Текстот е објавен на 12 јули 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1240
Клиниката за детска хирургија ангажирала тројца странски лекари, кои за повремено доаѓање во земјава земаат вкупно 86.900 евра годишно, а од истата клиника во период од една година заминаа тројца врвни хирурзи!
Пишувала: Соња ТАНЕСКА
Здравството ни е во хаос многу години наназад, а најтрагично е што најголемата штета ја трпат пациентите постојано. Се прават промени на министри, на правила, има шетање од врата до врата по болнички ходници, смртност на родилки, вакцини, тендери под лупи и истраги, но и најважното, загуба на кадар што во изминатите четири години е најстрашниот факт за секого од нас.
Министерот за здравство, Венко Филипче, минатата недела најави зголемени плати до 100 илјади денари за лекарите специјалисти, што е ветување од предизборната програма на СДСМ, со што се прави обид за нивно задржување во земјава, но голем дел од лекарската фела излезе со коментари дека оваа мерка се најавува долго, а никако да се види нејзината реализација.
Во меѓувреме, статистичките податоци не лажат и потврдуваат дека од почетокот на годинава досега повеќе од 200 здравствени работници заминале од земјава на работа во странство. Главни причини за нивното напуштање на земјата се ниските плати во здравството и лошите услови за работа.
Покрај тоа, голем дел од лекарите преминуваат во приватното здравство, но, според лекарската фела, за тоа не секогаш главна причина е повисоката плата, туку подобрите услови за работа, отсуството на притисоци, можностите за доедукација, почитувањето на нивната професионалност. Една од причините, што е главна тема меѓу лекарите, е и поставувањето партиски кадри на различни работни места во клиниките, со што се намалува квалитетот на здравствената услуга, а штетите ги трпат граѓаните.
Здравствените власти се упорни во своите тврдења дека финансиите засега се главен проблем за зголемување на платите, па и за подобрување на услугите, но, сепак, постојат примери што го докажуваат спротивното, можеби дека се работи за последица на лошо менаџирање со клиниките, a главниот сомнеж се јавува кога ќе дознаеме дека за лекари од странство Филипче наоѓа пари.
ПРИВАТНОТО НА СМЕТКА НА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО
Пример за ова се случувањата на Клиниката за детска хирургија, сериозна институција што треба да се грижи за нашите деца, а менаџментот дозволи во период од една година да загуби тројца врвни хирурзи и, наместо тие да спроведуваат едукација и специфични хируршки зафати, Клиниката ангажира странски лекари, кои понекогаш доаѓаат и само еднаш месечно за паричен надоместок повисок од оние 100 илјади денари, кои Филипче ги ветува веќе подолг период.
Ристо Симеонов, поранешен директор на оваа клиника, потоа пензионираниот проф. д-р Ацо Димов, сега шеф на детската хирургија во една приватна болница, како и д-р Владимир Чадиковски, поранешен одговорен доктор за кардиолошките случаи токму на Клиниката за детска хирургија, се луѓе со долгогодишно искуство во јавното здравство, како и со голем вложен труд и експертиза, но Клиниката, сепак, не успеа да ги задржи во јавното здравство.
И покрај одговорот од Министерството за здравство, во кој се вели дека е потребна едукација и помош во делот на неонаталните аномалии, останува нејасно зошто, иако има квалитетен кадар во државата, Клиниката за детска хирургија ангажирала тројца странски лекари, кои за повремено доаѓање во земјава земаат вкупно 86.900 евра годишно.
Во нивните договори стои дека Клиниката за детска хирургија во Скопје исплаќа услуги за едукација и обука, како и за практичен тренинг, почнувајќи од февруари до крајот на годинава.
Во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, „Фокус“ ги обезбеди договорите за тројцата хирурзи, еден од Србија и двајца од Бугарија, кои откриваат дека нивните месечни надоместоци изнесуваат 1.400 евра, 2.500 евра и 4.000 евра. Дополнително, Клиниката ги покрива и трошоците за сместување.
Според нивните договори за давање интелектуални услуги, Министерството за финансии ги одобрило овие средства во согласност со Програмата за превенција на кардиоваскуларни болести во РМ за 2019 година, што не кореспондира со одговорот што го добивме од Министерството за здравство, каде што е наведена точната област на стручност на овие лекари, а тоа е неонатални аномалии, конгенитални аномалии, торакална детска хирургија, лимфангиоми на врат и друга патологија.
Во договорите на овие тројца лекари, во чија стручност и во тоа според кој принцип се избрани нема да навлегуваме, но секако не може да го игнорираме она што го велат документите, се вели:
„Целата обука ќе се извршува во ЈЗУ ’Клиника за детска хирургијаʻ на барање на нарачателот, а ќе биде остварена преку повеќе поединечни посети во периодот од 01.02.2019 година до 31.12.2019 година со средства предвидени во Програмата за кардиоваскуларни болести во Република Македонија за 2019 година, Сл. весник 04/19“.
Претходно и детската кардиохирургија беше префрлена во приватна здравствена установа, а истовремено набавената опрема на Универзитетската клиника за детска хирургија, во висина од 2 милиони евра, стои целосно неискористена.
Според Превентивната програма на Министерство за здравство за кардиоваскуларни заболувања, објавена во Службен весник за 2019 година, предвидени се 10 милиони и 930 илјади денари за образовни и договорни услуги за тимовите за интензивна хируршка нега на Универзитетската клиника за детска хирургија во Скопје, при што веројатно овие пари се одлеваат во приватните клиники, а, сепак, порасна цената на услугите за кардиохирургија за 45 проценти од ФЗОМ, на што се додаваат и парите потрошени дополнително за обука на персоналот.
Можеби и затоа граѓаните не можат да добијат термин навреме за преглед, не можат да добијат услуги во јавното здравство, за да ги добиваат во приватното здравство, коментираат и пациентите и лекарите.
Во меѓувреме, министерот Филипче одново тврди дека допрва ќе ги прави пресметките за подобрување на условите за работа на лекарите.
– Во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел, во согласност со нашите ветувања, следната година да стигнат до 100 илјади денари. Не ги забораваме и медицинските сестри и средниот персонал, кој е составен дел во работата на сите јавни здравствени институции, за зголемување и на нивните примања, рече министерот за здравство Венко Филипче минатата недела.
ЗАМИНУВААТ ВО СТРАНСТВО И ВО ПРИВАТНИТЕ КЛИНИКИ
За поранешниот директор на Детска хирургија, д-р Симеонов, кој замина во приватното здравство, и покрај долгогодишното искуство, од неговото јавно достапно резиме може да се видат над 50 специјалности во областа на детската хирургија, меѓу кои и дијагнози за кои се ангажирани странските лекари.
„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со д-р Симеонов, меѓутоа не добивме одговор на прашањето кои се причините за заминувањето од државното здравство.
Исто така, веќе пензионираниот проф. д-р Ацо Димов, во моментов, е шеф на Детската хирургија на една од приватните болници.
Навистина, секој здраворазумен човек би се прашал зошто државата издвојува пари за странски лекари, а врвни хирурзи го напуштаат државното здравство и зошто тие не се ангажирани да вршат тренинзи и обука за лекарите кои остануваат на Клиниката?
Инаку, според истражувањата што ги спроведе Клубот на млади лекари меѓу студентите по медицина, дури 1.200 лекари на возраст до 35 години во последните неколку години ја напуштиле Македонија. Додека речиси половина од студентите по медицина, паралелно со студиите почнуваат да го изучуваат и германскиот јазик со цел својот професионален ангажман да го почнат во Германија.
Министерство за здравство
СТРАНСКИТЕ ЛЕКАРИ КОРИСТАТ НОВИ МЕТОДИ
Соработката со доктори од Бугарија и Србија е во рамките на посебен проект на Министерството за здравство и Клиниката за детска хирургија за едукација на кадри и воведување на нови методи, кои во моментов не се вршат во нашата држава. За таа цел, еднаш месечно доаѓа професорот Радоје Симиќ од Институтот за мајка и дете во Белград, кој врши интервенции при тешки неонатални форми, конгенитални аномалии, лимфангиоми на врат и друга патологија, која кај нас не се работи.
Исто така, склучен е договор со проф. Цветко Георгиев и доц. д-р Христо Шивачев од Универзитетската болница за детска хирургија „Пирогов“ во Бугарија за размена на искуства за нови методи од областа на торакалната детска хирургија и областа на тешки вродени неонатални аномалии.
Сите тројца имаат регуларни договори, привремени лиценци од Лекарската комора и одобрение од стручните здруженија од оваа област. Како резултат на оваа соработка, од почетокот на оваа година се оперирани над 50 деца и сите се во добра здравствена состојба. Во проектот е вклучен и тим од наши доктори од Клиниката за детска хирургија, со цел да се едуцираат за нови методи и интервенции, а бенефит имаат и пациентите, кои наместо да се упатуваат во странство, се оперираат од врвни доктори во нашата држава, одговорија од Министерството.
Владимир ЛАЗАРЕВИК, екс заменик-министер за здравство
НЕМА МЕХАНИЗМИ КАКО ДА СЕ МОТИВИРААТ ДРЖАВНИТЕ ЛЕКАРИ ДА ОСТАНАТ ДА РАБОТАТ НА КЛИНИКИТЕ
Лекарите заминуваат во приватното здравство зашто може да им понуди подобри услови за работа, повисока плата, нови можности. Приватното здравство во Македонија расте и се развива неспоредливо побрзо од државното здравство, вели за „Фокус“ поранешниот заменик министер за здравство Владимир Лазаревик.
Тој објаснува дека ако се споредат податоците за остварениот промет во приватните и државните болници можеме да видиме дека двете водечки приватни болници, кои се котираат во топ 200 компании, имаат раст од 100 отсто и 60 отсто во споредба со 2011 година. Тоа значи дека овие болници успеале речиси да го удвојуваат својот приход и значително да пораснат.
– Се разбира, ова зголемување се должи на дополнителните канали на финансирање, како што се предоминантно директното од џеб плаќање за услугите (од домашни и странски пациенти), но и мал дел од приватното здравствено осигурување. За споредба, порастот на приходот во државното здравство е само 15 до 20 проценти во универзитетските клиники во споредба со 2011 година.
Додека ФЗОМ учествува со 40-50 отсто во буџетот на Жан Митрев, и со 20 отсто во буџетот на „Систина“, во државните болници речиси 100 отсто од буџетот се пари од Фондот. Државното здравство не успеа да воспостави соодветни механизми со кои ќе има можност да му конкурира на приватниот сектор. Тоа останува социјалистичко, како што беше во минатото. Ако во 2006 година се направија првите обиди да се воведе менаџмент и претприемачки дух во државните болници, политизацијата на државното здравство покажа дека таа идеја не успеа целосно да заживее и да се одржи, вели тој.
ДРЖАВНОТО ЗДРАВСТВО ГУБИ НА ДОМАШЕН ТЕРЕН
Лазаревик објаснува дека дури и во изолираните острови на успех на менаџментот, каде што иницијално имаше резултати, голем дел од тие доктори денес се заминати во приватното здравство. Државното континуирано губи на домашен терен. Нема механизми како да се мотивираат, наградат и стимулираат државните доктори да останат да работат на клиниките. Нема нови извори на финансирање, нема приватни пациенти.
– Сигурно е дека повисоките плати се голем стимуланс да останете на работа во државното здравство, но не се и единствен. Има многу други фактори, како што се условите за работа, меѓучовечките односи, влијанието на политиката во развојот на кариерата. Според мене, има многу работа која треба да се промени во државното здравство за да можеме да се надеваме дека докторите нема да заминуваат, вели Лазаревик.
Тој тврди дека неопходно е преку 90 проценти од сите услуги во приватното здравство да бидат покриени со здравствено осигурување. На овој начин здравственото осигурување, посебно приватното, ќе воспостави соодветни механизми на контрола преку кои ќе може да утврди дали одредени операции се потребни или не се потребни да се направат.
– Можам да пренесам многу светски искуства и имам идеи кои сметам дека може да дадат резултати, но за тие идеи да се спроведат во практиката се бара посветеност, силна политичка поддршка, како од власта така и од опозицијата, а тоа е утопија. Ќе ви дадам еден пример. За мене клучен аспект на реформите треба да биде драстичното намалување на директното плаќање од џеб од страна на пациентите.
Денес пациентите се немоќни да одлучат сами и докторите се тие што ги насочуваат. Кога платата на еден доктор е директно поврзана со процент од прометот кој тој го остварил, сосема легитимно е да поставите прашање дали сите направени операции имале вистински оправдана индикација? Кога на односот пациент ‒ лекар ќе му се доведе и надворешен фактор, поточно посредник кој ги договара и контролира услугите, тогаш шансите за манипулации се сведуваат на минимум. Тоа треба и може да се направи во Македонија, вели Лазаревик.
ДОПОЛНИТЕЛЕН ЗДРАВСТВЕН ФОНД МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ
Изборот во здравството е многу проблематично прашање. Мое мислење е дека треба да се зголеми пазарниот удел на приватното дополнително здравствено осигурување во вкупната потрошувачка во здравството и осигурениците да одберат во кој приватен фонд дополнително ќе се осигурат.
Сега дополнителното приватно осигурување има учество од помалку од 1 отсто (околу 10 ‒ 15.000 осигуреници), а пожелно е да има 20 проценти и повеќе од вкупната потрошувачка во здравството. Ако на граѓаните им понудиме право на избор на дополнителен здравствен фонд, тогаш тие приватни фондови ќе имаат обврска да ги договорат најдобрите услуги за своите пациенти. Јас сум приврзаник на идејата дел од задолжителниот здравствен придонес да може да се насочи кон приватните здравствени фондови.