Покакан живот

by Фокус

Проклето беше во право холандскиот амбасадор, кога кажа дека Недојдијава не е нормална демократска и правна држава. Впрочем, научно е докажано дека 3 до 5 отсто од населението во светот не e токму. По таа логика, во прекрстената држава би требало да има околу 65 до 70 илјади човеци што не се со сите, а во главниот град, бројката на кои „им фали даска“ би била меѓу 25 и 30 илјади.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Моментот на вистината за разнебитената парадржава и забеганата власт,  јасно ја долови холандскиот амбасадор.

ЕУ со децении чекала колку-толку да се упристои, да заличи на нормална демократска и правна држава, но апашите си терале по свое и се правеле на три и пол, па неговата земја одлучила да дигне раце од дрчните грабливци.

Покаканиот живот во земјата Недојдија почна од моментот кога неасални дунстери се добраа до власт, помирувајќи се и прифаќајќи ја фингираната самостојност.

Статус кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и подоцна приклучената ДУИ, за азно и привилегии ги дадоа задниците под кирија, раскрчмувајќи ги националните интереси, гордост и достоинство. Оргиите и алчноста на Курто, Мурто и Турто траат непрекинато три децении.

Во создаваниот систем без поредок, неодговорност и неказнивост, трите клана заглибаа во фекалии до грло, па сега најбитно им е да не им затреперат колената и да не пропаднат во бездната што сами ја создадоа.

Го избербатија животот на има-нема, околу еден и пол милиони останати резидентни жители, иако во избирачкиот список фигурираат над еден милион и осумстотини илјади гласачи.

Три „К“ ја покакаа шарената лага „Живот за сите“ – клептократија, корупција и калабалак.

Елдорадо да беше, ќе му се видеше крајот, а камоли недозреан и со пречки во развојот парасистем. Креиран од дунстери и непрокопсаници, кои народот го есапат како партиски стада.

Ако претходното еднодецениско владеење на „злосторничкото здружение“ го избербати животот, „шарените измамници“ комплетно го обесчестија и испокакаа.

ШАРЕНА“ АПАШАНА

„Преродбениците“ на Никола Груевски го вееја националното знаме за да го камуфлираат криминалот, корупцијата и заробувањето на институциите.

Набедениот „нобеловец“ Зоран Заев, со објавувањето „бомби“ од прислушувани разговори и лизни-мазни комбинации, хохштаплерски ја презеде власта во 2017 година и направи непринципиелна коалиција со „(дез)интегративците“ и нивниот водач Али Ахмети.

„Шарената“ апашана продолжи да пљачка бетер и до бесвест, завиткана со европско знаме. Под индикативен наслов „Корупција од името на ЕУ“, неодамна реномираниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ направи перфектна анализа за нивниот модус операнди систем.

„Државотворниот“ клан го заштитува „(де)зинтегративниот“, му се улизува, угодува, нишка, мази и пази само за купи ден и преживеј. Ситните продадени и одродени душички дадоа изим Недојдијава да стане апартхејд, во кој малцинството Албанци владеат со мнозинството Македонци!

Пљачкосувањето се усоврши, прошири и надгради. Во парадржавата со покакан живот, најпрофитабилни индустрии станаа одгледувањето марихуана, отворање казина, обложувалници, онлајн-коцкањето и легализираните лихварски „продавници за пари“.

A, сѐ почна со инфантилната мирољубива парола „Уриваме режим со пенкало“, затоа што „Нема правда, нема мир“! Паталци од еднодеценискиот заробен ум и држава, но и наивни и искрени патриоти се приклучија на „Шарената револуција“, предводена од аболиран измамник со тапија.

НЕДОЈДИЈАВА НЕ Е НОРМАЛНА

Клучно и суштинско отворено прашање останува улогата на сегашниот октроиран премиер во периодот на прислушувањето, бидејќи хистеријата на „Шарената револуција“ беше токму поради нелегалното прислушување?

Со „бомбите“ од прислушуваните разговори несудениот нобеловец дојде на власт, а по него, не случајно, го донесе и октроира од ултракорумпираниот „Телеком“ актуелен „харвардски“ премиер, Димитар Ковачевски, кој обезбеди „државотворците“ заедно со „(дез)интегративците“ да се одржат на власт.

Затоа, проклето беше во право холандскиот амбасадор, кога кажа дека Недојдијава не е нормална демократска и правна држава.

Впрочем, научно е докажано дека 3 до 5 отсто од населението во светот не e токму. По таа логика, во прекрстената држава би требало да има, горе-долу, околу 65 до 70 илјади човеци кои не се со сите, а во главниот град бројката на кои „им фали даска“ би била меѓу 25 и 30 илјади.

Разбира се, преку 95 отсто од забеганите немаат лекарско уверение дека чавчето им одлетало со сиџимчето.

Во тоа е „кваката“ за внесување на Бугарите во Уставот. Дволичниците од ЕУ се преправаат дека божем едвај ја чекаат обесчестената невеста во нивното семејство.

Еве, повторно доаѓа стројничката Урсула кобајаги да ја армаса. Ама, родоотстапниците од Недојдијава се уште попрефригани и глумат дека божемски нестрпливо чекаат, а молат Бога да не влезат во спастрено домаќинско семејство.

Блефираат и двете расипани страни. Пародија како во оној кумановски виц: „Он ме онадује, ја га л’жу дека едвам чекам да ме узме“!

Поврзани новости