Текстот е објавен на 16 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1093
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Поранешната словенечка премиерка Аленка Братушек додека ја раководеше Владата во Словенија беше една од најбогатите премиери во регионот на чија трансакциска сметка легнувале 4.712 евра плата месечно, а нејзиниот имотен лист покажувал дека поседува два стана, од кои едниот е 185 метри квадратни, луксузна куќа, огромно земјиште од 366 метри квадратни и овоштарник од 1001 метар квадратен. До ваквите информации во јавноста се дојде откако српските медиуми направија анализа во 2014 година за тоа колку тежат балканските функционери, колкави плати имаат, со колку и со какви станови и куќи располагаат, дали тие се стекнати за време на нивното владеење?
Според медиумите, на таа листа, екс премиерот Никола Груевски се најде меѓу „најсиромашните“ премиери на Балканот бидејќи, според тогаш објавениот анкетен лист тој не поседува никакви недвижности. Тој беше единствениот меѓу сите премиери и претседатели од поранешните југословенски републики што нема ниту стан, ниту куќа на негово име.
Во моментот, тој не извршува никаква функција, освен што е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, па оттука нема должност да поднесе анкетен лист, така што не се знае дали во меѓувреме се променило нешто во неговата имотна состојба.
Во анкетните листови на македонските функционери може да се забележи дека како што доаѓале или се множеле функциите, така со тек на време се зголемувал нивниот недвижен имот, па наеднаш кај повеќето од нив можат да се најдат по неколку станови, елитни куќи, викендици надвор од местата на живеење, огромни земјишта… Ова стана тренд во последните неколку години, а за тоа за колку на „вмровските“ функционери им се зголемил станбениот фонд додека се на власт можеше да се слушне и во „бомбите“ што ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев.
Карактеристично за нив е и тоа што, откако во јавноста ќе излезат информации за нивната имотна состојба, веднаш почнуваат да фрчат соопштенија дека новиот луксузен стан или куќа во која почнале да живеат е стекнат по пат на наследство. Додека, пак, од друга страна, на дел од нив становите и куќите во кои живеат се водат на име на нивните родители, се со цел во очите на народот да остават впечаток дека се скромни, дека не располагаат со многу пари и дека се уште живеат во домовите на своите родители.
Затоа, „Фокус“ се потруди да провери колку се скромни владините функционери и со колкав станбен фонд располагаат луѓето кои веќе со години во свои раце ја имаат судбината на државата.
КУП СТАНОВИ, А НИТУ ЕДЕН ВО АНКЕТНИТЕ ЛИСТОВИ
Откако во 2006 година на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ, на министерските и директорските позиции се сместија млади и амбициозни функционери од 20 до 27 години. Дека политиката е добитна комбинација за да ја задоволи нивната амбиција за моќ и пари, покажува и тоа што, како што поминуваа годините на власт, така и нивните банкарски конта од ден на ден се повеќе растеа.
Инаку, секој јавен функционер има обврска да поднесе анкетен лист во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата и во истиот рок мора да ги пријави промените во имотното досие. На веб страницата на Антикорупциската комисија може да се најдат имиња на функционери со обемни анкетни листови во кои се наброени куќи, станови, викендици, земјишта, но има и штури анкетни листови, според кои, некои од нив нема каде да живеат затоа што на свое име немаат ниту куќа, ниту стан. Односно, не поседуваат недвижен имот во лична сопственост.
Еден од нив, кој најчесто се наоѓа на листата посиромашни, барем според поднесениот анкетен лист, е актуелниот министер за здравство и вицепремиер Никола Тодоров. И пред неколку години, и сега, во неговиот анкетен лист не можат да се најдат информации дали Тодоров поседува личен имот, живее ли во куќа или во стан, затоа што тоа не е наведено. Според нашите информации, вицепремиерот со своето семејство живее во семејна куќа во елитната населба Козле, која се води во скопски Карпош. Според документите од Катастарот за недвижности, каде што може да се најде имотниот лист, на истата адреса фигурираат три градежни парцели, од кои две се водат на Снежана Тодорова, како што е и името на мајката на министерот. Во имотниот лист со број 53720 се наведува дека на таа адреса има куќа од 101 метри квадратни и уште еден помал објект од 15 метри квадратни, додека на вториот имотен лист со број 26870 постојат два помали објекти од 68 и 59 метри квадратни.
„Фокус“ не успеа да ги потврди информациите дека наводно актуелниот министер за здравство во моментов гради уште една куќа во елитната населба Козле и дека изградбата ја врши позната фирма поврзана со владејачката партија, која во последните неколку години доби тендери за изградба на болници и студентски домови низ земјава.
За да ги провериме информациите, испративме неколку прашања и на приватниот и-мејл и по смс-порака на првиот човек во здравството, но до затворањето на овој број од весникот од него не добивме одговор.
Тодоров не е единствениот на листата што не поседува недвижен имот во лична сопственост. Тука е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски. И покрај досега извршените седум промени во анкетниот лист додека ја извршуваше функцијата премиер, сепак никаде не можеше да се сретне стан или куќа кои се водат на негово име. Како што се менуваше анкетниот лист, така неговиот имот достигна 30-тина денарски и девизни депозити, штедни книшки и картички во вкупна вредност од над 200.000 евра. Останува нејасно на чие име се води станот на улицата „Павел Шатев“, каде што во моментот со семејството живее екс премиерот. Пред неколку години, во 2011 година, опозицискиот СДСМ со документи во рацете обвинуваше дека мајката на Груевски, Надежда поседува четири стана во неколку скопски населби и како таа, како пензионерка успевала да плаќа месечна рата на кредит за четирите стана, која наводно изнесувала 7.000 евра.
Во периодот кога замина од премиерската функција, Груевски беше должен да поднесе анкетен лист за да се види неговата имотна состојба пред заминување од функцијата. Но, тој тоа не го направи. Зошто новинарите толку се распрашуваа за имотната состојба на лидерот на ДПМНЕ, не му беше јасно и на екс претседателот на Антикорупциската комисија, Горан Миленков, па застана во одбрана на Груевски.
– Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и веков, амин – изјави пред неколку месеци Миленков.
Меѓутоа, покрај функционерите кои на свое име немаат недвижен имот, има и такви кои живеат во луксузни куќи во елитни скопски населби, но затоа, пак, тврдат дека имотот го добиле по пат на наследство. Таков е случајот со екс пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој од пред неколку години заедно со семејството живее во луксузна куќа во скопската приградска населба Бардовци. Откако оваа тема стана актуелна во јавноста многумина се прашуваа како Ѓорчев со пратеничка плата, за само неколку години си обезбеди толкав недвижен имот и тоа во време на економска криза во државата. Тој тврдеше дека неговата сопруга, која по потекло е од САД, добила наследство од починатата баба и на тој начин ја купиле куќата. Карактеристично за него е тоа, што во периодот додека СДСМ беше на власт тој ја напиша колумната „Спомениците на црвената буржоазија“ за чии потреби шеташе по Водно, покажувајќи ги хациендите на тогашните функционери на СДСМ.
– Тој е истиот човек кој пред неколку години шеташе низ Скопје и измислуваше обвинувања за некаква си наводна црвена буржоазија. Затоа, јавно да го прашаме дали сега тој ѝ припаѓа на портокаловата буржоазија – прашаа пред три години младите социјалдемократи, кои пред неговата нова куќа одржаа прес-конференција.
ЕЛИТНИ СТАНОВИ, КУЌИ ВО СКОПЈЕ, ОХРИД, АМЕРИКА….
Речиси и да нема политичка гарнитура за која изминатите години не била врзана некаква афера за бесправно богатење. Интересен податок е тоа што функционерите честопати парите ги вложуваат во недвижен имот, па освен што имаат по неколку станови во Скопје и Охрид, дел од нив располагаат и со станови и куќи во Америка и другите европски држави.
Како еден од најбогатите функционери на ДПМНЕ се смета актуелниот министер за одбрана Зоран Јолевски, кој претходно неколку години беше амбасадор во САД. Според неговиот анкетен лист, тој располага со огромен недвижен имот во земјава од 660 илјади евра, од кои стан од речиси 60 метри квадратни во Скопје, потоа два стана во Скопје на име на неговата сопруга во вредност од 222 илјади евра, како и стан во Охрид, кој исто така се води на име на неговата сопруга, а кој чини близу 49.000 евра. Но, тоа не е се. Брачниот пар поседува заеднички стан и во Тампа, Флорида – САД, од околу 100 метри квадратни, кој чини 240 илјади долари, а купен е во 2004 година. Не треба да заборавиме дека Јолевски беше амбасадор на Република Македонија во САД од 2008 до 2014 година.
Ништо „подолу“ не е и заменик претседателот на Владата, Владимир Пешевски, чиј анкетен лист е навистина обемен… Само на негово лично име се водат четири земјишта, од кои две во Визбегово, две во Долно Соње чија вредност изнесува повеќе од 210 илјади евра. Исто така, на име на неговата сопруга се водат два стана, од кој едниот е 119 метри квадратни и чини близу 130.000 евра, како и двојно помал стан кој чини 60 илјади евра.
На листата на функционери кои се збогатиле за време на своето „владеење“ може да се најде и екс министерот за внатрешни работи, а сега од пред една недела директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Неспорно е дека Чавков во текот на целата своја кариера е во МВР, но факт е дека неговата имотна состојба се зголемува во последните неколку години. Конкретно, Чавков и неговата сопруга поседуваат стан со гаража од 2009 година во вредност од 4.368.000 денари. Освен тоа, директорот на БЈБ од 2001 година, врз основа на купопродажен договор, поседува плац во Кочани од 300 квадратни метри вреден 30.000 денари. А, во 2008 и во 2010 година добил земјоделско земјиште во родното Ново Село, преку договор за подарок. Дополнително, тој пријавил и четири парцели земјоделско земјиште во Василево, сопственост на неговите деца. Станува збор за имот стекнат во 2012 година од над 75.000 квадратни метри, во вредност од преку 7 милиони денари.
Со обемен станбен фонд располага и новиот министер за финансии, Кирил Миноски, кој според анкетниот лист, како свој имот навел два стана во Скопје во вредност од 124 илјади евра, додека како заеднички имот со сопругата добиен врз основа на наследство пријавил уште еден стан и куќа со двор, исто така во Скопје, кои чинат речиси 99.000 евра.
Изминатите осум години, министерското столче во култура е резервирано за Елизабета Канческа- Милевска, во чие време се издигнаа спомениците низ Скопје и се направи фамозниот проект „Скопје 2014“, кој достигна сума од вртоглави 600 милиони евра. Според анкетниот лист, министерката за култура располага со стан во Охрид во нејзина лична сопственост, како и заеднички стан со својот сопруг во Скопје. Таа исто така пријавила дека како личен имот има дел од куќа, како и имотот на нејзините родители во Скопје.
СТАНОВИ НА ФУНКЦИОНЕРИ ВО ПОПУЛАРНАТА ЗГРАДА КАЈ МВР
Пред повеќе од една година, лидерот на опозицискиот СДСМ, Заев објави аудио-снимки во кои можеше да се слушнат разговори помеѓу тогашната прва полицајка Гордана Јанкулоска и екс финансиерот Зоран Ставрески, кои разговараат како се опремени нивните нови станови што ги купиле во зграда спроти МВР. Станува збор за фамозната зграда на улицата „Димитар Мирчев“ 20, каде што според прислушуваните разговори станови поседуваат повеќе „вмровски“ функционери.
Меѓу сопствениците на станови во зградата е и екс министерката Јанкулоска, која со својот сопруг Влатко Илиевски поседува два стана, за кои, како што опишува во разговорите, вториот го зеле со помала квадратура за да има каде да си ги чуваат велосипедите! Само неколку месеци пред објавувањето на прислушуваните разговори, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов ја обвини екс министерката како успеала во центарот на Скопје да купи два стана за само 140 илјади евра, што е дури помалку од 700 евра по квадрат. Тој, исто така праша како Јанкулоска успеала со плата од 60-тина илјади денари да добие кредит од 100 илјади евра? Од опозицијата обвинија дека становите не се пријавени во анкетниот лист, при што Јанкулоска го тужеше Шилегов, кој изгуби на суд и требаше да и плати 500 илјади денари за нанесена штета на угледот и душевна болка.
Прв сосед на Јанкулоска е поранешниот министер за финансии, кој во истата зграда купил стан. Познато е дека Ставрески има стан и во Вашингтон. Во неговиот анкетен лист имаше наведено дека станот е заеднички имот со сопругата, од 2002 година, а го купил во периодот додека ја извршувал функцијата во Светска Банка. Станот има 90 квадратни метри, се наоѓа во познат кварт во Вашингтон – Чеви Чејс и чини 200.000 долари. Според анкетниот лист, покрај овој стан, Ставрески поседува уште еден стан во Охрид од 40 квадратни метри, од 1982 година вреден 310 илјади денари, неговата сопруга, пак, има стан во Скопје од 73 квадратни метри, во вредност од 1,2 милиони денари и куќа од 279 квадратни метри исто така во Скопје од 3,5 милиони денари.
Во истата зграда, стан поседува и мајката на новиот шеф на тајната полиција, Владимир Атанасовски, кој претходно неколку години раководеше со Дирекцијата за спречување перење пари на местото на Ване Цветанов.
Но, тоа не е се. Пред неколку години, опозицискиот СДСМ на прес-конференција објави дека во елитната зграда во близина на МВР по еден стан имаат и двата синови на актуелната членка на Државната изборна комисија, а поранешна пратеничка од ДПМНЕ, Силвана Бонева. Според нивните обвинувања, становите чинеле 360.000 евра, а проблемот го актуелизираа тврдејќи дека тие не се пријавени во нејзиниот анкетен лист. „Фокус“ повторно провери, но и до ден денеска во анкетниот лист на Бонева нема никакви промени, ниту, пак се пријавени становите на нејзините два сина.
Покрај сите овие функционери, во популарната зграда на улицата „Димитар Мирчев“ стан поседува и мајката на генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, чиј глас единствено можевме да го слушнеме во објавените „бомби“. СДСМ тогаш обелодени дека станот чинел околу 120.000 евра. Што е уште почудно со најмалку податоци располага имотното досие на Божиновски каде може да се забележат само ставките „денарска платежна картичка“ и „кредит“. Во неговиот анкетен лист не може да се види никаков недвижен имот во лична корист или на име на сопругата.
Уште едно име, кое е помалку познато во јавноста, а исто така поседува стан во зградата спроти МВР е Иво Павлов, телохранител на екс премиерот Груевски, како и Бојан Лепитков, сопруг на Соња Лепиткова, која работи како државен секретар во Министерството за животна средина.
Рамка:
ИМОТНОТО ДОСИЕ НА МИЈАЛКОВ
Екс шефот на ДБК, Сашо Мијалков, според анкетниот лист пријавил имот кој можеше да се најде на страната на Антикорупциската комисија додека беше на функција поседува станови, гаража и деловен простор во Скопје од 640.000 евра, третина куќа во Штип од 50.000 евра. Според пишувањата на медиумите, Мијалков поседува и апартман во Прага во стариот град.