(АРХИВА) Додека ревизорите ја чешлаа Агенцијата за филм, таа му фрли прашина на Милчо Манчевски!

by fokus

Текстот е објавен на 7 јуни 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.444.

ДЗР констатираше низа неправилности во работењето на Агенцијата за филм. Наместо одговорност, раководството на Агенцијата влезе во војна со најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски, кој вели дека тоа е класичен прогон на укажувач. Во меѓувреме, Агецијата за филм досега му дала 120.000 евра на едно граѓанско здружение.

Пишувала: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Агенцијата за филм на 16 мај годинава објави дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски.

Агенцијата се повикува на извршениот инспекциски надзор од Министерството за култура за проектите „Мајки“ и „Врба“ и вели дека овластениот инспектор доставил информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција.

„Утврдено е постоење недоследности во однос на доставувањето финални извештаи за проектот „Мајки“. Притоа, за проектот „Мајки“, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000 денари, како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализацијата на овој проект.

Што се однесува до проектот „Врба“, во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која припаѓа на сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје“, соопшти Агенцијата за филм.

МИНИСТЕРСТВОТО КОНТРА АГЕНЦИЈАТА

„Фокус“ праша во Министерството за култура што било утврдено со инспекцијата во „Банана филм“, но одговорот не се поклопува со тврдењата на Агенцијата. Како што велат од Министерството, инспекцијата ја спровеле токму на иницијатива на Агенцијата за филм.

За филмот „Врба“ не е утврдено ненаменско користење на средствата или користење на средствата спротивно на Договорот, од причинa што се придржувал кон финансискиот и оперативен план за реализација на проектот.

Додека во однос на филмскиот проект „Мајки“ (за којшто поранешната НУ Филмски фонд, Скопје, во 2009 склучила Догoвор за финансирање со Банана филм – Скопје), Агенцијата за филм е известена дека не постои основа да биде извршен инспекциски надзор врз основа на Законот за филмски фонд, имајќи предвид дека Законот не е во сила, односно

престанал да важи уште од 1 јануари 2014, со денот на применувањето на постојниот Закон за филмската дејност.

Бидејќи Министерството немало надлежност да врши проверки за филмот „Мајки“, чиј договор бил склучен по стариот закон, Записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор, заедно со Иницијативата од Агенцијата за филм, се доставени до Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција, на „запознавање и евентуално натамошно постапување доколку Управата процени дека има основа за тоа“.

До затворање на бројот на весникот, Управата за финансиска полиција не одговори што утврдила за работењето на „Банана филм“.

Соопштението на Агенцијата за филм за кривичната пријава, но и за прекинување на финансирањето на филмовите „Кајмак“ и „Биста“ на Манчевски беше објавено девет дена пред Државниот завод за ревизија да го објави ревизорскиот извештај за оваа државна агенција, кој е неповолен.

БОДУВАЊА „ОД ОКО“

Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм на сметката на основен буџет 2021 година во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2021 година.

Исто така, државните ревизори издадоа неповолно мислење и за ревизијата направена во однос на сметката на Агенцијата за филм за средства од самофинансирачки активности.

Меѓу другото, се констатира дека не биле донесени пишани процедури за текот на движење на документацијата за процесот на плаќање и процесот на финансирање на проекти, со утврдени должности и одговорности на лицата вклучени во процесот.

Државните ревизори исто така забележуваат дека не се донесени деловници за работа и слабости во делот на активностите на филмските советници, рецензенти и на финансискиот советник, што може да влијание на субјективно постапување при изборот на филмски проекти во претходно спроведените и идните конкурси.

Директорот на Агенцијата за 2021 година именувал 5 филмски рецензенти за двата рока на одлучување кои биле ангажирани со различна динамика и на кои им биле исплатени надоместоци во различен износ кои се движеле од 15 до 60 илјади денари на месечно ниво, без притоа да има утврдени потреби квалификации, како и без утврден број на рецензии за кои ќе бидат платени.

Ревизорот утврдил дека рецензентите ги бодувале проектите без притоа да има пропишани мерила од страна на Агенцијата, а имало и случаи кога рецензентот не ги пополнувал евалуационите листи, туку директно давал максимален број на бодови или пак воопшто не давал бодови.

Понатаму, не се презентирани изјави за непостоење на судир на интереси за дел од членовите на Управниот одбор, филмскиот совет и финансискиот советник, што не е во согласност со член 32 од ЗФД со кој е уредено дека истите не може да учествуваат на конкурс на Агенцијата, ниту да учествуваат во реализацијата на проект кој добил средства од Агенцијата и се должни да дадат писмена изјава дека немаат судир на интереси со поднесените барања.

ПИШМАН-АЏИИ

За ова алармираше невладината „Транспаренси интернешнел“ уште во март годинава.

Организацијата спроведе мониторинг на постапката за избор на кандидати на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм, објавен во јануари 2022 година во втор рок на одлучување по добиена пријава од граѓанин за сомневање за законитоста на постапката.

На овој конкурс во првиот и вториот рок Агенцијата за филм доделила вкупно 4.379.052 евра.

„Транспаренси Интернешнел“ констатира судир на интереси кај две лица ангажирани од Агенцијата за филм, кој поднеле свои проекти на конкурсот, иако за тоа немаат право.

Рецензентот Ана Опанчиќ, која е назначена да пишува рецензии за краткометражни филмови, а самата поднела филмски проект на истиот Конкурс за Краткометражни документарни филмови – со мнозински македонски удел во кој се јавува како режисер на проектот насловен како „Последната станица.“

Кај режисерот и член на Филмскиот Совет, Сашко Мицевски идентична ситуација постои со филмскиот проект „Сузе Национале“. Проектот е повлечен од причина што режисерот е член за Филмскиот совет.

И во двата случаи, поднесените проекти потоа се повлечени, но „Транспаренси“ забележува дека индикативно е што повлекувањата се поклопуваат со моментот кога ТИ-Македонија се обрати до Агенцијата за филм и го истакна прашањето за судир на интереси.

Односно, датумот од Мислењето на Филмскиот совет во кое е констатирано повлекувањето на проектите е после доставеното барање на „Транспаренси“ за пристап до информации од јавен карактер.

-Обраќањето на „Транспаренси“ е доставено на 22.12.2022 година.

-За проектот на Ана Опанчиќ и за проектот на Сашко Мицевски изготвени се и евалуации од финансиски советник на 20.12.2022, што значи постапката за проектите си течела се до моментот на поднесување на допис од „Транспаренси“.

-Мислењето на Филмскиот совет со кое е констатирано повлекувањето од филмскиот проект на Ана Опанчиќ и за проектот на Сашко Мицевски е со датум од 26.12.2022.

ПРИСТРАСНО ПОСТАПУВАЊЕ?

Друг момент кој „Транспаренси“ го забележува е што за назначениот финансиски советник Бранко Петровски, како и рецензентот Ана Василевска, режисерот Манчевски поднел претставки бидејќи двајцата биле и членови на Филмскиот совет на Агенцијата.

По поднесените претставки од Манчевски дека едно исто лице не може истовремено да остварува различни надлежности од Законот за филмската дејност, кои се взаемни и условени (односно во својство на финансиски советник да доставува предлог до Филмскиот совет и истовремено како член на Филмскиот совет да одлучува по сопствениот предлог), двајцата биле разрешени од Филмскиот совет.

Но, потоа на Конкурсот Петровски и Василевска повторно биле ангажирани како финансиски советник и рецензент, каде како кандидат кој поднел филмски проект се јавува и режисерот Манчевски. Оној по чии претставки двајцата биле разрешени од Филмскиот совет.

„Транспаренси“ тука гледа можност за судир на интереси или пристрасно постапување. Дали сега поднесената кривична пријава против продуцентската куќа на Милчо Манчевски има основа или пак е еден вид одмазда, треба да покаже истрагата.

Од продукцијата „Банана филм“ сметаат дека раководството на Агенцијата за филм лаже за да го сврти вниманието од нивното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции.

„САКААТ ДА МЕ ЗАМОЛЧАТ“

Лично режисерот Манчевски смета дека кривичната пријава против неговата продукција е политички прогон поради укажување на корупција. Тој во изјава за „Фокус“ објаснува дека уште во 2020 ги пријавил луѓето од Агенцијата за филм за незаконито работење и конфликт на интереси.

Антикорупциска комисија и Транспаренси интернешнел го потврдиле тоа, побарале разрешување на тогашниот директор Горјан Тозија и поднеле кривична против него. Владата не го разрешила, но по завршување на мандатот, истиот не му беше продолжен.

Сепак, и по него, вели Манчевски, праксата на корупција и местени конкурси во Агенцијата продолжила, како и фаворизирање некои членови од раководството на Друштвото на филмски работници за сметка на квалитетни филмаџии.

– Тука не им е важно кој какви резултати постигнува со досегашните филмови, туку партиски и семејни врски. Јас повторно го пријавив незаконското работење. Државниот завод за ревизија и Транспаренси ги потврдија моите забелешки, а на случајот работи и Антикорупциска.

Сегашната хајка во нивните медиуми е одмазда со класичен прогон на укажувач на корупција заради замолчување – што е кршење закон. Тој прогон има и делумна политичка поддршка, што е уште поголемо кршење на закон – вели најнаградуваниот македонски режисер.

Тој додава дека откако Инспекцијата не утврдила неправилности, „групичката“ се нашла во небрано бидејќи не им поминал политичкиот притисок и решила да лаже дека сепак нешто нашле. Манчевски најавува поднесување четири кривични пријави.

– И Министерството за култура потврди дека лажат. Тие сепак продолжија со тоа што беа наумиле и поднесоа кривична пријава за да ме замолчат и за да имаат повеќе пари за делење. Со случајов на политички прогон поради укажување на корупција е запознаено и ресорното министерство и политичкиот врв, ама решение не видовме. Се заинтересираа и странските амбасади.

Мојот правен тим подготви четири кривични пријави. Работи на уште неколку, како и на тужби. Ако ваков прогон и плукање е цената на тоа да се работи во Македонија, тогаш нека биде така. И покрај сè – искрено сакам да верувам дека институциите можат да му служат на граѓанинот во Македонија. Алтернативата е хаос и апатија – заклучува режисерот.

120.000 ЗА ГРАЃАНСКО ЗДРУЖЕНИЕ

Една од констатираните неправилности во ревизорскиот извештај на ДЗР е токму финансирањето на Друштвото на филмски работници, кое Манчевски го споменува.

Имено, според закон Агенцијата за филм, може да соработува со здруженија на граѓани од филмската област, но не смее да ги финансира. Но, според ревизијата, Агенцијата за филм незаконски го финансира здружението Друштво на филмски работници.

Од 2018 па досега Агенцијата незаконски исплаќа по 2.000 евра месечно на ДФРМ. ДФРМ до крајот на 2022 година добило 120.000 евра од државниот буџет за филмска дејност.

Ревизорот понатаму забележува и дека Агенцијата не врши контрола на наменското и законското користење на средствата што ги исплаќа на ДФРМ. Иако ДФРМ поднело извештај за 2021 година во септември 2022, Агенцијата не го контролирала и продолжила да го финансира Друштвото.

Филмската критичарка и одличен познавач на состојбите, Сунчица Уневска вели дека сето ова што сега се случува е само врвот на ледениот брег, бидејќи сите овие состојби што ги констатира Државниот завод за ревизија траат многу одамна и сите проблеми поради кои филмските работници конечно решија да се пожалат до органите на власта, исто така се повторуваат со години.

Според неа, во Агенција за филм има бројни прекршувања на законот, долго време се поставуваат рецензенти и советници без никакви критериуми, се доделуваат средства на

ДФРМ без законски основ и конкурс, цело време се поддржуваат едни исти луѓе односно продукции со кои тие работат, долго време има поддржани проекти за кои се исплатени пари, а тие филмови никој не ги видел.

– Агенција за филм, за жал, најбесрамно е присвоена од една мала група луѓе од ДФРМ, здружение кое брои стотина луѓе и кое не ги ни претставува сите филмски работници, но нивните челници се оние од кои се чини зависи сè што е филм во Македонија. Таа состојба доведе до нагласена акумулација во управувачки и одлучувачки функции, доведе до поттикнување клиентелизам и дискриминација и до злоупотреба на буџетските средства – смета Уневска.

Таа вели дека е индикативно е што токму сега се покрена негативна кампања кон најуспешниот режисер Милчо Манчевски.

– Како што многу добро посочува Златко Теодосиевски во својот комантар „Беспоштедна војна“ објавен во ФИЛМ+, велејќи дека останувате без зборови кога ќе видите дека „државната Агенција за филм чекала 12 години (!?!) за финансискиот извештај за филмот „Мајки“ (2010) на тужениот, и 3 години за филмот „Врба“ (2019). А во меѓувреме, му давала пари за уште едно чудо филмови на годишниот конкурс! – вели Уневска.

Од Агенцијата за филм пак не се потресоа поради неповолниот ревизорски извештај. Тие констатираните прекршување на законот ги сфаќаат како насоки за подобрување во работата кои планираат да ги прифатат и имплементираат. За одговорност на директорот Бојан Лазаревски и раководството досега не станало збор.

ГРКОВСКА И ДКСК ВО АКЦИЈА

Група независни филмски работници има доставено претставка за работата на Агенција за филм и до вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Од нејзиниот Кабинет не информираа дека подготвиле анализа на наодите и препораките на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата, како и на одговорите кои Агенцијата ги дала по нацрт ревизорскиот извештај.

За наодите на ДЗР било дискутирано и на седница на владината Комисија за човечки реусрси и одржлив развој, со која претседава Грковска.

Оттаму додаваат дека Кабинетот за политики за добро владеење нема улога на истражен орган, а целокупната документација е препратена до Државната комисија за спречување на корупцијата, за како независно тело да ги утврди фактите.

Од ДКСК пак не известија дека оформиле предмет по поднесена пријава со наводи за незаконско работење и непочитување на Законот за филмска дејност од страна на раководството на Агенцијата за филм.

Постапувањето по предметот е во тек, а по утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука која ќе биде јавно објавена.

Поврзани новости