(АРХИВА) Државата сѐ уште не се офајди од луксузната гардероба на Боки 13: Нема вештак што може да ја процени брендираната облека запленета во „Рекет“

И по четири години од заплената на фамозната брендирана облека на Боки 13 за случајот „Рекет“, сѐ уште не е направена проценка на нејзината вредност, а камоли да биде ставена на продажба. Државата засега не се офајдила ниту со едно евро од овој случај, а како поминува времето, сѐ поголем е ризикот луксузот да биде изгризан од глувци или од молц.

by Fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” во број 1430, на ден 01.03.2023 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Пред четири години, поточно летото 2019 година, истражителите од домот на Бојан Јовановски – Боки 13 одзедоа 71 вреќа со гардероба, чевли, часовници, чанти и накит, вкупно 1.208 на број, од познати модни брендови, како Луј Витон, Версаче, Долче и Габана, Гучи, Валентино,  Диор…

Меѓу запленетата облека беше и упадливата сребрена наметка од Луј Витон, која Боки 13 ја носеше на доделувањето на наградите „Story“. Подоцна се дозна дека наметката чинела неверојатни 8.000 евра.

И по неколку години од пресудата за случајот „Рекет“, со која беше конфискувана целата брендирана гардероба, јавноста не слушна дали некој сега се шета низ улиците со овие модерни парчиња облека, бидејќи таа требаше да заврши на продажба, а парите да легнат на буџетската сметка.

Семејството Јовановски дури се сомнева дека дел од облеката исчезнал на сомнителен начин, а на нејзино место е подметната фалц гардероба од Бит-пазар. Во спротивно, се прашуваат тие, зошто облеката се чува со години наместо да се продаде?!

НЕМА СТРУЧЊАК ЗА ГАРДЕРОБАТА НА БОКИ

Поточно, семејството и правниот тим на Јовановски имаат информација дека допрва ќе се вештачат предметите за да се утврди нивната вредност, но се сомневаат дека тоа ќе биде направено реално, бидејќи во потврдите за одземени предмети, на некои од нив, недостасувала информацијата за брендот.

Во потврдите за одземени предмети не стои марката на фармерки или очила, туку 152 пара очила и 40 пара фармерки. Тие можат да бидат предмет на замена со фалцови од по 2 евра, што мислам и дека се случува. И кое е тоа вешто лице што ќе утврди дали едни фармерки или очила се оригинал или копија – наведува извор близок до Јовановски.

Затоа од Агенцијата за управување со одземен имот побаравме одговор дали е направена проценка на одземената облека, но и на други предмети од Јовановски, за нивната вредност и дали нешто досега е продадено?

Оттаму ни одговорија дека вештачењето за вредноста сѐ уште не е направено, бидејќи во Бирото за судски вештачења немало такво стручно лице.

Во однос на процената на одземените предмети во случајот „Рекет“, побаравме информација од Министерство за правда – Биро за судски вештачења, со цел да добиеме информација дали имаат стручни лица, проценители, за давање процена и вредност за таков вид и содржина на стока.

Добивме информација дека немаат вработено редовно лица судски вештаци и проценители за таков вид и содржина на стока – брендирана стока“, ни одговорија од Агенцијата, од каде што појаснуваат дека услугите на вештаците од Бирото ги користат без надомест.

Исто така, од таму дополнуваат дека од Бирото добиле одговор дека ќе бидат информирани доколку ангажираат соодветен надворешен соработник.

„Доколку се ангажира надворешен соработник – проценител за таков вид и содржина на стока, благовремено ќе нѐ известат за официјално да се спроведе постапката за увид, процена и нејзино вештачење“, истакнуваат од Агенцијата.

ЛУКСУЗНИОТ МЕБЕЛ И ЗЛАТНАТА КРУНА

Покрај тоа што сѐ уште не е познато во чии гардеробери завршила или допрва ќе заврши луксузната облека, Боки 13 и неговиот адвокат Сашко Дукоски уште на судењето реагираа дека е прекршена процедурата при одземањето на гардеробата.

Обвинителството тврдеше дека Јовановски сите модни парчиња ги купил во периодот од 2018 и 2019 година, трошејќи од 1,5 милион евра, кој наводно ги изнудил од бизнисменот Орце Камчев.

Боки, пак, тврдеше дека најголемиот дел од гардеробата, дури 95 отсто ја купил неколку години пред тоа, уште од 2013 година. За да го убеди судот, тој презентираше 1.650 фотографии од неговите аутфити низ годините, појаснувајќи за секое парче кога е купено.

-Пола од одземената гардероба на Боки сега ја носат низ Скопје – велеше адвокатот Дукоски уште за време на судењето.

Во пресудата за „Рекет“, прецизно е наведено што сѐ било запленето од домот на Јовановски, на 15 јули 2019 година, кога по барање на обвинителката Вилма Русковска беше извршен претрес.

На дури пет страници е опишан видот и марката на одземената гардероба. По боја и марка се наведени 60-тина ремени: ремен во сива боја „версаче“, ремен кафена боја „фенди“, ремен со зелена боја „салваторе ферагамо“…

Потоа, на листата се редат над 80 пара панталони, стотина кошули, 70-десетина капути, десетина јакни, над 60 пара тренерки, 50 пара сакоа, десетина пара фармерки, десетина пара сакоа со панталони, стотина чифта чевли, над 60 пара патики, како и приближно толку пара чизми.

Но, тоа не е сѐ. На љубимецот на брендирана гардероба му беа одземени и триесетина капи и шапки, ист број папучи, над 70 чанти, сите со потпис од некој познат моден дизајнер, над стотина пара очила, стотина пара маици…

При претресот, Боки 13 остана и без својот накит. Му беа запленети десетина брендирани ланци, алки, прстени, часовници, брошеви и приврзоци од марките Версаче, Долче и Габана, Валентино, Гучи, Ролекс…

Тој остана и без својата златна круна со потписот на Долче и Габана.

Освен луксузната облека, во некој од магацините на Агенцијата за управување со одземен имот заврши и голем дел од брендираниот мебел од семејниот дом на Јовановски.

Па така, уште никој не добил можност да лицитира за неговите девет перници „зебрано“, или нечија дневна соба да ги краси троседот и четирите фотелји од истата марка. Или некој да пие кафе на неговите фенси масички или да јаде на неговата трпезариска маса и столови.

Јовановски остана и без неговите теписи од марката „Agora Hali Milano“, лустерите со кристали и столни ламби, па дури и без украсите, односно фигури во облик на мајмун и на куче.

Засега енигма е и кај завршиле или ќе завршат неговите телевизори со димензии од 220 см и 140 см, кои биле запленети заедно со далечинските управувачи, или кој се огледува во огледалото марка „ролекс“?

Боки 13 остана покус и за десетина вредни уметнички слики, како и без 12.000 евра кеш.

НА ЈАНЕВА Ѝ ОДЗЕЛЕ НИВИ

Со пресудата за „Рекет“, беше одлучено да се конфискува и имотот на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

„Од обвинетата Јанева се конфискуваше непосредна и посредна имотна корист прибавена со кривично дело, во износ од 50.000 евра“, пишува во пресудата донесена пред три години.

Во неа се наведува и дека доколку конфискацијата не може да се изврши од сторителите, тоа да се направи од трети лица, односно од членови на семејството.

На прашањето до Агенцијата, дали конфискувале имот од Јанева или од нејзиното семејство во вредност од 50.000 евра, велат дека се преземени првични чекори.

Во врска со прашањето за конфискување имот и имотна корист од обвинетата Катица Јанева или од нејзиното семејство, Агенцијата за управување со одземен имот постапи согласно изреката од пресудата

во која се вели дека – доколку конфискацијата на непосредната и посредната имотна корист, која се состои во пари, не е можна од сторителот, ќе се конфискува друг имот што одговара на вредноста на прибавената корист, односно трети лица за кои е оставена со извршување со кривично дело. Имотната корист ќе се конфискува и од членови на семејството на сторителот на кои е пренесена ако е очигледно дека не дале надомест што одговара на вредноста на прибавената имотна корист или од трети лица ако не докажат дека за предметот или имотот дале противнадоместок што одговара на вредноста на прибавената имотна корист“, велат од Агенцијата, цитирајќи законски одредби.

Во продолжение, пак, информираат за дејствијата што ги презеле:

„Агенцијата ги блокираше банкарските сметки на име на Катица Јанева. Од причина што не се најдени парични средства на сметките, пристапено е кон извршување и одземање и пренос на правото на сопственост на нејзиниот недвижен имот преку Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ.

За нив е поднесено барање и ургенција за вештачење и утврдување на вредност на недвижен имот до Министерство за правда – Биро за судски вештачења, ни изјавија од Агенцијата.

Синот на Јанева, Лазар Јанев, за „Фокус“ појаснува дека имотот што им бил одземен, не бил определен со пресудата и станувало збор за наследен имот.

Агенцијата од октомври 2021 година одзеде дел од нашиот имот и прави проценка веќе година и пол. Станува збор за наследен имот, неповрзан со кривичното дело, односно земјиште под куќа и ниви – појаснува Јанев.

Тој додава дека во моментов, сметките на неговата мајка се блокирани.

– Таа не може да ја зема својата пензија, а пензијата стои на сметката и не се одзема од Агенцијата – појаснува Јанев.

КАДЕ ЗАВРШИ ФАМОЗНАТА ГАРНИТУРА?

Освен побарувањата од 50.000 евра, при претресот во домот на тогашната обвинителка Јанева беше запленета и една кожена ташна „луј витон“, со златни иницијали К.Ј., како и кожена аголна гарнитура, три кожени перници, две фотелји и една клуб маса.

Обвинителството тврдеше дека мебелот вредел 5.000 евра, а наводно Јовановски ѝ го подарил на Јанева. Таа, пак, објаснуваше дека мебелот Јовановски го зел со компензација, но потоа таа му ги дала парите.

Како и да било, засега и овој мебел сѐ уште не е продаден, односно нема нов сопственик.

Иако пресудата за „Рекет“ беше потврдена и од Апелација, а потоа зацементирана и од Врховниот суд, сепак и ден денеска за многумина е климав доказот дека Јанева добила 50.000 евра од Боки 13, кои, пак, сега државата сака да ги наплати преку конфискацијата.

Таа ќе беше осудена и без да зела евро за неа, ама затоа во прашање се доведува исправноста на конфискацијата.

Тврдењето за обвинителството дека добила парична награда од Боки 13 го темелеше на фотографии и видеа од две-три секунди, а на кои се гледа екс специјалната јавна обвинителка како седи во нејзината дневна соба, а на масичката пред неа има нешто што наликува на снопче со пари.

Овие докази обвинителката Русковска ги искористи во полза на обвинителството, тврдејќи дека на масата имало 50.000 евра, а кои Јанева ги добила како рекет.

Сепак, при претресот во домот на Јанева не беа најдени парите, а нејзината одбрана се движеше во насока дека не е возможно да се вештачат пари што не постојат, а уште и да се тврди дека се со вкупна сума од 50.000 евра.

Никогаш не беа пронајдени ниту парите од торбата „луј витон“, односно еден милион евра, и дополнителни половина милион евра, кои Боки 13 наводно ги добил од Камчев.

Затоа обвинителката Русковска тврдеше дека Јовановски ги потрошил на луксузна брендирана гардероба, но и на телевизијата 1ТВ, бидејќи, како што велеше, „телевизијата била скапа играчка“, а обвинетиот ја основал и таа функционирала, иако тој немал трансакциска сметка.

Јовановски, во своја одбрана, пак, се обиде да докаже како живеел во луксуз, и тоа не со пари на бизнисменот Камчев.

Пред судот докажуваше дека дел од богатството со кое располагал го наследил, дел го добил од денационализација, а имал и позајмици од пријатели.

Како сомнеж остана да лебди и фактот, што доколку навистина во брендираната торба имало точно милион, тогаш таа требало да тежи околу 20 килограми.

На снимките, пак, се гледаше дека Зоран Милевски Кичеец и Боки 13 излегуваат од домот на бизнисменот, а токму пред вратата Кичеец, сосема лежерно ја префрла торбата од едната во другата рака. Исто така, кога одат по улицата, на прва, не изгледа дека торбоносецот има толкав товар во едната рака.

Сепак, судот му поклони верба на признанието на Кичеец. Односно дека го земале милионот од Камчев и го однеле кај Боки 13. За несреќа на Јовановски, оваа признание имаше голема доказна вредност, иако се оправдани сомнежите за тоа колку пари имало и каде на крајот завршила торбата!

Како и да е, ова е веќе завршена правна заврзлама. Сега останува да се почека дали наскоро некој ќе се дотера и прошета во брендираните парчиња на Боки 13 или облеката на крајот ќе ја изедат молци и глувци во некој од  магацините на Агенцијата во кој е засолнета.

А државата, како и досега, кога станува збор за конфискациите, ќе остане со прстот во уста!

НА БОКИ МУ КОНФИСКУВАЛЕ И ДВЕ ЛАБЕЛА И КОПЧИЊА?!

Меѓу запленетите работи има и такви што изгледаат банално за конфискување, но, сепак, се нашле на листата на запленети предмети.

Па така, на Боки 13 му биле одземени две лабела за уста, клуч од стан со кожен приврзок, две резервни копчиња од палто, како и кутија за цигари „собрание“ со 20 цигари „слимс“.

КОЈ ЌЕ ГО КУПИ ЗАПЛЕНЕТИОТ ИМОТ НА МИЈАЛКОВ?

Неодамна, пак, заврши проценката на имотот што беше конфискуван од поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во случајот „Империја“.

Пресметките покажуваат дека одземениот недвижен имот тежи околу 15 милиони евра, 350.000 евра во акции и 6,1 милион евра што ги плати во готовина.

Сепак, сѐ уште не е проценета вредноста и на деловниот простор на Мијалков во недоградениот хотел на плоштадот во Скопје. Нема проценка и за дел од имотот, кој е под хипотека, а со која се оптоварени неколку станови.

Но, со законска регулатива е регулирано дека ако некој имот не може да се конфискува поради хипотека, тогаш ќе се наплати од друг имот.

„Доколку има пречки при конфискувањето на противправно стекнатиот имот, предвидено е тој да биде надоместен со конфискација на друг имот што одговара на неговата вредност, односно кој било друг имот што осудениот го поседува, појаснуваат од обвинителството.

Сега, останува да се почека Агенцијата да го огласи имотот на Мијалков и да почне наддавањето. На листата за продажба се голем број станови, деловни простори, како и атрактивни земјишта.

Поврзани новости