Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 17 август, 2022 година во бројот 1402.
Ако Чернобил во 1986 година, во мирнодопски услови се претвори во катастрофа за половина Европа, тогаш Запорожје денес може да претставува вистинска катаклизма за половина свет. Нуклеарката е шестпати поголема од Чернобил, а ниедна од двете војски очигледно не е спремна да ја остави во рацете на противникот
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Киев и Москва продолжуваат со меѓусебните обвинувања за нападите врз нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која беше заземена од руската армија и која е цел на напади веќе една недела. Поради нападот на Запорожје, минатата недела се состана и Советот за безбедност на ОН.
Согласно информациите од теренот, во првите напади бил погоден трансформаторот на високонапонскиот далновод, што предизвикало автоматско запирање на третиот реактор и стартување на резервните генератори. Во нападите биле оштетени пумпната станица и уредите за мерење на нивото на радијација.
Украинските власти бараат демилитаризација на зоната и повлекување на руските војници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше Русија дека спроведува „нуклеарна уцена“.
Од сето ова се поставуваат две прашања: кој навистина е доволно луд да пука на нуклеарна централа и многу поважно дали може да дојде до хаварија на најголемата нуклеарна централа во Европа?
КАКВА Е СОСТОЈБАТА НА ТЕРЕНОТ?
Засега смируваат информациите дека критичната инфраструктура на украинската нуклеарка е сѐ уште нечепната. За ова веројатно влијае и фактот што реакторите во Запорожје се робусно изградени уште во времето на СССР (согласно тогашните стандарди) и со самото тоа имаа делумна заштита. Но, проблемот е што придружната инфраструктура, која е, исто така, важна за заштита од хаварија заедно со складиштата на нуклеарен отпад не се никако заштитени и моментално претставуваат темпирана бомба, која чека да се случи.
Интересно е што и по цели пет месеци откако руските трупи го освоија Запорожје, таму и понатаму работи украинскиот персонал, нормално под надзор на експерти од рускиот атомски концерн Росатом. На ваквата необична состојба реагираше и шефот на меѓународната агенција за нуклеарна енергија Рафаел Гроси, кој ги предупреди руските воени сили дека вршењето каков било притисок врз украинскиот персонал може да доведе до несакани грешки, кои можат да бидат кобни за цела Европа.
Според последните информации, на подрачјето на нуклеарната централа Запорожје моментално се наоѓаат околу 500 руски војници, кои придружните објекти на централата ги користат и како привремена база и складиште за воена опрема. Украинските сили, пак, се наоѓаат во непосредна близина, односно на брегот на блиското акумулационо езеро, кое, исто така, спаѓа во придружната инфраструктура на нуклеарката.
Согласно тоа, навистина логично изгледа дека моментално на нуклеарната централа пука украинската армија во обидот да ја врати под свое владение. Но, во војната секогаш има две страни, така што треба да земеме во обѕир дека и другата страна сигурно не е премногу претпазлива во обидите и средствата што ги користи за да ја задржи оваа критична инфраструктура.
ЗОШТО НЕКОЈ БИ СИ ИГРАЛ СО НУКЛЕАРЕН ОГАН?
Уште од првите недели на воениот конфликт во Украина стана јасно дека тоа нема да биде никаква краткотрајна војна, туку дека конфликтот ќе се развлече со месеци, а веројатно и години. Тоа автоматски значи дека населението на окупираните или ослободените подрачја (кој како сака да толкува) треба некако да живее.
На почетокот се мислеше дека Запорожје е приоритетна цел на руската армија за да се отсече дотокот на енергија кон остатокот од Украина. Испадна обратно, Русија брзаше да го заземе Запорожје за перспективно да го снабдува „својот дел“ од Украина со електрична енергија. Не дека самата Русија нема доволно нуклеарни и хидроелектрани, но, сепак, за електроенергетскиот систем е многу поедноставно да се снабдува од веќе постоечката инфраструктура на теренот отколку да се пренасочуваат и градат нови далноводи.
Е сега, во услови кога сѐ повеќе се зборува за незадоволство и потенцијално партизанско дејствување на освоените подрачја, немањето струја навистина би можело да ја прелие чашата за населението што живее на овие простори.
Знаејќи го тоа, веројатно се дадени одврзани раце на украинската армија по секоја цена да ја врати контролата врз Запорожје. Според аналитичарите, ризикот од некаков помал инцидент е веќе вкалкулиран со планот однапред да се обвини Москва за уште една европска нуклеарна катастрофа како онаа во 1986 година.
Секако, тука е и второто сценарио, според кое, руските сили имаат проценка дека не можат на долг рок да ја задржат централата во свои раце, па се спремни истата да ја дигнат во воздух. Но, дали тоа би го правеле додека сѐ уште има околу 500 нивни војници на самиот терен и десетици илјади во непосредното опкружување?
Најверојатно е, сепак, третото сценарио, според кое, Украина се обидува да предизвика благи инциденти, кои ќе бидат доволни за да се побара влез на меѓународни трупи на потенцијалната нова демилитаризирана зона, што автоматски ќе значи дека снабдувањето со енергија од Запорожје целосно ќе се врати во рацете на Украина.
Но, тоа што некој сѐ вкалкулирал однапред, не значи дека работите нема да излезат од контрола. Еве и зошто.
ЗАПОРОЖЈЕ Е ШЕСТПАТИ ПОГОЛЕМА ОД ЧЕРНОБИЛ
Џин и џуџе, буквално така би изгледала физичката споредба на катастрофата што може да се случи во Запорожје во споредба со онаа што се случи во Чернобил пред 35 години. И на ова треба да се додаде и фактот дека Чернобил во 1986 воопшто не бил воена зона, туку безбедна локација среде СССР, што значи дека денес шансите за катастрофа се многукратно зголемени.
Но, прво да го видиме чернобилското сценарио за отприлика или барем делумно да разбереме со што сме соочени.
Според официјалната историја, чернобилската несреќа – (засега) е најголемата во историјата на нуклеарните централи. Заедно со нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, таа е до денес единствен случај на седми степен на нуклеарен настан според Меѓународната скала на нуклеарни настани.
Познато е дека на 26 април 1986 во 1:23:40 часот, во нуклеарната централа во Чернобил дошло до експлозија. По првата, дошло до ланец од неколку експлозии и пожари, кои создале радиоактивен облак во атмосферата, кој потоа се раширил над широк географски регион. Радиоактивниот облак бил 30-40 пати поголем од оној што настанал над Хирошима.
Облакот во текот на неколку следни денови се распространил над западниот дел на СССР, делови од централна и северна Европа, па дури до источниот брег на Северна Америка. Големи површини од Украина, Русија и Белорусија биле тешко загадени, што предизвикало евакуација на над 336.000 луѓе од засегнатите подрачја. Според официјалните податоци, околу 60 отсто од создадениот радиоактивен материјал завршиле во Белорусија.
Несреќата предизвикала загриженост околу безбедноста на советските нуклеарни централи, поради што и запрела градбата на нови централи од истиот тип. Покрај тоа, предизвикала голем број жртви од зрачењето, како и огромни трошоци на засегнатите земји за деконтаминација и здравствена заштита.
Поради таинственоста на властите во тогашниот Советски Сојуз, податоците за несреќата и последиците по животната околина и по здравјето на луѓето долго време не биле достапни. Извештајот подготвен од Меѓународната агенција за атомска енергија и СЗО заклучува дека 56 лица загинале во самата несреќа, и проценува дека уште 9.000 други починале од рак директно предизвикан од зрачењето.
Властите првобитно се обиделе да го сокријат инцидентот, но го признале дури откако зголемени нивоа на радиоактивно зрачење биле регистрирани и во Шведска.
Поради високото ниво на зрачење, околу нуклеарната централа е воспоставена забранета зона со површина од околу 2.600 квадратни километри, во која и до денес не е дозволен пристап на населението. Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени. Самиот реактор е залиен со бетонски саркофаг дебел над 1 метар за да се спречи радиоактивното зрачење.
На 1 јануари 2006 година, во Украина, 2.594.071 лице имале статус на настрадани од чернобилската катастрофа. Нагло, речиси за 1,8 пати пораснал контингентот на категоријата на инвалидите на Чернобил. Најмногу (24 отсто) поради смрт, се скратила бројноста на учесниците во расчистувањето на последиците од хаваријата во 1986-1987 г.
Тоа зборува дека токму првиот бран од спасувачите, мажи на млада возраст, почувствувале најсилен удар врз здравјето – тие постепено умирале. Во Украина може да се избројат повеќе од 17.000 семејства што добиваат помош и повластици, како последица од губење на хранител, чија смрт е поврзана со чернобилската катастрофа. Такви семејства има во сите региони од земјата.
Е сега, за крај, замислете како би изгледала нуклеарна хаварија во воени услови во нуклеарна централа, која е шестпати поголема од Чернобил!?