АРХИВА Чавков менуваше функции во пржинската влада, а неговите деца и кумашин ја ширеа бизнис-империјата!

by Фокус

Текстот е објавен на 15.12.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1158

Во рамки на судскиот процес за крвавите настани во парламентот на 27 април, телохранителите на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков ги отфрлија обвинувањата на дел од обвинетите дека нивниот поранешен шеф во критичните моменти бил во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Според нивните искази, Чавков во тоа време бил во приватни канцеларии во зградата на Технометал, но медиумите објавија од таму можел да стаса до седиштето на ДПМНЕ преку подземниот паркинг. Дури и тоа да не се случило, останува симптоматично што барал Чавков во канцеларии закупени од компании на неговата ќерка и неговиот кумашин, за кои пред една година пишуваше Фокус.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Кога екс министерот за внатрешни работи Митко Чавков напредуваше скалило по скалило во полициската хиерарахија за време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, „Фокус“ пишуваше за бизнисот што го покрена неговиот син Иван Чавков. Имено, младиот Чавков пред неколку години отвори две градежни компании, кои, патем речено, добија концесии од државата, а подоцна и неколку тендери.

За разлика од синот на Чавков, кој се уште е анонимен за пошироката публика, јавноста неодамна ја запозна ќерката на Чавков – Зорица Чавкова, која застана во одбрана на својот татко, откако тој беше приведен поради крвавите инцинденти во парламентот на 27 април. Исто така, и младата Чавкова ги следела стапките на својот брат, па неколку години по него и таа се активирала во приватниот бинис преку консултантска компанија.

Она што е интересно, фирмите на децата на Чавков се јавуваат како косопственици на транспортна компанија од Кавадарци, заедно со бизнисменот Горан Митев, кому, патем речено, Митко Чавков му станал кум пред 3 години. Инаку, Митев и неговото семејство поседуваат уште неколку фирми, од кои едната е концесионер на Тиквешкото езеро, а друга соработувала со комбинатот за фероникел „Фени“, снабдувајќи го со руда.

Дали и Чавкови соработувале со комбинатот преку кумашинот на ексминистерот за внатрешни работи Митев, кој се јавува како еден од најголемите доверители на комбинатот во стечајната постапка?

ГРАДЕЖЕН БИЗНИС

Чавков е цел живот во Министерството за внатрешни работи, но најголемиот подем во кариерата го прави по промената на власта во 2006 година, кога премиер станува Никола Груевски. Поточно, таа година тој од главен инспектор станува прв човек на Одделот за организиран криминал, денес преименуван во Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, каде што останува сѐ до 2012 година. Оттогаш до 2013 година, тој е прв човек на Централните полициски сили, по што е избран за шеф на јавната безбедност. Кога изби политичката криза, пак, тој стана и министер за внатрешни работи на местото на Гордана Јанкулоска.

Во 2010 година, кога Чавков е шеф на Центарот за организиран криминал, неговиот син Иван ја основа компанијата „Портланд-ОПЦ“. Како управител на оваа фирма за трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, се јавува Томе Закирски од струмичката општина Ново Село, чиј градоначалник своевремено беше братот на Митко Чавков – Кирил Чавков, против кого полицијата поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Во рамките на компанијата функционира подружница за производство на готова бетонска база во Струмица, чиј управител, пак, е извесен Васил Диков од Струмица.

Откога Чавков станува шеф на Централните полициски сили во 2012 година, неговиот син основа уште една компанија – „ИН-МАК БЕТОН“. Всушност, Иван Чавков е косопственик на оваа компанија за вадење на чакал и песок, глина и каолин, заедно со Неџати Бакиу од Гостивар, кој воедно е и коуправител на друштвото, заедно со веќе споменатиот Закирски. Во структурата на оваа фирма функционира и подружница за вадење на декоративен камен и камен за градежништво, варовник, гипс, со која управува Бакиу.

И двете компании моментално имаат седиште на иста адреса во струмичкиот трговски центар „Глобал“, познат по тоа што неговата изградба го однесе во притвор актуелниот премиер Зоран Заев, кој подоцна беше аболициран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Арно ама, компаниите на Чавков порано имале седиште на други локации, при што првото седиште на „Портланд-ОПЦ“ беше во стан во Струмица во сопственост на Митко Чавков. Но, особено интересна е првата локација на „ИН-МАК Бетон“, со оглед дека се работи за стан во таканаречената функционерска зграда спроти меѓуградската автобуска станица, кој, според Катастарот на недвижности, е во сопственост на Република Македонија.

БЕТОНСКА БАЗА И КАМЕНОЛОМ

Освен сопственикот, она што е заедничко е за двете градежни компании, е фактот дека се концесионери на државата. Според податоци од Министерството за економија, кое во име на владата ги склучува договорите за концесија, „Портланд-ОПЦ“ склучила договор за детални геолошки истражувања на песок и чакал на два локалитети: „Гечерлиски рид 1 – Босилово и „Врпчовки“, село Добришанци – Василево. Меѓутоа, по оваа фаза на геолошки истражувања, компанијата во 2014 година склучила договор за експоатација на песок и чакал само на локалитетот „Врпчовки“ во времетраење од 10 години, што значи дека ќе може да ја експлоатира наведената суровина до 2024 година.

Другата фирма на синот на Митко Чавков – „ИН-МАК БЕТОН“, во 2013 година склучила договор за експлоатација на варовник на локалитетот Бел Камен – Куманово, за период од 30 години, откако претходно завршиле истражните работи врз основа на договор за геолошки истражувања од 2012 година. Оттука, компанијата на Чавков и Бакиу ќе може да експлоатира суровина дури до далечната 2043 година на територија од 0,195 квадратни километри, од кои произведува и продава разни видови на камен од варовничко потекло. Според информации објавени од страна на компанијата, досега од месноста Бел Камен, со современа механизација и опрема, биле експоатирани над 30.000 тони варовник.

Покрај тоа што добиле пристап до јавни ресурси за развивање на бизнисот, двете фирми имале допир и до јавните пари преку неколку тендери. Па така, „Портланд-ОПЦ“ на почетокот на годинава склучила договор со струмичкото јавно комунално претпријатие за набавка на сепариран камен во износ од 3 милиони денари. Што се однесува до „ИН-МАК БЕТОН“, пак, оваа компанија во 2016 година склучила договор со Општина Гази Баба за набавка на тампонски материјал за реконструкција на улици, а годинава добила тендер од комуналното претпријатие на Општина Илинден за набавка на тампон за одржување на улици, во вкупна вредност од над 2 милиони денари.

Според информациите со кои располагаме, овие две компании имале соработка со големите градежни фирми, кои имаа исклучиво плоден период во изминатиов период, како „Адора Инжинеринг“ на Ванко Чифлиганец. Но, како што покажуваат официјалните податоци објавени од „Портланд-ОПЦ“, компанијата е инвеститор и коинвеститор со други струмички компании во 6 станбени објекти за колективно домување во Струмица, од кои еден е завршен, а другите се во фаза на изградба. Според податоците објавени во Службен весник, „Портланд-ОПЦ“ соработувала и со некои од струмичките фирми што своевремено ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваше како дел од бизнис кругот на тогашниот струмички градоначалник, а сегашен премиер Заев, како на пример, „Делукс Инжинеринг“ на Бранко Стамболиски и Горан Крстев.

ТРАНСПОРТНА КОМПАНИЈА

Преку „Портланд-ОПЦ“, Иван Чавков има уддел во друштвото за транспорт, трговија, производство и услуги „Алмиан“ ДОО со седиште во Кавадарци, чија основна дејност е товарниот патен транспорт. Ова друштво, формирано во првата половина на минатата 2016 година, има уште двајца косопственици, меѓу кои компанијата за неспецијализирана трговија на големо „Селекта ГМ“ формирана во 2010 година, чиј сопственик и управител е кумашинот на Митко Чавков – Горан Митев. Во втората половина од 2016 година, во сопствеништвото на „Алмиан“ ДОО влегува и консултантската фирма „Фидем Консалтинг“, чиј сопственик и управител е ќерката на Митко Чавков и сестра на Иван Чавков – Зорица.

Практично, двете деца и кумашинот на Чавков ја покренуваат „Алмиан“ во време кога Чавков и Оливер Спасовски си ги менуваа улогите министер и дополнителен заменик-министер со право на вето, зависно од текот на преговорите во рамките на пржинскиот процес. Во секој случај, оваа транспортна компанија е регистрирана на домашна адреса на еден од сопствениците – Митев, кој е управител на друштвото заедно со Зекирски, управител на „Портланд-ОПЦ“ и коуправител на „ИН-МАК БЕТОН“. Како што е наведено во Централниот регистар, двајцата се управители со ограничени овластувања, така што застапувањето и потпишувањето на актите треба да го прават заеднички.

Податоците од Бирото за јавни набавки говорат дека фирмата преку која Митев учествува во „Алмиан“ – „Селекта ГМ“, склучила неколку договори за јавна набавка од формирањето во 2010 година досега, и тоа сите со само два договорни органи. Едниот од нив е АД „Македонски пошти“, со кого „Селекта ГМ“ склучила два посебни договори за набавка на автомобилски гуми од по 6 милиони денари и еден договор во постапка со преговарање без објавување на оглас за набавка на шалтерски столици од 1.700.000 денари. Но, најголем дел од јавните средства компанијата ги инкасирала врз основа на 8 договори со штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ за набавка на тонери, канцелариски материјал и мебел во вкупен износ од над 37 милиони денари.

Дополнително, овде треба да се напомене дека Митев и неговото семејство се поврзани со уште една компанија со назив „Селекта“, основана на почетокот од 2009 година, со основна дејност за риболов во слатководни води. Како што не информираа од Министерството за земјоделство, оваа фирма, чиј сопственик и управител е Ангел Митев, моментално стопанисува со Тиквешкото езеро во Кавадарци, откако на самиот почеток на 2016 година склучила договор за концесија за организирање рекреативен риболов во времетраење од 6 години. Впрочем, семејството Митеви десетина години стопанисува со езерото, но првично тоа го правеше преку друга фирма со сличен назив – „Селект ГМ“.

ВРСКАТА СО „ФЕНИ“

Сепак, најголемо внимание привлекува уште една прилично новоформирана компанија во сопствеништво на Горан Митев. Станува збор за друштвото за рударство и вадење камен „Ролис ГМ“, формирано со непаричен основачки влог од 5.000 евра. Она што е симптоматично, оваа компанија е формирана на 11 април 2016 година, или само 3 дена пред формирањето на „Алмиан“ ДОО, каде косопственици се Митев преку „Селекта ГМ“, Иван Чавков преку „Портланд-ОПЦ“ и Зорица Чавкова преку „Фидем Консалтинг“, што јасно сугерира поврзаност меѓу двете компании и координираност на сопствениците при нивното основање.

Доколку се земе предвид дека, покрај банките, „Ролис ГМ“ е еден од поголемите доверители на „Фени Индустри“ со побарување од околу 4 милиони евра, тогаш произлегува дека компанијата за релативно кус период го снабдувала комбинатот со значителни количини руда, која, според нашите сознанија, главно ја увезувала од Албанија. Имајќи предвид, пак, дека речиси истовремено со оваа се формираше транспортната компанија „Алмиан“, се поставува прашањето дали оваа фирма вршела транспорт на руда за потребите на „Ролис“, а на тој начин и посредно за „Фени“?

Без разлика дали е така или не, речиси сигурно „Алмиан“ индиректно соработувала со „Фени“, од проста причина што, велат упатените, сите транспортни компании што се формирани на територијата на Кавадарци и околината се формирани стриктно за соработка со „Фени“. Односно, тие не соработуваат директно со комбинатот туку преку компанијата „Нова Логистик“, која првично беше формирана како фирма-ќерка на комбинатот, но подоцна се приватизираше. Оваа фирма, исто така, побарува 4 милиони евра од комбинатот, но и должи неколку милиони евра кон педесетина превозници што ги изнајмува за „Фени“.

Еден од малцинските акционери на „Фени“ во групацијата „Кунико ресурсис“ во чија сопственост се уште е комбинатот поведе кривична постапка против првиот човек на „Нова Логистик“, Надица Атанасова-Кабранова, и против пребеганиот директор на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, за злосторничко здружување и бројни нелегални активности преку кои наводно се переле пари. Во тој контекст, директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми, деновиве соопшти дека постои основано сомнение дека Миракхмедов ја злоупотребил службената положба, вршејќи отпис не незастарени побарувања, со што фирмата ја оштетил за преку 50 милиони долари. А, за работењето на „Фени“ и „Нова Логистик“ предмет отвори и Јавното обвинителство, кое ја опфати и компанијата „Ролис“ во сопственост на Митев.

ПРОФИТ БЕЗ РЕСУРСИ

Финансискиот извештај на „Ролис“ за 2016 година покажува дека компанијата ја завршила оваа година со приходи од над 95,5 милиони денари, додека добивката на крајот на годината изнесувала над 20 милиони денари. Транспортната компанија „Алмиан“, пак, заклучно со крајот на минатата година генерирала приход од околу четири и пол милиони денари, а на крајот на годината плусот бил само околу 300.000 денари.

Непознато е каков е финансискиот биланс на компанијата, бидејќи завршните сметки се предаваат по заокружувањето на годината. Сепак, воочливо е дека во 2016 година компаниите забележале минорна вредност на нетековни средства, кои даваат ефект на подолг рок, во што спаѓаат машини, опрема, објекти, што упатува на заклучокот дека барем дотогаш немале значителни ресурси за да вршат дејност како предуслов да остваруваат приходи и профит.

Фокус“ се обрати до компаниите на Чавкови и на Митев, но до затворањето на овој број од весникот не добивме никакви одговори. Не интересираше како дошло до соработка меѓу Горан Митев и Чавкови, со што поточно се занимава нивната заедничка компанија „Алмиан“ и каква е врската со „Фени Индустри“, дали навистина Митеви и Чавкови се во кумска релација? Од „Нова Логисгик“, пак, побаравме одговор дали една од транспортните компании што ја ангажирале за потребите на „Фени“ е токму „Алмиан“ итн.

Иако не фигурира во ниту една фирма, сепак, Митко Чавков е заеднички именител меѓу компаниите на неговите деца и на неговиот кумашин, кој одлучиле да формираат и заедничка фирма. Дали зад тоа се крие бизнис логика или некој друг интерес?

 

Зорица Чавкова, ќерка на Митко Чавков
ТАТКО МИ НЕ Е ТЕРОРИСТ

Мојот татко не е терорист, горда сум на него и на моето презиме, изјави Зорица Чавкова на еден од митинзите организирани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со барање да се ослободат уапсените за настаните во собранието на 27 април, меѓу кои и Митко Чавков.

Мојот татко Митко Чавков и останатите немаат ништо сторено, освен што се виновни бидејќи ја сакаа Македонија. Се гордеам со моето презиме, со мојот татко и не се срамам. Единствено што најдоа во нашиот дом беа телефонот и службениот пиштол. Зарем тоа е најголемиот доказ за да докажат дека е терорист. Зарем телефоните на кој било од приведените се најопасното оружје и доказ за да ги третираат како терористи? – праша Чавкова.

 

Кирил Чавков, брат на Митко Чавков
КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК НА НОВО СЕЛО ДОБИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА И ЗАБЕЛЕШКИ ОД РЕВИЗОРОТ

Оралниот хирург Кирил Чавков, братот на Митко Чавков, е косопственик на стоматолошката ординација Д-Р ЧАВКОВ Д-Р БАЈРАКТАРОВ, заедно со кандидатот за градоналник на Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори, Марјан Бајрактаров.

Кирил Чавков своевремено беше градоначалник на Ново Село, кога се соочи со кривична пријава од полицијата за злоупотреба на службената положба и нанесувањ штета на државната каса. Пријавата се однесува на 2001 година, кога, според МВР, оштината објавила тендер за веќе купен и дониран камион. Ексградоначалникот Чавков тогаш јавно оцени дека станува збор за политичко-полициска хајка врз неговото семејство.

Од Основниот суд – Струмица велат дека врз основа на пријавата бил изготвен обвинителен акт и бил покренат судски процес против него. Како што објаснуваат од таму, независно што судскиот процес е завршен, тие не може да обелоденат дали овој процес се окончал со ослободителна или со осудителна пресуда за Кирил Чавков, бидејќи роковите се истечени.

Понатаму, градоначалникот Чавков се споменува и во ревизорски извештај објавен во 2007 година, во врска со буџетот на струмичката Општина Ново Село за календарската 2005 година. Споменатата година Кирил Чавков бил градоначалник до март, па затоа изнесените наводи само делумно се однесуваат на него.

Поврзани новости