Текстот е објавен на 18 април 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1228
Пишува: Насер СЕЛМАНИ
Кон крајот на март годинава, Варшавскиот институт за стратешки истражувања објави специјален извештај за руското влијание во земјите од Западен Балкан, во кој во детали се опишуваат руските разузнавачки операции во неколку балкански земји со цел да се дестабилизира целиот регион.
Воочливо е што на почетокот на анализата се цитира еден дел од говорот на американскиот потпретседател Мајк Пенс презентиран пред учесниците на Самитот на Јадранската повелба, во 2017 година, во Подгорица, каде што како посматрач учествуваше и Србија. Во говорот Пенс директно ја обвинил Русија дека се обидува да ги минира кревките демократии во земјите на Балканот, поттикнувајќи раздор меѓу балканските народи со цел да ги оддалечи од остатокот од Европа.
ХИБРИДНА ВОЈНА НА МОСКВА
Според извештајот, Русија во проширувањето на НАТО и на Европската унија со земјите од Западен Балкан гледа закана за нејзините интереси во регионот. Москва, преку субверзивни активности, се обидува да ги спречи балканските земји да се интегрираат во западните структури. Тоа се обидува да го постигне преку одржување на „замрзнатите конфликти“ и ескалација на тензиите преку економски политики и со помош на пропагандната машинерија.
Дополнително, таа работи и на минирање на веќе постигнатите мировни договори, постигнати со многу напори на западната дипломатија, какви што се Дејтонскиот договор и независноста на Косово.
Освен тоа, Русија е вмешана и во предизвикување хибридна војна против прозападните влади на Црна Гора, Македонија и на Косово, комбинирано со поддршката за сепаратистичките тенденции на босанските Срби и оддалечување од западните институции на Србија, која ја смета за единствен сојузник во регионот.
Руската политика претрпе пораз со членството на Црна Гора во НАТО и сѐ поизвесното членство на Македонија во Алијансата по постигнувањето на договорот за името со Грција. Сепак, во извештајот се најавува зголемување на деструктивните операции на Русија во регионот потпирајќи се на српските сојузници и на проруските опозициски сили во Црна Гора и во Македонија.
СУБВЕРЗИВНИ АКТИВНОСТИ ВО МАКЕДОНИЈА
Во извештајот се опишуваат руските субверзивни активности поодделно во секоја земја од Балканот. Во делот за Македонија се констатира дека владата на Никола Груевски од 2008 година уживала поддршка од Москва. Врските на Груевски со Москва се воспоставуваат веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт, каде што Грција стави вето за членството на Македонија во Алијансата. Во руската амбасада во Скопје набргу доаѓаат тројца руски разузнавачи помогнати од нивните филијали во Белград и Софија. Москва е посочена дека била вмешана и во обука на поранешни македонски активни и резервни полициски и воени офицери во случај на предизвикување граѓанска војна. Кремљ ја промовирал идејата за панславјанскиот идентитет на Русите и Македонците, проширувајќи се со два руски конзулати во Охрид и Битола, кои се регистрирани како културни институции.
За водење на операциите на теренот Русите ги искористувале и српските агенти на БИА, кои требало да ги поддржат Груевски и македонските националисти. Главни актери биле разузнавачот Горан Живаљевиќ, кој правеше селфи од македонското собрание по упадот на демонстрантите на 27 април 2017 година, но и одредени активни политичари од српската заедница во Скопје.
За да ја спречат Македонија да влезе во НАТО, Русите го искористиле и грчкиот бизнисмен со руско потекло, Иван Савидис, кој финансирал активисти во Скопје за да предизвикаат насилство пред одржувањето на референдумот за името. Наводно, нивната идеја била да се торпедира договорот од Преспа, за што Русите се обиделе да инструментализираат и одредени кругови на Грчката православна црква.
Интересно е што пишувачите на извештајот сметаат дека Москва ќе продолжи и во иднина да работи на дестабилизација на Северна Македонија, преку опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие очекуваат Русите да ја инструментализираат и навивачката група на ракометниот клуб Вардар, кој е во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Освен тоа, во своите деструктивни намери, Москва можела да смета и на Македонската православна црква.
Според извештајот, македонската криза покажала колку Кремљ ги користел етничките и верските предрасуди за да ги заплашува словенските народи со концептот на Голема Албанија. Се цитира соопштението на руското Министерство за надворешни работи од 2017 година, во кое Москва ги обвинува западните сили дека стојат зад Тиранската платформа.
ЗОШТО МИЦКОСКИ СЕ ОТКАЖА ОД АЛБАНСКИТЕ ГЛАСОВИ?
Овие наводи во извештајот ги спомнувам за да направам корелација со одредени тези што се промовираат за време на изборната кампања од опозициските партии во земјата. ВМРО-ДПМНЕ, свесно или не, не успева да се извлече од руското сценарио на Балканот. Запад ќе смета дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ не успеало да се реформира, сѐ додека продолжува со оспорувањето на договорот со Грција за името. Во големиот мозаик на Брисел и Вашингтон, овие напори за негирање на договорот од Преспа ќе бидат третирани како дел од руската стратегија за поништување на постигнатите договори, со кои се затвораат старите историски спорови меѓу балканските народи и се отвора патот на нивна побрза интеграција во НАТО и ЕУ.
Не е во интерес на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој себеси се гледа како иден премиер на Северна Македонија, од Брисел и Вашингтон да биде перцепиран како руски играч. Тоа сигурно ќе го отежни патот на неговата партија да дојде на власт, а се доведуваат во прашање и евроатлантските аспирации на земјата.
Освен патриотската реторика на ВМРО-ДПМНЕ против договорот од Преспа во изборната кампања, оваа партија покажува одредена нетрпеливост кон гласачите Албанци. На почетокот на кампањата Мицкоски намерно испушти да ги спомне Албанците во повикот, со кој бараше гласови од граѓаните за нивниот претседателски кандидат, Гордана Силјановска. Тоа од западните дипломати во Скопје ќе се третира како дел од руската пропаганда за искористување етнички предрасуди за дестабилизација на земјата. Овој став на Мицкоски како опозиција во однос на гласачите Албанци е губитнички затоа што тој ги намалува шансите претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ да ги добие изборите. Ако тој покажува одреден анимозитет кон Албанците, тоа не значи дека ќе добие повеќе македонски гласови, со кои ќе ја надомести разликата што ја прават албанските гласачи. Тој нетактичен гест на лидерот на опозицијата ќе ги мобилизира гласачите Албанци во поголем број да гласаат за претседателскиот кандидат од власта, Стево Пендаровски, кој ќе добие повеќе гласови поради глупавите грешки на противникот.
ЗА КОГО ОДРАБОТУВААТ СЕЛА И КАСАМИ?
Но, свесно или несвесно, во руската чорба се вмешани и одредени опозициски партии на Албанците. Самата идеја за албански кандидат на претседателските избори не е спорна, напротив. Тоа е легитимна борба на Зијадин Села и Биљал Касами, кои преку овие избори сакаат да го мобилизираат своето гласачко тело за евентуални предвремени или редовни општи избори. Меѓутоа, да одиш на избори со слоганот „Немојте да гласате за Македонци, гласајте само за Албанци“, значи со двете нозе да паднеш во руската замка, да јаваш на етнички предрасуди и да ги продлабочиш нив за многу евтини политички поени, кои не и помагаат на земјата побрзо демократски да се консолидира и да се интегрира во евроатлантските интеграции.
Повикот на Села и Касами кон Албанците, да гласаат само за албански кандидат, ќе го изолира и маргинализира нивниот претседателски кандидат, Блерим Река, само во рамките на албанската етничка заедница. Со такви повици, Река може да добие само албански гласови, кои дури и да гласаат за него во мнозинство, нема да бидат доволни тој да оди во вториот круг на изборите, а уште помалку да биде избран за претседател. Река за претседател може да биде избран само ако за него гласаат и Албанци, и Македонци, и Турци, и Роми, и Бошњаци и други. И би го гласале, не само затоа што е Албанец, туку затоа што има знаење и вештини да ја извршува највисоката државна функција во интерес на сите граѓани.
Ако е јасно како бел ден дека Река со ваква губитничка позиција не се квалификува во вториот изборен круг, тогаш, која е целта на опозициските партии на Албанците да учествуваат на овие избори со ваква чудна стратегија?! Првата варијанта е дека одработуваат за опозицискиот кандидат, Гордана Силјановска. Почесно е да излезат јавно да ја поддржат Силјановска, отколку со една прилично примитивна кампања да ги изиграат обичните Албанци, кои подучени од искуството на ДПА на Мендух Тачи и на ДУИ на Али Ахмети, тешко дека ќе паднат на новата манипулација. Втората варијанта е дека одработуваат за власта, која има проблем да обезбеди цензус за вториот круг на изборите. Веројатно добиените гласови за Река нема да бидат објект на политички пазар само за изборот на Стево Пендаровски во вториот круг, туку веројатно ќе служат и да отворат мал капиџик за повторно нивно враќање во владата на Заев. Сепак, времето ќе ги извади на виделина вистинските намери на албанската опозиција на овие избори.