АРХИВА Им избегав на киднаперите од УБК, а пред локалните избори ми местеа и ликвидација

by Fokus

Текстот е објавен на 28 мај, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1025

Разговараше: Љубиша АРСИЌ

ФОКУС: По пет месеци поминати во притвор, сега од слобода ја очекувате завршницата на истрагата за досието „Јагула“, во кое ве сомничат за финансиски криминал. Очекувате ли дека ќе финишира со обвинителен акт или, пак, Јавното обвинителство ќе се откаже од гонење?

ПЕТРЕСКИ: За судскиот предмет не знам што да очекувам, но овие денови сум во исчекување како ќе заврши политичката ситуација во Македонија. Тоа е тоа што го исчекувам и што ми се наметнува како приоритет. За процесот само можам да се надевам дека ќе заврши во моја полза ако претходно судството стане нормално.

ФОКУС: Сметате дека евентуална промена на политичката сцена ќе има влијание и врз вашиот случај?

ПЕТРЕСКИ: Промената на политичката сцена ќе направи пресврт и во мојот случај. Ако ништо друго, барем ќе стивнат политичките притисоци затоа што целиот процес почна така. Очекувам дека, ако прекинат влијанијата врз истражните органи од страна на власта, предметот нема да биде отворен, односно нема да почне судски случај затоа што само така е исправно. Ова не го зборувам затоа што сум од СДСМ, туку поради фактичката ситуација и аргументите, кои се во моја полза. Кога обвинителот ме запознаваше со содржината на предметот, јас не видов издржани аргументи. На пример, не знам зошто бев пет месеци во притвор, а уште помалку зошто е отворен предметот. Од она што се зборуваше и се пласираше во јавноста и од медиумската кампања на провладините медиуми за злоупотреби, испадна дека нема врска. Нема никаква врска тоа што првично беше објавено, а нема врска ниту со кривичната пријава.

ФОКУС: Тогаш со што има врска вашиот случај и ако нема злоупотреби што ви ставаат на товар?

ПЕТРЕСКИ: Ако се погледне со објективни очи, не очекувам никакво дело да ми стават на товар. Истрагата е во тек и сега не можам да откријам многу работи. Но, јасно стана дека нема злоупотреба на службената положба оти е очигледно дека нема штета ни за општината, ни за државата. Стојам на фактот дека кој работи може и да згреши. Но, таквите грешки, и да постојат во мојот случај, сепак не се за да се обезбеди нечија имотна корист. Сите тие постапки за кои контрираме во рамките на истрагата, а се поврзани со тендерски набавки, ги прави администрацијата на општината и како што гледам јас, сѐ е во ред со нив. Не се во ред уцените и обидите на власта да ме осуди.

ФОКУС: Па, тогаш врз основа на што ги темели доказите Јавното обвинителство?

ПЕТРЕСКИ: Јас тврдам дека администрацијата ги спроведувала тендерите совесно и транспарентно и затоа велам дека е постапувано според законските прописи. Со оглед дека власта постојано ги менуваше законите, и да има некаква грешка, не е толку голема за да има одредување притвор, а уште помалку затворски казни. Оттаму, јас не можам да најдам логика како обвинителството при евентуален судски процес ќе го докажува делото, освен ако не постојат силни притисоци.

НЕМА ДЕЛО, САМО ЧИСТА ПОЛИТИКА

 ФОКУС: Значи дека случајот го сметате за политички, а не за кривичен?

ПЕТРЕСКИ: Тврдам дека целиот случај е политички. Пред сѐ, да се анулира мојот политички рејтинг и моите остварувања додека бев градоначалник. Сигурен сум дека тие достигнувања што ги имавме јас и вработените во општината се убедливо најдобри во споредба со сите градоначалници претходно, па и со сегашниот. Некому тоа навистина му пречело и се обидел да најде начин како да ме отстрани од игра. Но, ќе видиме до кога, мислам дека им доаѓа крајот.

ФОКУС: Кои аргументи ги нудите за да ја уверите јавноста дека навистина политички ви се одмаздуваат и дека не сте сториле кривично дело?

ПЕТРЕСКИ: Тие аргументи ги темелам врз резултатите што се постигнати, а сите тие се наведени во отчетот на општината. Едноставно, граѓаните гледаа самите колку бевме на терен и колку работевме. Многу од проектите беа поврзани со водовод и канализации, а тие не се гледаат. Фонтани не правев, како некои други. Се фокусирав на најпотребните, суштинските работи. Ако се земат резултатите – колку километри патишта сме асфалтирале, колку километри пешачки патеки сме изградиле, колку игралишта, како се грижевме за училиштата, станува јасно кој работел за Охрид. Но, некој сакаше да ги погази ти резултати, а мене да ми наштети. Друго објаснување нема за мојот процес.

ФОКУС: Пред да продолжиме за тоа што го преживувате во притвор, да ве потсетам дека власта при нападите против вас како најсилен аргумент го користи долгот на општината што сте го оставиле зад себе?

ПЕТРЕСКИ: Приказната за долговите, која ја наметнуваат противниците од власта, воопшто не е точна затоа што јас, на пример, никогаш не зедов кредит за моето работење. Долговите ги наследив, но и голем дел од нив се платени. Долговите што тие ги наследиле, се очекувани, и тие се на власт, иако победија на нечесен начин. Голем дел од долговите се наследени, а некои не ни беа ни познати. Имаше стотици предмети во судовите за експропријација отворени пред 20 или 30 години, и сега доаѓаат за исплата. И во текот на денационализацијата се вратија голем број имоти на кои општината имала инфраструктурни зафати и судските предмети доаѓаа за извршување. Последните месеци од мојот мандат ми дојдоа неколку милиони евра за исплата по овие две основи.

ФОКУС: Значи дека некои обврски, кои по логиката може да ѝ припаднат на централната власт, практично ги презела општината?

ПЕТРЕСКИ: Ќе ве потсетам на едно време, во Југославија имаше децентрализација на власта и тогашните први луѓе на општините имаа поголеми ингеренции. На пример, во здравството (поставуваа директор на болница и здравствен дом), во полицијата (назначуваа началник), во јавниот превоз и во образовниот процес (избираа директори на училишта и претпријатија). И во тоа време кога се граделе болници, училишта, носители на тие проекти биле општините. И тогашните предмети за експропријација биле заведени против општината. На пример, болницата во Охрид била изградена врз нечиј имот и сопствениците покренале процес против општината. Потоа во Македонија, во 2006-та се обидовме да се децентрализираме. И имаме ситуација кога сопственик на зградите на полицијата и на болниците се МВР или Министерството за здравство, а ние мораме да ги обесштетуваме граѓаните. Притоа немаме никакви ингеренции врз тие институции.

ФОКУС: Сакате да кажете дека обесштетувањето на сопствениците на имотите врз кои има изградено институции од јавен карактер е виновно што оставивте 30 милиони евра долг на општината?

ПЕТРЕСКИ: Тоа беше причина за блокирање на сметката на општината. Но, сепак, фактите се малку поинакви од пропагандата на власта. Кога дојдов на позицијата градоначалник, буџетот беше 1,8 милион евра, а познатите долгови беа 14 милиони и уште вакви потенцијални долгови од 20 до 30 милиони евра. На Охрид му беа неопходни инвестиции оти заостануваше во својот развој. Така, моравме да влеземе во нов инвестициски циклус – ем да враќаме долгови, ем да инвестираме. Во многу села, во многу населби направивме голем број проекти. За мене водење општина е како да водиш семејство – прво тоа што е неопходно. Не одев јас да купувам чоколада пред да донесам леб и млеко, за разлика од политичарите на ВМРО-ДПМНЕ. Буџетот се зголеми на десетина милиони евра, а долговите беа колку два годишни буџети. Кога дојдов вкупните долгови беа колку седумгодишни буџети, а сега се два. Ама власта само бројките од долговите ги објавува, а не и буџетот. Затоа не е точно дека сум ја презадолжил општината.

ЗА ДА ПОБЕДИ ВО ОХРИД, ВЛАСТА ДУРИ И ЌЕ МЕ ЛИКВИДИРАЛА

ФОКУС: Ако сето ова што го зборувате е вистина, како ги загубивте изборите?

ПЕТРЕСКИ: Со наместени избори. Избори со директни закани и уцени врз граѓаните. Во Македонија сме сведоци дека има многу начини за нечесни избори. Сега ми текнува на седум до осум нерегуларности да наместиш избори, а кај нас во Охрид беа применети сите: имаше фантомски гласачи од Албанија, имаше гласачки ливчиња што се делеа претходно, имаше и гласачки ливчиња на кои пишуваше Општина Карпош во горниот дел, имаше закани и уцени.

ФОКУС: Некои од овие нерегуларности се споменуваат и во опозициските аудиоснимки што ги објавува Зоран Заев.

ПЕТРЕСКИ: Тоа за кое зборува, пред сѐ, Мартин Протуѓер беше јасно уште во предизборната кампања. Секоја моја предизборна активност беше проследена со инцидент. Каде и да се појавев, ми пуштаа насилници да ме следат и да ме провоцираат. Бевме под закани и јас и моето семејство. Бизнисмените во Охрид беа повикувани на средби и заплашувани дека нема да продолжат да работат ако не платат и не застанат зад мојот противкандидат.

ФОКУС: Ако постојано во врат ви дишеле насилници, тогаш што најстрашно ви се случи за кое јавноста не знае?

ПЕТРЕСКИ: Прво ќе кажам дека телефонските снимки од прислушувањето, особено тие со Јанкулоска мене ништо не ми потврдија затоа што јас со тоа живеев. Со уцените и со заканите што тие ги споменуваат. Постојано ми се јавуваа дека ќе ме апсат. И сега затоа знам дека сѐ е организирано и наместено, дури и да доживеам сообраќајка, имале во план. Живеев со тоа и затоа сега кога ги слушам снимките, ништо не ме изненадува. Дури и малку слушнавме од тоа што го преживувам. Но, сепак, тоа ми значи, за граѓаните да се уверат како ме наместија и како ми се одмаздуваат. Тоа што на Жерновски му се случува овие две години, мене ми се случуваше осум години.

ФОКУС: Како да ви направат сообраќајка? Со намера да загинете?

ПЕТРЕСКИ: Па, така требало, и тоа во петокот, пред локалните избори. Но, по сѐ изгледа, откако веќе знаеле дека го ставиле под контрола изборниот процес, односно дека имаат наместено поголем број гласови од моите, се откажале. Ова ми го потврдија лица што знаеле сѐ за операцијата за мое физичко отстранување, а која требало да се изведе од две лица со џип. Значи, власта не избира механизми како да ги неутрализира противниците, особено тие кои со резултати го заслужиле вниманието и гласот на народот.

ФОКУС: А сега, дали се чувствувате безбедно, барем кога патувате?

ПЕТРЕСКИ: Не знам дали треба повеќе да им се плашам. Веќе сите го знаат нивното лице. Но, тоа што со сигурност го знам е дека целиот период од 2009-та наваму, многупати имаа обиди да ме наместат, како на пример, за поткуп, како што на Заев му измислија дело. Директно доаѓаа лица кои ми нудеа пари за некаква работа. Постојано бев прислушуван и следен. Забележував многу сомнителни лица во моја близина. Дури и јавно кажав дека сум прислушуван, а Иво Котевски од МВР ми се закани дека ќе ме тужи ако не докажам дека сум прислушуван. Ми беа пуштани разни насилници да ми се закануваат. Еднаш ме собраа во возило за наводно некаква средба во Маврово. Ме зедоа двајца, еден од УБК, но откако сфатив што е работата, им избегав под изговор дека треба да купам цигари. Ми рекоа прво дека во Струга ме чекаат на некаква средба, па кога тргнавме низ главната улица на Охрид, ми кажаа дека одиме во Маврово, и тогаш се исплашив и им реков да застанат на бензинска пумпа и избегав.

ФОКУС: Дали подоцна дознавте кој ве зел и каде сакал да ве однесе?

ПЕТРЕСКИ: Го познавав едниот од нив, но не сакав понатаму да се распрашувам. Знам дека беше обид за моја ликвидација, така барем изгледаше ситуацијата.

ФОКУС: И ова ѝ го припишувате на власта?

ПЕТРЕСКИ: Па, слушнете ги снимките, многумина прашуваат за мене и за моето апсење. Со нив се потврдува што сакала власта со мене. Еден од соговорниците чиј глас јас го препознав е познат македонски бизнисмен, дури и тој се интересира за моето приведување. Зошто? Затоа што многумина се влезени во шемата на ВМРО-ДПМНЕ и сакаат уништување на сите што им стојат на патот.

КОГА СТЕ И ПРОТИВНИК ВЛАСТА, ВЕ ТОЛЧИ ДО КРАЈ

 ФОКУС: Сепак, иако не им биле успешни обидите за физичка ликвидација, успеаја да ве неутрализираат на избори. Тоа секако е подобра варијанта и за нив и за вас.

ПЕТРЕСКИ: Тие избори беа целосно изместени. Охрид нема толку жители колку што имаше гласови. Замислете, на избори излегле 36 илјади граѓани! Реално е кај нас да излезат 22 до 23 илјади. Затоа велам дека тие се откажале од сите опасни планови кога пресметале дека ќе имаат гласови за победа на нивниот кандидат. Првпат кога победив, имав 11.000 гласа. Сега имав 13.000, што значи оти рејтингот ми пораснал. Но, спорни и нелогични се нивните гласови.

ФОКУС: Добро, ако ве победиле со наместени избори, кои, сепак, се признати од Државната изборна комисија и ако на вашето место беше избран друг градоначалник, не значеше ли тоа ваше отстранување? Зошто тогаш им требаше судски случај?

ПЕТРЕСКИ: Па, такви се тие, одат до крај. Сѐ што може да ти направат, ќе ти направат, само да те нема на политичката сцена. И додека бев градоначалник, ме проверуваа, но и двете години откако не сум. И мене и моите соработници, сите нѐ повикуваа во полиција. Нѐ испрашуваа многупати. На вработените им се закануваа да признаат за мене и така ќе се спаселе тие. Ме притворија пет месеци за наводно влијание врз сведоци и можност од бегство, а тие практично им влијаат и на сведоците и на другите осомничени да застанат против мене, но тоа нема да им помине. Од прислушуваните снимки стана јасно дека тие се плашеле за имотите околу Охрид, особено за имотите што требаше да ги присвои Субрата Рој. Единствени што им се спротивставивме бевме јас, Паско Кузман, кој, исто така, заврши со судски процес и владиката Тимотеј, кого не можат да го гонат оти е високо црковно лице. Не можејќи да ги остварат своите нечесни идеи, решија да ме отстранат и да ме стават в затвор. Едноставно, да ме столчат.

И ДА СИ ЗДРАВ, ВО ПРИТВОР ЌЕ СЕ РАЗБОЛИШ

ФОКУС: Уште малку околу процесот „Јагула“. И по пет месеци во притвор, обвинителството не успеа да ја заврши истрагата. Сега сте во очекување. Но, во какви услови престојувавте со оглед дека здравствената кондиција ви е лоша?

ПЕТРЕСКИ: Тоа се нехумани услови, бевме во 10 квадрати тројца притвореници и со отворен тоалет. Целата соба е црна од влага и мувла, едноставно и здрав да си, ќе се разболиш, а не болен како мене. Но, цела среќа што барем вработените беа коректни со мене и за тоа сум им благодарен.

ФОКУС: Имаа ли оправдување за толку долгиот притвор?

ПЕТРЕСКИ: Секако дека не. Сѐ беше изживување. Јас уште од самиот старт им покажав дека немам намера да се кријам. Секогаш кога ме повикуваа во полиција, се пријавував. Дополнително, кога дојдоа во мојот дом во Охрид околу 50 полицајци за да ме уапсат, јас не бев таму. Бев во Скопје. Сопругата ми се јави и јас веднаш им ја дадов адресата на која бев во Скопје.

ФОКУС: Предметот против вас е комплексен и има 15 осомничени. Сега сите сте на слобода. Дали е можен пресврт, односно дали може истрагата да прекине или пак некои од осомничените да застанат против вас?

ПЕТРЕСКИ: Не верувам дека некој ќе застане против мене оти сите ја знаат вистината. Добро е што јавниот обвинител добро го познава предметот и убеден сум дека полека ќе сфати оти таму нема дело. Најдиректно ми се става на товар некаква  грешка во процедура при јавни набавки во општината. Не за тоа дали работата е завршена или не е, не дали количините се тие или не се, туку дали работата била почната пред време – дали нешто сме започнале да правиме пред да заврши тендерот. Најважно е дека нема финансиски криминал, иако некои нивни медиуми пласираа бројки од 20 милиони евра.

ФОКУС: За крајот од овој разговор да прашам за вашиот наследник и како сега се води општината. Колку Бакрачевски е самостоен во одлуките и колку е потчинет на власта?

ПЕТРЕСКИ: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ сега се за сите проекти за кои претходно беа против. Неговата работа не можам да ја коментирам оти е ограничен многу. Не смее да излезе од партискиот шаблон. А за еден градоначалник е важно да има самостојност а не да биде послушник. Тој е практично задушен. Принудуван е да има поинаков аршин спрема вработените, така му се наложува од партиската централа.

ФОКУС: Како да ништо не е променето во Охрид откако тој е на власт, таков ли ви е впечатокот?

ПЕТРЕСКИ: Сметам дека тоа што му ветуваа дека власта ќе му помага, го направи да се однесува како да е вработен во влада, како чиновник. Сите нивни градоначалници работат по ист налог. Тоа што централната власт му ветуваше дека ќе му помогне, падна во вода. Сега власта самата себе си не може да си помогне. Тој е оставен на цедило и многу му е тешко сигурен сум, особено при ваква политичка состојба кога власта по секоја цена се обидува да се спаси и да се извлече од криминалот. Сега неговите проекти се практично моите со кои ме блокираше министерот Јанакиески. Сите заложби да влезам во проекти од јавно-приватно партнерство ми ги рушеа нивните советници затоа што биле лоши, а сега наеднаш станаа добри. Со еден збор, власта од добар лекар направи лош градоначалник.

Рамка

ПРОТУЃЕР ПОСЕГНА ПО ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ

ФОКУС: На снимките за кои зборувате се споменува и некаков имот за кој интерес пројавува Мартин Протуѓер. За што се работи?

ПЕТРЕСКИ: Тоа е најверојатно негов приватен имот или на некој негов близок, но се наоѓа во строго заштитено подрачје, а тоа значи дека нема вредност. Тој бара да се урбанизира за да може вредноста на имотот да порасне за понатаму да го продаде или не знам што да прави. Но тој имот би се зголемил и до 100 пати според вредноста ако се пренамени. Тој е во строго заштитено подрачје, познатото охридско блато.

Рамка

ЌЕЛИЈАТА ЈА ДЕЛЕВ СО ДРУГИ НЕПРАВЕДНО ОБВИНЕТИ

ФОКУС: Со кого ја делевте ќелијата?

ПЕТРЕСКИ: Со Часлав Кузмановиќ златарот, обвинет за кражбата во Археолошкиот музеј кого го осудија на правда. И тој имал закани да стане сведок против другите обвинети во процесот. По три месеци закани, кога не го убедиле за сведок, настрада и тој како обвинет. Вториот цимер ми беше Арслан Подар од Грчец, тој беше одговорен за дрога. Беше присилен да признае нешто што не сторил за да добие поблага казна. Пазарот му беше наместо 10, да добие пет години.

Поврзани новости