(АРХИВА) Геополитичките играчи едвај дочекаа да се вмешаат во Палестина!

by Фокус

Текстот е објавен на 18 октомври 2023 година во неделникот Фокус со број 1.463.

Во првата фаза од војната, која дефинитивно следува, Палестинците сигурно ќе го извлечат подебелиот крај. Но, проблем е што за првпат од крајот на Студената војна јавно се креира и декларира антизападен блок, кој отворено ќе заземе страна во една голема војна. Сето тоа е опасно до крајна мера и низ историјата вакво однесување секогаш водело до поголеми светски војни. Дотогаш, веројатно дека ќе имаме поширок регионален конфликт поддржан од повеќе различни страни.

Пишувал: Дејан АЗЕСКИ

Поминаа десетина дена од изненадувачкиот напад на Хамас врз Израел, а никој уште не знае во кој правец ќе се движат работите.

Засега, на теренот актуелни се израелските заробеници оставени на милост и немилост на киднаперите, трупањето стотици илјади израелски војници долж административната граница и вклучување буквално на сите релевантни геополитички фактори во оваа претстојна и повеќе од извесна масовна војна.

Настаните се медиумски проследени на сите четири краеви на светот и навистина чудно изгледа толкаво ангажирање од сите страни за држава како Израел, која едвај има десетина милиони жители.

Тоа најубаво зборува колку геостратешки е важен регионот на Блискиот Исток и колкава улога игра еврејската држава во сето тоа.

ЛИЧНО БАЈДЕН ЌЕ ГО ПОСЕТИ ФРОНТОТ

За да илустрираме колку се значајни случувањата во Палестина за колективниот запад и колку е силно сојузништвото со Израел, само ќе напоменеме дека неколку европски лидери веќе беа и во Тел Авив и во Ерусалим, а тоа наскоро ќе го направи и лично американскиот претседател Џозеф Бајден.

Замислете колкава работа ќе има тајната служба на САД за да го обезбеди слетувањето на аеродромот „Бен Гурион“ или евентуално некоја алтернативна воена база што со денови е бомбардирана од илјадници ракети и се наоѓа на не повеќе од 20 километри од линијата на фронтот.

Ова се огромни ризици какви што еден американски претседател не презел веројатно од времето на Граѓанската војна во втората половина на деветнаесеттиот век.

Сево ова говори колку е сериозна оваа ситуација и колку се разликува од сите претходни конфликти што ги имале Израел и Хамас и кои се завршувале за недела или две. И минатата недела тоа се навестуваше, но оваа веќе е јасно дека работите овојпат се многу поразлични од претходно.

Израелската политичка елита и генералштабот веројатно не го перцепираат тоа до крај, па одат на старата тактика и оваа ситуација да ја искористат за да откинат уште едно парче од палестинските територии. И тоа е веќе одредено да биде северниот дел од Газа со долгорочна цел да се создаде барем стотина километри тампон-зона меѓу овој проблематичен дел и од Тел Авив.

Ова, всушност, е продолжување на практиката што ја има израелската армија до генерации, парче по парче да ја глода палестинската територија.

Но, очигледно не се зема предвид дека овојпат нападот нема да дојде само од Газа, туку лесно може да се случи офанзива од сите четири страни. Во тој случај, не само што неизводливо ќе биде да се освојува нова територија, туку и прашање ќе биде одбраната на постоечките граници на државата Израел.

Затоа, од Вашингтон (каде што очигледно потрезвено ги гледаат работите) веќе ставија бланко-потпис за видот и количеството воена помош што ќе ја добие Израел во следниов период.

Иако воената група предводена од носачот на авиони, Џералд Форд, веќе е стигната, многу веројатно е дека нема да биде доволна, па затоа се подготвуваат уште неколку носачи и други ескортни воени бродови што ќе ѝ асистираат на шестата американска флота.

Веројатно, најголемиот проблем е ставот и улогата на Турција, која речиси отворено застана на палестинската страна, а познато е дека тоа е втората најголема армија на НАТО и единствената земја-членка на алијансата во овој регион.

Така што, доставата на американската воена помош може да се одвива само преку Медитеранот до сиот ризик што тоа го носи од аспект на немање алтернативни рути.

Но, на крај, со пречки или без, помошта дефинитивно ќе стигне до Израел, а нивната армија дефинитивно знае како сето тоа максимално ефикасно да го искористи против Палестинците.

Разликата е што овојпат и другата страна ќе добива голема воена помош бидејќи ова е некаква битка до истребување во која нема простор ниту за објективност, ниту воопшто за постоење два светски блока истовремено.

НИ ДРУГАТА СТРАНА НЕ МИРУВА

Случајно или не, состојбата на Блискиот Исток ескалира во најлошиот можен момент, кога е веќе очигледно дека украинската контраофанзива претрпе целосен неуспех и подолгорочен, гледано кога земјите од Блискиот Исток се осоколени од неуспехот на американската политика во Либија, Египет, Нигер, Сирија, Авганистан, па до некаде и во Ирак.

Така што, Палестинците и Иран (кој сам се наметна како лидер на овој антиизраелски блок) имаат многу причини да бидат самоуверени дека можат да му ги поматат сметките на последниот стопроцентен сојузник на САД во регионот (ако се земе предвид дека дури и Саудиска Арабија во последниве години ретерира од некои свои претходно зацементирани позиции).

Русија, иако зафатена со свои егзистенцијални проблеми, го дочека моментот, не само да го дефокусира вниманието од Украина, туку и да му се одмазди на Израел, кој игра штетна улога во целиот украински конфликт од самиот почеток.

Така, повеќе од сигурно е дека преку базите во Сирија (јавно), а можеби и преку Египет (тајно) до Палестинците ќе стигнат минимум руски емисари, ако не и инструктори и воена техника.

Кина, иако изненадувачки јавно се спротивстави на позицијата на Израел, што е непринципиелно ако се знае ставот на официјален Пекинг за одметнати региони како Тајван, Непал, Косово, Баскија и слично.

Значи, Пекинг оди против со децении воспоставените принципи на надворешната политика за свесно да заземе страна во овој конфликт. И тоа го прави во истиот момент додека го пречекуваат Путин со највисоки почести, иако рускиот претседател цели две години (до овој момент) немаше посетено ниту една странска држава.

Со сето ова е веќе дефинитивно дека за првпат од крајот на Студената војна, јавно се креира и декларира антизападен блок, кој отворено ќе заземе страна во една голема војна. Сето тоа е опасно до крајна мера и низ историјата ваквото однесување секогаш водело до поголеми светски војни.

Но, ова се малку подолгорочни предвидувања, моменталната ситуација на теренот неминовно налага дека во првата фаза од конфликтот Палестинците во Газа, како и многупати досега, ќе го извлечат подебелиот крај.

Северниот дел на енклавата ќе биде израелски за многу брзо време, а од степенот на отпор и жртви што ќе ги дадат Палестинците, ќе зависи идниот одговор на нивните сојузници.

Во секој случај, следуваат неколку пеколни месеци во и онака проблематичниот регион.

 

РАМКА
МОЖНИ СЕ ПОВЕЌЕ ЖРТВИ ДУРИ И ОД УКРАИНА

Начинот на водење на палестинско-израелската војна без крај е многу различен од овој што деновиве го гледаме во Украина.

Не се тоа никакви артилериски дуели на далечина, ниту, пак, натпреварување со иновативност во воената техника.

Ваму, од една страна, ја имаме бруталната надмоќ на израелската армија, а од друга страна, фанатичната спремност за страдање на Палестинците. Резултатот од сево ова е секогаш ист – илјадници жртви за многу краток период.

Втор проблем е што Газа е едно од најгусто населените и урбанистички најнесредените места во светот. Не е чудо што израелската армија е присилена во секоја посета на оваа област, покрај тенкови, да користи и булдожери за отворање на патот.

Понатаму, со напредокот на современата техника, тенковите веќе не се толку во мода бидејќи постојат мал милион рачни и евтини лансирани системи, кои можат да ги загрозат особено во густо населени области.

Па, од сето ова јасно може да се заклучи дека жртви во Газа ќе има и на двете страни и дека долгорочно во оваа војна ќе победи тој што е подготвен да даде и кој има за давање повеќе жртви.

Поврзани новости