АРХИВА Чапаровски ќе одговара и за потеклото на 240.000 евра пронајдени во неговиот банкарски сеф?

by Fokus

Текстот е објавен на 26 октомври, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1151

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Во 2007 година, по трансформацијата на скопскиот Клинички центар, на чело на Клиниката за неврохирургија застана доктор Александар Чапароски, еден од првите луѓе што ги запоседнаа директорските фотелји на клиниките. Тој истовремено е и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, а беше и еден од членовите на професорскиот контрапленум што го формираа повеќе од 200 професори блиски до тогашната владејачка партија со цел да се воведе државен испит на факултетите.

Зад затворени врати, екс директорот на Неврохирургија речиси десет години ги кроеше политиките на клиниката, но стана актуелен, откако во јавноста ја доби етикетата осомничен за примање поткуп. Како што веќе објави „Фокус“,  Чапароски, кој во тој период беше директор, на 26 мај годинава, од татко на 13-годишна пациентка побарал 1.000 евра за Клиниката да издаде потврда дека не извршува хируршка интервенција каква што требало да и се изврши на пациентката. Само четири дена подоцна, на 30 мај, екс директорот на клиниката ги зел парите со образложение дека тоа е парична награда за него, за издадената потврда. Д-р Чапароски претходно извршил операција на девојчето, меѓутоа таткото обезбедил лекување во болница во Германија, така што му била потребна само потврда од болницата, за што дебело и платил.

Откако таткото го пријавил случајот во полиција, поранешниот директор заврши во полициска станица, а беше извршен претрес и во неговата работна канцеларија и во неговиот дом. Според полицискиот билтен, при извршениот претрес во неговата канцеларија пронајдени се и одземени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари. Додека при извршениот претрес во неговиот дом пронајдени се и одземени вкупно 9.750 евра, 10.000 денари и медицинска документација, за кои пријавениот немал доказ од каде потекнуваат.

Ова е само еден од низата случаи на лекари или директори на клиники, кои се осомничени за земање поткуп. Сепак, за секој од нив правдата беше различна, односно зависеше од тоа кои луѓе ги штитат, какви врски имаат, дали партијата на власт ќе застане зад нив… Некои од нив завршија со отказни решенија, додека некои, и покрај сѐ, продолжуваат со работа. Селективната правда на дело!

ЗАПЛЕНЕТИ ПАРИТЕ ВО СЕФОТ НА ЧАПАРОСКИ

Екс директорот на Клиниката за неврохирургија доби 30-дневен притвор, но по само 13 по поминати зад затворските решетки, судијата на претходна постапка Сандра Крстиќ му го укинала притворот. Ваквата одлука била донесена, како што се наведуваше во образложението на Кривичниот суд, бидејќи завршило сослушувањето на сведоците, што значи дека осомничениот не може да влијае врз нив, потоа веќе е разрешен од директорската позиција, што значи дека не може да го повтори делото, а како што додаваат, опасноста од бегство сѐ уште постои, но затоа му е одредена гаранција, односно го заложил неговиот стан, кој е проценет на 82.413 евра.

„Фокус“ пред неколку месеци објави дека поранешниот директор на Неврохирургија не се сомничи само за примање поткуп, туку на товар му се става уште едно кривично дело, за кое во тој период не добивме официјална потврда, ниту од Министерството за внатрешни работи, ниту пак од Јавното обвинителство. Единствените информации што тогаш беа официјални за јавноста се дека неврохирургот во првично отворената постапка се товари само за едно дело, односно за примање поткуп од 1.000 евра што ги побарал од таткото на девојчето.

Сепак, како што дознаваме, истражната постапка не завршува тука, па во моментов на екс директорот му го чешлаат имотот, односно како ги стекнал  парите што му биле пронајдени во сеф во банка. Нашите извори тврдат дека во банкарскиот сеф наводно се пронајдени 240.000 евра, за што од поранешниот прв човек на скопската клиника се барало да го објасни потеклото на парите и како го стекнал целиот имот. Според нашите информации, Чапароски поседува и неколку станови, но за нив немаме официјална потврда дали се проверува како се стекнати.

Сепак, паралелно со пријавата за примање поткуп, против него е поднесена уште една кривична пријава според член 359 од Кривичниот законик за противправно стекнување и прибавување имот. Ваквите информации ги потврдија и од Министерството за внатрешни работи.

Против лицето Александар Чапароски се поднесени две кривични пријави, едната е за примање поткуп, додека другата е за противправно стекнување и прибавување имот – се наведува во одговорот од МВР.

Од друга страна, од Основното јавно обвинителство ги потврдија нашите информации, но уште додаваат дека паричните средства што се пронајдени во банкарскиот сеф се запленети и екс директорот нема можност да ги користи.

– Основното јавно обвинителство – Скопје против лицето води две одвоени постапки за различни кривични дела. Во првата, во кое лицето е осомничено за сторено кривично дело – Примање поткуп од чл. 357 ст. 1 од Кривичниот законик не беше потребно обезбедување во форма на замрзнување имот, бидејќи паричните средства за кои се сомничи дека ги примило лицето беа пронајдени кај него и веднаш одземени. Во втората постапка, во која лицето е осомничено за сторено кривично дело – Противправно стекнување и прикривање имот од чл. 359-а од Кривичниот законик, надлежен јавен обвинител побара заплена на парични средства од банкарски сеф во сопственост на осомниченото лице. Оваа мерка сѐ уште е на сила – информираат од Обвинителство.

Од друга страна, пак, адвокатот на лекарот, Илчо Габроски тврди дека тие се запознаени дека против Чапароски има само една кривична пријава и тоа за примање поткуп од 1.000 евра.

До овој момент до нас не е доставено известување со кое нѐ информираат дека истражната постапка е завршена. Сѐ уште нема покренато никаков обвинителен акт. Колку што сме ни запознаени има само една кривична пријава против Чапароски. Тој не е повикан да даде одбрана за друго кривично дело – вели Габроски.

ЕКС ДИРЕКТОРОТ СЕ ВРАТИ НА СВОЕТО РАБОТНО МЕСТО

Александар Чапароски во моментот е на своето работно место на скопската Клиника за неврохирургија. Откако излезе од притвор, во кој помина само 13 дена, тој продолжи со работа, но не како директор на клиниката, туку само како неврохирург. Со клиниката управува доктор Илија Панговски, кој го замени екс директорот кога тој заврши во притвор. Панговски претходно беше претседател на Управниот одбор на клиниката, но по доаѓањето на новата влада, со смената на првите луѓе на клиниките, тој успеа да ја задржи директорската фотелја.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт и со доктор Чапароски, за да ни објасни што нашла полицијата кај него, колку пари му одзеле од банкарскиот сеф и дали знае за кои кривични дела точно се товари, но до затворањето на овој број од неделникот, тој не одговори на нашите телефонски повици. Исто така, му испративме и порака на Вибер, при што забележавме дека пораката е видена, но повторно не добивме одговор. Претходно веќе објавивме дека се шпекулира оти доктор Чапароски има блиски релации со семејството Мијалкови.

Сепак, мора да нагласиме дека тој беше еден од директорите на клиниките, кој речиси секогаш им беше достапен на новинарите, иако се држеше настрана од сите политички случувања во државата, па дури и кога тие се однесуваа на здравствениот сектор. Чапароски многу ретко се појавуваше пред камерите и фотоапаратите, кога се работеше за контрапротести, не сакајќи да биде забележан во толпата што излезе да протестира против своите колеги. Чапароски беше еден од професорите кои го поддржаа спорниот Закон за високо образование и беше потпишан на листата на професорскиот контрапленум. Но, тој не можеше да се види меѓу своите колеги директори на контрапротестот пред Министерството за здравство, кои спротивно од повеќето лекари го поддржуваа проектот плаќање по успешност, кој го воведе тогашната влада на Никола Груевски, а го спроведе екс министерот за здравство Никола Тодоров. Клиниката за неврохирургија беше настрана од сите случувања со штрајкот на лекарите, па таа беше и најмалку ставена на тапет за случувањата во тој период.

Во лекарската фела, веќе одреден период врие од негативни реакции, бидејќи според лекарите, Чапароски се третира како еден од привилегираните, со оглед на тоа што досега сите негови колеги што биле фатени со мито, експресно добија обвинение, а уште поекспресно беше завршен судскиот процес.

Правдата мора да биде подеднаква за сите. Не може за некои во рок од еден месец да се покрене и обвинителен акт, да се закаже судење, па дури и судењето да заврши за еден ден. А, во случајот со доктор Чапароски тоа трае со месеци. На крајот на мај тој беше уапсен, а оттогаш поминаа пет месеци и сѐ уште не е покренато никакво обвинение – реагира лекар кој сакаше да остане анонимен.

СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА

За разлика од него, на обвинителна клупа седнаа неколку лекари, кои беа обвинети за примање поткуп. Дел од нив водеа неколкугодишна битка по судските лавиринти и завршија со отказни решенија, додека дел добија условни казни, но факт е дека никој не беше поштеден. Исто така, за разлика од сите претходно обвинети кои беа спектакуларно апсени со кордони полиција, со веќе спремни камери и фотоапарати, а потоа редовно беа пуштани видеа од МВР, за поубаво да се долови моментот на апсењето, доктор Чапароски го избегна тој спектакл. Неговото приведување помина мирно, далеку од очите на јавноста.

Пред две години, на обвинителна клупа седна и тогашниот синдикален лидер на скопските клиники, очниот хирург Дејан Ставриќ, кој беше обвинет за наводно примање поткуп за посредување за инвалидска пензија. Ставриќ заврши дваесетина дена зад решетки, по што доби условна казна. Во неговиот случај постоеја сомнежи за местенки, со оглед на тоа што тој беше еден од најжестоките критичари на тогашната власт.

За наводно примање поткуп беше обвинет и гинекологот Марјан Стојовски, кој полицијата во 2010 година го уапси во неговата канцеларија на скопската Клиника за Гинекологија. Тој беше обвинет дека од пациентка од Кичево барал 2.000 евра, кои наводно му биле давани трипати, по 40.000 денари. Тогаш Стојовски заработи 30-дневен притвор, од каде што подоцна излезе откако даде гаранција од 250.000 евра во недвижен имот. Поранешниот директор на скопска Гинекологија подоцна се врати на работа, но лани во октомври на огласна табла го пречека отказно решение потпишано од екс директорката Марија Хаџи-Лега.

Според документот со кој располагаме, во отказното решение се наведуваше дека на именуваниот Стојовски со пресуда од скопскиот Апелационен суд му е изречена пресуда дека е виновен за кривично дело „примање поткуп“.

Согласно член 357 од Кривичниот законик со изречена казна затвор од две години, во која му е засметано и времето поминато во притвор. Исто така, изречена му е и казна – забрана за вршење на дејност во траење од една година сметано од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во притвор не се засметува во времето на нејзиното траење – се наведуваше во отказното решение.

Со сличен третман пред неколку години помина и доктор Дејан Докиќ, сега актуелен директор на скопската Клиника за пулмологија. Тој во 2007 година за време на „владеењето“ на Груевски со полиција беше спектакуларно уапсен на своето работно место, во неговата канцеларија, наводно поради примање поткуп од 300 евра.

Вработени од крим-полиција упаднале во кабинетот на Докиќ и го затекнале кога ги примал парите од пациентот – информираше тогаш МВР.

Доктор Докиќ одлежа 15 дена во притвор, откако претходно беше разрешен, а потоа беше условно осуден. Цело време за неговиот случај се коментираше дека е полициска местенка.

Во последните десетина години, на ѕидот на срамот се најдоа повеќе лекарски имиња. Дел од нив, од меѓународните организации беа третирани како политички затвореници, додека дел успеаја да се спасат. Сепак, како и да е, секој што се огрешил пред Законот мора да одговора. Не смее да има селективна правда. Нели пред законот сите сме исти?

Рамка:

НА НИТУ ЕДЕН ЛЕКАР НЕ МУ Е ОДЗЕМЕНА ЛИЦЕНЦА ЗА ПРИМАЊЕ ПОТКУП

Од Лекарската комора за „Фокус“ тврдат дека тие ја почитуваат пресумпцијата на невиност и сѐ додека за некој лекар не биде донесена судска пресуда, тие не можат да покренуваат никаква постапка за одземање на лиценцата. Досега во Македонија, на ниту еден лекар не му е одземена лиценцата за поткуп, освен со судска пресуда со која му се забранува одреден број години вршење на лекарската дејност.

Поврзани новости