АРХИВА Амди Бајрам: Вие од „Фокус“ сте провокатори, што ве интересира кој ги плаќа автобусите за митинзи

by Fokus

Текстот е објавен на 4 април, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 965

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Секоја година, иста песна. Предизборниот карван врви, нови ветувања, нови дела, нови напади врз политичките противници и повторно трошење милионски суми за реклами, за телевизиски спотови, за автобуси…

Ова е сликата што ја гледаме во последните неколку години, откако власта во свои раце ја има ВМРО-ДПМНЕ. Со години ништо не е променето, само се зголемуваат сумите пари што се трошат за изборните кампањи. Интересно е дека владејачката партија постојано и без конкуренција има најскапи изборни кампањи. Предничеше дури и на изборите во 2006-та кога се натпреваруваше од опозициски редови, што беше своевиден куриозитет. Сѐ уште останува енигма и финансиската дупка од 3,3 милиони евра што ја направи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година. Идат нови избори, а јавноста не разбра дали и како го решиле стариот долг.

Но, уште еден феномен ги краси нашите предизборија. Да се полнат автобусите со луѓе и да се шетаат на сите митинзи. Иако, тоа не е ексклузивна измислица на партијата на власт, се чини дека таа како и секогаш предничи. Тоа барем може да се забележи од досегашниот тек на кампањата. Освен што мора да се обезбедат автобуси, мора да се купат сендвичи, сок, луѓето да не бидат оставени така. Па, тоа е државната администрација, вработени по јавните претпријатија, пензионери, но и луѓе што го чекаат своето прво вработување. Некои од нив чекаат веќе 8 години. Но, нејсе, сето тоа чини пари!

БАЈРАМ: ВИЕ ОД „ФОКУС“ СТЕ ПРОВОКАТОРИ

Заплетот на приказната почнува во Охрид, каде што традиционално секоја година се одржува првиот митинг на владејачката партија. Во понеделникот, на 24 март, стотина автобуси полни со луѓе итаа по патот, да го слушнат говорот на лидерот Груевски и на кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов. Со тоа го означија стартот на изборната кампања.

Не сме откриле чудо, ама во кратки црти ќе ја претставиме сликата на масовно носење луѓе на митинзите на партијата на власт. Според проценките, пред сѐ на провладините медиуми, околу 50.000 луѓе присуствувале на митингот, од сите градови во земјава. Сообраќајот во центарот и на главниот булевар Туристичка уште пред одржување на митингот беше речиси блокиран, а полиција имаше на секој чекор.

Според информации на „Фокус“, на ниво на Македонија биле ангажирани многу од расположливите автобуси, и државни и приватни, а се шпекулира дека биле изнајмени автобуси дури од Косово.

Ако направиме проста математика – само еден автобус кој доаѓа од град во внатрешноста на земјава чини 30.000 денари, додека автобусите од главниот град чинат 25.000 денари. Ако се зема помалата сума, само за 100 автобуси се доаѓа до цифра од околу 2.500.000 денари потрошени за превоз, на само еден митинг. Се разбира, никој не може да биде сигурен во оваа сума, бидејќи пазарната логика вели дека, доколку автобусите се организираат перманентно, може да се очекува оваа цена и да паѓа. Но, од друга страна, се шпекулира и со неколку стотини ангажирани автобуси само за Охрид!

Колкава ќе биде таа сума на крајот на изборите, ако по изборната кампања се пресметаат парите потрошени за превоз на сите митинзи на ДПМНЕ останува отворено прашање.

„Фокус“ се потруди да контактира со ВМРО-ДПМНЕ, за да ни одговорат на неколку прашања – колку автобуси биле ангажирани, колку пари се потрошени и кој ги плаќа? Испративме смс–порака до директорот на Центарот за комуникации, Илија Димовски, но до затворањето на весникот не добивме повратен одговор.

Не е спорно дека партијата има верни „фанови“, кои со задоволство ѝ даваат поддршка на партијата на власт. Но, според сознанијата на „Фокус“, добар дел од нив во Охрид се појавија, не затоа што сакале, туку затоа што морале, особено оние вработени во администрацијата. Тие требале да однесат и членови на нивните семејства, за да се пополни потребната бројка. Како и да е, партиската обврска мора да се исполни.

Од митинзите не куртулија и вработените во општините и во јавните претпријатија. Тие, како што сведочат за „Фокус“, се разбира анонимно, оделе по наредба. Нивното работно време е до 16 часот, но, сепак, тие излегувале и два часа порано, околу 14 и 30 минути, затоа што автобусите морале да тргнат за навреме да стигнат.

– Немам избор, морам да одам. Никој не ме прашува дали сакам или не? Ме вработија, имам партиска книшка и ќе одам. Тоа е тоа. Лошо е тоа што сме ставени во таква ситуација и што самите немаме право на избор. Имам семејство, кое преживува само од мојата плата – раскажува скопјанка, вработена во една од општините, која сакаше да остане анонимна.

Редовни посетители на сите митинзи на ВМРО-ДПМНЕ се Ромите од Шутка, кои верно го следат својот лидер.

Го прашавме лидерот на Сојузот на Роми, Амди Бајрам, дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, дали тој ги организира луѓето од Шутка и дали ги плаќа автобусите?

Бајрам, откако слушна од каде се јавуваме, почна да користи пцовки, навредливи и вулгарни зборови.

Ние сме заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ќе гласаме за претседателот Ѓорге Иванов. Јас не терам никој да оди на митинзи, а знам зошто вие поставувате вакви прашања? Вие сте од „Фокус“, вие сте провокатори. Што ве интересира кој плаќа? Од м…..а ваша плаќаме? Па, и јас да плаќам, што тоа вас има да ве интересира? – тоа беше најпристојниот дел од разговорот со Бајрам, кој заврши со пцовки и ни затвори слушалка.

Инаку, како што самите сведочеа пред камерите приврзаниците на Бајрам, тие во Охрид дошле со 18 автобуси, коли и комбиња, околу 850 луѓе во Охрид. Освен на охридскиот митинг, автобуси со луѓе биле носени и на митинзите на владејачката партија во Неготино, Кавадарци, Виница и во Кочани.

Според досегашната практика, владејачката партија најмногу автобуси ангажира во Струмица и во Куманово, каде што локалната власт е во рацете на опозицијата, а досега и во Охрид.

ЛУЃЕТО ИМ ПРЕТСТАВУВААТ САМО БРОЈКИ

Иако машинеријата на партијата на власт успеа да собере многу луѓе во Охрид, сепак, говорот на Иванов и жестокиот монолог на премиерот Груевски не предизвикаа овации на охридскиот митинг. Атмосферата, како што забележаа камерите беше тивка, а луѓето повеќето од своето време го минуваа во кафеаните, отколку на плоштадот.

Имун на партиската „еуфорија“ не остана и Јове Кекеновски, кој учествуваше на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за нивни претседателски кандидат. Тој беше во првите борбени редови на охридскиот митинг, веднаш зад грбот на премиерот Груевски.

Кекеновски не се воздржа и своето незадоволство го изрази преку писмо, испратено до вмровскиот лидер. Тој од него побара да не дозволи да го залажува лажната еуфорија, по список присилно доведените административци.

– Зарем доволно не ви говори фактот дека, немаше ниту една овација и громогласен аплауз за време на говорите. Каде е еуфоријата од пред пет години? Ви значи ли ова нешто како сериозен индикатор или не…?

Знаете ли дека основната девиза на поголем дел на посетителите на митингот во Охрид им беше: „купи ден, (вечер) помини“ или „нѐ видоа дека сме тука, ај сега да прошетаме, кој ќе ги слуша овие“ – истакна Кекеновски.

Тој додава дека на овој начин, ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе стигне до бројката од 63 пратеника.

– Каде беа старите вмровци во Охрид, каде беа охриѓаните? Греотките беа на страна и sиркаа од темнината, од некој агол, од прозорците, радувајќи му се на секое видено црвено црно знаме и на знамињата со лавот. А, за жал тие наши препознатливи знамиња беа во мал број, далеку од она што го гледавме во минатото. Sиркаа и меѓусебно тивко си говореа „за ова ВМРО ли се боревме“. Така слично беше и во Струга, Вевчани, Белчишта, Ресен и вo другите населени места – тврди универзитетскиот професор Кекеновски.

Опозицискиот СДСМ обвини дека митингот на ДПМНЕ претставувал сурова манифестација на сила и бескруполозна злоупотреба на политичката моќ врз сопствениот народ.

– Оваа партија не знае поинаку да владее и да се однесува со својот народ, освен со сила, закани и притисоци. Десетици илјади луѓе од сите градови во Македонија со сила беа натерани да ги напуштат работните места, училишните клупи или домовите во нивните градови и да бидат донесени со стотици автобуси во Охрид. За раководните лица од ДПМНЕ, во државната администрација, образовните и здравствените установи и јавните претпријатија, луѓето претставуваат само бројки, што мора да бидат достигнати, исполнети и натрпани по автобусите – истакна Томислав Тунтев, претседател на Општинската организација во Охрид.

Според него, против својата волја, илјадници жители од сите краишта на Македонија биле приморани да претставуваат декор на плоштадот во Охрид, за да ѝ биде претставена на јавноста наводната „сила на народот“од страна на владејачката партија.

На митингот во Охрид имаше сѐ, само не охриѓани. Вистинските вмровци и охриѓаните од вмровска провениенција вечерта стоеја настрана, скриени и посрамени, чудејќи се како е можно една чиста и искрена политичка идеологија само за неколку години да се претвори во бесрамно практицирање на гола и сурова власт, по секоја цена – додава Тунтев.

И ДЕЦАТА ВО ИЗБОРНАТА МАШИНЕРИЈА

Во целата политичка игранка за и околу кампањата не изостанаа и децата. Барем така тврдат дел родители на средношколци, кои некаде повеќе некаде помалку, се присутни на митинзите на партијата на власт. Некои од нив се сликаат со знамиња и сликите веднаш ги поставуваат на социјалните мрежи, додека други имаат задача да ги организираат своите другарчиња, да се појавуваат на митинзите.

Злоупотреби на деца за политички цели констатираше невладината организација „Цивил“. До нив стигнале многу поплаки од родители.

– До нас пристигнаа информации дека учениците од средните училишта со автобуси се носат на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ. Такви примери има во гимназијата „Јосип Броз Тито“, „Васил Антевски Дрен“ и „Цветан Димов“. Им прават разни финти и ги манипулираат. Нормално на нив им одговара да губат настава, без да мора тие часови да ги одработат во сабота, како што е случај досега. Плус немаат изостаноци, добиваат сендвич и сокче – тврди Џабир Дерала од „Цивил“.

Според него, овие притисоци и закани се повеќе ќе се зголемуваат за време на изборната кампања, а тој очекува да станат уште пострашни за разлика од ланските избори.

Пред неколку дена, народниот правобранител Иџет Мемети апелираше до сите партии, децата да не се злоупотребуваат за политички цели.

– Апелот го упатувам со цел да не се повторуваат случаите од минатите изборни циклуси, во кои децата беа користени во политички настани, спотови и билборди. Исто така, потсетувам дека злоупотребата на децата за политички цели се смета за кршење на нивните слободи и права, а со тоа и прекршување на сите меѓународни и домашни правила за заштита на правата на детето – истакна Мемети.

Како и да е, доаѓаме до расплетот на охридската приказна. Дали граѓаните ќе одат на митинзи, дали ќе гласаат и за кој ќе го дадат својот глас, или, пак, ќе останат дома е нивно загарантирано уставно право. Никој не може да ги присили да направат што било, ако тие самите не одлучат. Секој има право на избор. Ако, уште го има, бидејќи таму кај што е силата, таму е и моќта!

Рамка:

Џабир ДЕРАЛА

ДИРЕКТОРИТЕ НА ДУИ БАРААТ БОЈКОТ НА ИЗБОРИТЕ!

Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ тврди дека и ДУИ одат по стапките на своите коалициони партнери, само во една друга насока.

– Имаме информации дека во едно училиште во Чаир, директорот ги свикал вработените на специјален состанок, за да им пренесе дека негова должност е да направат се да се бојкотираат претседателските избори. Според нас, тој како приватно лице, тоа може да го зборува во кафеана, но не смее да ја злоупотребува својата директорска позиција и да бара од нив да бојкотираат – истакна Дерала.

Рамка:

Нелко СТОЈАНОВСКИ

СО ДЕЦАТА ПОЛЕСНО СЕ МАНИПУЛИРА

Социологот Нелко Стојановски ја осудува секоја манипулација со децата на митинзите, бидејќи според него, казниво дело е тие да се  злоупотребуваат за политички кампањи.

– Со нив полесно се манипулира бидејќи тие ја прават најголемата масовност и гужва на митинзите. Доволно е наставникот или директорот да им каже да одат и тие сите тргнуваат. Еден сендвич, едно сокче, бесплатен превоз, губење настава се доволни мотиви за децата да шетаат по митинзите. Па, уште и ако им кажат дека некој познат пејач ќе пее. Полесно е да манипулираш со дете, но потешко е со зрели луѓе, кои сами одлучуваат дали ќе се појават или не. Тоа е казниво дело. Не можат децата да се злоупотребуваат на овој начин. Оваа практика треба да се осуди бидејќи тоа што се случува е страшно – тврди Стојановски.

Поврзани новости