АРХИВА Дали ве боли за А1 телевизија, колку за ланскиот снег?

by Fokus

Текстот е објавен на 30 декември 2011 година во неделникот „Фокус“ во двобројот 861-862

Пишувал Младен ЧАДИКОВСКИ

Тоа утро, на 25 ноември, денот кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ одлучи дека е доволно од А1 ТВ, се разбудив со вообичаената рутина за сосема обичните денови. Павловиот рефлекс ме натера да си сварам утринско кафе, неоптоварен од можни работни шокови, со единствена мисла вечерта да направиме добри вести. Лидерската позиција што А1 ја имаше во медиумскиот простор, резултат на креативност и уредувачка политика што промовираше универзални вредности и создаваше нови, автентични за нашето поднебје, ме натера да бидам во постојана трка со самиот себе, со своите мисли, но и со мислите на останатите новинари, во и надвор од А1, во постојана трка за нешто ново.

Тоа беше период во кој најмногу се грижев за обидите на премиерот Никола Груевски да воспостави систем во кој ќе нема место за поинаква вистина од онаа која тој ја беше замислил. Но, за чудо, баш тој ден воопшто не помислив на премиерот. Со сопственикот на телевизијата Велија Рамковски често разговаравме за новинарството и поимањето на улогата на новинарите. Често пати имавме несогласувања. Тој си придаваше важност на неговата улога во создавањето на телевизија, а јас сметав дека, освен поради него, А1 е тоа што е, во голем дел и поради макотрпната работа на новинарите и на поранешните уредници и директори, како и на целокупниот кадар во телевизијата. Сепак, се согласувавме во едно – дека никој нема право да го задушува правото на вистината, слободно да зборуваме по телефон и на улица, и секако на телевизија. Убеден дека ова основно човеково право не може да биде доведено во прашање, дури и во една Македонија, со власт каква што сеуште има, тоа утро, на тој 25 ноември, станав спокојно.

Денес, после повеќе од една година, Македонија е драматично сменета држава. Што би рекол колегата Бранко Героски, со кого заедно бевме на телевизија вечерта кога го уапсија Рамковски, Македонија без А1 е осакатена држава. Држава во која вестите не се мерило за случувањата во земјата, туку мерило на фрлените лопати на Владата; држава која недемократскиот амбиент го круниса со симболот на далечните азиски режими, кои без усул и елементарно чувство градат грандиозни фонтани и споменици, додека народот гладува; држава во која сѐ што се прави, се прави поради перцепција… Демократурата, за која многу често пишуваше актуелната вицепремиерка Теута Арифи, денес е мек збор за тоа што се случува во општеството!

ТИМОТ Е РАСПАРЧЕН, НО ДУХОТ НЕ Е УНИШТЕН!

 По апсењето на Рамковски и дел од неговите најблиски, директорите на А1 и останатите управители од Перо Наков, телевизијата практично беше обезглавена. Новинарскиот тим, уредниците и јас како нивни предводник, како и тие од семејството на Велија што не завршија во притвор, пред сѐ неговата сопруга и неговиот зет, бевме исправени пред навистина тешка ситуација. Тие, семејството, да ја одржат кондицијата на телевизијата, ние уредништвото да ја одржиме кондицијата наша и на новинарите.

На сите ни беше повеќе од јасно дека притисокот од власта нема да попушти. Дека Велија не е цел сама за себе, туку дека тој и останатите од раководството се само главата што мораше да се скине, за организмот побрзо да искрвари и замолкне. Тоа и јавно го зборувавме, но сепак никој од нас внатре не веруваше, или не сакаше да верува, дека е можно А1 навистина да се затвори. Затоа што сите по малку верувавме во митот дека телевизијата, вградена во почетоците на самостојна Македонија, е непобедлива. Структурирана да менува, да влијае, да информира, да прави шоу, од ништо-нешто, од малку-многу, да поставува и да гради стандарди, да учи и да создава нови генерации новинари, кои размислуваат со своја глава. На кои уредникот не им го пишува прилогот, кои се нервозни кога газдата ќе посака да протне некоја своја теза, практично новинари, кои секој сам и сите заедно ја градеа уредувачката политика на телевизијата, која беше многу едноставна – сите да живееме во нормална европска држава. Оваа и ваква телевизија веќе беше премногу силна и премногу бучна, премногу независна од круговите што сакаат да контролираат буквално сѐ. Затоа и падна одлуката – време беше да се расчисти со „дрскиот” Велија и неговиот влијателен медиум.

Веднаш по апсењата, ни предвидуваа дека ќе издржиме неколку денови или недели, изгледавме како лесен залак за партиската армада, но издржавме многу повеќе – сѐ додека не не доведоа до работ. Денес, една година подоцна, дамнешната желба на многу моќници е реалност. Тимот на А1, за кој долги години имав одговорност, е целосно растурен. Чом е во МТВ со Наташа и Мишко, Анета е во Вести 24 со Богданка и Сеад, Менче, Астма, Горан, Миле, Момир, Бубевска се без ангажман, Кети по нешто подработува, Игор е во Канал 5, Ленче и Сафет се пратеници, Кате е во ФОН, Ива подготвува сајт, „спортистите” Југо и Драган сѐ уште бараат работа, Борјан, Сашка, Мери, Пеџа, Гоце и јас сме овде, во „Фокус”. Некои од пријателите од А1 ги гледам на Фејсбук. Лука постира слики, Нуро покажува дека има визија со редовниот потсетник дека тркалото се врти. Не знам каде се, но знам дека колку и да е тешко, ќе се снаоѓаме сите – и Нехру и Мајсторче, и браќата Коцеви, Роберт, Митев, Душковски, и уште многу луѓе кои до самиот крај чекаа да видат дали ќе почнеме нешто заеднички да работиме.

Сите до еден врвни професионалци, со кои беше задоволство да се работи. Им се извинувам однапред на сите неспомнати во режијата, и на компјутерџиите, и на организаторите… Од нашата екипа има и еден човек кој една година е во притвор. Дарко Перушески, човекот кој да не постоеше, некој ќе требаше да го измисли, креативен елемент на новата програмска шема, на техничко-технолошкиот развој, човек во чие време рејтинзите вивнаа до небесни проценти. Човекот на кој и ден-денешен треба да му се благодарни и Сител и Канал 5.

Сите ние понекогаш грешевме внатре, заведени од новинарските и од уредничките суети, понекогаш разгалени и поспани, понекогаш неработливи и без идеја, остававме стихијата да нѐ движи. Друг пат, но секогаш кога е најпотребно, креативни до перфекција, едноставно наметнувавме теми и настани. Но, што и да се случуваше преку денот во А1, резултатот во 19:00 мораше да биде ист. Вестите мора да изгледаат совршено, набиено, професионално. Во 19:00 Македонија мораше да биде на нозе. Се гледаа вести, се коментираа, прераскажуваа, критикуваа или фалеа.

Работата сега е завршена. Ова стоглаво чудовиште, или, како што од милост не нарекува Груевски – мафијашка структура, луѓе-ѕверови, веќе нема да работат заедно, барем не во догледно време!

 КОМПЛЕТНО САТАНИЗИРАЊЕ НА А1!

Сеќавањата за тие месеци претставуваат сеќавања на силниот внатрешен и надворешен притисок на кој бевме изложени. Блокирањето на сметките во јануари беше настан, кој нѐ врати во суровата реалност. Дека таму каде што има сила, нема правдина. Веќе на сите им беше јасно дека функционирањето на телевизијата ќе биде тешко, ако не и невозможно. Тогаш Чомовски даде идеја, како да одговориме на очигледната желба да нѐ затворат. Да излеземе и да ги емитуваме вестите од пред Владата. Поширок круг на луѓе расправавме за ова. На крајот, идејата беше едногласно прифатена. Од Перо Наков, студиото на подолг период се префрли на Илинденска бб.

Развојот на настаните одеше во прилог на опозицијата, која не ја пропушти шансата за политички профит од ситуацијата. Во првиот од неколкуте разговори што во тој период ги имав со Црвенковски, тој ми најави дека планираат да го напуштат Собранието. Да се разбереме, ние не ја уривавме државата, туку зборувавме како лидер на опозиција со главен уредник. Впрочем, како што многу пати сме разговарале и со премиерот.

Меѓународната заедница ни даде декларативна поддршка. Следуваа секојдневни средби со амбасадори, ОБСЕ, еврокомесарот Филе беше лично запознаен во детали и воопшто не му се допаѓаше тоа што се случува во Македонија. Од сите средби, едно беше јасно – Контроверзниот Рамковски одамна ги имаше загубено симпатиите кај странците, од кои имаме поддршка само ние, како редакција, за нашата новинарска битка. Следуваа ладни денови и обид за трезвено размислување. Се редеа опозиционите политичари во студиото пред владата: Тачи, Бошкоски, Селмани, Георгиевски – ете го и Груевски. А1 уште еднаш докажа дека има демократски капацитет да разговара со „непријателот”.

Дали секогаш беше возможно да се донесат вистинските одлуки? Околностите беа следни. Човечноста и блискоста нѐ тераше да размислуваме за оние петнаесетмина што се во притвор. Опозицијата, пак, настојуваше да се „шлепа” на приказната за А1, што за нас е опасност да го изгубиме ореолот на независноста. Власта удира кај ќе стигне – блокирани сметки, се повлекуваат огласувачи, на сметка на новинарите стигнуваат непристојни понуди… Внатре, битка со концептите на големиот уреднички тим, со неновинарските елементи, чести судири на релација – Шпиц, А1, Време… дебати за идеите на Велија и неговото семејството, концептуални и суштински. И нијансите се преважни, така чувствувавме. Ние, новинарите, се боревме за единствениот можен концепт – професионалниот. Надвор и времето беше против нас, минус 15. Не попушташе. Не попуштавме ни ние.

Денес, после повеќе од половина година, сметам дека успеавме да одговориме на голем дел од предизвиците и да одолееме на добар дел од притисоците. Ако денес се прашувам, веројатно би намалиле дел од дозата со која се обидовме да помогнеме во создавањето на подобар, нов, демократски амбиент. Не затоа што тие на власт тоа не го заслужија, туку затоа што новинарската герила на А1 гледаше малку понапред во однос на целокупното општество, вклучително и на опозицијата. Нејзиниот неуспех на изборите да анимира поголем одѕив на гласачите беше очигледна слабост на СДСМ, што понатаму успеа да чепне и од угледот на А1.

Исцрпени, морално и финансиски, по повеќемесечен физички и психички набој на соочување со проблемите за нашата егзистенција, но и на егзистенцијата на еден медиум и едно новинарство за кое се боревме сиот период, станавме лесна мета на владините медиуми. И директно на ВМРО-ДПМНЕ – до крај да се сатанизира улогата на А1 како продолжена рака на опозицијата, што секако не беше точно. Дури, обратно. Може слободно да се каже дека опозицијата во одредени моменти беше доживувана како продолжена рака на работењето на А1!

 БРЗИНАТА СО КОЈА БЛЕДАТ СПОМЕНИТЕ

По изборите, сета операцијата за затворање на А1 одеше многу полесно. Телевизијата беше затворена со дискутабилна одлука на Агенцијата за електронски комуникации, во една апсурдна ситуација. Недокажан криминал против Рамковски и останатите, а телевизијата не работи!? Па нели таа не беше цел?! Нели требаше Рамковски да одговара за криминалот, доколку го направил, а ние да продолжиме да работиме? Нели тоа би бил логичен крај на приказната. Така барем власта ја сервираше акцијата во А1.

Агонијата и личните драми на стечајот низ кои минаа и сѐ уште минуваат сите 220 вработени ќе ги оставам за некои попријатни времиња. Туку, ме зачудува една друга леснотија на опстојувањето на македонското општество. Погледнете околу себе и прашајте се, со каква брзина бледат спомените на една телевизија што беше ваш секојдневен гостин? Дали овој телевизиски мртовец, кој едвај наполни 18 години, заслужуваше малку посилен одговор од општеството, па макар и подостојно да го испратеше, со намера утре да родиме и изнедриме нови сили за продолжување на нашата новинарска битка? Дали е доволно да се облече наметката од турски серии, што ја носеше покојникот, дали е доволно да се има „Милионер”, „Тркало” и „Момент на вистината”, за малку од малку да личите на мртвиот гигант? Дали е доволно да ги позајмите гласовите и ликовите што секој ден ви се обраќаа и работеа на решавање на вашите проблеми? Дали е доволно да се вгнездите во најгледаниот термин од 19 часот и таму да не знаете што да правите? Или сметате дека за една телевизија треба нешто друго – да биде своја, со слободарски дух, ослободена од сите стеги, да работи за вас и да биде Ваш гласноговорник, а не партиски – ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ!

Се разбира, А1 не беше безгрешна, иако се трудевме да работиме најдобро што знаеме. Рамковски, од друга страна, беше тежок човек, кој сака работите да ги истурка по свое. Неговото влијание беше несомнено. Немам контакти со него откако е во притвор, освен неколку писма во кои тој го даваше своето размислување за ситуацијата, но сигурен сум дека тој не би повторил денес дел од своите грешки, кои доведоа до затворање на телевизијата и до трагедија на неговото семејство. Пред сѐ, неговото појавување на екраните и отвореното спротивставување на режимот на Груевски. Веројатно сето тоа требаше да се игра попаметно, потактично, без преземање на туѓи улоги. Но, Рамковски, како што би рекол самиот – се претера, потхранет од идеите за неговата медиумска моќ и недопирливост. Заборави дека тој ја има моќта, ама власта ја има силата!

Денес имам чувство дека многу лесно забораваме што значеше А1, и затоа, како и на многумина во земјава, кои молат бога мечката да не тропне на нивна врата, ќе им порачам: Ме боли за А1, колку за ланскиот снег!

Оваа лесно напишана реченица е револт од општествената немоќ да се справиме на демократски начин со една недемократска влада. Имам две деца, кои се обидувам да ги учам на вистински вредности, вредности поради кои мојот татко, студент во комунизмот, беше однесен на Голи Оток. Вредности кои треба да се вгнездат кај нашите деца, за утре да живеат во подобро општество, ако веќе е доцна за нашата генерација!

Кога утре, или за 20 години, ќе нѐ прашаат децата или внуците, што сме направиле ние во тоа време кога во Македонија се затвораа медиуми, кога во затвор одеа политичките противници, кога се градеа божествени митови по спомениците на антиката, е тогаш ќе имаме што да одговориме. Или можеби некои од нас ќе молчат? Е, па, и тоа како ме боли за загубата наречена А1!

Поврзани новости