АРХИВА: ДУИ го губи Инспекторатот за животна средина, дали затоа документацијата се „самозапали“?!

by fokus

Текстот е објавен на 16 септември 2020 година, во неделникот „Фокус“ во број 1302

Пишува: Валентина ВУРМО

Каде што има чад, таму има и оган! Дека е така се уверивме и пред неколку дена, кога во Државниот инспекторат за животна средина гореше целокупната документација, па освен чад имаше и оган, со кој се бореа 24 пожарникари со девет возила.
Штетата допрва ќе се утврдува, како и што ќе се истражува дали пожарот настанал поради дотраена електрична инсталација, или, пак, можеби бил подметнат. Додека се чекаат официјални одговори, шпекулациите стануваат сѐ погласни.

Дел од граѓаните се сомневаат дека пожарот во Инспекторатот избил случајно, туку дека нешто требало да се скрие. Дел, пак, беа изненадени дека воопшто постои таква институција, со оглед на нејзината молчеливост додека соборуваме рекорди на најзагаденa земјa во Европа, или додека пред нос ни чадат диви депонии или реките ги менуваат своите природни бои.
Сега кога зачади од нивниот двор, смируваат дека не се случила хаварија, бидејќи на сите документи имале бекап. Но, дали е навистина така?

ДИРЕКТОРОТ Е УВЕРЕН ДЕКА ПОЖАРОТ Е НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ

Пожарот избувна минатата среда, наутро, во зградата позната како стара Комерцијална банка. Во 6.50 минути заѕвонил телефонот во скопската Пожарна, при што чуварот пријавил пожар во канцелариите на Секретаријатот за европски прашања (СЕП). За пет минути стасале првите противпожарни возила, а набргу пристигнало и засилување.
Сепак, пожарникарите утврдиле дека не биле зафатени канцелариите на СЕП, како што била првичната дојава, туку на Инспекторатот за животна средина. Огнот се раширил во шест канцеларии, а избувнал во просторијата до која се наоѓала архивата. Пламените јазици биле изгаснати за два часа, но претходно ја проголтале целата архивска документација, а зафатиле и дел од онаа по останатите канцеларии, како и компјутерите.

Дека станува збор за несреќен случај, а не подметнат пожар, е уверен директорот на инспекторатот, Фејзула Спахија.

-Не верувам дека пожарот е подметнат, децидно вели Спахија, кој додава и дека тие не работеле некои големи предмети, па некој да се обидувал нешто да сокрие.

Тој вели дека сѐ уште со свои очи не ја видел штетата, бидејќи сѐ уште не е дозволено да се влегува внатре, но уверува дека сите предмети се безбедни и зачувани во електронска форма.

-Уште не сме влезени внатре за да видиме дали нешто од документацијата може да се спаси. Сепак, огнот не ја зафатил просторијата со серверите, што значи дека целата документација ја имаме во електронска форма. Исто така, инспекторатот испраќа копија од секој предмет до Инспекцискиот совет и до компанијата што била под мониторинг. Во секое време можеме кој било предмет да го земеме од таму и да направиме уште една копија, појаснува директорот за „Фокус“.

Тој ја уверува јавноста дека нема што да кријат и дека сите предмети биле процесуирани, а тековните ќе продолжеле да се работат. Сега, како што вели, чекаат владата да им најде нова локација за да можат да се сместат.
Сепак, допрва ќе треба да се види дали навистина од секој документ кој бил во хартија има и електронски запис. Да не случајно, чадот ги оштетил и серверите, па ја „изгубиле“ меморијата! А, од друга страна, и како може да се направи споредба дека се е зачувано, кога ја нема хартиената верзија за да се направи споредба?

ПОПОВСКА СЕ СОМНЕВА ДЕКА СЕ ПРИКРИВА КОРУПТИВНО РАБОТЕЊЕ!

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа итна и независна истрага за пожарот. Бидејќи за нив крајно сомнително било тоа што изгорела архивска документација во неработно време, по неработен ден.

– Се отвораат огромни сомнежи за можни злоупотреби и криење од јавноста на документи кои според оценка на власта не би требало да се дознаат, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Веќе следниот ден, партискиот портпарол, Димче Арсовски, продолжи да сее сомнежи, па јавно праша дали е точно дека изгорени се документи и извештаи кои укажувале на злоупотреба на пари од проекти од европските фондови кои што биле складирани токму во државниот инспекторат за животна средина, наменети за оваа институција?
Директорот Спахија вели дека обвинувањата на опозицијата не се точни.

– Не е точно дека сме имале такви проекти, но на опозицијата тоа ѝ е работа, да обвинува, вели директорот.

Дека пожарот не е случајност, речиси е убедена и поранешната пратеничка Лилјана Поповска.

– Лично се сомневам дека зад пожарот се крие нешто друго, а не случајна несреќа. Се сомневам дека некој ја запалил документацијата за да ги уништи документите за коруптивното работење на инспекторатот. Со години наназад сме укажувале, сме барале сериозни контроли, бидејќи инспекторатот е клучно тело за борба со загадувањето. Но, наместо посветеност, со години се мижеше пред загадувањето, вели Поповска.

Таа додава дека Инспекторатот со години е под контрола на ДУИ, а кога во краток период им бил „земен“, тогаш почнале да се гледаат резултатите.

– Единствената светла точка во работата на инспекторатот беше директорот Мирослав Богдановски од ДОМ, кој влезе во „Дрисла“, се спротистави на „Казандол“… Па за половина година, како „награда“ беше сменет од директорската позиција. Затоа ни се случуваат еколошки хаварии, а нема никакви реакции, ниту казни. Токму затоа не верувам дека пожарот е случаен и треба сериозно да се истражи, децидна е Поповска.

ДУИ ГО ГУБИ ДИРЕКТОРСКОТО МЕСТО ВО ИНСПЕКТОРАТОТ

Богдановски, според многумина, беше вистинско изненадување, па и освежување во овој Инспекторат, кој со години беше под капата на ДУИ. Со неговото стапување на функцијата в.д. директор, јавноста слушна дека ваков инспекторат, всушност, постои.
Тој најавуваше законски измени за ефикасно дејствување на инспекторатот, а алармираше и за недоволниот број инспектори и премалиот буџет. Најавуваше заживување, а како загревање влезе во скопската депонија „Дрисла“. По долгогодишното амнестирање за загадувањето, конечно беше казнета со 8.500 евра.
Вонредната контрола, под палката на Богдановски, покажа дека од печката за согорување на медицински отпад биле надминати граничните вредности на загадувачки материи што се испуштаат во воздухот.

И додека со дронови почна да ги лови загадувачите, беше сменет од позицијата, со јавно разочарување од еколошките активисти. На неговото место застана сегашниот директор Спахија.
Актуелниот директор го прашавме дали можеби ДУИ повторно ќе го изгуби овој инспекторат, бидејќи набргу ќе следуваат кадровски промени, во речиси сите институции, но тој ни одговори дека нема да се случи промена.

-Колку што знам, инспекторатот ќе остане со раководен кадар на ДУИ. Не мора да значи дека ќе бидам јас, мене ова ми е прв мандат од две и пол години, но ќе биде кадар на ДУИ, ни изјави актуелниот директор.

Но, доброупатени извори на „Фокус“ од СДСМ и од ДУИ, сепак, ни потврдија дека во овој Инспекторат ќе има промена, односно со него, наместо како досега, ќе раководи кадар на СДСМ, или на нивните коалициски партнери, во кои фаворити се ДОМ.

– Со инспекторатот нема да раководи кадар на ДУИ. Ние во рамки на коалицијата „Можеме“ заедно со нашиот партнер ДОМ ќе одлучиме, бидејќи е значајна тема и одговорност, вели нашиот доброупатен извор од СДСМ.
Од ДУИ, пак, на прашањето дали Инспекторатот ќе остане под раководство на партијата, добивме кратко, но јасно „Не“.
Сево ова ја отвора дилемата дали можеби оваа рокада била причината за „подзачистувањето“ на архивската документација? Да се избришат трагите, па новиот директор да седне на чисто биро и сѐ да почне од почеток?
Не сакајќи да шпекулира за тоа кој би бил новиот директор, Поповска, сепак, вели дека на тоа жешко столче треба да седне чесен човек, кој со вистинска желба ќе се грижи за животната средина.

ИНСПЕКТОРАТОТ НЕ БИЛ ПОД ИСТРАГА

Барајќи можен мотив за подметнување на пожарот, „Фокус“ се обиде да дознае дали против инспекторатот се води активна истрага или предистрага. Од Скопското јавно обвинителство и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ни одговорија дека немаат отворено предмет за работата на Инспекторатот, а нивната документација не ја чешлале ниту од Управата за финансиска полиција.

За работата на Инспекторатот не може да се најде ниту ревизорски извештај, освен оној за „Квалитет на воздух-кооперативна ревизија“ од 2018 година, во кој еден дел е посветен на Инспекторатот.
Со извршените анализи на законската регулатива, која била на сила во мониторираниот период, констатирани се бројни слабости поврзани со инспекцискиот надзор. Па така, ревизорот, меѓу другото, наведува:

„Недостасува повеќегодишно планирање за инспекцијата во животната средина со кое ќе биде опфатена целата територија на земјата, односно планирањето ќе се врши на централно и на локално ниво. Различен статус и правила се применуваат за државните инспектори и за локалните овластени инспектори за животна средина во однос на нивните обврски“.

Согласно правилникот, во Државниот инспекторат за животна средина биле предвидени вкупно 38 работни места, а во анализираниот период биле пополнети само 22 работни места.

„Државниот инспекторат за животна средина се соочува со недоволен број инспектори што можат да вршат надзор. Одредени одделенија што треба да креираат предуслови за ефикасен инспекциски надзор, како финансии, правни работи, внатрешна ревизија, не функционираат во целост“ – се вели во ревизорската анализа.

Не толку одамна, во декември 2019 година, и градскиот татко Петре Шилегов се судри со Инспекторатот, критикувајќи ја неговата работа. Кога поранешниот директор Богдановски, сега градски инспектор, пријави дека фирмата „Еко клуб“ незаконски работела со транспорт на медицински отпад, од Инспекторатот се спротивставија дека нивната вонредна контрола, која била извршена претходно, не покажала никакви нерегуларности.
Шилегов, пак, обвини дека има сериозна одговорност во постапувањето на надлежните од обвинителството и од државниот инспекторат и ги повика на одговорност.

– Уживам кога гледам како се обидуваат да ја одбегнат одговорноста и Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство наместо да си ја признаат вината и да си ја сработат работата за која ги плаќаат граѓаните. Одговорна институција за ваков случај по наредба на јавен обвинител веднаш ќе го затвори погонот и ќе спроведе истрага, изјави Шилегов.
Но, и по речиси една година, овој случај сѐ уште нема завршница.

СÉ УШТЕ СМРДИ И ПОЖАРОТ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА

Завршница нема ниту за пожарот што пред повеќе од две години изби во просториите на Министерството за правда, иако шпекулациите беа дека причината за пожарот е човечки фактор. И тогаш огнените јазици ја зафатија архивската документација, сместена на четвртиот кат. Тогаш изгоре документација за меѓународна правна помош, како и дел од документацијата на секторите за сметководство и финансии.
Разликата во двата пожари е времето на случување. Во инспекторатот избувна пред почетокот на работното време, а во Правда при крајот, поради што во канцелариите сѐ уште имаше вработени, но, за среќа, немаше човечки жртви.

Канцеларијата на тогашниот министер во оставка, кадар на ДУИ, Билен Саљији, кој сѐ уште ја извршуваше функцијата, беше на петтиот кат.
Во 2013 година, голем пожар изби и во главната зграда на „Македонски пошти“, во време на директорувањето на Рафис Алити.
Арменд Фазлиу, внук на директорот Алити и шеф на неговиот кабинет и на Секторот за јавни набавки, беше прогласен за виновен за катастрофалниот пожар што ја уништи зградата на поштата во центарот на Скопје и беше осуден на двегодишна затворска казна.
Тој беше обвинет за тешки дела против општата сигурност, а во текот на процесот вештаците потврдија дека пожарот избувнал откако тој фрлил запалена цигара во корпата за отпадоци во неговата канцеларија. Пламенот ја зафатил неговата канцеларија, каде што тој чувал, од само нему познати причини, 25 литри моторно масло, кое било катализатор на огнот.

На крајот, искуството покажува дека таму каде што има чад, има и оган, па затоа и се оправдани сомнежите на јавноста, кои не веруваат во случајности.
А, чадот со себе носи непријатна миризба, па затоа не е грешка ако се каже дека пожарот, особено овој последниот во Инспекторатот за животна средина, смрди! Прашање е дали само непријатната реа ќе се расчисти или ќе остане да загадува!

Поврзани новости