примениме стандардите на ЕУ и со тоа да ја исполниме нашата втора стратешка цел-полноправното членство во Унијата.

ФОКУС: Во меѓувреме, црната листа“ на САД се повеќе се проширува и последно на неа се најде поранешен вицепремиер во влада предводена од СДСМ. Но, овие лица немаат никакви последици дома и непречено учествуваат на бизнис сцената. Како го коментирате тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Нашите истражни и судски институции имаат обврска, доколку постои каков било сомнеж за незаконско работење, без разлика дали станува збор за поединец функционер, актуелен, поранешен да ги преземат сите неопходни мерки и да постапат.

Меѓународните институции, нашите стратешки партнери, каде што број еден се САД, врз однос на свои наоди ги носат овие одлуки, меѓутоа од друга страна и нашите институции имаат обврска да реагираат и да испитуваат за секој случај без никакво влијание.

ФОКУС: Како влада најавивте измени во Законот за рестриктивни мерки со цел да бидат додадени санкциите од САД, па дали може и тоа да остане само најава исто како и Законот за потекло за имот, кој не се носи веќе 3 години?
КОВАЧЕВСКИ: Владата веќе донесе одлука во однос на менување на законските решенија во државата. Се работи во еден дел за измена на законски решенија кои во моментов се однесуваат на лица санкционирани согласно одлуки на ОН и законската регулатива на ЕУ.

Измената тука ќе се направи за да се дополни законското решение со лица санкционирани согласно законите на САД, а во однос на нивното можно обавување на општествени функции во иднина.

Второ, на една од последните владини седници, донесовме одлука за формирање на Координативно тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и криминалот, во чиј состав е вицепремиерката за добро владеење, министрите за надворешни работи, одбрана, внатрешни работи, за правда, министрите за финансии и за економија, како и претставници од безбедносните служби во советодавна улога.

Ова тело ќе ја разгледува промена на законската регулатива врзана со можноста за работење за овие физички и правни лица во прометот во Република Северна Македонија.

МЕРКИ ЗА ПОДДРШКА

ФОКУС: Додека од една страна велите дека издвојувате буџетски средства за антикризни мерки и истакнувате дека во ваше време растат платите и пензиите, од друга страна постојано се соочуваме со протести од делови на администрацијата за повисоки плати, од пензионерски друштва за повисоки пензии, а и бизнисот испорачува критики кон одредени ваши политики. Каде е вистината во оваа црно-бела слика?
КОВАЧЕВСКИ: За мене и како премиер и како економист по вокација, бројките се најрелевантен показател за постигнати резултати. И токму ова прашање, ќе го поткрепам со бројки.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, инфлација минатиот месец ноември изнесува 3,1%, што е за 6,3 пати помала инфлација за само една година, односно споредено со ноември 2022 година, кога инфлацијата беше 19,5 %. Значи, континуираните и координирани мерки што Владата ги преземаше и ги презема, придонесоа за еден константен пад на инфалцијата.

Паралелно, статистиката регистира и раст на платите. Просечната нето плата во септември 2023 година е 37.876 денари или 613 евра, а ветивме 500 евра. Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 250 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра, или 22.460 денари. Тоа се официјални бројки.

Овој раст не беше стопиран ниту за време на ковид пандемијата, ниту во период на економско-енергетска криза. Оваа Влада, за 5 и пол години ја покачи платата речиси двојно повеќе, од тоа што го направила Влада на ВМРО ДПМНЕ за 10 години. Денес, имаме и историски највисока минимална плата и изнесува 20.175 денари или 328 евра.

Тоа е платата која што мора работодавачот да ја исплати. Од 2012 година до 2016 година, значи за 5 години, минималната плата пораснала само за 2.000 денари (од 8.050 на 10.080 денари). А, тогаш немало ни светска здравствена, ниту светска економска криза.

Растат и пензиите. Со новата методологија на пресметка на пезниите, пензиите веќе пораснаа во просек 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година.

Само за година и половина имаме 24% покачување на пензиите. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија 47%.

ФОКУС: Колку овие бројки се рефлектираат во реалноста во смисла на подобар животен стандард?
КОВАЧЕВСКИ: Сите овие бројки се резултат на системски политики и мерки, кои помогнаа да се справиме и да одговориме на предизвиците од кризата, да ги заштитиме граѓаните, да ја одржиме ликвидноста на компаниите и економијата. И сите мерки се носат во комуникација со синдикатите, работодавците, со приватниот сектор, со сите чинители.

Ветив и како премиер и како Влада, дека ниту еден граѓанин, ниту една дејност, никој нема да биде оставен сам да се справува со економско-енергетската криза. И тоа ветување не остана на збор, го реализиравме со конкретни конкретни и таргетирани мерки. Донесовме нов пакет антикризни мерки, 9-ти по ред, во вредност од 662 милиони евра.

Тоа се мерки за поддршка на ранливи граѓани, ученици, студенти, пензионери, граѓани – корисници на социјална помош, граѓани со посебни потреби, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании во процес на зелена транзиција.

Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.

Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106 000 вработени во јавен сектор.

И сите пакети антикризни мерки што ги донесовме досега се за поддршка на економијата и во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за надминување на предизвиците од светските кризи и ефикасни излезни стратегии кон позитивните трендови на македонската економија.

ФОКУС: Дали овие мерки се во функција и на изборите, бидејќи на ваша адреса веќе беа адресирани обвинувања дека спремате изборен поткуп?
КОВАЧЕВСКИ: Ова не се предизборни мерки, ова се мерки за поддршка за граѓаните, за да има повеќе за сите кога е најпотребно.

За околу три и пол години, донесовме пакети антикризни мерки во вредност од  над 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството. Ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот.

Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и за јавниот сектор.

Од независноста до денеска немало толку голема финансиска поддршка за граѓаните и компаниите. Особено сум горд на тоа што успеавме и покрај сите предизвици.

Имаме должност и обврска кон граѓаните и кон стопанството да помагаме кога е најпотребно, но и да осигураме европски квалитет на живот, да ја движиме државата напред и во извесна иднина.

ЗЕЛЕН ЕНЕРГЕТСКИ ХАБ

ФОКУС: Дали државата е подготвена на енергетски план за претстојната зима? Во каква кондиција се капацитетите и има ли доволно ресурси за работа?

КОВАЧЕВСКИ: Уште на 15 октомври кога започна грејната сезона, АД ЕСМ подготвено ја дочека. И можам да кажам, дека производството и снабдувањето со електрична и топлинска енергија е сигурно, безбедно и континуирано и во оваа грејна сезона.

Во текот на летниот период од страна на АД ЕСМ, се извршени редовни ремонтни активности на сите производствени капацитети, за да може да оваа зима да сме подготвени.

Во делот на снабдување со топлинска енергија за град Скопје, испораката на парно се врши од 6:00-22:00 часот, по строго утврдени правила и дијаграми.

Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ги испорачува ТЕ-ТО.

Ќе посочам дека минатата година беше особено тешка, и во такви кризни услови со капацитетите стари и по 40 години, но со упорност, со нивно одржување, ремонти, со посветеност од работниците од сите енергетски капацитети, заеднички успеавме да ја изменаџираме енергетската криза.

Сите енергетски потенцијали ги ставивме во функција, го активиравме и ТЕЦ Неготино, кој 15 години не работеше, го зголемивме домашното производство на електрична енергија на ЕСМ, со што се обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Образовните институции, болници, комунални дејности беа вратени на регулираниот пазар, за да имаат пониски трошоци за работа.

Во споредба со претходната грејна сезона 2021/2022 реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45%. Тоа резултираше, во текот на целата зима да има електрична енергија без никаков прекин.

Секако, покрај сигурното снабдување со електрична енергија, во време на криза, наш приоритет беше и да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови.

Обезбедивме субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани, како и субвенционирање на цената на електрична енергија за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар.

ФОКУС: Што преземавте во делот на обновливи извори на енергија?
КОВАЧЕВСКИ: Во новиот 9-ти пакет антикризни мерки предвидени се еден милион евра преку Програмата за енергетска сиромаштија, за финансиска поддршка на над 5.000 семејства, финансиска поддршка за домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија, а продолжува и мерката за 90% субвенционирање на цената на струјата, со која се опфатени 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи.

Сега повторно овозможивме враќање на евтината тарифа, со што граѓаните можат да заштедат над 1.000 денари месечно.

Со правилни политики и со поддршката и растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, успеавме кризата да ја претворивме во можност. Северна Македонија е лидер во енергетската транзиција, ја претворивме нашата држава во зелен енергетски хаб.

Од јануари 2022 година до денес се издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, односно денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија. Тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува, електрична енергија со која може да се снабдуваат над 166 илјади домаќинства во земјава.

После 30 години, избравме инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“, ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј, а во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола.

ФОКУС: Во овој контекст, факт е дека Вашата влада набави сопствена механизација за работа во РЕК Битола, но можеше ли многу повеќе, имајќи во предвид дека ЕСМ постојано спроведува милионски тендери за ангажирање на надворешна механизација?
КОВАЧЕВСКИ: Нашите енергетски капацитети беа оставени на забот на времето. Електрани стари по 40, 50 и 60 години. АД ЕСМ во изминатите години направи капитални ремонти во РЕК Битола, кои не беа направени подолго време, вложени се средства, време и работа се со цел да се зајакнат капацитетите, да бидат поиздржливи и посигурни во производниот процес.

Паралелно се врши и рехабилитација и на хидроелктраните. Во тек e реализација на проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1.420 MW.

Она што е факт, е дека Владата набави многу голем број на парчиња механизација за потребите на РЕК Битола. Станува збор за набавки кои во РЕК Битола се случија за првпат после 20 години.

Притоа, со првата набавка од 2021/2022 година во вредност од 17,5 милиони евра беа набавени 36 парчиња механизација исклучиво за потребите на РЕК Битола. Со оваа набавка се задоволија околу 30% од потребите на РЕК Битола за континуиран ископ на јаглен.

Со втората набавка во износ од над 10 милиони евра, се набави механизација за потребите на сите подружници во рамките на ЕСМ, но најголем дел повторно завршија во РЕК Битола каде потребата е најголема.

Во Годишниот инвестициски план за следната година предвидена е набавка на механизација во вредност од 1 милијарда и 700 милиони денари за т.н. дисконтинуиран ископ.

Откако ќе се реализира оваа набавка, можеме да зборуваме за солиден број на парчиња механизација кои ќе ги задоволат потребите на РЕК Битола за непречен производствен процес.

Факт е дека може повеќе, но исто така факт е дека и ова што се реализира, и тоа континуирано и во услови на ковид криза, и во услови на енергетска и економска криза, е многу повеќе од набавените нула парчиња механизација за потребите на РЕК Битола во периодот додека ВМРО – ДПМНЕ раководеше со ЕСМ, тогашно ЕЛЕМ.

ФОКУС: Сега има малку парадоксална ситуација – државните електрани да соработуваат најмногу со компанијата што како опозиција ја обвинувавте дека е блиска до ВМРО-ДПМНЕ и Сашо Мијалков.
КОВАЧЕВСКИ: ЕСМ имаше соодветни појаснувања во јавноста преку соопштение. Јас на тоа само можам да посочам дека секоја институција е должна да работи согласно закон, статут и сопствените интерни процедури.

БЕЗБЕДНОСНА СИТУАЦИЈА

ФОКУС: Се случи еден незапаметен трагичен настан и грозоморно злосторство во кое беа убиени старец и девојче, при што главен осомничен е актер во политичкиот живот. МВР брзо го реши случајот, но опозицијата обвинува за низа пропусти и најавува дека ќе презентира сериозни информации на оваа тема.
КОВАЧЕВСКИ: Точно, незапамтен трагичен настан… Јас, но и целата јавност, сите сме згрозени од овој монструозрен чин. Надлежните институции покажаа дека се на ниво на задачата. Се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на обвинителството кои што темелно и без никакво влијание постапуваат во овој и во сите други случаи.

ФОКУС: Како го коментирате фактот што за главниот осомничен се воделе повеќе судски постапки и моментално има активна кривична пријава, бил фатен и со оружје, но шетал на слобода, учествувал во политичкиот живот и креирал јавно мислење? Дали, според Вас, затаиле институциите?
КОВАЧЕВСКИ: Според информациите кои јавно ги објави Министерството за внатрешни работи, за првоосомничениот за грозоморното двојно убиство, во минатото биле поднесени 6 кривични пријави. Дали овие пријави се во истрага, или не тоа јас од позиција на премиер не го знам, бидејќи како извршна власт, ниту имам законска можност ниту право да имам такви информации или пак увид во истраги, кој предмет или случај до каде е зошто е или не е процесуиран.

ФОКУС: Која е Вашата оценка за генералната безбедност во државата, бидејќи во минатото се случија многу убиства и обиди за убиства, кои никогаш не беа расветлени, како оние во Шиша Бар, Ист Гејт…?
КОВАЧЕВСКИ: Безбедносната состојба во државата е стабилна, тие случаи кои ги спомнавте се изолирани случаи кои во никој случај не се закана по безбедноста на јавните места.

За овие два случаи како што информираше и министерот за внатрешни работи, полицијата во соработка со ОЈО прават опсежна истрага и темелно утврдување на фактите. Формирани се посебни штабови во МВР, со одделот за криминалистички работи и форензика.

Нашата порака е јасна, секој што се огрешил пред законот, што се занимава со криминал ќе мора да носи одговорност и да биде казнет за сето она што го направил, и тука нема отстапки.

 

НЕ ПРЕФЕРИРАМ НЕОФИЦИЈАЛНА КОМУНИКАЦИЈА

ФОКУС: Пред да го официјализирате договорот за заеднички избори на лидерската средба, дали имало одредена неофицијална комуникација со ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема?
КОВАЧЕВСКИ: Неофицијална комуникација јас не преферирам. Работам за граѓаните и за државата, гледате дека сум отворен и транспарентен, затоа и сите мои состаноци се јавни и официјални, а јавноста е за тоа информирана. Како што информирав и на лидерската средба, а потоа и во јавноста, дискусиите се одвиваа во рамки на коалицијата и секако во рамки на работната група која работеше на Изборниот законик со останатите политички партии.

 

ПОЗИЦИИТЕ ВО ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА СЕ ЗАКОНСКИ РЕГУЛИРАНИ

ФОКУС: Ќе има ли во техничката влада прв вицепремиер од СДСМ и кој би бил тој?
КОВАЧЕВСКИ: Во однос на позицијата прв вицепремиер, вие и сами знаете дека техничката влада и промената на позициите со истата е регулирано согласно закон. Со тоа не може да се прави импровизација затоа што постојат точно дефинирани позиции со законски одредби. Која било импровизација во однос на реализирањето на законски одредби може да фрли дамка врз изборниот процес, а тоа не смееме да го дозволиме. Сепак, имајте предвид дека се работи за Влада која треба технички да ги подготви изборите во тие 100 дена.

 

ПОДАВАМЕ РАКА КОН СИТЕ ДЕМОКРАТСКИ И ПРОЕВРОПСКИ СИЛИ

ФОКУС: Очекувате ли во Европскиот фронт да влезе и АА, чиј лидер вели дека предизборна коалиција на СДСМ, ДУИ и АА ќе им штети на нив како партија, но и вам, бидејќи, според него, ќе предизвикате националистички наратив од опозицијата?
КОВАЧЕВСКИ: Ова е демократска земја, секој носи одлука за сопственото политичко делување и тоа треба да се почитува. Како што кажав, ние подадовме рака на сите проевропски, демократски сили, вратата е отворена, да ја оствариме заеднички целта – Северна Македонија, земја членка на ЕУ.

Националистичките наративи се резервирани за оние кои немаат што друго да понудат, кои немаат ниту визија, ниту идеја, ниту програма. ВМРО-ДПМНЕ така владееја 11 години, легитимно е рзмислувањето дека тие повторно би прибегнале кон националистички наративи. Но, сметам дека општеството нема ги прифати, веќе е видено колку се тие проѕирни и штетни.

 

СЕКОЈ ШТО СЕ ОГРЕШИЛ ПРЕД ЗАКОНОТ И ГРАЃАНИТЕ ЌЕ СИ ОДГОВАРА

ФОКУС: Дали сте присуствувале на средба кај претседателот Стево Пендаровски на која од него била барана амнестија на Груевски или одредени олеснување на неговите правни предизвици со кои се соочува со земјава?
КОВАЧЕВСКИ: Не, јас не сум присуствувал на никава средба, ниту имам информација дека таква средба воопшто имало, вие знаете подобро врз основа на што поставувате вакво прашање.

Шпекулациите и лажните вести се закана за демократскиот свет насекаде – и кај нас. Правдата е бавна, но стигнува и секој кој се огрешил пред законот и пред граѓаните, ќе си одговара. Предметите се во правосудна постапка. Правосудството е независна власт.

Но со оглед на големото незадовоство од граѓаните за постапувањето и по овие предмети за коишто прашувате, а и по други, како и по јасните прозивки од нашите европски партнери, кои вложија многу во правосудната реформа, јас се надевам дека чесните и професионалците конечно ќе реагираат таму, бидејки се ставени во ист кош со другите и ќе се случи самофилтрација.

Ако не се случи самоиницијативно, ќе се случи со отворањето на поглавјето 23, правосудство и темелни права, во рамки на преговорачакиот процес со ЕУ, значи многу скоро.

Поврзани новости