АРХИВА „Дрисла“ изнајми машини во „четири очи“ од струмички бизнисмен за 200.000 евра

by Фокус

Текстот е објавен на 22 април 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1281.

По промената на локалната власт во Град Скопје, се извршија директорски смени на скопските јавни претпријатија. Едно од претпријатијата што претрпеа промена е „Дрисла“, кое кон средината на 2020 година се врати под капа на Градот. Во тој период, пишувавме дека новото раководство склучило непосреден договор за градежна механизација со струмичката компанија „Алпима Градба Тим“, во сопственост на струмички бизнисмен, кој воедно беше дел и од секторот со медицинска марихуана.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поради пандемијата предизвикана од корона вирусот, претседателот на државата Стево Пендаровски, по претходно барање на владата предводена од СДСМ, но и по согласност од опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, прогласи вонредна состојба, која практично ја продолжи на уште еден период со времетраење од 30 дена.

Она што е клучно за време на вонредна состојба, владата има надлежност да носи таканаречени уредби со законска сила, со што ја презема и законодавната функција, која во нормални услови е концентрирана во парламентот.

Имајќи ја предвид ваквата состојба, се јавува потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи, кои периодов главно се поврзани со превенција од ширењето на Ковид-19.

Од тие причини, Центарот за граѓански комуникации, кој врши постојан мониторинг на јавните набавки со цел рационално трошење на јавните ресурси, предупреди дека ваквите тендерски постапки со преговарање се најмалку транспарентни и го зголемуваат ризикот од можни грешки, злоупотреби и корупција поради брзината со која се спроведуваат.

Според новиот Закон за јавни набавки, усвоен минатата 2019 година, овие набавки без претходно објавување оглас, кои уште популарно се нарекуваат тендери во четири очи, се спроведуваат, меѓу другото, поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, а роковите за другите постапки не може да се применат.

Притоа, околностите со кои се оправдува крајната итност во никој случај не смеат да бидат такви за да му се припишат на договорниот орган.

Во таа насока, проверките во базата на јавни набавки што ја извршивме покажуваат дека од прогласувањето на вонредната состојба до денес се склучени педесетина вакви итни договори, од кои, очекувано, најголем број се однесуваат на набавка на средства и опрема поврзани со корона вирусот.

Сепак, привлекува внимание една набавка на Јавното претпријатие Дрисла за изнајмување на градежни машини во вредност од над 200.000 евра за период од само 3 месеци.

Сознанијата до кои дојде „Фокус“ откриваат дека овој договор е склучен со струмички бизнисмен присутен во бизнисот со медицинска марихуана, и тоа во време кога Дрисла спроведува уште еден тендер за ангажман на приватни машини, но и за санација на сопствениот возен парк.

ТРАНСФОРМАЦИЈА И ЕКИПИРАЊЕ

Како што е познато, поранешниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, во 2013 година ја даде скопската депонија Дрисла под концесија на период од 35 години на тукушто формираната италијанска компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која всушност настапи во партнерство со „Униеко“.

Тогаш, италијанскиот концесионер вети инвестиции во висина од 73 милиони евра во првите 5 години, со цел Дрисла да стане модерна депонија и еколошки парк. Имено, „ФЛЦ Амбиенте“ најавуваше дека ќе се затвори половина од 35 хектари од депонијата со еден вид пластеници, дека од топлинска енергија ќе се произведува електрична енергија итн.

Но, реалноста на терен испадна сосема поинаква од првичните замисли. Заедничката фирма што ја формираа Градот Скопје и „ФЛЦ Амбиенте“ во соодносот 20 наспрема 80 отсто, се правдаше дека им пропаднале првични планови поради исцрпната судска битка што ја водеа со германски „Шолц“, кој, заедно со австриски „АСА Интернешнел“, учествуваше во постапката за доделување на концесија.

Незадоволна од исходот, германската компанија пред Управниот суд ја оспори тендерската постапка, но Градот на чело со Трајановски при повтореното спроведување на постапката повторно склучуваше договор со „ФЛЦ Амбиенте“.

Така, по неколкугодишни правни перипетии, случајот доби поинаква разврска. По промената на локалната власт на изборите во 2017 година, нов скопски градоначалник стана Петре Шилегов од СДСМ, кој веднаш се обиде судски да ја врати Дрисла под капата на Градот.

Откако неговата жалба пред Вишиот управен суд беше одбиена, Градот, според упатствата на првостепената пресуда, формираше Комисија, која направи повторна евалуација и одлучи концесијата да ја додели на конзорциумот предводен од „Шолц“, чиј сопственик во меѓувреме стана кинескиот гигант за рециклирање –Чихо Енвајрментал Груп“. На крајот, Дрисла, сепак, се врати во системот на Градот Скопје.

Неодамна, Советот на Градот донесе одлука за поништување на одлуката со Дрисла да замине под концесија кај „Шолц“, бидејќи едноставно во законскиот период од 30 дена не се јавиле да склучат концесиски договор.

Па, по извесно време и Централниот регистар ја потврди трансформацијата на Дрисла од друштво со ограничена одговорност со доминантно приватен капитал во јавно претпријатие под комплетна контрола на Град Скопје.

Иако локалната самоуправа тоа го бараше уште на средината на 2019 година, сепак процесот се заврши на почетокот на оваа 2020 година со избор на тела за управување и надзор.

КОНТИНУИРАНА РАБОТА БЕЗ ЗАСТОЈ

Инаку, Управниот одбор на јавното претпријатие е надлежен за донесување на основните документи за работа, меѓу кои бездруго се вбројува и Планот за јавни набавки. Според информации од јавното претпријатие, планот за потребите на јавното претпријатие и расположливите средства за трошење бил усвоен на седница на УО на почетокот на февруари, додека неколку дена потоа инвестиционата програма добила согласност од Советот на Градот.

Токму тоа е формалната основа за употреба на градежни машини во рамки на депонијата, без кои, како што потенцираат од таму, не можат да ја вршат нивната основна функција. Веќе во следниот месец март, ЈП Дрисла склучила договор за ангажман на градежни машини за „изградба на пристапни патишта и платформи, туркање, планирање и покривање на отпадот со глина “, во вредност од над 200.000 евра.

Но, овој договор не е склучен во вообичаена отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување оглас, при што договорниот орган се повикува на крајна итност. Договорот е склучен на 18 март, точно кога беше за прв прогласена вонредна состојба во државата, откако дваесетина дена претходно државните и здравствените власти почнаа да издаваат препораки за спречување на ширење на заразата.

Пред да го склучи овој договор, ЈП Дрисла добила позитивно мислење од Бирото за јавни набавки, од каде што посочуваат дека договорниот орган има законски основ за спроведување постапка во четири очи, во услови на итност.

Згора на тоа, Бирото истакнува дека издаденото позитивно мислење го издаваат врз база на приложена документација и се однесува исклучиво за постапката за преговарање, но не се однесува за, како што стои во мислењето, изборот на конкретен економски оператор, односно набавувач.

Воедно, од таму потенцираат дека „одговорноста за избор и спроведувањето на постапката со преговарање, како исклучителна постапка, е кај договорниот орган…“.

Во одговорите што ни ги доставија по писмен пат, од ЈП Дрисла објаснуваат дека за време на претходното раководство на депонијата се работело со изнајмена механизација врз основа на претходно склучен договор со важност до средината на февруари.

Како што посочуваат од таму, веднаш објавиле отворена постапка за изнајмување градежни машини, но за спроведување на постапката биле потребни најмалку 2 месеца, па затоа за тој период склучиле итен договор во брза постапка.

Од јавното претпријатие додаваат дека имаат обврска да работат континуирано без застој, бидејќи во спротивно ќе се доведат во ситуација да се натрупаат со големи количества отпад, кои на дневна основа изнесуваат 650 тони комунален отпад.

МЕЃУ ГРАДЕЖНИШТВОТО И КАНАБИСОТ

Според податоците од Бирото за јавни набавки, ЈП Дрисла го склучила договор на период од 3 месеци со струмичката компанија „Алпима Градба Тим“. Договорот потпишан меѓу двете страни открива дека јавното претпријатие од приватната компанија изнајмува еден багер, еден ровокопач-натоварувач и два булдожера за цена од 3.780 денари по работен час, како и четири камиони-кипер, чија цена е 108 денари по кубен метар.

Како и да е, во самиот договор се наведува дека вкупната вредност на чинење не смее да ја надмине вредноста планирана за оваа набавка, која впрочем претставува и вредност на склучениот договор – 12.390.000 денари со ДДВ или околу 201.500 евра.

Во рамките на оваа постапка, како што нѐ известија од Дрисла, на преговори биле повикани 3 компании, при што избраната „Алпима Градба Тим“ доставила најповолна понуда во конкуренција на скопските „Лимитлес ДООЕЛ“ и „Гаминг-Градба“.

Во однос на прашањето според кои критериуми се вршела селекција и избор на компаниите, од јавното претпријатие ни изјавија дека избраната „Алпима Градба Тим“ и претходно работела во депонијата на задоволително ниво. Освен тоа, како што велат од Дрисла, овојпат компанијата понудила за 10 проценти пониска цена во споредба со цената од нивниот претходен договор, кога Дрисла функционираше како јавно-приватно партнерство.

Со оглед дека „Алпима Градба Тим“ не фигурира како носител на ниту еден друг договор за јавна набавка, се поставува прашањето за каква компанија станува збор?

Според Централниот регистар, компанијата е основана на почетокот на 2016 година од страна на Жан Јанев, кој бил сопственик на компанијата се до почетокот на 2018 година, кога на негово место доаѓа Александар Пиперевалиев.

Денес, компанијата е регистрирана на адреса во Струмица, која е наведена и како домашна адреса на сопственикот и истовремено управител на компанијата, чија основна дејност е „изградба на патишта и автопати“.

Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека Пиперевалиев е содружник во компанијата за одгледување канабис за медицински цели „Бул-Билдинг“, формирана на средината на 2018 година со седиште во Пробиштип, а подоцна дислоцирана во Струмица, која кон крајот на истата годината доби согласност од владата да занимава со оваа дејност.

Поточно, Пиперевалиев е малцински содружник во друштвото, со оглед дека во вкупната главнина од 308.000 денари тој учествува со удел од 38.000 денари. Кои се неговите партнери?

ИНТРИГАНТНИ ПАРТНЕРСТВА

Тековната состојба на „Бул-Билдинг“ покажува дека доминантен содружник е бугарската компанија „Минстрој“, која пред неколку години ги зеде под концесија рудниците Злетово и Тораница, а неодамна неуспешно се обиде да влезе и во Фени Индустри.

И третиот партнер со удел од 92.400 денари е Горан Крстев, кој актуелната опозиција долги години наназад го споменува како близок соработник и бизнис-партнер на семејството на лидерот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев. Ваквите тврдења се темелат на податоците дека Крстев и неговиот татко Симеон Крстев поседуваа удели во компании, кои се доведуваат во врска со Заеви и други нивни соработници.

Во врска со оваа компанија, исклучително важно е да се напомене дека до неодамна имаше и четврти партнер. Станува збор за Србинот Предраг Колувија, сопственик на компанијата за органска храна „Јовањица“, кој не бил меѓу иницијалните основачи на друштвото, туку пристапил во март 2019 година.

Половина година подоцна, тој беше уапсен откако полицијата упаднала во неговиот имот во Стара Пазова за одгледување на органска храна.

Како што јавија српските медиуми, под пластениците биле пронајдени и запленети 4 тони сирова марихуана и уште 650 килограми спремна за продажба.

Што се однесува до Пиперевалиев, тој своевремено беше дел и од уште две компании за медицинска марихуана – „Микеси“ од Зелениково и „Т.Х.Ц. Куалити Груоп“ од Скопје.

Историјатите на двете компании покажуваат дека тој неодамна излегол од нивната сопственичка структура, со тоа што прво во октомври минатата година излегол од „Микеси“, каде на негово место доаѓа Круме Апостолов, чие име порано се сретнуваше во бизнисот со билборди. Еден месец потоа, пак, Пиперевалиев излегува и од „Т.Х.Ц. Куалити Груоп“, и тоа на ист ден со Ѓоргије Меденица и Ејуп Дука.

Од сето тоа произлегува дека Дрисла, набргу откако стана јавно претпријатие, склучила договор во четири очи со етаблиран бизнисмен во новата гранка за одгледување медицинска марихуана, при што, од две компании од овој вид веќе отстапил, додека во третата сѐ уште фигурира како содружник заедно со бугарска компанија и соработник на Заеви.

Веќе е општо познато дека и Заеви се дел од овој бизнис преку две компании – „Мам Свети Николе“ и „Фарма Медика Канабис Валандово“. Но, исто така, факт е дека овој навидум атрактивен бизнис влезе во ќор-сокак, откако компаниите натрупаа залихи од сув цвет, ама не можат ниту да го извезуваат, ниту да го екстрахираат.

ДИСФУНКЦИОНАЛНА МЕХАНИЗАЦИЈА

Од законски аспект, составен дел од отворената постапка е утврдувањето способност, кое се прави со цел да се утврди дали постојат причини за исклучување од тендерската постапка (правосилна судска пресуда за член на управувачки органи, неплатени јавни давачки, стечај), дали се исполнети условите за квалитативен избор (економска и финансиска состојба, техничка и професионална способност), итн.

Наспроти тоа, во постапките со преговори договорниот орган нема обврска да ја утврдува способноста на економските оператори. Во тој поглед, ЈП Дрисла имала безмалку дискреционо право да одлучи кого да повика и со кого да склучи договор во четири очи, меѓутоа какви услови предвидела во паралелната отворена постапка?

Според објавениот оглас, Дрисла бара механизација до крајот на тековната 2020 година. Првично, претпријатието бараше заинтересираните компании, покрај останатото, да имаат минимален годишен приход од 20 милиони денари годишно во последните 3 години, најмалку 12 редовно вработени со одредени квалификации и други критеруми.

Но, финансиските извештаи на сегашниот економски оператор – „Алипа Градба Тим“, говорат дека компанијата во 2017 година остварила приходи од 1,8 милиони денари, а во 2018 година 12,3 милиони денари, што значи дека не би се квалификувала за учество во отворената постапка, иако победила во постапка со преговори.

Арно ама, тендерската документација за отворената постапка што е во тек неколкупати се менувала, така што со една од измените се брише условот за годишен обрт од 20 милиони денари, како и за минималниот број на вработени.

На тој начин, значително се отвора патот и за, условно кажано, помали компании, доколку имаат реализирано барем 3 договори од нискоградба вкупно вредни 20 милиони денари и доколку располагаат барем со 4 булдожери, 2 багери, 8 триосовински или четириосовински камиони, 1 ровокопач…

Сепак, од Дрисла тврдат дека за секоја постапка, па и за постапката со преговарање се бараат соодветни услови неопходни за квалитетно спроведување и извршување на предметот на јавната набавка.

Во меѓувреме, ЈП Дрисла распишала и постапка и за набавка на резервни делови, потрошен материјал за градежни машини, камиони и автобус, што сугерира дека друштвото има сопствена механизација, но таа е нефункционална.

Ако се знае дека проценетата вредност на набавката изнесува речиси 18.000.000 денари без вклучен ДДВ, се поставува прашањето: зошто досега не биле сервисирани возилата, ако се има предвид дека Дрисла троши дури и поголема сума од оваа само за период од 3 месеци? Од Дрисла уверуваат дека сопствената механизација ќе ја стават во функција за 6 месеци, што, доколку се случи, нема да го исцрпат до крај договорот за надворешна механизација. Времето ќе покаже дали ќе биде така!

Алипа Градба“ без одговор
КАКО ДОШЛО ДО СОРАБОТКАТА НА ПИПЕРЕВАЛИЕВ СО „МИНСТРОЈ“ И КРСТЕВ?

До „Алпима Градба Тим“ и нејзиниот сопственик Александар Пиперевалиев испративме неколку прашања, но до затворањето на весникот не добивме одговори.

Со тоа, не добивме одговори на прашањата дали оваа компанија (ќе) учествува и во отворената тендерска постапка за градежна механизација во Дрисла, како дошло до соработката меѓу Пиперевалиев, „Минстрој“ и Горан Крстев, зошто тој се повлекол од „Т.Х.Ц. Куалити“ и „Микеси“…?


ЈП Дрисла
НЕ АНГАЖИРАМЕ НОВИ РАБОТНИЦИ, САМО ГИ ПРОДОЛЖУВАМЕ ДОГОВОРИТЕ!

Претходното раководство на претпријатието решило да користи изнајмена механизација, бидејќи сопствената механизација не била во функција, а Градот Скопје во тој период не бил тој кој што одлучувал и склучувал договори, велат од новото раководство на Дрисла на чело со директорот Коста Начевски.

Од таму велат дека ревизијата која се спроведува е се уште во тек и кога ќе биде завршена ќе се достави до Градоначалникот Петре Шилегов.

Новото раководство, заедно со стручните лица од одделението за сервис во претпријатието, направи анализи кои покажаа дека механизацијата која се користи на депонијата е подложна на повеќе и поголеми дефекти особено на долниот строј поради екстремните услови (киселост на средината т.е. на отпадот кој се третира) во кои работат градежните машини. Сепак, со анализите е утврдено дека ако се пристапи кон поправање на сопствената механизација ќе се намалат трошоците и ќе се направи претпријатието да биде порентабилно и поликвидно“, велат од Дрисла.

Од таму додаваат дека депонијата располага со челни утоварувачи, булдожери, компактори, багер, ваљак, камиони кипери и автобус, кои имаат големи дефекти. Поточно, кај возилата „Катерпилар Д6 1“, „Катерпилар Д6 2“ и „- Катерпилар Багер 330Б“ треба поправка на комплетен долен строј. Понатаму, кај „Катерпилар Компактор 816Б“ треба промена на метални тркала. Кај „Ханомаг Компактор 280С“, пак, треба промена на менувач итн.

По проценката на стручните лица од одделението за сервис во ЈП депонија ДРИСЛА, се очекува комплетната механизација да биде ставена во функција најрано за 6 месеци. Договорот за јавната набавка за изнајмување на градежни машини ќе се реализира согласно потребите на претпријатието, при што ЈП не е обврзана да го искористи целиот износ предвиден со договорот т.е. ќе ги користи изнајмените градежни машини се до ставање во функција на сопствените“, велат од Дрисла.

Во однос на тендерската постапка за ангажирање на луѓе преку агенција за привремени вработувања, во период кога поради вонредната состојба и мерките за штедење постои препорака да се сопрат сите постапки за вработувања и да се избегнуваат привремените вработувања, од ЈП Дрисла велат:

Отворената постапка за агенциски услуги за привремени вработувања, не е за ангажирање на нови лица, туку за работници кои веќе работат и се ангажирани подолг период од страна на претпријатието и сега ќе има само продолжување на нивните договори бидејќи претпријатието има сѐ уште потреба од нив“.

Поврзани новости