Архива: Астрономски плати во Одборот за акредитација на универзитетите: Владините експерти ќе добиваат месечно од 3.000 до 5.000 евра

by Fokus

Текстот е објавен на 21 октомври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1098

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од три години високото образование во Македонија е мета на владините „реформи“, кои според професорите и студентите направија тотален хаос во образовниот систем и упад во автономијата на Универзитетот. Сѐ почна во периодот кога владата на Никола Груевски во 2014 година донесе одлука да се воведе екстерно тестирање на факултетите, што предизвика негативни и бурни реакции и масовни протести на студентите, чиј гнев се излеа на скопските улици.

Уште поголем револт кај професорите и идните академски граѓани предизвика експресното донесување (по скратена постапка) на спорните измени во Законот за високо образование, кои по жестоките реакции на Студентскиот пленум и Професорскиот пленум беа ставени во мирување до 2017 година, што значи дека за два месеца почнува нивната примена.

За време на десетгодишното владеење на ДПМНЕ, од 2006 година досега беа донесени 14 измени во Законот за високото образование, меѓу кои големи негодувања предизвикаа и оние за Одборот за акредитација и евалуација, кој официјално почна да работи во 2011 година, во периодот кога министер за образование беше Никола Тодоров.

И покрај тоа што името на оваа институција звучи бирократски, овој „контроверзен орган“, како што го нарекуваат професорите веднаш наиде на критики и на негативни реакции. Повеќето од стручњаците велат дека во самата структура на оваа институција постои конфликт на интереси, бидејќи, според нив, непримерно е Одборот, кој врши акредитација на факултетите, во исто време да врши и евалуација на нивната работа.

Според нивните реакции, оваа соединување на два одбори во едно тело претставува концентрација на моќ во една личност, најверојатно во претседателот на новиот орган, а индиректно во министерот за образование и наука. На тема се најдоа и платите на членовите на одборот, а според универзитетските професори голем проблем претставува и тоа што повеќето од членовите се блиски до владејачката партија и речиси секогаш постапуваат во одбрана на нејзините интереси.

ДРАСТИЧНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ

Одборот за акредитација и евалуација, кој е надлежен за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование е самостојно тело, кое одобрува формирање нови факултети, но и ја оценува нивната работа, што значи дека има надлежност и да одзема добиени акредитации за работа. Според членот 70 од Законот за високо образование, одборот има 23 члена, од кои девет се од редот на професорите избрани од Интеруниверзитетската конференција, двајца членови се од МАНУ, еден претставник на најрепрезентативното тело на работодавците, два члена од Студентскиот парламент и девет члена се именувани од Владата (од кои најмалку шест од професорите на високообразовните установи). Тие имаат мандат од четири години.

Првиот состав на оваа државна институција беше избран во јануари, 2011 година, додека втората постава од 23 члена беше избрана во декември, 2015 година. Тие се избрани според постоечкиот Закон за високо образование, бидејќи новите законски измени се ставени во мирување до крајот на годината.

Во професорските кругови, на тапет беа ставени паричните надоместоци на членовите на Одборот за акредитација и евалуација, односно нивните месечни примања. Според претседателот на оваа државна институција Горазд Росоклија, членовите на oдборот не земаат плати, туку хонорарен надомест. Тој тврди дека тие не се платени по новите измени во Законот за високо образование, кои ќе почнат да се применуваат за само два месецa.

Претседателот на Одборот е платен 9.000 денари месечно, а членовите се платени по 6.000 денари месечно. Овој надомест е фиксен, без оглед на бројот на седници во тековниот месец – вели Росоклија за „Фокус“.

Сепак, ако законските измени според предвиденото стапат во сила за само два месеца, тогаш се очекува нивните хонорари драстично да се зголемат. Ако се ѕирне во последните измени на Законот за високо образование, се доаѓа до фрапантни суми, па според членот 5, месечната плата на дел од членовите во одборот достигнува сума од 3.000 до 5.000 евра.

Нето-платата на членот на одборот што ја врши функцијата професионално во одборот изнесува седум и пол просечни нето-плати исплатени во Македонија во минатата година, освен за членовите од ставот 1 алинеја 5 на овој член, за кои висината на надоместокот е во висина од петнаесет просечни нето-плати исплатени во Македонија, во минатата година – се наведува во новите измени на Законот за високо образование.

Споредбено, тоа значи дека еден вработен во администрација треба да работи 15 месеци за да земе плата колку што ќе земаат одредени членови на одборот само за еден месец.

Овие измени на Законот за високо образование се страшни. Како може некој да зема плата од 5.000 евра на месечно ниво за таа работа што ја врши. Па, тоа е луда работа. И плус таму се сместени сѐ нивни луѓе, блиски до владејачката партија – вели професор, кој сакаше да остане анонимен.

Според измените во Законот за високо образование, членовите исто така имаат право на надоместок за направените трошоци за превоз, како и за сместување и здравствено осигурување. Исто така, во законските измени се предвидува дека платата на членот на одборот кој е професионално ангажиран се исплаќа од буџетот на Министерството надлежно за работите на високото образование, а надоместокот на членот на Одборот кој не е професионално ангажиран во Одборот и на стручните тела може да се исплаќа и од сопствените приходи на Одборот. Освен тоа, според новите законски измени се намалува и бројот на членови од 23 на 11 члена, а наместо како досега да ги именува и разрешува владата, тоа ќе го прави Собранието.

Новина од измените на Законот за високо образование е дека неверојатни 315.000 денари (5.000 евра) месечен надомест ќе земаат двајца членови на Одборот за акредитација и евалуација, кој ќе го спроведува државниот испит за студентите. Овие членови ќе бидат наставници – странци од 500-те највисоко рангирани високообразовни установи рангирани на Шангајската листа.

РОСОКЛИЈА: СОСТОЈБАТА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е КАТАСТРОФА

Новиот состав на Одборот за акредитација и евалуација на чие чело застана професор Горазд Росоклија, првата седница ја одржа во декември лани, кога беа објавени имињата само на деветте члена што ги избра владата.

Претседателот на Одборот, Росоклија, кој е член на МАНУ надвор од работниот состав, од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Неговото име сѐ почесто почна да се врти во јавноста пред две години кога беа актуелни масовните студентски протести. Тој во тоа време излезе со неколку интервјуа во медиумите бранејќи ги „реформите“ на владата во образовниот систем. Росоклија даде поддршка на екстерното тестирање против кое на улица излегоа над 10.000 студенти, тврдејќи дека тоа можеби нема да ги реши проблемите во образованието, но е неопходно како мерка со која ќе почне гасењето на пожарот.

За разлика од тогашните ставови, Росоклија во изјава за „Фокус“ тврди дека состојбата во високото образование е катастрофална и затоа е добро да што побрзо да стапат новите законски измени во високото образование.

Наместо професори, во одборот треба да седат недопирливите на Елиот нес и самиот Елиот нес. Образованието мора да биде национален приоритет, натпартиски. Додека бев во Македонија, разговарав со лидерите на четирите најголеми партии и сите се согласија дека мора да се направи реформа во образованието. Ова е илјадапати позначајно од тоа која партија ќе биде на власт. Тоа не е криза, кризата е во лошото образование и во малиот број образовани, помалку од 10 отсто имаат повеќе од гимназија – тврди Росоклија.

Пред да стане претседател на Одборот за евалуација и акредитација,

Росоклија им даваше поддршка на владините политики, па во едно од интервјуата тој го нападна лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев велејќи дека тој има нула национален кредибилитет, а материјалите од прислушуваните разговори му послужиле само за уценување на тогашниот премиер Груевски за да може полесно да дојде до власт. Дури, објаснуваше и дека не е сигурен дали аудиоснимките се вистинити или монтажа, но затоа потврди дека има негативен став кон СДСМ како партија.

Но, тоа не беше единствената поддршка од првиот човек на Одборот за акредитација и евалуација кон владините политики. Во периодот кога почина малата Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на ’рбетот и до последен момент чекаше одобрение од Фондот за здравство за лекување во странство, граѓанските активисти се кренаа на протести обвинувајќи го министерот Тодоров и владата за смртта на осумгодишното девојче затоа што не обезбедија само 30.000 евра за нејзината операција. И, во тој случај, професорот Росоклија застана на страна на владата, обвинувајќи ги родителите за смртта на девојчето.

Детето почина поради неодговорни родители кои дете со 50 отсто пулмонален капацитет и со бронхопневмонија не однеле да се лекува, а го чувале дома додека не починало. Сите споменици и сите згради на Скопје 2014 имаат вредност колку 10 километри автопат под претпоставка да нема тунели и мостови. Еден филм на Столе Попов е колку најсовремен центар за аутизам и ретки болести. Дали сѐ треба да престане да постои, затоа што медицината секогаш има примат? – изјавуваше пред повеќе од една година по медиумите Росоклија.

ЧЛЕНОВИ БЛИСКИ ДО ВМРО-ДПМНЕ СО ПО НЕКОЛКУ ФУНКЦИИ

Меѓу членовите што ги избра владата во оваа државна институција е и професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет, Тања Каракамишева. Таа стана позната по тоа што во последните неколку години ревносно ги брани политиките на власта и се појавува редовно на провладините медиуми како експерт. Благодарение на тоа, таа доби уште неколку функции за кои добива редовни месечни хонорари.

Каракамишева во меѓувреме стана претседател на Комисијата за подготовки на јавната научна установа Институт за филм – Филмска академија во Охрид. Таа, исто така е член на Надзорниот одбор на Македонски пошти, од каде што исто така добива месечен хонорар, за кој во медиумите тврдеше дека бил симболичен, но нејзината цел била како правник да ги среди работите таму. Каракамишева е и член на Контрапленумот, кој се формираше откако студентите и професорите се кренаа против воведувањето на екстерното тестирање на факултетите, кое професорката цело време од петни жили го бранеше. Таа во јавноста ќе остане позната и по колумната вечерта наспроти Бадник, во која пишуваше дека младите од Македонија се иселуваат најчесто поради невозвратена љубов, што предизвика бурни и негативни реакции по социјалните мрежи. Каракамишева беше мета на напади на студенти и на револтирани родители чии деца со години работат во странство само затоа што државата не им обезбедила никаква перспектива и вработување.

Во јануари годинава, како награда за својата поддршка на владејачката партија, на предлог на владата, Каракамишева беше избрана како претставник на Македонија во Венецијанската комисија, највисокото европско тело за легислатива на Советот на Европа.

Освен неа, член на Одборот за акредитација е и професорот на Економскиот факултет, Трајко Славевски, кој беше поранешен министер за финансии во владата на Груевски, кој во 2009 година си поднесе оставка од функцијата со образложение дека државата е пред финансиска катастрофа и дека под итно и е потребен ребаланс на буџетот. Тој во наредните неколку години се држеше настрана од дневно-политичките случувања во државата иако во медиумите ги брани економските политики на власта. Зетот на Славевски, Јовица Андоновски, довчерашен државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, исто така доби нова функција. Тој од пред неколку дена стана нов заменик народен правобранител.

На столче во оваа државна институција седна и професор Христијан Мицкоски, кој е советник на претседателот на владата за енергетски прашања, уште во времето на Груевски. Тој од пред две недели доби нова функција и стана директор на државната компанија ЕЛЕМ на местото на досегашниот директор Дејан Бошковски. Во истиот одбор е и Александар Митов, советник за здравство во кабинетот на премиерот, кој истовремено е и претседател на Комитетот за безбедно мајчинство, кој според нашите сознанија досега нема свикано ниту една седница за да се разговара за алармантната бројка на починати новороденчиња и родилки во болниците низ државата.

Други членови во Одборот за акредитација и евалуација предложени од владата се  професорот Гоце Наумовски, Александар Стојков, Башким Зибери и Беким Фетаји.

Според владината листа на членови, може да се забележи дека речиси сите се блиски до владејачката гарнитура или ги бранеле нејзините политики, така што не е ни чудно што се најдоа во оваа државна институција.

 

Рамка:

 

САША МИТРЕВ ВО ОДБОРОТ ЗА АКРЕДИТАЦИЈА И ЕВАЛУАЦИЈА

 

Во Одборот за акредитација и евалуација може да се најде и името на Саша Митрев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Неговото име стана популарно во јавноста откако пред три години тројца професори од Економскиот факултет од Штип беа избркани од работа. Во целиот случај, за да ја докажат неправдата што им е направена, тие поведоа и судски процес, а дури две недели штрајкуваа со глад во просториите на Синдикатот во Штип.

 

Рамка:

 

Горазд РОСОКЛИЈА:

ОДБОРОТ ДОСЕГА СЕ СОСТАНАЛ 14 ПАТИ ЗА НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ

 

 

Професорот Росоклија тврди дека одборот се состанува по потреба, а во изминатите неколку месеци колку што функционира новиот состав, се состанале 14 пати.  

– Тричлена комисија одредена за акредитација на програма, факултет или ментор, избрана според областа за која се стручни членовите, поднесува извештај пред Одборот. По дискусија, тој извештај е прифатен или отфрлен од одборот. Најчесто се дебатира за критериумите за акредитација за кои мнозинството членови смета дека се благи, но сѐ додека се одредени со законот, одборот мора да ги почитува. Криминал се докажува во суд со правосилна пресуда и одборот нема ниту надлежност  за докажување криминал. Досега, одборот не добил таква пресуда за кој било универзитет – вели Росоклија.

Поврзани новости