Текстот е објавен на 17 август 2023 година во неделникот Фокус со број 1.454.
„Фокус“ ја открива разработената криминална бизнис-мрежа што се прави на скопската Клиника за онкологија со препродавање лекови. Во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Според нашите доброупатени извори, во системот се внесувале и блиски роднини на екс менаџментот на клиниката, кои не се болни од карцином, но лековите што се наменети за нив, се препродавале. Исто така, на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, односно, според неофицијалните информации, на Косово. А, за да можат навремено да го почнат лекувањето, некои пациенти за испитување со пет скен плаќаат и по 700 евра „под рака“. После овој и уште неколку наши текстови, Обвинителството отвори предистражна постапка, во чии рамки вчера полициски инспектори извршија претрес на Онкологија, како и во домови на вработени.
Пишувала: Ирена МУЛАЧКА
13.45 часот. Последните минути удираат на часовникот од згаснувањето на уште еден млад живот, 32-годишна жена од Прилеп, мајка на две мали деца, која повеќе од три години води битка со подмолната болест – карцином на градите, која подоцна постепено метастазира и се шири и на други делови од телото.
Малку ќе си дозволам лично да навлезам во оваа приказна, со оглед на тоа што две недели поради сплет на околности бев присутна во собата, каде што полека згаснуваше уште еден млад живот на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија.
Со пациентката се сретнавме пред повеќе од две години во една од собите на Онколошката клиника, каде што ја хоспитализираа и чекаше резултати од дополнителни испитувања. Нејзината тажна судбина сѐ уште ми одекнува во ушите, а уште потрагично е што позади себе остави две мали деца, шестгодишно и двегодишно девојче.
Нејзината приказна почнува со откривање на мала грутка под градите, која го вклучува црвениот аларм дека нешто страшно се случува. Веднаш следува мамографија и главниот удар дека има карцином на едната града, со што почнува нејзината битка за животот.
Експресно ѝ се прави операција, се отстрануваат жлездите и почнува уште еден потежок период од животот на младата мајка, а тоа е хемотерапијата, кога останува без коса.
Тоа е главниот доказ за страшната болест што ја носи во себе, а од друга страна е и соочувањето со љубопитните детски очи, на кои треба да им објасни што се случува, зошто постојано е на релација Прилеп -Скопје, зошто останува толку често во болница…
И нормално сето тоа ќе го издржи, ако ѝ помогне да преживее, но, сепак, животот ѝ приредува уште еден удар, односно болеста метастазира на повеќе органи, па следуваат уште неколку операции, за на крај да се прошири и на мозокот, кој повеќе не ѝ дозволува да стане од кревет.
Нашата прва средба помина во муабет за нејзиниот живот, но како што поминуваа деновите, така таа паѓаше сѐ повеќе, а болеста го окупираше мозокот, со што последните денови од животот не можеше да оди и сама да стане од болничкиот кревет.
За да не почине во болница, нејзиното семејство ја врати назад во родниот ден, каде што за неколку дена се појавува правата линија, која го означува крајот на уште еден живот.
Ова е само една страшна и морничава приказна за пациентите болни од карцином, од кои повеќето умираат во незамисливи болки, а семејството е сведок на трауматично искуство во животот. Пред нивни очи ги губат најблиските, на најболниот и најсуров можен начин.
ОСТАВЕНИ НА МИЛОСТ И НЕМИЛОСТ
Оваа страшна болест однесе многу животи, меѓу кои и многу млади, кои штотуку оформиле семејства. Не избира години, удира каде што може и каде ќе стигне, а досега не се појавил „магичен“ лек, кој гарантира спас. Во меѓувреме, бројката на заболени секоја година сѐ повеќе се зголемува, и покрај сѐ „понапредната“ медицина.
Официјалните податоци од Институтот за јавно здравје покажуваат алармантни бројки на заболени и починати, односно во кои градови колку заболеле, а колку починале, како се движат бројките по региони, колку бебиња, деца и возрасни се жртви на ова страшно заболување.
Но, тука се и причините што предизвикале граѓаните да станат носители на опасната болест, која е на второ место по смртност, по кардиоваскуларните заболувања. Овие бројки достигнаа и околу 9.000 повеќе на годишно ниво.
Со оглед дека се работи за страшна болест, голема улога игра начинот на кој се лекуваат болните, со каква терапија и како организмот реагира на неа.
Прва на листата од јавните здравствени установи, каде што завршуваат онколошките пациенти, е скопската Клиника за онкологија и радиотерапија, за која „Фокус“ уште пред неколку недели објави дека работи во голема анархија, со вртоглави долгови од 20 милиони евра во последните три години, откако поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, во 2019 година ја воведе биолошката терапија, која чини и повеќе од 4.000 евра.
На тоа претходеше оставка и на тогашниот директор, доктор Нино Васев, кој управуваше со клиниката од доаѓањето на СДСМ на власт, поточно од 2017 година. Во тој период „пукна“ и скандал дека се препродавале цитостатици од страна на вработените, со што дел од пациентите биле оставени без терапија.
„Фокус“ веќе подолг период се занимава со оваа тема, особено откако го откривме скандалот дека вработени на клиниката крадат лекови (цитостатици) од болните пациенти, чиј живот барем на некој начин може да се продолжи, па и да се спаси.
– Јас веќе три години сум редовна пациентка на оваа клиника. Имам карцином на матка, правев операција, ми извадија сѐ, ама потоа со хемотерапија продолжувам на Онкологија. Тоа што го видов таму и со сѐ што се сретнав е вистински хорор. Никаква емпатија од страна на лекарите, се однесуваат како роботи.
Јас сум свесна дека веќе се навикнале и дека им е сеедно, ама барем еден човечки однос заслужуваме. Мене не ме ставија на биолошка терапија, бидејќи немам врски, но затоа има цел список на пациенти, кои ја примаат, а реално нема потреба. Се кријат лекови, се препродаваат. Тешко на тие пациенти што ќе завршат таму. И така сме и психички мртви, а таму, наместо да ти помогнат, те дотепуваат – раскажува 41-годишна пациентка од Скопје.
Нејзиниот став го делат уште многу пациенти што се нашле на листата болни и оставени, како што велат, на милоста и немилоста на лекарите и медицинскиот персонал.
– Мајка ми беше две недели хоспитализирана на клиниката, веќе неподвижна и без свест и целосно зависеше од нас. Јас бев постојано присутна таму и сето тоа што го видов ќе ми остави трауми за цел живот. Мајка ми не се спаси, почина. Во собата каде што беше, имаше уште две пациентки.
Без да види лекарката, која доаѓаше на визита, му викаше на брат ми дека требало да видат кои лекови ѝ се даваат, оти таа нему му е мајка, а нејзе баш ѝ гајле. Тоа ѝ било само работа. Останав запрепастена од тоа што го слушнав. Без трошка емоција, жал и емпатија. Луѓето умираат и се празнат креветите секојдневно, на нив им е сеедно – објаснува 34-годишната И.К, која ни го раскажа целиот хорор што го поминале таму.
БИЗНИС-ШЕМА НА ОНКОЛОГИЈА
„Фокус“, од добро упатени соговорници, успеа да ја дознае целата криминална шема што се прави во оваа јавна здравствена установа, а удира по грбот на најболните.
За хуманост во вакви околности не станува збор на никаков можен начин, со оглед на тоа што лекувањето на пациентите е во последен план, но затоа, пак, бизнисот цвета. Впрочем, сѐ се врти околу бизнисот.
Целата оваа голема испреплетена мрежа за препродавање лекови на површина излегува кога со Министерството за здравство управуваше Беким Сали, кој доаѓаше од редовите на Алтернатива, кои во тој период беа коалициски партнери со СДСМ и ДУИ.
Само неколку месеци пред да биде разрешен од функцијата, на Онколошката клиника влегоа инспектори за да ја прочешлаат работата, а контрола беше испратена и од Фондот за здравство. Па така, една по една почнуваат да излегуваат криминалните шеми, продавањето на лековите, како и кој го правел сето тоа.
Според доброупатени извори од клиниката, дел од докторите и повеќето од медицинскиот персонал биле повикани на разговор кај екс министерот Сали, за да му објаснат што се случува зад затворени врати на Онкологија. „Фокус“ направи увид и во дел од документацијата, но разговараше и со многу од вработените во клиниката, кои споделија доста шокантни информации.
Пред неколку години, поточно во 2018 година, Министерството за здравство донесе одлука сите лекувања, хемотерапии, зрачења и хируршки интервенции за малигно болните пациенти да бидат бесплатни, односно да не се плаќа никаква партиципација. Сепак, тоа отвори пат за полесно да се развие и прошири бизнисот „под рака“ на онколошката клиника, кој трае години наназад.
Нашите информации говорат дека, како и во секоја јавна здравствена установа, постои систем во кој се запишуваат медицинските истории на сите пациенти што се лекуваат на клиниката, од тоа од што боледуваат, па сѐ до начинот на терапија што ја примаат во моментот.
Според дел од медицинските истории на Онкологија, во кои имавме увид, во време кога организациски директор на клиниката бил Нехат Нухи, се креирал список со лажни болни пациенти од канцер, меѓу кои имало и членови на неговото семејство. Лековите што наводно биле потребни за нив, веројатно се препродавале.
ФИКТИВНИ ПАЦИЕНТИ И ЛАЖНИ ДИЈАГНОЗИ НА РАК
Од тоа што успеавме да го видиме и дознаеме, овој систем честопати бил злоупотребуван, така што таму биле вметнати и пациенти, кои воопшто не биле болни, но биле блиски до менаџментот на клиниката, со што на нивно име биле правени анализи, давани терапии, а, исто така, била „давана“ и скапата биолошка терапија.
Според нашите соговорници, таков бил случајот со блиска роднина на поранешниот економски директор, која никогаш не боледувала од карцином, ниту, пак, некогаш се појавила во болницата. Таа фигурирала во системот, во периодот од 2021-2022 година, со неколку различни дијагнози на карцином, но никогаш не била хоспитализирана.
Нашите извори тврдат дека таа не е единствената што ја има во системот, односно која се води како болна, а всушност не е. Истиот модел го користеле и други вработени на клиниката, со внесување лажни дијагнози на своите најблиски роднини.
Но, тоа не е сѐ. Со текот на годините, многу пациенти што подлегнаа на оваа подмолна болест, „случајно“ или не останале запишани во системот и нивните имиња сѐ уште фигурираат, за да може терапија да им се дава ним, а преку многу од нив, кои со години се починати, се краделе лековите и се препродавале. Во таа насока одеше и ревизорскиот извештај објавен пред неколку месеци.
Оттука, се поставува прашањето каде завршува терапијата наменета за болните пациенти? Дали тоа е уште еден начин на злоупотреба на сите оние чиј живот зависи од одредени цитостатици?
„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со поранешниот организациски директор на Онкологија, но тој не одговараше на нашите повици. Нухи доаѓаше од редовите на „интегративците“, а тој уште лани во ноември беше јавно објавен и од медицинската сестра на клиниката, Маја Јакимова, кој лично го впери прстот во него за финансиски злоупотреби на клиниката и тврдеше дека истиот материјал што го поседува таа, ќе го достави до истражните органи.
Сепак, тоа што зачудува е што тој не беше разрешен кога оставка поднесе медицинскиот директор на клиниката, Васев, туку продолжи со работа сѐ додека на неговото директорско столче не седна нов менаџер од редовите на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
„Фокус“, досега, во неколку наврати се слушна со новата медицинска директорка на клиниката, Виолета Клисарова, која со оваа клиника управува повеќе од десетина месеци и која тврди дека се труди да воведе ред, со тоа што е формиран и Онколошки конзилиум, кој ќе одлучува кои пациенти ќе ја примаат неопходната биолошка терапија.
СНИМАЊЕ ЗА 700 ЕВРА, ПОЛОВИЧНА ТЕРАПИЈА…
Доброупатени извори во целата оваа, слободно можеме да ја наречеме – хорор-приказна, тврдат дека речиси 95 отсто од лекарите на клиниката и медицинскиот персонал се влезени во оваа шема на препродавање лекови. На прсти можат да се избројат оние лекари што професионално си ја извршуваат лекарската дејност и се посветени на пациентите.
Уште една од злоупотребите што им се прави на дел од пациентите е што им се бараат пари за закажување на испитувања, а кои впрочем се бесплатни. Како бесплатни се водат сите испитувања и терапии за онколошките пациенти, со оглед на тоа што се водат во категоријата на пациенти што ја имаат најтешката ретко излечлива болест.
Но, дали се почитува тоа? Таков пример е снимањето со пет скенерот, кој претставува прецизна техника, со која се одредува точната локација на канцерогени клетки со големина и до 5 милиметри.
Овие испитувања се прават кај онколошки болни и е особено корисна метода за дијагностика, за процена на стадиумот на болеста и нејзината напреднатост, за детекција на локални рецидиви и далечни метастази, процена на одговорот на примената терапија и за прецизно планирање на радиотерапијата кај онколошките пациенти.
Листата на чекање е голема, па затоа еден пациент за да закаже по регуларен пат може да чека и неколку месеци. Во таков случај, неговиот живот е во опасност, со оглед на тоа што треба да чека толку време.
Но, затоа, пак, тука се „загрижените“ лекари на клиниката, кои го водат пациентот низ целиот процес. Тие му даваат предлог дека за сума од 700 евра ќе му закажат термин за неколку дена, со што експресно ќе добие резултати, од чиј исход зависи процесот на понатамошното лекување.
Нормално дека пациентите немаат избор, туку мора да се снајдат и да најдат пари, со оглед на тоа што колку порано се откријат метастазите, толку побргу ќе почне лекувањето. Истото вакво испитување во приватните болници чини околу 800 евра.
Сепак, најмногу нѐ потресе сознанието дека на некои од пациентите им се дава по пола терапија, односно на двајца истовремено им се дава една доза! Поточно, во системот се запишува дека тој пациент ја примил целата терапија, а во случајот таа е поделена на двајца онколошки пациенти, со што едната останува вишок и може да се препродаде.
Нашите доброупатени извори тврдат дека таа терапија завршува на црн пазар во Косово. Станува збор за скапа биолошка терапија, каде што и само една ампула може да чини и до 4.000 евра.
– Тука се случуваат страшни работи. Доволно е само да кажам дека никому не му се важни пациентите. Дел од цитостатиците и новата биолошка терапија завршува на црниот пазар. Од оваа клиника многумина се збогатија на грбот на најтешко болните – раскажува за „Фокус“ медицинска сестра, која сакаше да остане анонимна.
Факт е дека на овој начин многумина од клиниката заработуваат, но дали вечер можат мирно спијат, знаејќи дека извршиле таков „масакр“ на пациентите, кои уште кога ќе ја дознаат дијагнозата, веќе се простиле од животот. Зошто има потреба да им се скрати и последната шанса?
ФОНДОТ ОТКРИ НИЗА НЕРЕГУЛАРНОСТИ
Финансиските извештаи од Фондот за здравство, при извршената вонредна контрола што ги обезбедивме, покажуваат низа нерегуларности на скопската Клиника за онкологија. Инспекторите ја чешлале болницата во периодот од 21 март, па сѐ до 4 април годинава.
„Согласноста за набавка за лекови за 12 месеци во 2023 година е дадена на ден 15.3.2023 година и сите набавки од 1.1.2023 год. до тој датум биле без согласност“, се наведува во извештајот на ФЗОМ.
По завршените јавни набавки на лекови преку Министерството за здравство во тек на две години (01.08.2021 – 01.08.2023 год.) и самостојно преку клиниката во тек на четири месеци (1.12.2022 – 1.4.2023 год.), како и по потпишувањето на договорите, нарачките за лековите се вршат во главната аптека преку писмена цврста нарачка до набавувачите.
Нарачките се подготвуваат секој понеделник врз основа на тековната залиха, се одобруваат со потпис од директорите, но не постои писмен допис кој ги одобрува измените на лековите и количините за нарачка. Попис во аптеката се прави секој петок, а нарачките се подготвуваат во понеделник за оние лекови на кои залихата ќе достигне околу 30 проценти од потребите.
„Набавувачите (согласно договорите) се должни да ги испорачаат лековите во рок од 5 дена (пр. Царсофарм и Галинос фарм ) или 10 дена (пр. Др Пановски). Иако доцнат со испораките и се создадени дефектури (при што пациентите воопшто не ги примаат лековите или ги купуваат на сопствен трошок) – не е испратен ниту еден допис од одговорните лица, ниту е нешто превземено да се надмине дефектурата, да се извести БЈН, да се даде негативна референца на набавувачот или да се прекине договорот.
Нема стандардни оперативни процедури и поделба на работните задачи (СОП) за овој проблем, никој не презема одговорност да побара официјални одговори од дистрибутерите за причината за доцнењето. Ниту еден набавувач не е предупреден, ниту му е дадена негативна референца за неиспорака, а не е ниту добиен одговор (каков било, објективен или субјективен) од дистрибутерите зошто не се испорачува навремено робата според договорот“, се наведува понатаму во извештаите на Фондот.
Продолжуваат низата нерегуларности што ги откриле фондовските инспектори, па така на одделенијата за лежечки пациенти во амбулантските дневници, медицинскиот персонал го запишува и остатокот од некои вијали, дека е издаден/даден на соодветниот и друг пациент со цел да се заштеди вишокот на лекот, но нема писмена трага (интерна книга) дали се фрлени или кому се дадени за да се доискористи лекот од вијалата.
„Во поголем дел од историите недостига апликациона листа или таа е непотполнета, а забележани се случаи каде што пациентите ги земаат лековите за интравенска апликација и тие им се аплицирани во КБ „Битола“ или ПЗУ „Систина“ – Скопје.
Во текот на контролата беа во тек активни договорите од тендерите на МЗ и УКРО (4 месечен тендер, кој завршува на 1.4.2023 год.) и за таа цел беа направени нарачки на одредени лекови пред истек на договорот. Нејасно е зошто за некои лекови се направени анекси и се прават залихи, а за други дефицитарни не – ако се претпоставува дека следните нарачки би биле дури за 2 месеца.
Нејасно е и зошто е распишан 4-месечен тендер на УКРО, кога тековниот на МЗ трае до 1.8.2023 год. Нема писмено објаснување дали се исцрпени количините, па за да не настане дефектура или причината е сосема друга“, продолжува понатаму во извештајот.
Проблеми се лоцирани и со недостигот од лекови, па нејасно е зошто за некои лекови е искористена законската можност да се набават дополнителни количини во износ од 20 отсто од вредноста на набавката на тој лек, а за некои се оставени дефектури и пациентите се оставени без терапија или сами ги набавуваат по малопродажни цени во аптеките на истите или други набавувачи, без право на рефундација.
„На нарачките кон набавувачите може јасно да се види цената по која се набавуваат (набавна тендерска), која најчесто е повисока од одобрената со согласност од ФЗОРСМ.
На пресметките кон ФЗОРСМ за овие лекови, во најголем процент – цената што се фактурира заедно со пакет (пр.АОН2, ДБ01) е повисока од одобрената со согласноста од 15.3.2023 година. Не добивме официјален одговор зошто се фактурира лекот со услуга“, се наведува во финансискиот извештај.
НАБАВЕНА БИОЛОШКА ТЕРАПИЈА ЗА 2021 ГОДИНА ВО ВРЕДНОСТ ОД 14 МИЛИОНИ ЕВРА
„Фокус“ ги побара од Фондот за здравство финансиските извештаи од последните вонредни контроли направени лани, во 2022 година на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија.
Во извештаите се наведува дека салдото на почетокот на 2021 година на лековите за биолошка терапија на клиниката, кои не се на позитивна листа изнесува 441.513 евра.
„Во текот на годината се набавени лекови во износ од 14.251.231 евра, а потрошени се лекови во износ од 13.966.172 евра. На крај на 2021 година, салдото на лековите за биолошка терапија изнесува 726.575 евра.
Условниот буџет за лековите за биолошка терапија за 2021 година на клиниката изнесува 7.830.710 евра“, се наведува во извештајот од Фондот за здравство.
ХАЛИД МАТОШИ – НОВ ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР НА ОНКОЛОГИЈА
Нов економски директор на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија, кој доаѓа од редовите на Алијанса, е Халид Матоши, кој пред неколку месеци седна на директорската фотелја.
Иако актуелната владејачка гарнитура, во неколку наврати, тврдеше дека ќе го укинат проектот економски директори, тие со направениот политички пазар со кој било од коалициските партнери, баш на овие места ги сместуваат менаџерите на јавните здравствени установи, сѐ со цел да се најде начин да се смести нивниот кадар.