АРХИВА И заменик-министерот Колемишевски формирал фирма за канабис со семејството на Свето Пивара

by Фокус

Текстот е објавен на 24 октомври 2019 година во неделникот „Фокус“ во број 1255

Кирил Колемишевски, кој беше избран за заменик-министер за економија при последната владина реконструкција кон средината на годинава, поседува удели и акции во неколку друштва, од кои дел се стекнати во тековната 2019 година. Според податоците на „Фокус“ обезбедени од надлежните институции, во некои компании Колемишевски е партнер со странски државјани, меѓу кои се друштвото за наплата на долгови „Прајм Колект“ и за трговија „БКМ Инвест“. Во други субјекти, пак, тој има домашни партнери, како што е случај со фирмата за медицинска марихуана „М-6 ЕДЕН ГРИН“ формирана годинава, каде доминантен партнер е субјект од групацијата „М-6“, поврзана со семејството на бизнисменот Светозар Јаневски. Згора на тоа, двете страни поседуваат акции во АД „Аутомакедонија“

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека целокупната јавност ја очекуваше конечната одлука на шефовите на земјите-членки на Европската унија околу почетокот на преговори на земјава со Унијата, која, за жал, на крајот се испостави негативна за Македонија поради блокадата од Франција, македонската влада во парламентот го достави долго најавуваниот нов Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, со кој, меѓу другото, се регулира и одгледувањето и производството на канабис за медицински цели. Патем, законот треба да биде донесен по скратена постапка, со оглед дека е предложен со европско знаменце, иако во случајов не станува збор за усогласување со европското законодавство во класична смисла на зборот.

Имено, од владата се правдаа дека одредени законски одредби навистина се усогласуваат со европското законодавство поради обврските што ги има државава како кандидат за членство во ЕУ, но поради обврските што произлегуваат од конвенциите на Обединетите нации за контрола на опојни дроги и други психотропни супстанции. Од друга страна, пак, опозицијата обвини дека законот не е во насока на европеизација на државата, туку претставува злоупотреба на моќта на премиерот Зоран Заев во интерес на компаниите во сопственост на негови роднини. За волја на вистината, новиот закон предвидува извоз не само на екстракт на масло, туку и на сув цвет од канабис, од што корист ќе имаат сите триесеитна лиценцирани компании, вклучително и тие на Заеви.

Во тој контекст, уште пред година ипол пишувавме за влезот на блиски роднини на премиерот и лидер на СДСМ Заев во бизнисот со медицинска марихуана, преку преземање на „МАМ Свети Николе“ и формирање на „Фарма Медика Канабис Валандово“, чии сопственици се Трајче Заев, Бобан Заев, Катерина Бојовиќ-Заева… Со текот на времето, се повеќе се зголемуваше бројот на компании на овој пазар, а една од нив, како што неодамна објавивме, е во косопственост на кумановската „Делукс Ауто“ на Бобан Спасовски, која се јавува како донатор на СДСМ. Во меѓувреме, содружник на фирма за медицинска марихуана стана и Ване Андреев, правен застапник на Заев.

Дека многу од компаниите што тргнаа во поход на овој пазар, независно дали веќе ја добија потребната лиценца за работа или пак се уште го чекаат одобрението, може да се доведат во корелација со власта, потврдува и најновиот случај што го обелоденува „Фокус“. Податоците што ги обезбедивме од надлежните институции покажуваат дека и заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски поседува удел во компанија за канабис, заедно со групацијата „М-6“ на семејството на бизнисменот Светозар Јаневски, познат како Свето Пивара. Со оглед дека Колемишевски е член на владата, која има низа надлежности врз компаниите што делуваат во овој бизнис-сектор, се поставува прашањето дали во случајов постои судир на интереси или пак може да се проблематизира само од етички аспект?

ПРОПАДНАТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД И УСПЕШНО АДВОКАТСКО ДРУШТВО

Колку за потсетување, по изборот на новата влада кон средината на 2017 година, Кирил Колемишевски беше назначен за член на Надзорниот одбор на Македонската банка за поддршка на развојот, а во мај годинава беше избран и за в.д. извршен директор на банката за кредитирање на малите и средни трговски друштва. Неколку месеци подоцна, пак, владата го разреши Колемишевски од оваа функција и веднаш потоа го предложи за заменик-министер за економија на местото на Кире Наумов. Впрочем, тоа се случува за време на кадровските промени познати под поимот „метла“, кои премиерот Заев ги најави меѓу двата круга на претседателските избори.

Во официјалната биографија на Колемишевски, доставена до пратениците кои го изгласаа за заменик на првиот човек во ресорот економија Крешник Бектеши, стои дека тој е дипломиран правник и магистрант на правниот факултет, чија специјалност е деловното право. Што се однесува до неговото работно искуство, тој навел дека веднаш после дипломирањето на скопскиот правен факултет работел во Комерцијална банка како шеф на правната служба за работа со стопанството од 2002 до 2007 година. Паралелно со тоа, во 2005 и 2006 година работел и во „КБ Прво пензиско друштво“ како координатор на агенти.

По завршувањето на службата во Комерцијална банка, Колемишевски станал извршен директор на друштвото за управување со фондови „Мој Фонд“. Според информациите објавени во „Службен весник“, Комисијата за хартии од вредност во март 2008 година му издава лиценца за инвестициски советник и воедно дава дозвола за негово именување во Одборот на директори во „Мој Фонд АД“. Но, веќе на средината на 2009 година, Комисијата утврдува неправилност во работењето на друштвото поради именување на извршните членови без согласност од комисијата, а во март 2010 година трајно ја одзема дозволата за работа поради непостапување по решението, неусогласеност со законот, како и поради неправилности констатирани при редовни контроли.

Потоа, Колемишевски влегува во адвокатурата, така што во 2011 година го формира адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“, кое успешно функционера до денес. Официјалните податоци покажуваат дека тој е еден од тројцата партнери во друштвото заедно со Сандра Веловска и Предраг Ивановски, со тоа што Веловска и Ивановски моментално фигураат и како овластени лица, откако на Колемишевски му влегува адвокатската дејност во мирување по изборот за член на владата. На официјалната страна на друштвото стои дека нудат широк дијапазон на услуги: управна постапка и администрација, банкарство и финансии, трговски, деловни и работни спорови, франшизинг и лизинг, ликвидации, инвестициски фондови, лиценци, дозволи и одобренија, судски постапки, јавни набавки…

КОМПАНИЈА ЗА НАПЛАТА НА ДОЛГОВИ И ЗА ТРГОВИЈА ВО НЕСПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ ПРОДАВНИЦИ

Покрај неуспешниот обид за основање на „Мој фонд“, работното искуство во Комерцијална банка и формирањето на адвокатското друштво „Колемишевски и партнери“, во биографијата на Колемишевски не се наведени други референци. Меѓутоа, неговиот анкетен лист со податоци за имотната состојба, што го доставил до Антикорупциската комисија, открива дека тој поседува удели и акции во повеќе компании, при што дел од нив ги стекнал актуелната 2019 година, кога ја напушти функцијата во македонската развојна банка и влезе во владата предводена од Заев. Притоа, во некои компании заменик-министерот за економија има партнери од странство.

Па, освен што Колемишевски и Веловска се партнери во адвокатското друштво, тие соработуваат и во компанијата „Прајм Колект“, формирана на средината на 2016 година за наплата на долгови. Всушност, тие заеднички поседуваат една третина од компанијата, додека другите две третини се во рацете на двајца странски државјани – Хуберт Антони Чапински од Полска и Матеј Голоб од Словенија. Информациите објавени од самата компанија говорат дека Чапински и Голов се први луѓе на полската, односно на словенечката филијала на „ТЦМ Груп Интернационал“, која е опишана како водечка глобална мрежа на компании и адвокатски друштва за наплата на долгови, што компанијата, во интерес на нивните клиенти, се обидува да го оствари по пат на спогодба или пак преку судска парница.

Инаку, двете компании се регистрирани со седиште на улицата „Коста Шахов“, која се наоѓа во центарот на Скопје, односно во Дебар Маало. Арно ама, на иста адреса годинава е формирана и компанијата за трговија на мало во неспецијализирани продавници „БКМ Инвест“, каде Колемишевски поседува удел во износ од 3.135 евра, додека доминантен сопственик е канадскиот државјанин Џозеф Брн, чиј влог изнесува 3.264 евра. Како што ни изјави Колемишевски, оваа компанија воопшто не е активна поради неговиот ангажман во владата.

И, последната компанија каде удел поседува Колемишевски, која исто така е формирана оваа година, е „М-6 ЕДЕН ГРИН“, чија основна дејност е одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и на растенија за употреба во фармацијата. Оваа компанија е формирана со паричен влог од минимални 5.000 евра, при што влогот на заменик-министерот за економија изнесува 250 евра, исто колку и на другите физички лица во сопственичката структура – Радош Вукиќевиќ и Борче Илиоски. Како најголем содружник со удел од 4.250 евра, пак, се јавува фирмата „М-6 ЕДЕН“, која е во сопственост на семејството на бизнисменот Светозар Јаневски, познат како „Свето Пивара“, поради тоа што беше прв човек на „Скопска пивара“ пред да одлучи да се повлече од компанијата и да влезе во бизнисот со производство на вино преку Винарската визба „Тиквеш“.

СОПСТВЕНИК НА АКЦИИ ВО ТРИ ДРУШТВА ВРЕДНИ НАД 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Впрочем, денес Светозар Јаневски се јавува како управител на компанијата за инжинерство и техничко советување „М-6 Логистик“, чиј сопственик е „М-6 ЕДЕН“, која, пак, денес е во сопственост на неговите три деца – Драгана Јаневска, Кирило Јаневски и Јане Јаневски. Токму оваа компанија е доминантен сопственик на друга компанија со истиот предзнак – „М-6 Светлана и останати“, каде помали косопственици се Светлана Пендаровска, Мате Настески, Ратко Чадиковски, Коце Ивановски, Орде Ивановски и Снежана Славкова. Според податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност, „М-6 Светлана и останати“ е најголем акционер во винарската визба „Тиквеш“, поседувајќи 80 отсто од акциите, додека останатите 20 отсто од акциите се расцепкани кај скоро 500 мали акционери.

Како овластено лице на „ВВ Тиквеш“ се јавува и веќе споменатиот Вукиќевиќ, кој е еден од содружниците во споменатата М-6 ЕДЕН ГРИН“, покрај Колемишевски. Третиот и последен содружник меѓу физичките лица во сопственичката структура на компанијата за медицинска марихуана – Илиоски, пак, истовремено се јавува како управител во друштвото за стручни, научни и технички дејности „М-6 Инвестиции“, чиј сопстевник, пак, е „М-6 Светлана и останати“, доминантен акционер на „ВВ Тиквеш“. Оттука јасно може да се утврди дека фирмата за производство на канабис – „М-6 ЕДЕН ГРИН“ е формирана од страна на членови на семејството Јаневски и нивни соработници, меѓу кои спаѓа и актуелниот заменик-министер за економија Колемишевски.

Во таа насока, информациите објавени од страна на Македонската берза покажуваат дека заеднички именител на Јаневски и Колемишевски е и акционерското друштво „Аутомакедонија“. Во време кога друштвото во 2003 година го поднесувала проспектот, што претставува услов за котација на берзата, најголеми акционери биле Димитар Мојсовски (22,4 отсто) и Светозар Јаневски (20,3 отсто), меѓутоа моменталната состојба покажува дека Јаневски во меѓувреме и овие акции ги предал на неговите деца Драгана, Кирило и Јане, сопственици на „М-6 ЕДЕН“. До неодамна, Колемишевски беше член на Надзорниот одбор на друштвото, каде, како што самиот ни потврди, поседува и акции, што значи дека е еден од 200-те акционери кои поседуваат под 5 отсто од акциите.

Севкупно гледано, тој поседува хартии од вредност во 3 акционерски друштва, со тоа што во 2013 година стекнал 3.799 акции во вредност од над 10 милиони денари, во 2014 година стекнал 9.696 акции во вредност од исто така 10 милиони денари, додека во тековната 2019 година стекнал 2 акции вредни околу илјада евра. Во писмените одговори што ни ги испрати, тој вели дека сите акции ги купил од компании кои котираат на македонската берза преку овластен брокер. Ниту една од нив, според него, нема соработка со државни институции и не користела државна помош.

КОМПАНИЈАТА СЕ УШТЕ НЕ ПОБАРАЛА ОДОБРЕНИЕ ЗА РАБОТА, СОРАБОТКАТА Е ВО МИРУВАЊЕ

Од групацијата „М-6“ на семејството Јаневски и нивните соработници велат дека компанијата за медицински канабис „М-6 ЕДЕН ГРИН“ се уште не поднела барање до надлежното Министерство за здравство за издавање одобрение за вршење на дејност, бидејќи нивните досегашни активности на овој план се во иницијална фаза. Од таму посочуваат дека во овој момент фокусот е ставен врз анализи и планирање на идните активности, со цел, како што објаснуваат, избор и имплементација на модел што ќе одговара најсоодветно на идејата за развој на овој бизнис. Откако овие фази ќе бидат заокружени, од таму најавуваат дека ќе започнат поинтензивно да работат.

„Една од основните цели на оваа компанија е инвестирање во развој на нови бизниси и инвестирање во развој на компании кои веќе делуваат на пазарите. Постојаното инвестирање е основа за економскиот развој. Во последно време, со законските измени, одгледувањето на канабис за медицински цели станува потенцијален бизнис кој овозможува развој на домашната економија, но и отворање на нови работни места, што ќе придонесе за намалување на бројот на млади лица кои ја напуштаат земјава во потрага по подобри услови за живот. Токму тоа беше и мотив за нас да ги анализираме потенцијалите на овој бизнис, а првите резултати се доста позитивни“, велат од групацијата „М-6“ на Јаневски.

Од таму додаваат дека Колемишевски е еден од инвестициските советници што неколку години ги користат, од што се родила и соработката во сферата на производство на медицинска марихуана, која, нагласуваат од таму, моментално е во мирување поради неговиот политички ангажман. И Колемишевски посочува оти соработува со „М-6“ неколку години во врска со инвестициско советување и правни услуги. Меѓутоа, тој не смета дека нивното партнерство во „М-6 ЕДЕН ГРИН“ е проблематично, и покрај тоа што досегашната законска регулатива предвидува владата да дава согласност за издавање на одобрението за медицинска марихуана, додека новите законски одредби пропишуваат дека Илинденска ќе ги избира директорот и неговиот заменик на новоформираната Агенција, а воедно ќе ги контролира сите промени во сопственичката структура на компаниите.

– Соработката воопшто не е дискутабилна, затоа што се одвивала во период каде сме соработувале на партнерска основа и воопшто не биле засегнати државните интереси, ниту пак сум имал можност да влијаам со мојата функција како адвокат. Оваа соработка во моментов е во мирување баш поради мојот моментален ангажман. Мора да напоменам дека „М-6 ЕДЕН ГРИН ДОО Скопје“ нема поднесено барање за добивање лиценца за одгледување медицинска марихуана, проектот се уште е во почетна фаза и откако сум член на Владата не сме контактирале со останатите содружници за продолжување на активностите – вели Колемишевски.


И донатор на СДСМ влегол во бизнисот во медицинска марихуана
ФИРМА-ЌЕРКА НА КУМАНОВСКИ „ДЕЛУКС АУТО“ И „КВАЛИТЕТ ПРОМ“ ЈА ФОРМИРАЛЕ „МАР МЕДИКА“

Кумановската компанија „Делукс Ауто“, која се јавува како донатор на СДСМ во 2016 година и оттогаш склучи неколку договори за јавна набавка со државни институции, влегла во бизнисот со производство на медицинска марихуана. Станува збор за компанијата „Мар Медика“, формирана кон крајот на минатата 2018 година со седиште во Куманово за производство и преработка на канабис за медицински потреби.

Според Централниот регистар, оваа компанија е во сопственост на две други кумановски компании, при што едната е „Квалитет-Пром“ на Тони Каранфиловски, додека втората е „УПМ-ГРУП“, која, пак, е во сопственост на компанијата „Делукс Ауто“. Инаку, сопственик „Делукс Ауто“ е Бобан Спасовски, кој ни изјави дека „Мар Медика“ се уште не поднела барање за одобрение за одгледување на медицински канабис, но, нагласи тој, инвестицијата е во тек.

Со појавувањето на голем интерес меѓу компаниите во Македонија за одгледување на канабис за медицински цели, се појави интерес и кај нас, па одлучивме да ги здружиме нашите капацитети – финансиски, интелектуални, менаџерски, искуствени, во отворање на заедничка компанија – објаснува Спасовски.

Инаку, неговата „Делукс Ауто“ се јавува во извештајот на донатори на СДСМ за 2016 година, доставен до Државниот завод за ревизија и други надлежни органи, каде се наведува дека компанијата донирала околу 7.000 денари, во форма на попуст на услуги. Веќе во следната 2017 година, „Делукс Ауто“ склучи договор со Министерството за внатрешни работи за набавка на 45 автомобили од марката „шкода“ со средства донирани од чешката влада, без притоа, како што пишуваа медиумите, да има јавно наддавање со други компании, туку по пат на непосредна спогодба.

Оттогаш, според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата на Спасовски склучила договори за набавка на возила со неколку државни институции, меѓу кои повторно фигурира МВР(153.000 евра), но и со Царинската управа (325.000 евра), Централниот регистар (135.000 евра) итн.

Поврзани новости